домаКолумниВо очи на Прајд 2025…

Во очи на Прајд 2025…

Во очи на Прајд 2025 нужно е да помислиме на некои работи. Прво, дека импреилијастичкиот-патријархален-капитализам е најголемиот угнетувач на сите нас, а на квир заедницата поготово, и дека ослободувањето на квир заедницата е еден битен чекор кон конечното распукување и уништување на капитализмот како еден грозоморен екплоатирачки паразит кој немилосрдно ја уништува планетата.

„СЕ ЗАТСКРИВА МАФИЈАШКОТО РАБОТЕЊЕ СО ПРЕВЕЗОТ НА ДЕМОКРАТИЈАТА“

Ние живееме во колонијален систем во Р. Македонија. Тој колонијален систем владее преку заробување на целокупниот државен апарат преку коруптивните партии и изглумен парламентаризам кој во суштина е само една лоша кловновска игранка во која се затскрива мафијашкото работење со превез на демократија. 

Тоа заробување на државата се случува преку патријархална пропаганда која од разнолики луѓе со секакви идеи прави „работници“ покорни само на „шефот“, воспоставува хиерархии на вредности, на родови, родови улоги во општеството, облеки, фризури и начини на процесирање на чувства, мисли, изразување и се’ друго што не’ прави посебни.

Во колонија каква што е Македонија во моментот, како и во сите историски колонии се’ што не му годи на угнетувачот или спаѓа вон тие строго дефинирани категории – се води кон истребување. Па така, како и во многу други конзервативни општества први на одмет се најранливите, најразличните, најмалубројните, најгласните. Тоа се гледа со бришењето на ранливите категории од законите за образование, постојаното непостапување на државата во заштита на ранливите и угнетени луѓе и намерното уништување на социјалната држава од страна на капиталистичките влади во последните триесет години. 

Од присилното враќање на капитализмот на овие простори во 1990тите, секој можен слој на живеењето е во постојан распад токму поради пљачката и екцплоатацијата што ја спроведува „пазарната“ логика.

Сите сме жртви на капитализмот. Заради тој капитализам се уништени бројни начини на егзистирање и самопознавање, и сега сме врзани со окови во 40+ годишна работна-робија за повеќе да се загади планетата и тоа да се преточи во профит на буржоазијата. Од жива земја, разновидност и виножита се претворивме во загадена мочвара со кладилници, насилство и несреќи на секој чекор. Баш фала за „прогресот“ што го донесе капитализмот! 

„ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАТРИЈАРХАТОТ, МОРА ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД КАПИТАЛИЗМОТ“

За целосно ослободување од патријархатот ние мора да се ослободиме од капитализмот, тие два појма означуваат реално еден ист феномен на хиерархија и експлоатација – патријархатот кажува кој е каде во системот на глодање. Па така сите што отстапуваат од почитувањето за тој психотичен и опасен поредок или тие што се најдолу на тоа скалило се најизложени на јавен линч и жигосување, а потоа и насилство.

Гледајќи го геноцидот во Газа ние мора да се соочиме со тоа дека живееме во еден нов свет, различен од тој пред да започне војната. Гледајќи ги сите катастрофи низ светот кои капитализмот ги создава за своите драгоцени профити, преку најгрозната експлоатација на луѓе, меѓу кои и деца и стари луѓе, преку планините и реките, кои  капитализмот ги копа, во потрага по минерали за да се произведат телефони, кои ќе зашрат во ѓубре или кога копа руда за некоја индустрија, или песок за некој автопат, или мермер за некои плочки, се добива заклучот дека човечкиот живот се сведува на правење и размена на ѓубре од едно место на друго. Тоа е тоа што капитализмот го прави: ја гори планетата за профит создавајќи ѓубре што побрзо. За капитализмот ние сите сме ѓубре и ќе не уништи ако не му носиме корист.

Во Македонија состојбата во 2025 година, како да е пресликана од 19тиот век со разликата дека тогаш сме биле аграрна провинција, полуколонија, но сега сме рударско-отадна  наскоро бегалска колонија. Плаќаме сметки за струја на странска фирма, плаќаме за летови и аеродроми на странски фирми, плаќаме за телефони и конекции на туѓи фирми, се бориме и молиме за „минимална“ плата а парите ни ги чуваат странски банки и фондови, додека во специјални легални дупки наречени „развојни зони“ спонзорираме странски експлоататори „инвеститори“ да произведуваат роба која не е наменета или е забранета на нашиот пазар, ослободени од давачки. Приватни болници наплаќаат што сакаат додека државните се масакрирани од приватни тендери, приватни школи и тутори како и осакатено државно образоние оставаат генерации неписмени луѓе кои очајно се борат да се приклучат на патријархалното скалило.  

Увезуваме храна и облека и се’ тоа со „пазарни“ цени по светски стандарди затоа што цената на житото се одредувала на берза. За само една генерација од чисти реки и вода сега веќе нема живот во реките, нема јагули, уништени се пространства шума и планини за некои ситни профити, се молиме за помош од соседите што демек не’ мразат, при секој пожар или катастрофа. Го исушивме Преспанското езеро со отрови. Ја истребивме пастрмката во Охрид, а во Дојран не знаеме цевки и вентили да смениме па и тоа езеро е во опасност дека ќе го изгубиме. Во Кочани загинаа 62 жртви и дупло повеќе ранети за пустата нахална желба да се ќари преку кратење, сечење, корупција. Реките ги преградивме за количество струја колку кафе да се свари. Увезуваме и палиме ѓубре на „диви“ депонии, а живееме во „диво“-градби. Се гради кој-каде ќе стигне затоа што нема веќе планирање. Улиците ни се окупирани од возила и насилни возачи. На телевизиите ечи патријархална пропаганда дење-ноќе. Немаме ниту воз низ Колонијата па така се туркаме кој како знае по патишта непрописни кои убиваат стотици луѓе годишно, затоа што „корупцијата“ краде од секој тендер, па така и од асфалт, бетон. 

За вработување или да се заврши работа пак се молиме за врски или за книшка. Одлуките за водењето на државата се во рацете на малкумина игноранти кои ќе газат преку лешеви ако треба да си ја зачувваат комотната позиција на надзорник на заробените во колонијата. Луѓето, околината, средината, станаа индивидуалци, конкуренција, ресурси. Епа баш фини придобивки имаме од капитализмот. Значи го добиваме статусот и квалитетот на живот на териториите што „Новиот Свет“ го имале на почетокот на 19-от век. Токму затоа можеме да почнеме да мислиме за нешто ново, нова идеја која ќе не ослободи од овие окови и ќе се здружиме кон опстанок и благосостојба! 

„ЗА КВИР ОСЛОБОДУВАЊЕ, МОРА ПРВО ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД КАПИТАЛИЗМОТ“

За квир ослободување, кое е воедно и ослободување за сите, ние мора да се ослободиме од капитализмот, како и сите патријархални глупости кои тој ги наметнува како што се родови бинарности, класни поделби, немањето социјална заштита, приватизацијата на се околу нас, мачењето и убивањето на животни за храна и облека, „традиционални семејни вредности“, величењето на насилството во јавната сфера, загадувањето, корупцијата. Сите овие „феномени“ се всушност ист перформанс од истиот душман – капитализмот, но во различна пригода. 

Но доста беше веќе! За да го преживееме климатскиот колапс што ни следи поради капитализмот, ние мора да смислиме нови начини како да бидуваме заедно меѓусебе и заедно со земјата. 

Затоа бараме:

  • Национализација (поопштествување) на: струјата, банките, болниците, водните и енергетските ресурси. 
  • Државна универзална плата која покрива достоинствен живот за сите полнолетни. 
  • Заштита на чистата вода, почва, воздух и храна како основно човеково право во Устав. 
  • Загарантирано домување и право на струја, вода, и храна. 
  • Забрана на секакво рударење, сечење шуми, извоз на материјали кои доаѓаат од планините, забрана за убивање на диви животни за извоз. Забрана за увоз на ѓубре. Смалување на зависноста од месо и месни производи. 
  • Реставрација на реките и дивите предели. 
  • Деиндустријализација. 
  • Подраст. 
  • Отворање на бракот како категорија за други форми на слободно здружување со правна заштита помеѓу двајца или повеќе возрасни луѓе. 
  • Ако треба да има парламент нека биде со отповиклив мандат на две години и со просечна плата. 
  • Забрана и укинување на политички партии. 

Нека се расцутат триста идеи и можности за како да бидеме заедно во благосостојба со природата, а не овие токсични кошмари. 

„РУШЕЊЕТО НА КАПИТАЛИЗМОТ Е САМООДБРАНА“

Планетата изгоре заради капитализмот. Рушењето на капитализмот е самоодбрана. 

Рушењето на капитализмот е нужно поврзан со рушењето на патријархатот. Затоа не ви се криви педерите за вашите проблеми, крив е капитализмот. Здружени ќе успееме да создадеме послободен свет од овој трул капитализам. 

Автор: Др. Д. Б. В. Ет. Ал. ДОИ 12345666

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

RELATED ARTICLES