домаИнтервјуГордана Петревска за библиотеките и читателите

Гордана Петревска за библиотеките и читателите

Портрет на Гордана Петревска
Портрет на Гордана Петревска

Гордана Петревска е родена во 1961 година во село Трсино, Виница. Дипломирала на интердисциплинарни студии по новинарство на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на следниве книги: „Ќерката на сонцето“ (2002), „Во одбрана на меморијата“ (2013) и две монографии. Како новинар, соработувала со весниците „Вечер“, „Нова Македонија“, „Трудбеник“ и списанието „Ревија за вашиот дом“. Свои текстови објавувала и во „Акт“, „Синтези“, „Стожер“, „Современост“ и во „Библиотечен спектар“. Гордана  Петревска работи како библиотекар во научниот оддел во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Интервју со Гордана Петревска

Никола Шиндре: „Гордана Петревска е библиотекарка во научен оддел. Читателите кажуваат дека нејзиното знаење и прецизност можат да ве одведат точно до рафтот каде што се наоѓа книгата што треба да ја прочитате. Тие коишто се занимаваат со хуманистика во неа наоѓаат и соговорник за тоа што ќе треба да го мислат (работат).

Библиотеките отсекогаш биле престиж за едно општество. Библиотеките можеби се подигнувале одеднаш, но библиотечните фондови се полнат низ времето. Каква е библиотечната традиција во Македонија?“

Гордана Петревска: „Зачетоците на современото македонско библиотекарство се по 1945 година. Во тој период се отвораат библиотеки насекаде: по градовите и селата, во училиштата, работните организации; се збогатуваат библиотечните фондови, расте бројот на читатели и на издадени книги и населението масовно се описменува. А библиотекарите, приучени, немаат образование, но имаат елан за работа и постигнуваат резултати што ги немаме денес. Тоа е време на полет. Книгата тогаш е скапоцена реткост и се прави сѐ за да стигне до секој што има потреба од неа. Така е сѐ до 80-тите години на минатиот век, кога доаѓа до стагнација, за во 90-тите години тој да тргне надолу, библиотечните фондови се намалуваат – амортизираните книги се отпишуваат, а нови не се набавуваат. Во тој период се случува и затворање на некои библиотеки. Првата организирана набавка на книжен фонд за библиотеките во Македонија е направена веднаш по ослободувањето, од страна на државата преку НОО. Притоа, дел од книгите биле собрани во акцијата за прибирање книги од граѓаните, а дел бил преземен по претходна селекција на режимската литература од предвоените билиотеки – читалишта. И, првите 82 повоени библиотеки ја започнале својата работа со скромен книжен фонд од 230.000 книги. Нашата библиотека ја почнува својата дејност со почетен книжен фонд од 3.500 книги и 15 наслови на списанија.

Н. Ш. Библиотеките на некој начин го чуваат знаењето, информациите, но и зборот, јазикот, а за тоа, пак, е потребна заемна соработка помеѓу чуварот и отскривачот. Како библиотекар, како да им се помага на тие кои сè уште талкаат помеѓу библиотечните полици?

Г. П. Нашата професија е алтруистична, има благородна мисија – да го шири знаењето и на тој начин придонесува за личниот развој на поединецот и на општеството. Кога се работи со љубов, резултатите не изостануваат. Субјективната димензија е многу важен дел од работата, треба да се знае и да се сака.Од квалитетот на библиотекарот, од неговата желба и способност да одговори на потребите на читателот, да ја поттикне и да ја развие кај него желбата за читање – зависи дали ќе го задржи како читател. Резултатите на нашата работа не се вреднуваат преку финансиски показатели, туку преку бројот на читатели и на издадени книги, преку тоа колку сме успеале да одговориме на потребите на читателите, колку сме го подигнале културно-образовното ниво на нашите граѓани.

Наслов: Градската библиотека Браќа Миладиновци - Скопје Аутор: Владимир Петков Дата: 10-2006
Наслов: Градската библиотека Браќа Миладиновци – Скопје Аутор: Владимир Петков Дата: 10-2006

Во научниот оддел најчесто читателите доаѓаат со определена тема. Ретко со автор и наслов. И, најпрво треба да се лоцира проблемот, научната област во која спаѓа, зашто тој може да биде разгледуван од различни аспекти, а потоа вртењето страници е неопходно, зашто насловот на книгата не кажува сѐ за нејзината содржина. Непосредниот контакт со книгата не смее да се потцени и да се занемари ни од читатетелот ни од библиотекарот. А убавината на нашата професија е токму тоа: истражувајќи за читателот, и самите учиме и растеме. На редовните читатели не е тешко да им се помогне, го знаеме нивниот вкус, некогаш тие избираат, другпат предлагаме ние. Потешко е со „новите“, чиј интерес треба да се „напипа“. Јас сум дури и посреќна од читателот кога ќе „ископам“ нешто што тешко се наоѓа. Тој мора да излезе задоволен од библиотеката за да ни се врати.

Н. Ш. Работите во научен оддел и тоа подразбира дека бројот на корисници е помал, но експертизата треба да биде поголема. Библиотекарот не е сезнаен, но треба да има доста широки познавања. Како еден библиотекар треба да се носи со овие предизвици?

Г. П. Да, споредено со одделот белетристика, во научниот оддел бројот на читатели и на издадени книги е помал, но е мошне значаен, бидејќи услугата во него има своја тежина, различна од другите оддели. И, да, неопходни се пошироко знаење и љубопитство. Не може да се одговори квалитетно на задачата ако не се чита. Библиотекарот што работи во позајмната служба, непосредно со читателите, ги понесува најголемиот товар и најголемата одговорност за успехот на библиотеката. Тој е лицето и душата на библиотеката, секојдневно е во контакт со граѓани од различен профил по возраст, социјална, интелектуална, етничка основа. Притоа, ја претставува библиотеката пред сите нив и не смее да покаже незнаење, читателот мора да излезе со убедување дека добил квалитетна услуга и во него да препознае авторитет. 

Н. Ш. Денес многу од литературата е достапна и преку интернет просторот, но литературата на македонски јазик генерално се наоѓа во книжарниците и библиотеките. Како располагаат библиотеките со новите наслови?

Г. П. Нам никогаш не ни се доволно книги. Секогаш имаме потреба од нови наслови. Искуството покажува што сѐ може да побараат читателите. И, се разбира дека не можеме да ја следиме издавачката продукција во целина. Но, со една добра стратегија, со добро осмислена набавна политика, може да се одговори донекаде на потребите на читателите. Притоа, како установа од јавен интерес, не можеме и не смееме да се водиме по начелото „тоа се бара“. Ние го обликуваме вкусот на граѓаните и мораме да се раководиме според критериумот на квалитетот, да се набавуваат квалитетни наслови и да се одговори на потребите на сите категории читатели. Според Миле Бошески, само 5% од издавачката продукција влегува во јавните библиотеки. Остатокот завршува во семејните библиотеки. Во нашата библиотека, обично на почетокот на учебната година, се прави набавка само за лектирните изданија, а потоа во два-три наврати се набавува белетристика. Тука нешто малку ќе се „провлече“ и за научниот оддел, што е далеку од потребите. Апелирам да се набавуваат наслови за децата надвор од лектирните изданија, интересни за таа возраст, за да се „намамат“ како читатели. Навиката за читање е долг процес и таа се создава во детството.

"AD White Library" by olinlibref is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“AD White Library” by olinlibref is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Н. Ш. Човекот денес стои помеѓу хартијата и таблетот. Парадоксот можеби се крие во тоа што дигиталните книги брзо се листаат, но хартиените подобро се читаат. Какви совети можете да им дадете на тие кои имаат некаква желба, но сè уште не се решиле да почнат да читаат?

Г. П. Да почнат да читаат. Не што било, туку квалитетни книги, зашто само знаењето стекнато на тој начин е најтрајно и најсигурно. Времето пред нас носи големи промени и искушенија. На човекот, за да опстои и за да успее, му е потребна широка наобразба, а не само тесна специјалност. За жал, денес за повеќето луѓе основен извор на знаење е аудиовизуелната информација. Интернетот станува доминантен медиум на комуникација, информирање и стекнување знаење. Современите масмедиуми нудат големи придобивки: електронската информација е побрза, полесно се пренесува и е поевтина; може да се користи во исто време насекаде во светот, од повеќе лица истовремено, го олеснува пристапот до знаењето и сл. Но, новите средства за комуникација имаат и негативни страни, коишто, на прв поглед, тешко се забележуваат. Нивната улога се сведува на забава, а не да нѐ информираaт објективно. Интернетот, како главно средство за комуникација во новиот општествен поредок, е наменет за широките народни маси. На Интернет тешко се ноаѓаат квалитетни информации, тие се скриени или недостапни. Брзината со којашто се пренесува информацијата, мрежата, интерактивноста, глобалниот карактер на овие средства се споредуваат со информатичка бомба. Научниците предупредуваат и на разорниот потенцијал на овие услуги, кој би ги засегнал и веќе ги засега сите нивни корисници.

Пишаниот збор е запоставен и загрозен. А аудиовизуелната информација не е суштествена за културата и за животот. Аудио и видеосодржините (дез)информираат, не даваат длабочина, аналитичка моќ туку се примаат механички и не водат кон сознание. За разлика од нив, читањето го активира целиот мисловен процес. Предностите на традиционалната печатена книга пред електронската форма се многубројни и не треба лесно да се отстапи од неа.

Н. Ш. Дел од старите наслови не само што нема да доживеат нови изданија, туку можеби и ќе се заборават, таков е и примерот со Аристотеловите списи. Каква е улогата на библиотекарот во ова колективно помнење?

Г. П. Пресудна. Ние библиотекарите имаме должност да го зачуваме запишаното знаење за идните генерации. Од нашата совест и свест за значењето на книгата зависи иднината на поединецот, на библиотеката и на општеството. Ако порано во светот, борбите се водеа за освојување територии и суровини, сега се водат за знаењето и за информациите и за нивна контрола. Знаењето е решавачки фактор во развојот и во стекнувањето моќ и престиж. Од тоа колку ќе ја зачува меморијата и колку ќе биде таа меморија на располагање, ќе зависат развојот на една земја и нејзиниот опстанок. А и образованието во иднина ќе зависи од количината на меморирано знаење и од неговата достапност за сите. Ќе знае тој што ќе може да инвестира во знаењето и тој што ќе има пристап до него.

Постојат повеќе техники за зачувување библиотечен материјал. Еден од начините да се зачува литературата од овој оддел е да се користи во читалните. И јас инсистирам на тоа. Затоа, читателите ме доживуваат како „строга“. Често се случува читателите да „заборават“ да ги вратат позајмените книги. И библиотеката има одлив на наслови по таа основа.

Н. Ш. Библиотекарството, како и другите хуманистички дисциплини, не е премногу ценето денес. Што е тоа што треба да се знае за оваа значајна гранка од просветниот и научниот сектор во секое општество?

Г. П. Да, последниве години е разнишана позицијата на библиотеката, иако сѐ уште е најпопуларна и најпосетувана културна установа. Културата на читање опаѓа. А од тоа колку читаат граѓаните, зависи иднината на човекот и на општеството. Стандард за културен развој на една земја е бројот на читатели изразен преку бројот на членови во библиотеката. Ние, пак, и како поединци и како општество, како да не сме свесни за значењето на знаењето.

"Nashville Public Library, Grand Reading Room" by robert.claypool is licensed under CC BY 2.0.
“Nashville Public Library, Grand Reading Room” by robert.claypool is licensed under CC BY 2.0.

Воведувањето на детето во светот на книгата и развивањето љубов кон неа е најдоброто нешто што може да се направи за него, но и за општеството. Детето не знае што е најдобро за него во тој период, па треба да се насочува, да сознае дека читањето е задоволство и да му стане навика и потреба. Од начинот на кој ќе се воведе во тој свет зависи и неговиот понатамошен однос кон книгата и читањето и, на тој начин, му се определува животниот тек. Недоволното инсистирање на дополнителна литература кај учениците негативно се одразува на повеќе начини. Не само што не се создава навика за читање туку штетно се одразува и на образованието, остануваат празнини во знаењето, коишто потоа тешко се пополнуваат. Освен тоа, тој што ќе ја стекне таа навика во детството може сам да се образова. Ете, на тоа сакам да ја потсетам просветата.

Библиотеката е од големо значење за образованието на човекот во текот на целиот живот. Учебникот веќе не е доволен. Добивањето диплома не треба да значи и крај за наобразбата. Денес, знаењето брзо застарува и секој што сака да опстои и да успее ќе мора да се образова перманентно, до крајот на животот. Библиотеката е неодминливо место на тој пат. Тука се води дијалог со најголемите умови на човештвото, се добива одговор на секое прашање, таа е извор на знаење и сеопшта култура, таа е место каде што се собрани паметењето, мудроста и искуството на човештво од памтивек до денес, и тука секој може да ги користи благодатите од културните достигнувања без никаква дискриминација. Потребна е само желба: да се знае. Освен тоа, денес, кога имаме огромна продукција на дезинформации, многу е значајно да се добие квалитетна и навремена информација. Библиотеката е вистинското место за тоа.

Не знам колку успеав да одговорам на задачата пред која ме исправивте. Темата што ја третирате е мошне сериозна и заслужува пообемни одговори, а просторот дозволува толку. Јас на таа тема работам од 2018 година. Трудот го доведувам кон крајот. Се надевам дека наредната година „Хегел е мртов“ ќе го види виделото на денот.

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES