Редакција
Џејлан Велиу
Џејлан Велиу е родена во Битола во 1991 година. Магистрира на Правниот факултет во Скопје – на насоката Казнено право. Со опшествен активизам, почнува уште во средношколските денови преку организирање на најразлични дебати, обуки и хуманитарни акции. Со политички активизам започнува од 2011 година, кога зема учество во протестите против полициска бруталност, како и 2012 година, во протестите против поскапувањето на електричната енергија. Во периодот што следуваше, учествуваше во организација на протести против поскапувањата, против загадувањето на животната средина, маршеви за денот на трудот - 1 Мај, студентски протести и окупација на студентските кампуси, протести на текстилни работнички, протести на стечајци и земјоделци. Од 2019 година е член на Колективот на Социјалниот центар Дуња, автономен простор за среќавање, организирање и времжување на групи и поединци активисти, простор за развивање на другарство, заедништво и солидарноста. Од 2020 година го уредува активистичкиот подкаст - Гласни идеи.
Зоран Василески
Зоран Василески е роден во Струга во 1986 година. Во 2011 година магистрира на Правниот факултет во Скопје – на насоката Уставно право и политички систем. Две години претходно започнува со политички активизам, најпрво како член на марксистичка организација. Во периодот што следува учестува во протести против полициска бруталност, студентски протести, социјални протести, протести против воени сојузи итн. Пишувал поезија и кратки раскази, го интересира филозофија, историја, музичка и филмска уметност, пишува правни и политички анализи, учествува во иницијативи за организирање на работниците. Од 2020 година го уредува активистичкиот подкаст - Гласни идеи.
Миле Јанкулоски
Миле Јанкулоски е роден во Кичево во 1999 година. По завршување на средното образование, во 2018 година ги започнува своите додипломски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје – на насоката Примена на информациски системи. Со самото доаѓање во Скопје станува член на Колективот на Социјалниот центар Дуња, и учествува во голем број на студентски, еколошки и социјални активистички организации, иницијативи и протести. Од 2020 година врши техничка обработка на содржините и е одговорен за функционирањето на целата ИТ инфраструктура на активистичкиот подкаст - Гласни идеи.
Соработници и колумнисти
Александар Митров
Александар Митров е љубопитен набљудувач на човековото однесување. Во политичкиот живот во Македонија учествува на настани во кои што гледа потенцијал за револуционерна промена на општеството. Најважен животен експеримент му се секојдневните искуства со себе си и со луѓето кои го окружуваат. Често не знае што сака. Со диплома од приватен факултет на која гласи политиколог. Се обидува да живее во согласност со она што му лежи на срцето. Смета дека светот лесно може радикално да се промени ако луѓето се ослободат од своите егзистенцијални стравови. Раскажува приказни за туристи и дава часови по аргентинско танго. Може да го сретнете по танцовите забави во Скопје.
Стефан Илиевски
Стефан Илиевски е роден во 1991 година во градот Куманово, Република Македонија. Илиевски завршил средно училиште во неговиот роден град, а во 2010 година, тој се запишал на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2014 година Илиевски, со одбрана на тезата „Големата источна криза“ успешно ги завршил студиите за историја на Филозофскиот факултет, Институт за историја. Во 2015 година, се запишал на постдипломски студии на Институтот за национална историја во Скопје во групата „Балканот за време на создавањето на националните држави“. Во 2018 година, под менторство на проф. д-р Македонка Митрова, магистрирал на магистерскиот труд: „Куманово Каза во последните децении на XIX век: помеѓу урбаното и руралното“. Досега неговите придонеси биле објавени во научните списанија „Гласник на Институтот за национална историја“ и „Историја“ како и во неколку дневни весници и интернет портали. Неговото централно поле на истражување е историјата на долгиот Деветнаесетти век, поблиску специјализирана за истражување на формирањето на балканските нтации и национализми, интелектуалната и социо-економска историја на Европа во деветнаесеттиот век, геополитичките и дипломатските односи во модерната ера и др. Од 2022 година е студент на докторски студии при Институтот за национална историја – Скопје.
Делфина Тодорчевска
Делфина Тодорчевска е родена во Скопје 2001 година. Таа дипломира на Правниот Факултет при УКИМ во 2023 година, по што ги продолжува мастер студиите на смерот по Финансово право на истиот факултет.
Мартин Анѓелевски
Мартин Анѓелевски е роден во 2002 година. Средно образование завршува во Битола и во 2021 година ги започнува своите студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје на насоката Компјутерски науки. По првомајскиот протест во 2023 година станува член на колективот на Социјалниот центар Дуња каде како активист зема учество во организација и реализација на разни активности, а од неодамна е член и на марксистичката организација Социјалистичка зора.
Васко Гичевски
Роден е во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.
Мариглен Демири
Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.
Руфат Јашари
Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист. Дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и сите левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.
Симона Наумоска
Симона Наумоска е родена во 1997 година во Прилеп. Таа е студентка по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. За време на средното образование била извидник, а паралелно учествувала во еколошки активности и иницијативи за помош на социјално загрозени категории. Како студентка била дел од студентски организации на Медицинскиот факултет. Сега е дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“. Таа е активист за работнички права, социјална правда, женски и ЛГБТИ права.
Здравко Савески
Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).