Се утврди дека „Љубовта е љубов.“ не е секогаш-вистинит исказ кога човек прифаќа дека не може сè да знае. Редно е да одмори човек од идентитетот и да престане да вергла во врска со дефинициите. Сè уште нема добра дефиниција за бројот, за точката, за енергијата, па добро е да се заклучи дека во брзо време нема да има ниту за љубовта. Ама сега убаво е да се прејде на законот за непротивречноста зашто добро се знае дека еден предмет не може и да биде и да не биде, ама проблемот доаѓа кога некој ќе каже „И врни и не врни.“ и секој точно знае дека тоа е контрадикција, односно секогаш-лажен исказ, ама и секој знае дека треба да понеси и наочари за сонце и чадор за дожд.
Некој ќе се запраша „Леле, каква ли аналогија е оваа?“, на што треба да се одговори сосема исправна за нешто што многу се размислува, а нема никаква потреба и секогаш исклучиво научно да се објаснува – љубовта. Во таа насока треба да се каже дека Аристотел, еден од најголемите филозофи на Светот, го разгледувал овој закон на непротивречноста, ама и големиот Аристотел запнал и тоа кај исказите за иднината. Имено, „Утре ќе ми се јави!“ и „Утре нема да ми се јави!“ иако спротивни, не може да се каже кој е вистинит, а кој лажен.
Ова навидум сосема далечно прашање за љубовта може да се формулира и на следниот начин: „Не може и да се сакаме и да не се сакаме.“, што во бивалентната логика е тафтологија, секогаш-вистинит исказ, ама во љубовта… не може секогаш да се каже. Во врската што ја градат вљубените или заљубените има некаква борба, некое постојано недоразбирање, напнатост, страст, страдање итн… и оттаму не може се каже дека наполно важи овој закон на непротивречноста. Па, ајде да се погледне како важи, а како не.
Луѓето во врска честопати кога се нешто изнервирани од другиот кажуваат секакви работи за отсутниот, ама во принцип има една линија од која што ниту еден не отстапува, а тоа е следната формулација, што секој кој има верна другарка ја има чуено: „И го сакам и не го сакам.“, што е чиста контрадикција и нема потреба да се прашува нешто повеќе за да се заклучи дека таа е во борба со него, а попрво со себеси. Но, како да ѝ се помогне?
Претходно беше споменато дека човекот иако најпогодно размислува во бинарен систем, се испоставува дека некогаш третата вистинитосна вредност дава поголемо задоволство од претенциозната сигурност. „И врне и не врне.“ за право е контрадикција, ама подобро и чадор и наочари отколку накиснат и замижан. Така е и во љубовта. Љубовта не дава сигурност во другиот, напротив дава неизвесност, а тоа е така и искуствено. Ако се погледнат вљубените ќе се види љубомора, страст, несигурност, постојано пресретнување со погледот, ловење на искри надеж, ловење во празно итн… Тоа е љубовта, најчесто е посочувана, а сепак апофатички дефинирана – многу добро ќе научи некој што не е, ама не и што е.
И како му рече првиот пријател на вториот? – да не брбори без дефиниции. Така и тука треба да се постапи. Па, љубовта може да се дефинира како некаков однос меѓу еден, двајца или повеќемина. Прво доаѓа самољубието, па затоа и Ру Пол смета дека „If you can’t love yourself, how the hell you gonna love somebody else?“, а со оваа прекрасна изрека на еден авторитет меѓу drag queens се посочува истото. Второ доаѓа љубовта кон другиот. Трето, доаѓа љубовта кон љубењето, како што смета Платон во „Фајдрос“, што откако еднаш некој ќе размисли и тоа ја објаснува контрадикцијата на „И го сакам и не го сакам!“ на верната другарка. Љубовта е можеби борба, ама борба со што/кого?
Проблемот, сепак се јавува кога заљубената верна другарка се соочува со контрадикции во самата себеси. Тоа е маката, а другарот нејзин треба да ѝ помогне. Свети Максим Исповедник, поучува дека личноста не е само збир на духот и телото, туку дека тие имаат малку покомплицирана врска. Се разбира дека има смисла ова византиско и православно учење и без да се продлабочува во неговата пак противречност, добро е да се посочи дека ипостасот (личноста) е некаква синтеза на телото и духот, а тоа е можеби најголемата контрадикција на една личност. Таа – другарката во себе веќе ја носи спротивноста, а сака да ги укине другите контрадикции што ги согледува. Тоа тешко ќе може.
Затоа и се поучува дека во другиот се бараат тие работи кои го исполнуваат човекот, ама и дека заљубениот поскоро ги наоѓа цртите што сака да ги најде и сосема иронично, како и во многу други работи во животот, наидува на тие кои не може да ги поднесе. Па, така родителите повторно поучуваат дека треба да се мери, мислејќи на геометриска, а применувајќи го правилото на аритметичка средина, што поучуваниот наместо подобро се чувствува полошо, ама и тоа го носи до некои самостојни заклучоци, како на пример дека родителите не се секогаш во право, кои ако не му помогнат, барем на момент ќе му покажат дека не е сè веднаш решливо.
И тука доаѓа Хегел кој смета дека „Противречноста го движи светот напред.“ и ако се подразмисли до некаде можеби и стварно е така. Зарем се сакаат двајца кои не се караат? – Сто по сто не. Не за џабе најмладите викаат „Кој се тепа, тој се сака.“, се разбира тука се мисли повеќе на закачки и смешки, а не на ќотек со шамари и тупаници. Но ете, таа контрадикција на сакање и не-сакање и денес продолжува да опстојува низ секојдневните мудрувања за љубовта.
Изреката гласи: „За кавга се потребни двајца.“, а љубовта пак може да остане и невозвратена. И еве, ова е контрадикцијата. Затоа и невозвратената љубов е силно стисната во јасноста, чистотата и светлината во сите лирски песни. Затоа што таа не може да носи противречност, противречноста поскоро ја носат обајцата кои се сакаат, веројатно зашто можат и да се скараат.
Сепак се остава простор некој на прв поглед ова размислување да не го прифаќа и да спори дека љубовта не носи контрадикции, дека секогаш треба хармонично да се решаваат споровите, дека нема љубов каде што има недоразбирања итн… Дали е тоа така? Можеби некој е уверен во хармонијата на љубовта, но таа хармонија може да се објасни само како една крива со изразено високи амплитуди, на едниот крај ставајќи ја страста, а на другиот страдањето. Така веќе може да се бара љубовта и нејзината непротивречност во самото љубење на љубењето.
Во љубовта нема секогаш-вистинити и секогаш-лажни судови. Многу од сликите кои заљубениот ги гледа или ги замислува не се јасни и светли како денот, туку темни како ноќта и сиви како маглата. Во тие стравови се наоѓа страста, а таа, кажано е дека е и страдање. Токму и затоа Хегел вика „Страдај како мене и обиди се да не ме сакаш.“, а драгите читатели треба поскоро да уживаат во моментот отколку да ја бараат вистината за љубовта.
Никола Шиндре
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.