Овчеполието од секогаш било познато како земјоделско-сточарски крај. Втора по големина житница во државата, освен тоа познато и по други култури како лозарство, овоштарство и зеленчуковите култури. Пред Втората Светска Војна, а малку и после неа било познато и по афионовите полиња. Но сепак таа култура е напуштена. За сточарството и да не споменувам, самото име на областа укажува на тоа. Да не одиме подлабоко во историјата на градчето, би сакал да се осврнам само на оние неполни 50 години во еден друг систем, период кога ова градче се развивало во друга насока. Предвоеното Свети Николе како што споменав било познато само како земјоделска „паланка“, сепак во ерата на социјализмот во тие 45 години ова градче успева да стане едно урбано, индустриско развиено место. Така што на почетокот на 80-тите години од минатиот век, успева да стане една од 5-те најбогати општини во тогашната СРМ. Не само бруто народниот доход како показател туку и самиот начин на кутурниот живот и настаните од тој период покажуваат дека разојот се движел во посакуваниот правец.
Како примери за индустрискиот развој мора да се споменат многуте фабрики и претпријатија изградени во тој период. Би почнал со фабриката „Југотутун“. Целно почнувам со ова фабрика бидејќи не само што вршела откуп, класифицирање, преработка на тутун, туку имала производствени линии за производство на амбалажа, преработка, пакување и конзервирање на прехрамбени продукти за да на крај успее да произведува и ловечка муниција. Работниците на претпријатието некаде околу 400 на број, ја имаа највисоката плата од сите други работници во општината. Најниската позиција на работник била платена некаде околу 10.500 тогашни динари во против вредност од 1500 германски марки некаде околу 800 евра во денешно време. По распадот на социјалистичкиот систем опстана многу кратко време, за на крај сепак да пропадне.
Другите фабрики исто така не заостануваа многу со платите. Тука ќе го споменам претпријатието „Жито Продукт“ – Свети Николе, со околу 150 вработени и со исто задоволителни плати кое освен откупот на житните култури и сопствени силоси имаше и производство на брашно, леб и други производи. Претпријатито беше и сопственик на ланец на самопослуги низ целата општина, пандан на самопослугите на Славија во Скопје. И „Жито Продукт“, како и „Југотутун“ пропадна, иако имаше неколку обиди по распадот на социјалистичкиот систем да се приватизира и да се рестартира.
Неопходно е да се спомене гигантот ЗИК Овче Поле т.е. Земјоделско Индустриски Комбинат „Овче Поле“ со неверојатен број на врабитени кој се движел од 4.500 до 5.500 вработувања.
Оранжериите, Мездра, ЗЕЛОП која беше во склоп на комбинатот Овче Поле фабрика за сточна храна, Картонтекс фабрика за амбалажа и картонажа ја доживеаја истата судбина како и останатите фабрики. Имено по распадот драстично се намали производството и работните места, се додека не доживеаја тотален крах. Истото се случи и со Живинарска и Краварска фарма во село Ерџелија, АК Џумајлија втор по големина комбинат после ЗИК Пелагонија.
На регионалниот пат Штип-Велес на некаде 9 километри од Свети Николе се наоѓа Железничката станица и самиот приклучок од градот до регионалниот пат. На раскрсницата наречена Овче Поле се наоѓаат неколку фабрики и Свињарската фарма. Меѓу овие фирми е и познатата МИК Свети Николе односно Месна индустрија и кланица Свети Николе во социјализмот основана и позната како КИФ, една од ретките во целата држава, која се уште постои.
Овие фирми се пример за тоа дека концептот на индустријализација одел во таа насока да се искористи земјодеско сточарскиот потенцијал и да се направат фабрики во кои ќе се откупува, преработува, конзервира и на крај ќе се произведуваат прехрамбени производи, пијалоци, кондиторски и други готови производи а не само суровини, без да се наруши имиџот на земјоделско сточарски крај. Сето тоа се штитеше плански, односно преку земјоделскиот аеродром кај село Пеширово. Овој аеродром со својата флота на авиони од типот АН-2 служеше за запрашување, прскање, сеење сл. Во Свети Николе постоеше една од 3-ти најмодерни метеоролошки станици во републиката, со моќен радар и систем на градобијни ракети, а сега после 30 години напредок на технологија има огромни штети со секое паѓање на град. Постоеја средно ветеринарно, земјоделско и механичко училиште. Денес пак приватните пекари најверојатно увезуваат брашно или го набавуваат од други општини. Околу 80 проценти од месото кое се употребува во МИК Свети Николе доаѓа од Јужна Америка, исто така, и храната која ја увезуваме достигнува висок процент.
На второ место по број на вработени се текстилните фабрики изградени и отворени во времето на СРМ. Познатата „Мода Свети Николе“ со околу 1000 вработени со познатиот квалитет на текстилните производи, е единствена фабрика која се одржа до ден денес и после приватизацијата. Мода работи со третина од нејзиниот капацитет, односно со околу 300 вработени, чиј број постојано се намалува во зависност од пазарната „логика“. А платите секако дека се драстично пониски денес.
После најпознатата Мода е текстилниот гигант Снитекс Свети Николе со 1100 вработени, фабрика која воопшто не проработи по осамостојувањето на државата.
Ќе ја споменам и фабриката БИМ Свети Николе, позната фабрика која се занимава со производство и изведба на битумено изолациони материјали како што и самото име кажува. Оваа фабрика постои и работи и денес, но со далеку помал капацитет.
Сега би сакал да се осврнам на куповната моќ на граѓаните во општина Свети Николе, во периодот кој го споменав. Ако се набројат брендовите кои биле присутни во градче од тогаш нешто помалку од 15.000 жители ќе ви биде јасно. Имено, присутни биле, Стоковна куќа – Скопје – една од поголемите во републиката, НАМА (Народен Магазин), салонот на Треска, Словенија спорт, Бата, Пеко, Чик Куманово, Отекс. Што би рекле постарите, од игла до локомотива, а денес само за споредба, нема ниту Кам маркет во градот.
Во општина Свети Николе на почетокот на осумдесетите години имало над 21.000 жители, од кои околу 8.000 биле вработени во подрачјето на општината, и тоа во период на најголема невработеност на ниво на државата. Според пописите на населението од 1994 и 2002 година, Свети Николе има едвај 13.000 жители, а општината 18.000 жители. После 20 години немање официјални информации, се чекаат катастрофални податоци за самото градче, поради иселувањето во западните држави по парче леб (а стојат необрабтени површини со хектари), намалувањето на наталитетот (бела чума) и немањето на просперитет. Лично можам да дадам проценка да сега после летниот период Свети Николе не би имал 8.000 присутни жители во градот а не пак толку врабоотени. Неколку стотини од останатите жители кои не одат на привремена работа во Италија, работат во фабриките во слободните индустрииско царински зони во други градови како, Штип, Скопје, Куманово идр.
Сосема на крај ќе се осврнам и на културно уметничкиот и забавниот живот во градот односно, воопшто начинот на живот, архитектурата, навиките и секојдневието во СРМ, обидувајќи се да направам споредба со денешницата. Веднаш по крајот на Втората Светска војна, почнувајќи од 50-тите, 60-тите па се до рајот на 80-тите се граделе згради и нови населби, истиснувајќи ги малечките тесни сокаци и трошни куќички карактеристични за сите помали населени места во периодот пред војната. Новите градби се градени претежно во стилот на социјалистичкиот брутализам, што е и својствено за тоа време.
Морам да го споменам Градскиот парк кој своевремено беше гордост на градот, исто како и неверојатниот плоштад кој бил еден од најскапите во СФРЈ, поплочен со аргентински мермер.
Домот на културата во Свети Николе е грандиозен објект изграден во тој период во чиј состав се наоѓаше огромна кино сала со 700 седишта, каде се прикажуваа проекции на новите филмски достигнувања. Во таа хала се одржуваа концерти со гости од целата поранешна СФРЈ, со настапи на многу театри од целата држава со неверојатни театарски претстави и други уметнички манифестации. Исто така во склоп на Домот на културата, се наоѓаше и културно уметничкото друштво „Јанко Глигоров“ кое беше познато по гостувањата дома и во странство, а се паметат и огромен број на гостувања на други КУДови од државата и странство. Ва самата зграда имаше шаховски клуб, се одржуваа курсеви по странски јазици опремени со модерни кабинети. Студиото на Радио Свети Николе исто така, беше во составот на зградата. Се одржуваа изложби на уметнички слики и други ументнички творби. Денес од сето гореспоменато остана да работи само Градската Библиотека.
Во тој период се изградија голем број на институции и згради. Како пример ќе го споменам Ловниот дом, во чиј склоп имаше ресторан кој емитуваше џез музика. После четири децении планска изградба, првите 20 години по распадот на СФРЈ, поминаа без изградба на ниту една станбена зграда. Во последните години се градат станбени згради, за чиј квалитет и изглед не би зборувал. 90 проценти од новоизградените и реновираните станбени објекти се на луѓе кои воопшто не живеат во градот туку се преселени најчесто во Италија и Германија. Сето кажано оддава една грда слика за градот, која за жал, не е далеку од вистината.
Како поента на крај би додал дека не ми е јасно како можеше пред 30 години во градот да има плати од 1000 до 1500 германски марки за 8.000 вработени и бруто народен доход од 4.500 германски марки по глава на жител, а денес во „прекрасната“ слобода да нема ни толку присутни граѓани. Дека било совршено или којзнае колку добро, е далеку од вистината, но за тоа дека било подобро говорат статистичките податоци, фактите, сликите.
Како и да е, колку и да се трудат преку „шминка“ да ја сокријат реалноста, очигледно е дека се е обична козметика.