Во низата извори за развојот на локалното антифашистичко движење помеѓу двете светски војни, дефинитивно се вбројува и еден помалку познат, а галванизирачки примерок.1 Станува збор за мемоарите на Арпад Лебл, професор по историја и германски јазик, казнено преместен од државните структури на Кралството Југославија на служба на југот на државата, во Трговското училиште во Битола во 1936 година.
Како последица на државните безбедносни политики за разместување на интелектуалци кои ги сметале за закана за поредокот, во Битола всушност пристигнал еден истакнат претставник на генерацијата комунистички револуционери од меѓувоениот период.
Мемоарот на Лебл, насловен „Лутање и сознавање“ (Lutanja i saznanja, Novi Sad: Institut za izučavanje istorije Vojvodine, 19752) е животопис од перспектива на турбулентниот историски период од Првата светска војна па сѐ до крајот на Втората светска војна. Мемоарите започнуваат со политичкото созревање на авторот и конечно идеолошко дефинирање по руптурните искуства од Првата светска војна, деталите од неговата партиска и културно-ангажирана активност во Војводина, професионалните патишта испреплетени со комунистичка илегала, експериментите во книжевно-уметничкиот израз, политички пресметки со државните центри на Кралство Југославија, ескалацијата на фашизмот и антисемитизмот во Европа, депортацијата во логорот Оснабрик во Германија, преживувањето и конечното враќање дома, опишано низ соединувањето со сопругата Маргита Беде.
Неговите мемоари се вистинска временска капсула и за важни настани на локално ниво, кои имале дефинирачка улога во политичкиот живот непосредно пред почетокот на Втората светска војна, а се однесуваат на активностите на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и локалните мрежи на антифашистичка организација од местата низ Војводина, до Загреб, па сѐ до Битола итн.
Поконкретно, Лебл во Битола особено се заинтересирал за положбата на населението во поглед на интерсекциите на националното, аграрното и класното прашање. Неговата аналитичка посветеност на овие проблеми е опишана во неколку публикации каде се фокусирал токму на неразрешеното Македонско прашање.3 Автор е на репортажата објавена на унгарски јазик „Се раѓа нација во котлините на Македонија“ (Nemzet születik Makedónia katlanaiban: Riportkönyv (Rađa se nacija u kotlinama Makedonije: reportaža), Novi Sad, 1949). Интересно е дека мемоарите и репортажата за Македонија не се преведени на македонски јазик, и тешко се наоѓаат во националната библиотечна мрежа. Дополнително, по Втората светска војна, Лебл се вградил во историографските текови и бил професор по историја на работничкото движење и марксизам во неколку институции во социјалистичка Југославија. Во таа смисла, тој често соработувал со Гласникот на Институтот за историја во Скопје на теми поврзани со неговиот престој во Македонија.
Лебл опишува како изгледала пролетта на фашизмот во неговото време, политиките за опресија и бришење на народи, како и претворањето на работните места во полиња на спроведување моќ, но и отпор против неа од страна на напредните работници.
Но денес, сите овие теми доживуваат своја римувачка актуелизација, манифестирана во распаѓачкиот либерален поредок, кулминирана во геноцидот врз народот во Палестина, Судан и Конго, и низ начините на кои шаката на геноцидните пропаганди и агентури, како и во времето на Лебл, започнува и денес да чука по вратите на училиштата, културата и институциите. Затоа, сметав дека треба час поскоро да рефлектираме на делото на Арпад Лебл, на начините на кои луѓето како него учествувале во организирањето на малите и големите форми на отпор.
Особено интересно и поттикнувачки за мене, а веројатно и за читателите/ките е делот од 88 до 140 страница во мемоарите Лутање и сознавање, посветен целосно на случувањата во Битола. Токму тоа ќе биде фокусот на овој текст.
Кој бил младиот професор и како стигнал во Трговското училиште во Битола?

Арпад Лебл (14.07.1898 Ковачица, Панчево – 13.02.1983, Нови Сад) бил истакнат југословенски комунистички револуционер со еврејско и унгарско потекло, поет, писател, социолог и историчар. Припаѓал на генерацијата комунисти-партиски организатори и народни интелектуалци (генерацијата на Димитар Влахов, Вељко Влаховиќ, Моша Пијаде, Кочо Рацин и други). Бил уредник и иницијатор на авангардни книжевни списанија, имал пролифична публикациска дејност, инспириран од експресионизмот, конструктивизмот и дадаизмот. Во 1916 година, за време на Првата светска војна, се запишал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Будимпешта. За време на студиите, бил мобилизиран во австроунгарската армија и во следните две години се борел на италијанскиот и источниот фронт. Револтиран од воените страдања, идеолошки се позиционирал како пацифист. Меѓутоа, кога сфатил дека генералите „се плашат само од класната борба“, се свртел кон марксизмот, како што самиот пишува во првите редови на мемоарите. Бил учесник во Унгарската револуција од 1919 година, активен во партиската изградба на терен во меѓувоениот период. Работел како наставник во различни училишта и места низ Војводина, но често бил преместуван заради поврзаност со комунистичка литература и организирање младински кружоци (параван за работата на СКОЈ), што било забрането по Обзнаната (1920).4 И покрај тешките услови за теренска работа, одржувал широка мрежа на контакти со активисти – комуникација што претставувала столб на партиското организирање во илегалниот период. Во легалниот јавен и професионален живот, пак, бил активен како иницијатор на синдикални активности и прогресивни идеи во еснафот и здруженијата на професори и граѓански организации – метод кој бил оправдуван од комунистите за време на илегалниот период.
Периодот пред преместувањето во Битола, работел во трговската гимназија во Бечкерек (Војводина). Кога полицијата извршила провала на група активисти на СКОЈ во Загреб во 1936 година, кои биле очигледно поврзани со комунистите во Бечкерек, и тој самиот бил осомничен. Лебл не бил уапсен поради недостаток на докази, но неговата очигледна врска со комунистите била искористена како изговор за службено преместување. Било одлучено Лебл, како казна, да оди во Македонија, која тогаш, како што тој ја опишал, била „нашиот Сибир“. Учениците му подготвиле свечено испраќање од железничката станица, што ја одразувало не само неговата популарност како учител, туку и популарноста на новата антифашистичка политика.
„МАКЕДОНИЈА – НАГРАДА ЗА БАНДИТИТЕ ОД ДРЖАВНАТА СЛУЖБА, КАЗНА ЗА ПОЛИТИЧКИ СПОСОБНИ ЛУЃЕ“
Во октомври 1936 година, пристигнал во Битола, каде што предавал во државното трговско училиште5 и во училиштето за чираци на трговскиот еснаф. Состојбата во која го затекнува локалното население ја нарекол колонијална. Според него, Македонија служела или како награда за бандитите од државната служба кои доаѓаат таму да прават што сакаат, или како казна за политички способни луѓе: „Македонските презимиња насилно се менуваат во српски, употребата на локалниот јазик е потисната, а фашистичките организации работат под покровителство на охридскиот владика Николај Велимировиќ.“ Доследен на својата практична работа, веднаш по пристигнувањето Лебл прво се поврзал со локалните членови на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), потоа со селани кои биле ветерани од герилското движење против османлиската власт (Илинденците) и конечно со антиционистичките Евреи од градот.
Три правци
Во мемоарите на Лебл може да се следат три важни линии на мемоарска нарација кога станува збор за неговите искуства и престој во Битола: методи на илегална работа и мрежи на активисти; антифашизмот како политика на дефрагментација на борбите; и локални идеолошки судири кои ги дефинирале поголемите политички настани во Битола.
Така, пред нас се отвора мрежа од локални активисти од периодот помеѓу двете светски војни (се споменуваат Богоја Фотев, Јосип Христовски Ѕвончарот, Мите Богоевски, Боро Арсовски, учителките Розина Фајферт и Костадина Хаџиманев). Во мемоарите е доловена атмосферата на времето, и како тоа е населено со биографските спомени за луѓе кои подоцна стануваат народни херои. Тука наоѓаме нивни искажани реплики, артикулации, мимики, гестови, односно нешто што не можеме да го пронајдеме во нивните официјални биографии кои се најчесто од свечен и споменички карактер. На редок начин е доловена нивната политичка субјективизација, начините на кои делувале и се вмрежувале. Во книжевната постапка на Лебл, сеќавањата често се пренесени во форма на дијалози од разговорите кои ги водел со своите соговорници и современици. На тој начин, имаме конзервирана слика на артикулациите и ставовите на локалните активисти од нашите контексти, чиешто читање повторно им вдахнува живот на овие фигури, за нас денес познати само како мртов камен споменик. Јасно се претставени контрастите, но истовремено јасно се согледува и светогледот на антифашизмот како спојување и поврзување на повеќе различни борби во една заедничка: се испреплетуваат класното со нациоалното прашање, антиколонијализмот и антиционизмот, родовите динамики и државните режими на моќ, итн.
Нема подобар начин да се претстават овие аспекти од мемоарот, од нивно пренесување во продолжение на овој текст. На места каде што ценев дека е потребно, додадов и свои кратки објаснувачки коментари за некои настани и личности.
Извадоци од мемоарите „Лутањe и сознавање“
Уште пред одржувањето на моето предавање, една вечер, на „бетонот“ – шеталиштето помеѓу градот и тогаш т.н. Александрово брдо (денес Тумбе Кафе, Битола) – ми пристапи студентот Јосип Христовски, држејќи го листот Студент во раката и нудејќи ми еден примерок. Додека барав пари низ џебот, тивко ми рече: „Јас сум Јосип. Никола Шкундриќ ме извести од Бечкерек за вашето доаѓање. Ќе (ти) се јавам. [с. 90]
Вака почнува делувањето на Лебл во Битола. Тука се доловени начините на кои се одржувале контакти помеѓу активистите во различни градови, како и практиките за илегално препознавање меѓу себе. Лебл доаѓа во Битола упатен на адреса на Јосип Христовски – секретар на МК и СКОЈ во Битола.6 Контактот му бил даден од страна на Борис Арсиќ/Арсовски основач на СКОЈ во селото Бела Црква, економист и социолог, кој бил и еден од главните уредници на списанието „Луч“.7
Не помина ни месец дена од кога стигнав во непознат, „туѓ“ град, како „јабанџија“, а веќе бев примен и прифатен: само што стигнав, а како да бев дома. Често слушав приказни, за тоа како Македонците се закопчани, недоверливи, дека саможиво и херметички се изолираат и затвораат; но, реалноста беше токму спротивна. Тие знаат кому треба да се доверат, а пред кого треба да се закопчаат. Не беше потполно во право ни мојот подоцнежен пријател во логорот, „Доди“ [користи псевдоним, ИХ], кој еднаш ми рече: Дозволи да погодам како ти склопуваш пријателства во непознат град. Одржуваш сигурно некое предавање, па ако тоа некому се допадне, ќе те начека после одржаното предавање во холот и ќе ти честита. Да, беше и така, а сепак беше и стварно, поинаку. И Kоста [пријател – активист од Битола, ИХ] ми го одoбри мојот начин: „Паметно. Тука, во масата луѓе, најмалку паѓа во очи декa сме се поврзале. А отсега си на моја лична врска, но при сите наши идни посети, ќе бидам придружуван од семејството. Четворица, со ќеркичката пет, сме најбезбедни. Ти имаш свое радио. Но, ако сакаш, Јосип [Јосиф Христовски „Ѕвончарот“, ИХ] често доаѓа кај мене да слуша радио емисии, особено од Москва, од Саламанка (Aqui Salamanca ocho! [Тука Саламанка осум! ИХ]– така се јавуваше радио гласот на антифашистичките шпански сили). Доаѓај и ти! [с. 91]

Лебл како интелектуално истакнат професор со ораторски вештини, бил често повикуван да одржува јавни предавања во формални и неформални образовни средини. Во Битола, актуелна организација за неформално образование бил Народниот универзитет. Станувало збор за граѓанска организација платформирана од државата, која имала организациска автономија, но програмата ѝ била одобрувана од Министерството за образование, а и водечкиот кадар бил составен најчесто од „национални работници“ и претставници на градските елити. Предавањата на Народниот универзитет биле доста посетувани од поширокото граѓанство, бидејќи се нуделе теми од областа на здравјето, популарната наука, историјата, уметноста итн., а некои од предавањата биле придружувани и со кино проекции што ја зголемувало посетеноста.8 Други организации кои во тој период вршеле слична цел биле Трезвената младина – конзервативно движење на градската буржоазија и Соколското друштво – дел од пансловенското национал-романтично гимнастичко движење. Последната организација била најмногу користена во државните национални политики, а раководството ѝ било составено од офицерски и жандармериски кадар. Организациите, и покрај нивната надворешно спортска, едукативна или културна кауза, биле дел од граѓанска сцена со националистички предзнак и колонијални и асимилациони тенденции. Доколку во 19 век црквата и училиштата ја вршеле таа улога, граѓанските организации дале модерен импетус на истиот процес. Во идеолошка смисла служеле за формирање на локални елити, го моделирале „идеалниот граѓанин“ т.е. утврдувале кои се „штетните елементи“ и ширеле антикомунистички сентимент. Во одредени периоди, за време на илегалното дејствување на КПЈ, една од стратегиите за дејствување меѓу народот и особено младината била активистите да се вклучуваат во овие организации, со цел да ги користат нивните платформи за одредена агитациона задача.
Така за многу кратко време ја запознав својата нова средина, истовремено пишувајќи и репортажа за Македонија – онаа која ја открив за себе, за градот, околните села печалбарите на подножјето на Пелистер и Кајмакчалан, за Бистрица каде живееше ситниот селанец, а член на Месниот комитет на градот Битола – Богоја Фотев, за Лавци каде учителствуваше познатиот комунист Тоше Ангелков [станува збор за народниот херој Тодор Ангелевски – Строгов (Тошо Даскало), ИХ], па и за другите учители, членови на учителската група „Вук Караџиќ“, Мурганиќ, Царевиќ, Кача Соколовиќ, кои месечно се состануваа во основното училиште до мојата Трговска Академија или приредуваа изложби, книжевни вечери, а учествуваа исто така и на Народниот универзитет со по некое марксистичко предавање. Запознав и по некој селанец и работник, обиколувајќи го цел регион, дали со моите ученици или со работниците, со работничката младина во недела, или пак со Коста, мојата „врска“ во раните утрински часови, пред почетокот на работниот ден, а исто така и со група еврејски политичари и културни раководители, особено со нивната напредна младина. Се вриеше во Македонија, особено во Битола, се работеше илегално – и со напредните македонски демократски граѓани и со Евреите. Најактивна беше младината. Заради неа почнав да учам како македонски така и шпански, да можам барем да ги разберам, бидејќи и тие го разбираа мојот српски јазик. Грчки и аромански слабо разбирав, турски и албански – никако. Во тој јазичен Вавилон, каде се зборуваше и француски и англиски или понекогаш ми се чинеше дека го заборавам мојот мајчин маџарски [унгарски, ИХ] јазик. [с. 92]
Расте мрежа на активисти и антифашисти со кои Лебл се среќава и соработува: Тодор Ангеловски, Богоја Фотев, група напредни професори. Во мемоарите се споменуваат често и докторката Миријам Попадиќ, која е важна за повоената здравствена еманципација на жените, како и нејзиниот сопруг Вуле Попадиќ, комунист од Босна, и прв министер за здравје на Македонија по војната. Започнува и неговото потесно соработување со еврејската младина. До 1943 година Битола имала вибрантна и голема еврејска заедница, чија историја насилно завршува за време на Втората светска војна: Окупацијата на оваа територија (тогаш дел од Вардарска бановина, Кралство Југославија) била спроведена од страна на Бугарија, а следувала по нападот и окупацијата на Кралство Југославија од страната на нацистичка Германија, со што започнале да се спроведуваат и расните закони за „решавање на еврејското прашање“. На 11 март 1943 година, над 7.000 Евреи од Битола, Штип и Скопје биле одведени во Монополот во Скопје, како транзитен концентрационен камп. Од Битола, каде што биле населени најмногу од еврејското население на територијата, биле одведени 793 еврејски семејства, или 3.351 лице. По нивната депортацијата во логорот на смртта Треблинка, немало преживеани.
Лебл покажува голем интерес за политичките ставови и активности на еврејската младина која ја гледа како важен елемент од воспоставувањето на социјалистичка Југославија во иднина.
Без овие средби, а читајќи само од литературата за Македонија, која исто така добро ја проучив, не би можел да дознам така брзо, да не речам интуитивно и преку ноќ да го запознам овој, за мене како немакедонец, уште неоткриен народ и неговата земја. Но кога ситниот селанец во јануарскиот утрински мраз, држејќи новородено јагне на градите под гуњата, таму на рабовите на Пелистер, почна да ми раскажува: „Да, тогаш видовме дека нам ни новотурците кемаловци во 1908 не ни носат национални права, единствено што нѐ земаа за во војска, ама за да не ни дадат земја. Потоа одлучив да одам за Америка на печалба. Побегнав, а во планините, отприлика тука каде и сега стоиме, ме сретна селскиот кнез и ми вели – Од каде тука ти, Сечко? Каде те води патот? – тогаш уште се викав Сечко, а сега, секако, се викам – Ристиќ! [с. 93]
Битола е мултиетничка и мултилингвална средина, како што пишува самиот Лебл – „јазичен Вавилон“. Во таа разнообразност Лебл јасно ги согледува фрикциите помеѓу класното и националното прашање, искуствата на луѓето на империјална периферија и начините на кои им се формираат социјалните позиции. Интерсекцијата помеѓу класниот идентитет и националното прашање е опишана како исклучително важна за развојот на антифашистичкото движење и мобилизирање.
Додека пак, колонијалниот однос на естаблишментот кон локалното население, добро забележува Лебл, не се состоел само од екстракцијата на ресурсите, но и во „цивилизациската мисија“ кон романтизираниот и замислен идеален „јужносрбијанац“ – благороден селанец, уназаден од османлискиот период, кој низ државна педагогија и безбедносни мерки треба да се „врати“ на својот „изворен идентитет“.
А кога Богоја (Фотев) во Бистрица – под своите крушки говореше колку и за состојбата на Македонците, толку и за полемиката помеѓу Крлежа и белградските и загрепските социјални книжевници, или пак кога исто толку зналечки зборуваше за примената на историскиот материјализам на приликите и условите во македонските котлини – просто заборавав дека седам во сопчето или дворчето на македонски селанец, на хектар и половина земја која ја стекнал како печалбар во Америка, туку помислував дека сум повторно на шестиот кат на „Зелени венац“ во собата на книжевникот-комунист Јован Поповиќ (…) Тогаш научив еднаш засекогаш дека Македонците не се аналфабети како што сакаа да нѐ убедат некои од режимџиите. Потоа, често се искачував со моите младинци на Пелистер, за да таму, некаде кај Нижеполе, на брзите потоци да го забележам студентот Јосип Христовски како со раце фаќа пастрмки и повторно ги фрла во реката, а притоа ни вели: „Го проучувам теренот. Одличен е за партизанско-герилско боиште.“ [Парафраза: Јосиф Хистовски бил провален во 1940 година, затворен во затворот во Сремска Митровица, каде се ослободува со останатите политички затвореници во 1941 година. Потоа се упатил и како партизан на Фрушка гора. Загинал во судир на партизанските единици со четниците на Дража Михајловиќ во април 1942 година, а потоа на пат за Македонија во 1941 година бил фатен и ликвидиран од бугарските сили, ИХ] „Јас самиот, пак, во 1941 година бев заробен некаде околу Белград. Но тогаш, 1936-1938, за време на Шпанската војна, веќе бевме сигурни дека кога-тогаш ќе дојде до партизанска борба, а уште и имавме надеж дека во борбата и сами ќе учествуваме. [с. 93-94]
„БИТОЛСКАТА АФЕРА, СТАНАЛА РЕВОЛУЦИЈА ПРОТИВ ВЕЛИКОСРПСКАТА ПОЛИТИКА ВО „КОЛОНИЈАТА““
Кулминацијата на престојот во Битола се случува околу настаните кои Арпад Лебл ги дефинира како „Битолската афера“. Станувало збор за прелевањето на политичката криза во државата на локално ниво. Најчесто тоа се манифестирало во сурови злоупотреби на моќта од страна на раководството во институциите, па така и во школските прилики. Аферата започна со сексуално злоставување и напаѓање наставнички и ученички во Трговската академија во Битола, од страна на директорот Обрад Госпавиќ (со криење и поддржа од владиката Николај, началниците, министерот за Трговија, инспектори и др.) Зачестиле појавите како ставање послаби оцени и на ученици поврзани со СКОЈ, ангажирање на полицаец за шпионажа и денунцирање на ученици. Аферата започнала некаде во 1936 година, а во 1938 дури влијаела врз декемвриските парламентарни избори во Кралството Југославија, врз работата на некои министри задолжени за овој крај. Според описите на Лебл, аферата прераснала во „мала локална буна, која прерасна во револуција: против великосрпската политика во „колонијата“. Настаните во Европа, предвоената набиена атмосфера и бројните нерешени прашања, го истакнуваат антифашизмот како движење кое ги дефрагментира различните борби и ги става во заедничка перспектива, што влијаело врз неговиот потенцијал за мобилизација. Лебл дополнува во таа насока:
Цел град се наоѓаше во фаза на вриење. Имаше денови кога и сам повеќе пати ја слушав истата реченица: „Ќе протече крв наскоро!“, „Ќе одиме на нож!“, „Сакаме да се колеме!“ (…) „Вистинското значење на кољачкото расположение во градот ќе го сфатиме целосно дури кога ќе имаме предвид и неколку паралелни случувања – во градот и во Европа. (…) „Многу од тоа се случуваше истовремено, и во светот, и во Европа, па и во нашето училиште (…)“. [с. 103]Започнува судски процес на разгледување на честите конфликти. Од 161 ученик во генерацијата ќе положат матура само 54, а 1078 матуранти ја изгубиле годината. Само на 4 им е признаена зрелост, а меѓу нив бил и одликашот Мите Богоевски, книжевник (поет), подоцна и партизан – и народен херој! Цел град знаеше за неговите песни, за неговата убава култура, а и за тоа дека токму тој водеше најостра борба против фашистичката управа… [с. 108]
„РАБОТНОТО МЕСТО СТАНАЛО ПРОСТОР ЗА ДЕЛУВАЊЕ И СОЈУЗУВАЊЕ“
Уште еден доста интересен момент се и описите на Лебл за тоа како работното место во дадените услови станало простор за делување и сојузување. Тој дава пример за ситуација кога во училиштето како замена доаѓаат две учителки – супленки (замена) Розина Фајферт и Костадинка Хаџиманев (пред Лебл се изјаснувале како Македонки и комунистки). Со нивното учество во колективот и на гласањата на наставничкиот свет, Лебл успевал да протне одредени идеи и прилози или да спасат ученик од исклучување од училиштето по одлука на управата кој сакал лажно да сведочи против соученик или едноставно бидејќи не сакал да се приклони кон естаблишментот.
Делувањето во работниот простор одело и во содржинска насока, во самите негови предавања внесувал чинови на микро-отпор.
На пример, непосредно пред да одржи час по географија, а лекцијата била за Австрија, низ медиумите се расчула веста дека Хитлер извршил анексија токму на таа територија. На предавањето тој пред децата се изјаснил дека не ја признава анексијата. Од друга страна пак, тој сведочел дека токму во тие услови се создала „генерацијата 1941-ва“ – напредните ученици пополека станувале изострени организатори на отпорот кој ќе добие поширока форма за време на надоаѓачката војна:
СКОЈ и понатаму го организира училиштето и градот, па така се расчу еден ден дека, можеби без особена претходница, учениците организираат демострација; полицијата веднаш ги блокираше излезите околу училиштето и околните улици. Родителите и граѓаните и сами стануваат антифашисти, организирајќи, на пример, конференција против училишната управа. (…) Граѓаните истовремено започнуваат со бојкот на училиштето. Не доаѓаат на состаноците (…), не доаѓаат ни на училишната Светосавска слава (…). Се тоа ми се припишува мене како на организатор: комунист, македонсвујушти Јевреин, кој се бори против „Србите патриоти“! [с. 106-107]
Последиците од ова будење на учениците, сепак ги почувствувал Лебл, и исто како и пред неговото заминување од Бечкерек, станал видлив на безбедносниот радар на државната управа. Директорот на Трговската академија низ своите врски во министерствата се погрижил тоа да се оствари. Арпад Лебл потоа бил „пензиониран“ од страна на Министерството за просвета како казна за делувањето во Битола, и заминува со возот за Војводина. Мите Богоевски и девојка по име Луна – собирале потписи од страна на граѓаните за претставка кон министерството за враќање на Лебл на работа во државните школи. Во моментот кога поаѓал неговиот воз, учениците, нивните родители и граѓани антифашисти се собрале на железничката станица за да го испратат, а се држеле и говори. Неколку ученици купиле и билети до Прилеп за да бидат со професорот малку подолго. Испраќањето се претворило во демонстрација. Се повторува истата сцена која ја читаме од описот на неговото напуштање на Бечкерек, на почетокот на овој текст. Со зборовите на Лебл, станувало збор за „успешна демонстрација“.
Уште современи римувања…
Во престојот на Лебл во Битола има уште една важна епизода, која одѕвонува и во денешните геополитички настани. Станува збор за идеолошкиот судир кој се случил меѓу еврејската младина во Битола, поточно, како што опишува Лебл, помеѓу ционистичките клубови и младинците ангажирани во СКОЈ. Важно е да се земе во предвид дека овие настани се случувале, како што пишува самиот тој, во време на растечки антисемитизам во Кралството Југославија. Лебл ја доловува таа атмосфера низ неколку примери: тогашниот владика на СПЦ за охридско-битолскиот регион, Николај (Велимировиќ, родум од Ваљево), „бил отворен антисемит и фашист, кој зборувал против еврејските перачки и служанки, а го воспевал Хитлера“ (од оригиналот кај Лебл, ИХ); а на Германските воени гробишта од Првата светска војна [Kriegsgräberstätte Bitolа, меморијал отворен во 1936 година, во екот на дипломатско-економската соработката помеѓу Кралство Југославија и нацистичка Германија, ИХ] бил вработен стражар од „Третиот Рајх“, кој од страна на директорот и секретарот на Трговската академија имал право да се движи меѓу учениците, да им ги контролира и коригира задачите по германски јазик, а со тоа и да врши пропаганда меѓу нив.
„ЈУГОСЛОВЕНСКО „ДОМА“ ИЛИ СОРАБОТКА СО АРАПСКИТЕ НАРОДИ ПРОТИВ ИМПЕРИЈАЛИЗМОТ“
Верував дека во услови на растечки антисемитизам нема да биде тешко да се влијае врз шомерската младина9 да ги напушти своите утопистички соништа за далечната татковина „ерец“, која претходно треба – да се одземе од домородното население, чија е вистинска татковина! Верував и во тоа дека ќе успеам во текот на работата со нив дека тие 1) ќе се преориентираат на југословенската „дома“, на тоа значи, во оваа наша навистина наша земја да создаваат и створат, изградат за себе своја социјалистичка татковина и за себе и за сите други народи во неа, комунизмот да го создадат овде, а не во таму некоја Мојсејска утопија, на страната на СССР, а не на страната на Англија (која тогаш имаше власт во земјата на Арапите), или евентуално 2) ако сепак се одлучат за „алија“, иселување во Палестина, таму да соработуваат со арапските народи, против империјализмот, иако привремено низ признавање истовремено, сепак, и на западните демократии наспроти фашизмот! [с. 118]
Бидејќи работев и во училиште на шегрти и трговска младина, со нив не беше воопшто тешко да се организираат вонучилишни соработки. Проблемот на вонучилишните средби го решивме на сличен начин како во Војводина, а тука со одење на излети на Пелистер, секоја недела, барем претпладне. Кога започнав да работам и со еврејската младина – и нив започнав да ги носам на овие излети, и така се зближуваа еврејската и македонската младина, работничката и школската младина. На излетите дискутиравме за актуелните прашања, решаваме идеолошки дилеми, додека јас од моја страна се обидував да го научам шпанскиот јазик [се мисли на ладино, јазикот на сефардските Евреи, ИХ], како и македонскиот, барем до таа мера да можам да разбирам и да ја слушам шпанската радио-станица „Саламнака осум“ (…) Во градот постоеше ционистичка организација – тука беа околу 4.000 Евреи, најголем дел пуперизирани! – на нивно чело стоеше Леон Камхи, кој многу се израдува што се согласив да ја организирам шомерската младина во културно-идеолошка работа. Меѓутоа по неколку месеци работа, шомерите започнаа да стануваат или беа на пат да станат комунисти, кои повеќе прифаќаа да градат социјализам во Југославија како своја татковина, а не на ерец во Палестина, и да се за соработка со останатите народи, а не на штета на Арбјаните. Така еден ден ми пријде цинонстичкиот лидер Леон Камхи и ми го изрази своето незадоволство, додавајќи дека треба да имаат јавен дебатен дуел на таа тема. [с. 119]

Неговите ставови дополнително биле оформени и по слушањето на искуството на еден битолски Евреин – Исак Леви, кој првин бил „шомер“, и заминал на „алија“/„ерец“ во Палестина, но се вратил многу разочаран и станал „вистински интернационалист“ (оригинал кај Арпад Лебл, ИХ) бидејќи сфатил дека татковина на Евреите не може да се изгради низ „лишување на слободата на другите“.
Човек да биде способен да се врати, и да се бори и следниот ден (to manage to return and fight another day)10
Кое е наследството на Арпад Лебл денес? Главната асоцијација која се стекнува на крајот од мемоарите е онаа за фигурата на комунистот-организатор од меѓувоениот период, кај кого интелектуалната бујност и теорија се во служба на праксата – работа на терен, меѓу младината и работниците.
Додека пак застанувањето на страна на антифашистичката кауза често значело егзил, прекин на професионалниот живот и години на опасно живеење на линија на (и)легалноста.
Истовремено, таа фигура е и на човек кој одлучува да е работлив, истраен, па дури и жизнерадосен во воениот суноврат на 20 век. Пред нас се отвора и палета на животни искуства на активисти, испреплетени со размени, поврзувања, врски – архива на методи на организирање и колективно делување. Тоа е искуството на дребниот револуционер – човек кој често и ги губи битките пред системското насилство, но успева да се врати, и да се бори и следниот ден. Така, новите глобални кризи кои влијаат на нашата егзистенција добро е да ги согледаме токму низ гледната точка на историската фигура на луѓето како Арпад Лебл, не како одделни и дистанцирани настани, туку во заедничка перспектива на современо антифашистичко движење.
Ивана Хаџиевска
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Рецентно, нејзиниот истражувачки интерес е во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на секавање. Во изминатите десет години соработувала со многубројни домашни и интернационални истражувачки тимови и социјално-ангажирани колективи. Живее и работи во Битола.

- Изразувам благодарност до колегата историчар Стефан Гужвица (автор на книгата: Before Tito: The Communist Party of Yugoslavia during the Great Purge (1936-1940), 2020), кој одговарајќи на едно мое истражувачко прашање, пријателски ме упати кон мемоарите на Лебл. Така, ми се раширија видиците за Лебеловата богата биографија, меѓу другото и разни досега непознати видици и статии за Македонското прашање кои до денес не се преведени на македонски јазик. ↩︎
- Извадоците во овој текст се од ова издание. ↩︎
- Во македонски превод може да се најдат следните статии напишани своевремено од Арпад Лебл: „Илинденското востание и емигрантите – Македонци во Војводина“, Гласник на Институтот за национална историја, Год. 4, бр. 1/2, декември 1960, стр. 266-273; „За сфаќањата и ставовите на Унгарците по македонското прашање 1903-1918“, Арпад Лебл, Гласник на Институтот за национална историја, Год. 14, бр. 2/3, 1970, стр. 193-251, „Bačka u vremenu Misirkova i knjige “Za makedonckite raboti”“; „Крсте П. Мисирков и национално-културниот развој на македонскиот народ до ослободувањето: реферати на симпозиумот во Скопје“, 22 и 23 април 1975 (Стр. [253]-261) уредувачки одбор Иван Катарџиев, Харалампие Поленаковиќ, Трајко Стаматоски (одговорен уредник)]. Скопје: Институт за македонски јазик “Крсте Мисирков”, 1976. ↩︎
- Обзнана – наредбен декрет на владата на Кралството на Србите Хрватите и Словенците од 29.12.1920 со кој се суспендирала работата на некои партии, работнички организации и права, но особено била насочена кон забрана на легална дејност на Комунистичката партија. Овој декрет дошол како реакција на силната популарност на КПЈ на првите повоени избори во државата, кога станала трета партиска сила. ↩︎
- Денес средно економско училиште „Jане Сандански“ – Битола. ↩︎
- Јосиф Христовски, познат и под прекарот „Ѕвончарот“ (1914-1942) бил организатор на движењето во гимназијата и трговското училиште во Битола, учествувал во организацијата на штрајковите на мелничарските работници, како и во комунистички партиски ќелии во околните битолски села. Во почетокот на 1940 година државните служби го протерале во логор во Билеќа, Босна и Херцеговина. Таму се запознал со Моша Пијаде, Иво Лола-Рибар, Иван Милутиновиќ и други југословенски комунисти. Се вратил во Битола во септември 1940 година и повторно бил уапсен и осуден на 5 годишна робија во злогласниот затвор во Сремска Митровица. Тој бил еден од 32 затвореници што успеале да избегаат од овој затвор во прочуеното бегство во август 1941 година. Се приклучил кон Фрушкогорскиот партизански одред, а потоа се префрлил во западна Србија каде учествувал во создавањето на Ужичката република. ↩︎
- Луч – месечно списание за културни, економски и социјални прашања. Излегувало од 1 јуни 1937 до 20 мај 1938 година. Во него за прв пат биле објавени некои од социјално-битовите драми. Иако имало идеолошки мешано уредништво, излегувањето било забрането од јавниот обвинител во Скопје, бидејќи во него се објавувале прилози и статии во кои се критикувале политичките случувања, власта, општествените недостатоци итн.). ↩︎
- Види: “Рад Народног универзитета у Битољу”, Јужна стража, Year 1, no. 9-10, 1933, 25; Извештаји о раду Народних универзитета у Загребу, Осјеку, Вуковару, Дубровнику, Скопљу, Битољу, Смедереву, Ваљево и Суботици, book 10. Belgrade: Biblioteka Kolaričev Narodni Univerzitet, 1935. ↩︎
- Еврејска социјалистичка ционистичка младина. Доаѓа од називот на нивните друштва – Хашомер Хацаир, што значи млад стражар. ↩︎
- Изразувам благодарност кон Катерина Шекутковска и Андријана Папиќ-Манчева, за помошта при уредувањето на текстот и посебно за деловите за наследството на Лебл во нашето современие. Дел од нивните идеи и сугестии се пренесени во заклучниот сегмент. Само во присуството на другари човек навистина е способен да се врати и да се бори и наредниот ден. ↩︎

