домаСтавЧетирите во љубовта

Четирите во љубовта

"The Royal Hearts" by incurable_hippie is licensed under CC BY-NC 2.0.
“The Royal Hearts” by incurable_hippie is licensed under CC BY-NC 2.0.

Февруари е месецот на мачките затоа што во февруари мачките се парат, а процесот на размножување кај мачките е исполнет со интензивни, долги и исполнителни мјаучења и довикување меѓу другите мачки за да може да се препознаат и да си се допаднат и конечно да се парат. Петок, пак е денот кога започнува викендот и кога секој може да се опушти и социјално да се ангажира со своите блиски. Овој месец, секој петок ќе излегува по еден краток текст за логиката и љубовта.

Многу нешта се искажани за љубовта. Прво, напишани се многу филозофски и психолошки книги за љубовта. Второ, љубовта е опишана во епската литература, во романот, во расказите и во народните приказни. Особено љубовта зазема една значајна позиција во песните. Лирското јас претставува синтеза, а не збир, од сите емоции што можат да се изведат од љубовта. Сите знаат дека Тројанската војна била за Троја, ама откако Хомер ја отпеа Елена, денес тоа име реферира на триаголникот на убавината, борбата и љубовта. Љубовниот триаголник е причина за тажните, но и за среќните љубовни песни. Љубовта е нешто што не се мери, сметаат многумина зашто надминува многу препреки, предизвици и проблеми, и тоа значи дека љубовта е вонвременска и вонпросторна.

Штом нешто се каже дека е надвор од времето и просторот, пак веднаш започнуваат проблемите со кои се соочува тој кој размислува. Навикнат е човекот да бара почеток и крај, а кај љубовта, како и кај Светот, почетокот и крајот се особено тешки за лоцирање, како временски, така и просторно. Можеби може човек да се присети кога ја здогледал својата прва љубов, ама не може да каже и кога љубовта почнала да го мачи. Лесно се памети местото каде што за прв пат некој водел љубов, ама тешко дека може да се подели просторот на места каде што се чекорело заедно и разделно. Овие атрибути на љубовта ја прават тешка за разбирање, сфаќање, варење и конечно – спознавање.

Нејзината спротивност, пак логиката е тоа што е круто, сиво, зашто честопати парасилогизмот ја сматува јасноста на тој кој се послужил со него, нешто што е најдалеку од љубовта и топлината, нејаснотијата, маката што произлегуваат од неа. Не е лажно да се тврди дека и така е. Сепак, навлегувајќи подетаљно во размислувањето може да се запримети дека човечкото расудување, или поблаго кажано расприкажување, за љубовта не е исто кога се држи за рака со својот љубен и кога љубеникот отишол во прегратка друга. Првиот пат вика „тоа е тоа, си се сакаме“, вториот пат, „не може и јас и тој“, за на крај да стигне до „или јас или тој“. Има ли доволен разлог за овие спротивставени судови или не, останува да се разгледа.

Што се четирите во логиката?

Кога во логиката се кажува четирите се мисли на четирите формално-логички закони или тафтологии (тоа што како и да се сврти е секогаш-вистинито) во формалната бивалентна логика, односно во логиката каде што нешто е вистинито или лажно и не се остава простор за зафрканции дека нешто може да е и да не е истовремено. Тие се: 1. законот на идентитетот, 2. законот на непротивречноста, 3. законот на исклучениот трет и 4. законот на доволниот разлог. Секој од тие закони има своја дефиниција и можат формално да се претстават. Па:

  1. „Во определено време и на определено место секој предмет е еден ист.“
  2. „Ниедно нешто не е она што не е.“
  3. „Од два противречни искази во едно време и во еден ист однос едниот е бездруго вистински.“ и
  4. „Сѐ има своја причина, ништо не постои без причина.“[1]

Со, за многумина недопадливите логички формулации:

1. p ⸧ p,

2. ~ (p . ~p),

3. p ˅ ~p, а

4. не се претставува формално, но повеќе се однесува на мета-логичко ниво во формално-логичка смисла, а што кога некој би сакал поетски да се изрази, тој лесно би можел да каже дека љубовта не е само една логичка равенка.

Откако некој се присетил на овие закони, а некој сега се соочил со нив, лесно е да се прејде на тоа што беше започнато да се поприкажува во ова нескромно четиво, што сака да ја разреши љубовта во неколку странички текст.

Равенката на љубовта

Еднаш еден пријател на еден друг пријател му имал кажано дека многу е лесно да се брбори ако не се постави дефиниција, а кога овој вториот размислил, сфатил дека првиот е во право, но нивното пријателство било толку големо, па не престанал да брбори и покрај тоа што не знаел ниту една дефиниција, па без дефиниција љубовта и пријателството се две тесно испреплетени работи, па без разлика дали вториот бил заљубен во првиот или не, заљубените, како што за нив може лесно да се запази, а и од личното искуство на секој кој бил заљубен, не престануваат да брборат, како што не престануваше да брбори ниту оваа реченица, што сега конечно завршува…

Ова се проблемите и на трезвените и на вљубените. Многу е тешко да се дефинира љубовта, да се даде судот што таа означува и да почне да се анализира. Па, секој често пати од раното детство, до длабоката старост слуша тафтологии за љубовта, како да не му е доволно мачно и без нив. Можеби најинтересна е една таква тафтологија е „Љубов е љубов.“, што од една страна е тафтологија, па заљубениот кој трага по суштината на љубовта не може да ја отфрли, а од друга страна не може да ја прифати зашто ништо ново не му кажува, а се знае дека и „невеста“ доаѓа од „ново“, иако од дома се зема по стари обичаи.

Втората тешкотија со законот на идентитетот е што тој не е аксиома, односно не се зема апла за точно, туку некој запнал и го докажал (Вајтхед и Расел). Ова најлесно може да го согледаат девојките кога дома на родителите треба да им докажат дека „Тој е тој!“, поточно да го анализираат до таа ситница и да го постават во целиот систем на фамилијарните вредности, но и економските, да не се налутат Маркс или државата, и конечно родителите да кажат: „Да, ќерко, тој е тој.“, а ова истото важи и за момците, ама праведно е да се каже дека девојките повеќе мака гледаат при докажувањето на овие тафтологии пред родителите.

Добро е. Родителите ќе благословат, младите ќе си се ќердосаат, како што му кажа Ефка на Теодос, ама маките не запираат. Тоа е сосема слично на вицот – реторичко прашање:

„Зошто и мажите и жените се разочарани од бракот?

  • Зашто мажите очекуваат дека жените нема да се променат, а жените очекуваат дека мажите ќе се променат.“

Таков е и случајот со многуте млади парови. „Исто е, ама не е исто.“ не е ретка поговорка. Така, односите се менуваат, а со тоа и примерите, но не и дефинициите. Така, „Љубов е љубов.“ останува да важи. Арно ама, таа тафтологија на почетокот (на врската, а не на љубовта) се покажуваше со стискање дланки, со итање еден кон друг. Сега, спротивно се покажува со тоа што не е љубов. Љубовта стана еден алфа-приватив – може да се знае само што тоа не е.

Вака – така, се стигна до непочитување на законот, а се знае дека кога еден закон ниту еден не го почитува има нешто проблематично во него. Има многу приказни за проблематизирањето овој закон, и тоа од стапнувањето во реката на Хераклит, познатото учење дека во иста река не се стапнува два пати, до стојалиштето на Мегарците (позната античка филозофска школа што се расправала со Ликејот на Аристотел). Па така, Мегарците сметале дека „Ако p, тогаш p.“ е невистинито зашто консеквенсот треба потенцијално да биде вклучен во антецеденсот, односно дека љубовта треба да биде вклучена во љубовта, а тоа е невозможно. Но листовите хартија од ова учење се на век изгубени, слично како и „кафето“ со бившите љубовници. И така се сфаќа несигурноста, еден интересен концепт за логиката, а и љубовта.

"Human Futures: Art in an Age of Uncertainty" by Andy Miah is licensed under CC BY-SA 2.0.
“Human Futures: Art in an Age of Uncertainty” by Andy Miah is licensed under CC BY-SA 2.0.

Од сигурноста на бивалентната логика се преминува кон веројатноста на тривалентната. Неопределеноста стана трета вистинитосна вредност, а со тоа се отвори можноста човекот уште еднаш да го преиспита своето знаење за себеси, за љубовта и за борбата. „Љубовта е љубов.“, некаде е, а некаде не е тафтологија, како кај Клини, на пример. Какви импликации (и можности) има ако се прифати, а какви ако се отфрли треба секој што го слуша да го размислува затоа што така можеби и ќе успее да даде една дефиниција за тоа што тука не се даде – љубовта.

За да се дојде до некаков одговор за љубовта, пак треба да се увидат сите спротивставени судови и аргументации за љубовта и така можеби ќе се дојде до некое comme ci comme ça решение, што сигурно нема да го направи човек целосно задоволен, ама барем на момент ќе му посочи да олабави од тие тешки прашања.

Никола Шиндре

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Кон четвртиот дел

RELATED ARTICLES