домаКолумниЗдравко Савески: „Идеолошкото бојно поле на слободното време“

Здравко Савески: „Идеолошкото бојно поле на слободното време“

Free Time by gfpeck is licensed under CC BY-ND 2.0.
Free Time by gfpeck is licensed under CC BY-ND 2.0.

Преку консумеризмот, преку претворањето на луѓето во „машини за потрошувачка“, капитализмот ги освои умовите и срцата на работниците. Капиталистичките центри на моќ ја разбраа важноста на слободното време како идеолошко бојно поле на кое може да се обезбеди поддршката од оние што се експлоатирани. Наспроти тоа, во социјалистичките кругови речиси отсуствува дури и перцепцијата дека слободното време претставува идеолошко бојно поле.

Денес, на слободното време во социјалистичките кругови не му се посветува посебно внимание. Отсуствува борба за проширување на слободното време, а не се отвора ниту прашањето за неговиот квалитет. Дури и самото посветување внимание на оваа проблематика некои го третираат како либерална инклинација. Социјалистите, комунистите, анархистите требало да се занимаваат исклучиво со тоа што се случува на работното место, во текот на работното време. Потоа – секој за себе и секој како што милува. Парадоксално, токму ваквото резонирање, иако звучи тврдолинијашки, подразбира либерална инклинација, бидејќи прогласува дека водечкиот принцип треба да биде laissez-faire за цела една сфера од животот, слободното време.

Сè ова има уште една парадоксална димензија. Кога се одбележува Први мај, обично се споменува борбата за едно важно работничко право: скратувањето на работниот ден. Ами, скратувањето на работниот ден не е само друго име за продолжувањето на слободниот ден? Каде се изгуби борбата за скратување на работното време односно за продолжување на слободното време? Или, правото веќе е извојувано, постигнат е максимумот, па нема поента залагањето за пократок работен ден од осумчасовниот?

Американската социјална историчарка Ева Свидлер во својата одлична статија за слободното време забележува три фази на третман на времето од страна на работниците и работничкото движење. Во првата фаза работниците пружале отпор на самото фиксирање на работното време и лесно не го прифаќале своето подложување на наемно ропство. За да се обезбеди работната сила што им била потребна на капиталистите, било нужно да се вклучи државата со својата принуда. За чудовишните мерки кон кои се прибегнувало пишува, меѓу другото, и Маркс во својот „Капитал“: „Селскиот народ, насилно експроприран од земјата, протеран и претворен во скитници, бил втеруван со чудовишните терористички закони, со камшикување, жигосување и мачење, во една дисциплина нужна за системот на наемниот труд. “Во втората фаза, откако работниците ја изгубиле битката против мерењето на времето и стандардизацијата на трудот, борбата преминала од борба против време во борба за време, односно за пократко работно време. Притоа, како што забележува Свидлер, пократкото работно време било барање „барем исто толку важно колку и повисоките плати“. Оваа борба за пократко работно време во Европа и Северна Америка траела до Втората светска војна, по што, во третата фаза, сѐ почнало да се врти околу повисоките плати.

Urban shoping by ponte1112 is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
Urban shoping by ponte1112 is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Зошто организираното работништво престанало да се бори за пократко работно време? Свидлер не дава конечен одговор на ова прашање и само констатира дека тоа коинцидирало со други конзервативни тенденции во синдикалното движење, вклучувајќи ја чистката на неговите левоориентирани членови. Ова, сепак, не е задоволителен одговор и треба поопстојно да се анализира.

Кога наемното ропство на работниците траело по 10, 12 и повеќе часа дневно и кога капиталистичката класа немала средства да материјализира масовна забава, ниту имало потреба, а, очигледно, ниту можност слободното време на работниците да се третира како посебна и важна проблематика. Ниту од страна на капиталистичката класа ниту од страна на работничкото движење. Работниците биле преуморни од предолгата и пренапорна експлоатација, а времето кога не биле на работа во голема мера го трошеле на проста репродукција на работната сила.

Контекстот се променил кога, како резултат на работничките борби и победи, работното време било ограничено на осум часа дневно, а платите пораснале. Освојувањето на релативно пристојни работни места, како резултат на капиталистичката отстапка со т.н. држава на благосостојбата, донело еден неочекуван момент. Момент што капиталистичката класа доста успешно го искористи. Притоа (мала, но важна назнака), не зборуваме за некаков генерален план, априори направен, според кој од еден центар се влечат конците, на таков начин што дури и отстапките се прават со претходна намера да бидат злоупотребени. Така не функционира капитализмот. Капитализмот е доста хаотичен, со многу фактори што влечат на своја страна. И за него карактеристично е размислувањето на краток, а не на долг рок. Она што капитализмот го прави и го прави мошне успешно е примената на методот на обиди и грешки (trial and error). Откако нешто во практиката ќе се покаже дека дава посакуван ефект, тогаш тоа се поткрепува и се извлекува максимумот од него.

Ретерирањето на капиталистичката класа пред социјалистичките претензии на работничката класа, имено, компромисот на т.н. држава на благосостојба, создаде работници што располагаат со одредено количество слободно време и со скромен, но не и непостоечки дискреционен приход (приходот што останува по задоволувањето на основните животни потреби). Истовремено, развојот на средствата за масовна комуникација, особено телевизијата, а потоа и интернетот и дигиталните платформи (т.н. социјални мрежи), енормно го мултиплицира потенцијалот да се обликува однесувањето на огромни маси луѓе во посакуваната насока. Сето ова ја отвори можноста на работниците да им се понуди користење на слободното време што по својот карактер веќе не се разликуваше од она како богатите и привилегираните го користеа него, иако, се разбира, истите работи што ги нудеше беа во далеку помала мера од она што можеа да си го дозволат богатите и привилегираните. Тоа, пак, овозможи не само да се пацификува непријателството на работниците кон системот, туку и да се обезбеди легитимитет за системот, да се атомизираат работниците, индивидуализирајќи ја нивната визија за добар живот, па дури и да се поткрепи економската репродукција на системот преку учеството на работниците во сѐ поголемата потрошувачка. Сите овие се бројни и важни придобивки.

А проблемите тука не завршуваат од гледна точка на борбата против капитализмот (која во меѓувреме, по влошувањето на климатската криза, стана насушна егзистенцијална нужност). Претходно споменатото исчезнување на борбата за пократок работен ден коинцидираше со подигнувањето на животниот стандард на работниците во западните земји и со овозможувањето консумеристички начин на живот. И несомнено, второто влијаеше врз првото. Ако животот се сведил на потрошувачка, парите и висината на платата стануваат централен интерес. Па она што беше централен интерес на работниците ја одредуваше и агендата на синдикатите. И борбата за пократко работно време беше засенета од борбата за повисоки плати. А состојбите дојдоа до таа точка што дури и успехот на работничката борба, сведена во значителна мера само на борба за повисоки плати, содржеше важна доза на пораз: со повишувањето на платите работниците започнуваа себеси да се гледаат како припадници на средната класа, со сите пропратни последици како губење на класната свест, губење на солидарниот дух, повлекување во приватниот живот.

Преку консумеризмот, преку сведување на животот на потрошувачка, преку претворање на луѓето во „машини за потрошувачка“ (Клајв Хамилтон „Фетишот на растот“), капитализмот ги освои умовите и срцата на работниците. Капиталистичките центри на моќ ја разбраа важноста на слободното време како идеолошко бојно поле на кое може да се обезбеди поддршката од оние што се експлоатирани. И дека формулата експлоатација на работното место компензирана со површна, пасивна и монетаризирана потрошувачка и забава во слободното време може да помине. Ретроспективно гледано, веројатно капиталистичките центри на моќ се дури изненадени од огромниот размер на успехот.

Happy May the 1st!!! by decar66 is licensed under CC BY 2.0.
Happy May the 1st!!! by decar66 is licensed under CC BY 2.0.

Наспроти тоа, во социјалистичките кругови речиси отсуствува дури и перцепцијата дека слободното време претставува идеолошко бојно поле. Во голема мера по инерција вниманието е насочено на она што се случува на работното место. Па на работниците им се повторува дека треба да се борат за своите работнички права, па дури и да ги освојат фабриките, не сфаќајќи дека им се обраќаат на работници кои својата експлоатација на работното место ја сметаат не само за неизбежна, туку и како нужен услов за да се обезбедат пари за консумеристичкото живеење по завршувањето на работното време. И дека дискутирањето за нивните работнички права им е непријатно, бидејќи ги потсетува на нивната потчинета положба, која тие фактички сакаат да ја заборават, мислејќи се како господа при купувачката и пасивната забава, обезбедена од други.

До тоа доведува конзерватизмот и анахроноста на значителен дел од посткапиталистичкото движење. За да се промени статус квото, во кое капитализмот одново и одново бележи успеси, социјалистичките кругови треба да направат повеќе исчекори во однос на третманот на слободното време. Најосновно, мора да ја уважат важноста на слободното време како поле на кое се кршат копјата на идеолошки план. Понатаму, мора да се раскрсти со третирањето на консумеризмот како помалку важен и не толку сериозен проблем, како и со илузиите дека може да се укине капитализмот, но да се задржи консумеризмот. Консумеризмот се темели на енормна и нерационална експлоатација на т.н. природни ресурси, што е прохибитивен луксуз денес, а покрај тоа нема поуспешен начин да се обезбеди консумеризам од капиталистичкиот. И, трето, мора да се понуди социјалистичка визија за добар живот која ќе биде не само поинаква, туку и подобра од капиталистичката визија и ќе вклучува проширување, но и збогатување на слободното време. Без сè ова, борбата за социјализам ќе биде јалова. Бидејќи нема да успева да ги мотивира експлоатираните за борба против капитализмот, а работничката борба, ако ја има, ќе биде сведена само на борба за подобро платена експлоатација.

Здравко Савески

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Здравко Савески / Zdravko Saveski
Здравко Савески / Zdravko Saveski

Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).

RELATED ARTICLES