Како „крај на една епоха“ може да се означи симболичната церемонија на предавање и палење на оружјето на курдските борци на ПКК, по повикот на нивниот историски лидер Абдула Оџалан за самораспуштање на вооружената организација и за „демократско решение“ на прашањето за самоопределување на курдскиот народ. Овој развој (со сè уште непознати аспекти на преговорите и можни тајни договори) има пошироки последици кои не ја засегаат само Турција, туку целиот курдски народ кој денес живее во четири земји од регионот, во една од најнерешливите и најкомплексните случаи на национално самоопределување во светот. Ова не носи надеж, туку несигурност за курдското население во Турција, Сирија, Ирак и Иран, каде заеднички се опресијата, крвавите масакри, востанијата и герилските борби. Во секоја од овие земји, курдското прашање е поврзано со граѓански конфликти, како и со геополитичката игра на големите империјалистички сили.
Разоружувањето на ПКК и идното (не веднаш видливо) „демократско решение“ во Турција ќе има клучна улога во сите тековни процеси, а посакуваното курдско единство не само што се оддалечува, туку се гуши во мочурливите води на различните сојузи и играта на силите во секоја земја. Истовремено, курдското прашање, како еден од клучните фронтови на интернационалистичкото движење и левицата, има длабоко влијание врз дебатата што се одвива во нивните рамки. Предавањето на оружјето од најактивната герилска организација во последните децении помина речиси „незабележано“, иако станува збор за настан од историско значење. Станува очигледно дека позицијата заснована исклучиво на геополитика или отсуството на анализа на современиот капитализам и неговите антагонизми, создаваат збунетост во однос на ставот кон прашање што има свој белег врз целокупниот став на интернационалната левица.
Разоружувањето во позадина на новата мапа на Блискиот Исток
„Наредбата“ на Оџалан за разоружување и распуштање на ПКК беше објавена додека тој е во целосна изолација, затворен веќе 26 години на островот Имрали, без пристап до адвокати, новинари или семејството. Истовремено, илјадници членови на ПКК, други леви организации, синдикати, студенти и интелектуалци остануваат во затвори, со чести судења и подложни на тортура. Членовите на ДЕМ (поранешната НДП), легалната парламентарна партија на курдскиот народ, се исто така затворени – вклучувајќи го и нејзиниот претседател Селахатин Демирташ.
Десеттици избрани градоначалници (не само Курди, туку и членови на кемалистичката опозиција) се разрешени и затворени. Режимот на Ердоган ја зацврсти турската држава, продлабочувајќи го постоечкиот авторитарен систем и постојаниот „вонреден режим“ изграден од хунти и парламентарни влади. Како оправдување за сето ова, беа прикажани активностите на герилците на ПКК и други „терористички групи“. Во реалноста, турската буржоазија имаше потреба да се справи со силната левица и револуционерното движење кое во минатото ја загрозуваше моќта на буржоазијата, заканувајќи и се со нејзино рушење.
Разоружувањето на ПКК моментално не е придружено со никаква правна рамка за амнестија или правец за решавање на основните демократски прашања. Владата на Ердоган не се обврза за било што, го искористи меѓународното „право“, сметајќи го отпорот на еден народ за тероризам, како и развојот на настаните во поширокиот регион на Блискиот Исток. Се повикаа на тоа дека ПКК е означена како терористичка организација од ЕУ и САД, нешто што го засили режимот на Ердоган, кој ја следи современата меѓународна тенденција на реакционарно зацврстување на капиталистичката држава. Секој повик за автономија или права на малцинствата обично се претставува како тероризам на меѓународно ниво, особено кога тие се бараат преку народна борба, а не преку „милостиви отстапки“ или, уште помалку, како производ на империјалистичка интервенција. Не се ретки случаите кога империјалистичките сили не се двоумеа да ги присвојат дури и герилските движења, кога сметале дека можат да им служат на нивните интереси.
Распуштањето на ПКК во Турција е директно поврзано со настаните во Сирија и Рожава, Демократската автономна управа на Северна и Источна Сирија. Таму ПКК се нарекува YPG и е јадрото на SDF (Сириските демократски сили), армијата која ја контролира областа по херојската борба против ИСИС и турската армија во 2014-15. САД и ЕУ, не само што не ја сметаат SDF за терористичка организација, туку е нивен главен сојузник во Сирија веќе со години. Овие „пријателства“ се секогаш отровни, бидејќи новиот сириски режим на Ахмед ел Шара/Џолани е под заштита на Турција (и финансиран од Катар), доминиран од членови на исламистички воени структури како Ал-Каеда и Ал-Нусра, но е добредојден во западните престолнини.
„Нејасна е иднината за 30 милиони Курди во Турција, Ирак, Иран и Сирија“
„Решението“ во Сирија останува кревко, како што покажуваат етничките и верски судири и масакри над малцинствата Алевити и Друзи. Курдското раководство на SDF, под надзор на САД, постигна договор со новиот режим, изјавувајќи дека курдските политички и воени институции ќе бидат интегрирани во унифицираната администрација на сириската држава, вклучувајќи ги граничните премини, аеродромите и нафтените постројки. Договорот, потпишан уште на 10 март, отвора сомнежи за идниот систем на управување на курдските региони. Разоружувањето на ПКК во Турција е дел од пошироките „преговори“, додека пак владата на Ал Шара е сè уште нестабилна, а се смета за сигурно дека нејзината целосна доминација повторно ќе ја загрози курдската автономија – веројатно со крвава репресија.
Истовремено, во Ирачки Курдистан автономната управа е меѓународно призната, но со тоа не се доби вистинско самоопределување на народот. Напротив, локалната власт има силни релации со Турција, вклучувајќи економски врски, но и со Израел, со кој има малку прикриена воена соработка. Еден од лидерите на Ирачкиот Курдистан, Масуд Барзани, се сретна со воениот командант на SDF, Мазлум Абди, при што заеднички изразија задоволство од положувањето на оружјето на ПКК. Сепак, преку случајот на Ирачки Курдистан, се докажува дека „автономијата“ доделена по империјалистичка интервенција, не само што не може да биде целосна, туку добива и контрареволуционерна улога. Во исто време, во Ирански Курдистан опозицијата кон режимот се засилува, каде курдското малцинство има клучна улога на протестите. Иако Курдите во Иран немаат историја на вооружена борба во последните децении, тие ги искажуваат своите барања како активен дел од работничкото движење и бунтовите за женски права против исламистичкиот режим, кој најголемата комунистичка партија на Блискиот Исток – ја удави во крв.
Курдското прашање отсекогаш било во срцето на сите овие настани, било како марксистичка герила, или како борбена секција на револуционерни комунистички организации, но во некои случаи и како алатка на регионални и империјалистички сили. Во новата ера на капиталистички антагонизми и војни, движењата за национално ослободување изгледаат како „фосили“ од дамнешна ера. Сепак, во случајот на палестинскиот народ, тие добиваат нова димензија која не се занимава само со барањата за самоопределување. Т.н „мултиполарност“, зајакнувањето и поголемата слобода на движење на регионалните империјалистички сили (како Турција на Блискиот Исток) уште повеќе го отежнува стекнувањето на целосна независност, која не може а да не биде придружена и со борба за социјално ослободување. Солидарното интернационално движење останува активно, но надминувањето на неговата сегашна збунетост мора да се случи преку поставување на курдското прашање во основата на една севкупна борба на интернационалистичко делување. Револуционерната левица, и во самиот регион и на меѓународно ниво, е единствената што може да понуди излез во една епоха кога отсуството на комунистичка перспектива се изразува преку нејзиното „разоружување“.
Сирија и Рожава, модел на автономија во „стаклена градина“
ПКК во последните години, се трансформираше од вооружена организација инспирирана од марксистичко-ленинистички позиции, во движење базирано на теории на либертаријански комунитаризам, со акцент на екологија и феминизам. Оваа тенденција доминираше во Рожава преку создавање на соодветни структури, кои беа промовирани на меѓународно ниво, главно од анархистичките кругови, како надминување на „застарените“ форми на револуционерни партии. Секако, неоспорен е придонесот на делови од YPG и ПКК инспириран од женските борби, кои имаа широка едукативна улога во ера карактеризирана со подем на религиозен опскурантизам и ирационализам. Сепак, трансформацијата на ПКК и комунализмот на Рожава се случуваа паралелно со интегрирањето на воената секција под чадорот на заштита на САД. Комуните егзистираа во услови на „стаклена градина“ под толеранција на империјалистичките сили, а со денешниот развој на настаните се разоткриваат нивните лимитации.
Иако во Сирија овој компромис може – делумно – да се оправда поради условите на закана од тотален масакр, во Турција курдското движење следеше пат на повлекување во однос на поврзаноста со интернационалната левица. ДЕМ, како парламентарен претставник на движењето, го избра пристапот во европската левица, избегнувајќи го револуционерниот стратегиски пристап и вооружената акција. Сето тоа отиде во корист на линијата на „граѓанско општество“, што дефинитивно е поприфатливо за меѓународната јавност. Во бројните курдски заедници во Западна Европа, ХДП/ДЕМ и мрежите на солидарност ја репродуцираат идеологијата на реформската левица за „демократски фронтови“.
Трагедијата на курдскиот народ, кој претрпува структурно угнетување и социјална исклученост во сите земји каде што живее, не може да се реши „демократски“ во услови на конфликти кои водат кон генерализирана меѓународна војна. Така се истакнуваат и болните разочарувања на голем дел од левицата и анархистичките кругови кои бараат решенија во рамките на буржоаската политика или создавање „заедници“, без револуционерна промена.
Истовремено, курдското прашање го открива и ќорсокакот на друг дел од интернационалната левица, која избира да се позиционира со единствен критериум „геополитика“ и нејзина интеграција во империјалистички, капиталистички блок сметан за „бедем против Западот“. Кој меѓународен табор, навистина, денес има принципиелна позиција за народите кои се борат за слободен живот? Што треба да прави курдскиот народ, кој живее во 4 земји, од кои секоја „припаѓа“ на различен блок? Вооружените движења на народите денес се повторно неопходни, не како делови од „геополитички игри“, туку како чекори за повторно воспоставување на револуционерната перспектива.
Преземено од весникот „Прин“.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

