домаСтавMénage à trois во љубовта

Ménage à trois во љубовта

"King, Queen, Jack of Spades (4 of 4)" by pokerphotos is licensed under CC BY 2.0.
“King, Queen, Jack of Spades (4 of 4)” by pokerphotos is licensed under CC BY 2.0.

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Tertium non datur или законот на исклучениот трет е логичката тафтологија што ќе се разгледува во овој дел од овие четири љубовно-логички лекции. „Врне или не врне.“ е секогаш-вистинит исказ во бивалентната логика. Пред некој да се обиде да помисли дека ова не е важно за љубовта веднаш да си ја повтори реченицата што ја слушнал барем во три-четири филмски реплики, а гласи: „Или си со мене или си со неа/него.“, а неретко е дел од јавниот дискурс насекаде во Светот кога се расправа и за други општествени прашања, на страна од љубовта.

Хрисип од Соли, денешен Мерсин, Медитеранска Турција, место каде што од тука ретко оди на одмор, е првиот кој се занимавал со овие прашања за законот за исклучениот трет, дисјунцијата и исклучителната дисјункција. Тој смета дека „Или е ден или е ноќ.“, но слободно читателот, кој некогаш бил заљубен, може да каже дека ова е сосема круто стојалиште. Логиката исто како и љубовта не треба многу круто да се сфаќа. Секако треба сериозност, ама и шали на своја сметка, така се збогатува идејата за тоа што е, а што не е и се намаллуваат тешкотиите.

Ајде сега да објасниме зашто „Или е ден или е ноќ.“ е секогаш-вистинито во бивалентната логика, а не и во тривалентната. Кант смета дека „ноќта е возвишена, а денот убав“, нешто што веројатно од многу одамна се знаело зашто и вљубените повеќе ја сакаат ноќта и мракот отколку пладнето за да се видат. Има две објаснувања за овој феномен, и не може да се прифати само едното или другото. Првото е дека ноќе повеќе осети се примаат преку допирот и мирисот, што го застапуваат сензуалистите, а второто е дека „невиделивата хармонија е посилна од видливата“, дијалектичарите. Па тие кои започнуваат ноќе да водат љубов често пати не можат да го одредат моментот кога денот започнува, па се прашуваат себеси дали е тоа кога сфаќаат дека некој ќе треба да ја напушти постелаат пред да осамне, кога ќе осамне, или кога ќе треба да го изодат својот „walk of shame“ во сабота наутро до дома. Како и да е, почнуваат да сфаќаат дека денот и ноќта се измешале.

И стигаат до тоа дека „Или си со мене или со неа.“ веќе не е секогаш-вистинит исказ и се јавуваат првите проблеми во врската што сакаат да ја градат. Заљубените често пати не го слушаат прашањето на постарите „Што ќе правите ко ќе спласни љубовта?“ изведувајќи ја нејзината дефиниција само од примерите, а не и од поимите, па така мислат дека „Љубов е љубов.“ е доволно за да се сфати комплицираноста на нивните односи. Ама не е така.

Се јавуваат другарите, пријателите, родителите, роднините, колегите, социјалните кругови, поранешните љубовници, заинтересираните, флертувачите и сите кои се судруваат со заљубените. И сега веќе три од четирите не функционираат. „Или си со мене или со неа.“ не само што не е тафтологија, туку се бараат и модификации за може да се задржи врската и да не се загуби страста. Страдањето станува страдање за страст, наместо страдање од страст, нешто сосема контрадикторно, но за што не може да се каже дека е и непостоечко.

Така повеќето заљубени од сигурноста и ексклузивноста се префрлаат кон несигурноста и отвореноста. Тоа е веројатно процес што секогаш на некаков начин бил изразен низ љубовните релации меѓу заљубените, но низ различни етно-историско-географски контексти се манифестирал на сосема друг начин. Низ историјата секогаш може да се најдат називи (термини што означуваат и релации) за третиот во нечија љубовна врска. Некогаш третиот е посакуван, некогаш нужен, некогаш презрен, ама секогаш е присутен.

Сите овие работи им посочуваат на вљубените да ги бараат начините на кои ќе корелираат со другиот, со третиот и со сите останати за да може слободно да ја градат својата љубовна врска. Преиспитувањето на вистинитосната вредност, но и на познавателното значење на овие закони што важат во двовалентната логика е важно за тие кои сакаат да љубат. Тој кој не преиспитува потешко го наоѓа третиот, ама кога ќе го најди оди со него, а тој кој преиспитува го бара постојано, ама не заминува со него. Тоа е уште еден парадокс на ménage à trois.

"Manège ou Ménage à trois?" by In Memoriam: Ecuador Megadiverso is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“Manège ou Ménage à trois?” by In Memoriam: Ecuador Megadiverso is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Ова четиво секако е напишано за да се преиспитуваат овие односи и барем малку да им помогне на тазе заљубените дека на љубовта, иако самата е вонвременска и вонпросторна, сепак ѝ треба и време и простор за да стане убава и добра, ама и вистинска, а тоа најтешко се постигнува. Како што секогаш ќе стојат логичките, така стојат и љубовните парадокси, но љубовта кон љубењето не би требала да исчезне пред такви јазични бариери. Затоа попрепорачливо е кога се сака да не се брбори претерано зашто еден човек не може да биде сигурен ниту што сè ќе изнакаже, ама уште понесигурен што другиот ќе чуе и запомни од сето тоа.

Трите од четирите на логиката очигледно не се секогаш-вистинити ниту во логиката, така кај Лукасјевиќ и Клини некои не важат, а со тоа се гледа дека уште помалку се тафтологии во љубовта. Многу лесно се сфаќа што е штосот, но многу тешко се прифаќа дека е така. Вака претставено заљубените може да се исплашат од љубовта или пак уште полошо сосема да престанат да мислат на овие логичко-љубовни апории. Тоа не треба никому да му се посакува.

Можеби најпотребното нешто од овие расправии е тоа што заљубените поскоро треба суштински да се приклонат кон љубењето, а тоа е можно со работење на себеси и на тоа што значи пример за љубов. Можеби нема да може веднаш да се отфрли „Љубов е љубов.“ зашто нема некоја подобра дефиниција, но и трезвениот и заљубениот можат со прст да покажат кон тоа што за нив значи љубов и кога некој работи на тоа да може да биде земен како пример за љубење е тоа што најмногу го цени тој кој е љубен од него. Лесно е да се кажат овие закони и вака да се формулираат, лесно е и да се докажат, но многу тешко е да се покажат (посочат) дека важат или дека не важат. Тоа е најголемиот предизвик на секоја љубов – разликата меѓу делото и зборот.

Односот збор-дело, пак содржи други проблеми во себе, но во овој контекст, најдобро е да се каже дека зборот треба да соодветствува со допирот, а делото со сликата, така заљубените барем за миг ќе ги напуштат овие расправи и ќе уживаат во краткотрајноста на возвишеното во љубовта. Да се бара зборот во ноќта за да може јасно да се види сликата на денот што ќе осамне, а дали има доволен разлог за овие расправи треба да се разгледа.

Никола Шиндре

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Кон четвртиот дел

RELATED ARTICLES