домаКолумниЗдравко Савески: „Предавството на интелектуалците“

Здравко Савески: „Предавството на интелектуалците“

"Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев на конференција на МАНУ" by Влада на Република Северна is marked with Public Domain Mark 1.0.
“Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев на конференција на МАНУ” by Влада на Република Северна is marked with Public Domain Mark 1.0.

Карл Маркс во една ситуација напиша дека нашата задача е безобѕирна критика на сé постоечко, безобѕирна во таа смисла што критиката нема да се плаши од своите резултати и исто толку малку ќе се плаши од судирот со постоечките сили. Колку интелектуалци имаат доблест и храброст тоа да го направат? Или помили им се работичката, платичката, проектчето, а и илузијата на сопствената (лажна) величина?

Дека политичарите не ни одговараат – сите ќе се согласат. Дека и народот не ни одговара – многумина ќе се согласат. Но, за една категорија воопшто не се дискутира колку ни одговара, а има голема одговорност за тоа какви ни се состојбите. Таа категорија се интелектуалците. Не ни одговараат политичарите, не ни одговара народот, но дали ни одговараат интелектуалците?

Прво да прецизираме на кои мислиме кога зборуваме за интелектуалци. Начелно, интелектуалци се сите со интелект, сите што „ја користат главата“. Но, со оглед на тоа што во денешните општества постои строга поделба на трудот, „има кој да мисли“, па тоа што треба да е општочовечка карактеристика редуцирана е на практика што ја врши одредена општествена група, имено – интелектуалците. Тоа се оние што во поделбата на трудот ја вршат интелектуалната работа и се занимаваат со умствено производство, значи интелектуалните, умствените работници: наставниот кадар (особено универзитетскиот кадар), академиците, научниците, истражувачите, писателите, уметниците, новинарите. Пошироко, категоријата ги опфаќа сите академски граѓани (значи, луѓето со завршено високо образование), но и оние физички работници што се издигнале до нивото на интелектуално мислење и творештво (грнчарот и печатарски работник Кочо Рацин можеби е најсветлиот пример за тоа во македонски контекст).

„Предавство на интелектуалците“ е книга на францускиот писател Жилиен Бенда од 1927 година. Предавство на интелектуалците е процес што го вршат со неподнослива леснотија веќе со децении многу интелектуалци во Македонија (и пошироко).

Резултатот? Метастазирање на катастрофална интелектуална клима. Во јавниот дискурс се повторуваат излитени флоскули издигнати на ранг на саморазбирливи „факти“. Бидејќи само нив ги повторуваат, многумина се убедени дека сѐ е кажано, па изгубија дури и волја да слушнат нешто ново. Всушност, ги фаќа досада штом некој почне да „теоретизира“. Експлодира бројот на луѓе кои мислат дека многу знаат, а чие знаење е многу оскудно. Па штом им се каже за нијанса подлабока аргументација, на нивните лица се појавува „син екран“. Речиси престана да се чита (освен тривијалности, трачеви и наслови). Се материјализира страшна урамниловка, во која секој се перцепира како достоен „интелектуално“ да му парира секому: без разлика на научната титула, но и без разлика на знаењето. „Чекај јас да ти кажам“ стана препознатливата реплика на сѐ поголем број луѓе полни со себе, а празни со знаење. Капиталистичките центри на моќ заради заштита на својот профит поведоа вистинска војна против науката, а многумина доброволно се впрегнаа во таа војна, водени од незнаењето, предрасудите и егоизмот. А стремежот да бидеме подобри луѓе, да изградиме подобра заедница? Тој добива само презирлив потсмев од луѓето без идеали, совест и чест.

Како стигнавме до овој степен? Ефектите од капиталистичката пропаганда се неспорни за разорувањето на умот и моралот. Преку контролата на главниот тек на информациите, преку убивањето на стремежот за промена, преку правењето на луѓето волци на другите. И Франкенштајнот на асоцијалните мрежи има важна улога во ширењето на незнаењето, предрасудите, омразата. Но, сето тоа не го поништува фактот дека и интелектуалците страшно потфрлија.

Како потфрлија? Која е нивната одговорност за општествените состојби? Кое е нивното предавство? Постојат две нивоа на нивното предавство. Падот на првото ниво подразбира дека тие ја отфрлиле сопствената интелектуална и морална одговорност. Одењето по неизгазените патишта на мислата им станало туѓо, престанале да се запрашуваат и да се доведуваат во прашање, да ги разобличуваат лагите на владејачката пропаганда. Удобни и преудобни им станале работните бироа, платичката и проектчињата, па се издресирале да го кажуваат тоа што сакаат да го слушнат центрите на моќ. Дури и заборавиле што значи тоа интелектуална љубопитност. Па наместо да размислуваат се оддале на механичко повторување, одново и одново, на тоа што го запаметиле пред дваесет или триесет години. Така се материјализира зачмаеноста на интелектуалната сфера, каде што секој одново и одново го кажува истото, па нема што ново да се слушне.

А на отсуството на чувство за интелектуална одговорност се надоврзува немањето чувство за морална одговорност. Па не само што многу наши интелектуалци одамна раскрстиле со тоа да влечат напред, да бидат пример за морален интегритет, туку и голем број од нив се оддале на морално спорни злоупотреби на својата положба. Да споменеме само два примери од „бастионите“ на интелектуалноста. Пред некоја година судот осуди за примање мито четворица професори од Економскиот факултет на УКИМ, а едниот колега од Правниот факултет, што побрза да стане генерален секретар во Владата, се’ уште се влече по судови, обвинет за перење пари…

Тука доаѓаме до второто, уште пониско ниво на предавството: кога самите интелектуалци придонесуваат да се извади најлошото од луѓето! Станувајќи и самите пример за морален пад, расчистувајќи го така патот за дополнителниот морален пад на другите, но исто така и преку играње на картата на најниските страсти, стравовите, предрасудите и омразата кон другиот, преку хушкање и подбуцнување, преку креирање јавна паника и чувство на загрозеност кај наелектризираната јавност. За таквото предавство нив ги величат како бардови на национализмот, ксенофобијата, милитаризмот.

Најголемиот проблем со предавството на интелектуалците е тоа што е тешко да не се изврши предавство. Да бидеш достоен на себе, да бидеш одговорен како интелектуалец често значи да дојдеш во судир со центрите на моќ или со јавното мислење. Судирот со центрите на моќ може наместо пристојни приходи да донесе егзистенцијални проблеми (а, во други земји, системот уште посурово го казнува размислувањето надвор од калапот). Судирот со јавното мислење, пак, воопшто не е рецепт за стекнување популарност. Ако црното е црно, одговорноста на интелектуалецот е да го каже тоа, дури и кога никој не сака да го слушне, дури и кога сите сакаат црното да биде бело. Наспроти тоа, јавното мислење го слави оној што ги артикулира неговите ниски страсти, предрасуди, омраза. Па ако интелектуалецот има силна, но неостварена желба за популарност, а не станал политичар, музичар или фудбалер, во ова знае да види златна можност. Без разлика на последиците.

MANU, Skopje МАНУ, Скопје by george k. 1981 is licensed under CC BY-SA 2.0.
MANU, Skopje МАНУ, Скопје by george k. 1981 is licensed under CC BY-SA 2.0.

За да не биде сето ова премногу теоретско, ќе наведам неколку примери за интелектуална зачмаеност, кои имаат сериозни последици по нашето општество. И да се нема абер околу ова или да се има, ама да се молчи значи да се врши интелектуално предавство.

1) Околу криењето на национализмот зад смоквиниот лист на патриотизмот. Веќе досадно се повторува како непобиен факт дека патриотизам било да го сакаш својот народ, а национализмот да ги мразиш другите народи. И сето тоа во ситуација кога самите називи на овие идеологии посочуваат дека тие имаат сличен, но не и ист фокус. Национализмот е фокусиран на нацијата, а патриотизмот на земјата, татковината (патријата). Дека тие едноставно не се исти појави е видливо во секоја мултиетничка земја. За националистите, фокусирани на нацијата, нивната група на припадност ја прават сонародниците, тие со иста етничка идентификација како нив. За патриотите, фокусирани на земјата, нивната група на припадност се земјаците, тие што живеат во иста земја со нив. Поради немањето абер од овие основни сознанија е можно, на пример, македонските националисти да парадираат како патриоти, иако нивните земјаци Албанци не само што не ги гледаат како дел од сопствената група на припадност, туку ги сметаат за непријатели.

2) Идентитетот. Тој не се сведува на националниот идентитет. Секој човек е богатство од идентитети, при што неговиот национален идентитет е само еден дел од неговиот севкупен идентитет. И не само тоа. Нема никакво правило кое налага дека националниот идентитет треба да биде најважниот, основниот идентитет на секој еден човек. Тоа е само теза усвоена под влијание на национализмот. А кога зборуваме за нашиот најосновен идентитет, не може ниту под разно да се тврди дека тоа што сме Македонци или Албанци е поосновно од тоа што сме луѓе. Во контекст на климатската криза ова е исклучително важно да се нагласи, бидејќи токму поради тоа што не му придаваме важност на нашиот идентитет како луѓе, не ни е гајле што нашите практики ги загрозуваат животите на другите луѓе. Тие се гледаат како туѓи, како некои што не се дел од нашата група на припадност, па оттука и нашата негрижа за нив.

3) Репродукција и фортификација на митот за ЕУ при тотално слепило за фактите. Доколку членството во ЕУ носи економски прогрес, тогаш зошто Бугарија, членка на ЕУ цели 15 години, е на исто економско дереџе со нас, што не сме членки на ЕУ? Доколку членството во ЕУ носи демократизација, зошто Унгарија доживеа огромен пад во демократијата откако се зачлени во ЕУ? Врз основа на кои аргументи се тврди дека естаблишментот на ЕУ има волја да нѐ прими нас и останатите од т.н. Западен Балкан, кога тој на Црна Гора (со уште помалкубројно население од нас, без спорови со соседите и со излез на море) по цели 10 години преговори ѝ дозволи да затвори само бедни 3 од 30 поглавја?

4) Климатската криза. Најважното! Не се знае (во 2023 година!) за ургентноста на климатската криза или се знае, ама и понатаму се мантра: „Има поважни проблеми од тоа, кога нив ќе ги решиме – тогаш“. Во третата деценија на 21 век најголемото предавство на секој со разум (а не само на интелектуалците!) е да се игнорира или минимизира овој проблем, да се продолжува по старо, па уште и да се саботираат напорите за негово решавање.

Карл Маркс во една прилика напиша дека нашата задача е безобѕирна критика на сé постоечко, безобѕирна во таа смисла што критиката нема да се плаши од своите резултати и исто толку малку ќе се плаши од судирот со постоечките сили. Колку интелектуалци имаат доблест и храброст тоа да го направат? Или помили им се работичката, платичката, проектчето, а и илузијата на сопствената (лажна) величина?

Здравко Савески

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

RELATED ARTICLES