Тие кои ги прочитаа претходните три дела на ова логичко и љубовно четиво знаат дека трите од четирите логички закони не важат во сите логички системи. Тие кои не ги прочитаа имаа повеќе време да се впуштат во љубовните загатки и тоа е исто така супер. Сега ќе се разгледа четвртото од логичките четири – законот за доволниот разлог, што за разлика од законот за идентитетот („Љубов е љубов.“), законот за непротивречноста („Не може и да се сакаме и да не се сакаме.“) и законот за исклучениот трет („Или си со мене или си со неа.“) не може формално да се претстави и тука се наоѓа проблемот и со него.
Лајбниц е првиот што го внесува доволниот разлог и на полето на логиката. Тој смета дека за нешто да биде вистинито мора да има доволен разлог зашто е тоа така. Па, некому веднаш може да му се јави прашањето, тогаш кој би бил доволниот разлог за да важат претходно споменатите три логички закони, но тука нема да се навлезе во тие логички расправи зашто ова четиво е за љубовта. Тука на просто само ќе се дадат едни размисли за тоа што значи законот на доволниот разлог во поглед на љубовта.
Сега е појасно дека љубовта полесно може да се покаже отколку да се дефинира, но проблемот е што уште потешко се докажува, особено кога покажувањето не ги задоволило критериумите на тој кој подоцна побарал и докажување. Заљубените и се сакаат и не се сакаат и тоа можеби е лесно да се прифати зашто љубовта лесно се спојува со сите други емоции и лесно предизвикува радост, ама уште полесно и тескоба и јад. Кај законот на исклучениот трет опстојува една потешкотија – да се прифати и третиот, тој кој нема да ја дефинира љубовта, ама ќе учествува во создавањето на односот меѓу другите двајца, а да не се сфати погрешно, третиот некогаш е девојка, некогаш поранешна, почесто мајка му на партнерот, а скоро секогаш пријателите кои го викаат за пиво и фудбал. Така, во сите овие преиспитувања прашањето за тоа дали има разлог за сето тоа или не е тука.
Ќе се обрне внимание на тоа дека разлогот не е исто со причината, а што често грешат сите и трезвените и заљубените и за тоа дека разлогот исто така не е целта, што исто така лесно се греши. Многу е важно да се разграничуваат овие за да може човек да се залажува на вистински начин, нешто што ќе биде објаснето на крајот од ова четиво.
Секој кој има учено физика во основно училиште знае за законот акција – реакција, физички закон од Њутновата механика што прекрасно соодветствува на оваа аналогија. Така причината може да се каже дека е акцијата, а последицата реакцијата на некое дејство што го презема некоја личност. Се разбира, причината треба временски да претходи на последицата, а не обратно. Затоа и разлогот не е исто што е и причината. Разлогот не може баш така временски и просторно да се објасни, па затоа и потешко се објаснува, а уште потешко може да се спори.
Првата вообичаена грешка е што заљубените причините ги наведуваат како разлози за нивната љубов, а потоа искуствено согледуваат дека тоа се само причини и не можат да објаснат каде и кога „љубав је нестала“. Така, поскоро разлогот за љубовта треба да се бара во заедничкото меѓу поединечното и општото, некаде меѓу прашањата „Зошто баш овој човек да го љубам?“ и „Зошто треба баш да љубам?“, а се разбира тој кој љуби знае дека прашањата се поважни од одговорите и не бара одговор, туку бара соучесник во потрагата. Можеби така многу полесно заеднички ќе се најде разлогот за љубовта што и обајцата ја чувствуваат.
Втората грешка е што целта на љубовта се зема како разлог. Како што причината не смее да се земе за разлог, така не смее ниту целта. Таму каде што се насочува некој за да стигне нема да го најде разлогот. Разлогот, кажано беше дека не се бара ниту временски, ниту просторно, а тука е споменат зашто и љубовта не може да се мери, а тој кој почнал ја мери, во суштина почнал да ја продава, ќе каже Достоевски. Па, така, прашањето што вообичаено ги мачи заљубените е „Каде води сето ова?“. Тие кои целта ја бараат во времето и просторот не ќе ја најдат, но тие кои ќе ги преминат времето и просторот целта ќе ја најдат во самото љубење и можеби нема да погрешат за целта, ама нема да го најдат разлогот.
Третата грешка, пак е да се остават и причината и целта на страна и разлогот да се бара како нешто што нема врска ниту со едното, ниту со другото и така да се западне во уште потешки проблеми, да не може да се сфати ништо за љубовта, а тоа не е ОК. Па, затоа е добро секогаш да се разликуваат овие три поими – причина, цел, разлог и од нив да се направи еден убав љубовен триаголник за да се сфати комплексноста на овој феномен – љубовта и да се продолжи понатаму и заљубен и трезвен истодобно.
Уште малку за лажливоста, затоа што „љубав је варљива“. Тој кој размислува за овие работи треба да знае дека се залажува ако мисли дека ќе ги одговори и дека ќе ја заврши оваа расправија што трае уште пред Хомер да испее за Елена. Тоа што треба да се знае е дека е убаво да се залажува човек, особено кога мисли за љубовта. Залажувањето не секогаш доведува до лажливост, напротив некогаш доведува и до вистината. Не ретко се слуша „Ме лажеше, ама ми беше убаво зашто знаев.“ и тоа држи место. Има и слатки лаги кои човек би сакал да ги чуе, наместо да не.
Да се најде човекот со кој ќе се залажува човек не е лесно, но така се стига до разлогот на љубовта и сите тафтологии и контрадикции што извираат од неа, односно само преку контингентноста на фактите – преку исказите „Спиевме заедно.“, „Тука е, ама не е тука.“, „Ме слуша, ама не ме слуша.“, „Се гледа и со неа, ама и со мене.“ итн… Преку сите нив заедно, некогаш со лажливост, некогаш со вистинитост до разлогот за љубовта.
Доволниот разлог, пак за ова четиво беше да се исполнат петоците на седмиците во Февруари – месецот на сите улични и домашни и сите мачки воопшто, а дали тоа е можеби целта или причината останува да размислува секој еден.
Никола Шиндре
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.