Социјалистичката визија за добриот живот ќе остане само празно зборување ако самите социјалисти не ја интернализираат и практикуваат. Кој не е подготвен да го промени сопствениот начин на живот и да се ослободи од оковите на капитализмот, тој не може да го менува светот. А ние се соочуваме со ургентна потреба, во контекст на климатската криза, да раскрстиме со расипничкиот капитализам.
Почетокот на секоја нова година често ја користиме како можност да погледнеме до каде сме стигнале во претходната година и кон каде сакаме да се движиме во наредната година. Со цел да живееме подобро. Да ја искористиме оваа можност да размислиме за визиите за добар живот. Тие се исклучително важни, бидејќи ја дефинираат целта кон која стремиме, а која одредува колку и дали сме задоволни од сопствените животи.
Новогодишните желби вклучуваат здравје, љубов, среќа, успеси. Но, желбите остануваат само желби ако не бидат реализирани. Здравјето има физичка, но и ментална димензија, а подразбира да се води одреден начин на живот и начин на исхрана. И љубовта бара да се вложи труд, да се негува, односно вклучува давање, а не само примање. Исто така, таа не е ограничена на љубовта со партнерот, туку и со децата, родителите, пријателите, роднините, домашните миленичиња, околината. Среќата ја има кога ќе ти падне секирата во медот, но за живот исполнет со среќа секирата не мора да падне во медот, а може да се случи тој да не се материјализира дури и кога секирата паднала во медот. И на крајот, успесите. Успехот значи реализација на целта и исто така бара вложување труд. А може да вклучува широк дијапазон од цели, од завршување степен на образование, напредок во кариерата, стапување во брак, стекнување нови знаења и вештини, водење добар и исполнет живот.
Како ние ги разбираме успехот, среќата, љубовта, па и здравјето во голема мера зависи од вредносниот систем што е доминантен во општеството во кое живееме. Тој ја обликува и нашата визија што подразбира тоа да се има добар живот. Дали поседувањето многу пари е гаранција за добар живот? Или богатството подразбира да бидеш опкружен со пријатели, да имаш внатрешен мир, деновите да ти се исполнети и радосни? Дали првото е предуслов за второто или има некоја грешка во таа математика?
Капитализмот, како и секој друг општествено-економски систем, мора да создаде соодветен на себе вредносен систем, примарно кај експлоатираните, бидејќи без тоа го губи легитимитетот и понатаму може да опстои само со примена на физичка сила. Мора експлоатираните да го прифаќаат системот барем како безалтернативен, а по можност и како пожелен за да ја добие тој стабилноста која ќе му овозможи подмачкано функционирање. Во втората половина на 20 век и првите децении на 21 век тоа на капитализмот во голема мера му успеа. Ги пацификува експлоатираните до таа мера што огромно мнозинство од нив почна параметрите на добриот живот за себе да ги разбира во капиталистичка смисла и да мисли дека него може да го има во услови на капитализам и поради капитализмот.
Каква е визијата за добар живот што капитализмот успеа да им ја продаде на експлоатираните, пацификувајќи ги, па дури и стекнувајќи ја нивната поддршка? Таа подразбира остра поделба на работата и слободното време, при што добриот живот се бара само во слободното време. Работата едноставно не е составен дел од добриот живот. Таа се врши само за да се стекнат пари, кои се гледаат како нужен предуслов за добриот живот. Притоа, експлоатацијата во текот на работното време се прифаќа како неменлива константа и стремежот е таа само да не премине одредени граници и, особено, да биде платена што повеќе. Воопшто не се мисли за импликациите од работата што се врши по општеството, а уште помалку по природата. Ниту таа се разбира како фактор што може да придонесе за личната среќа. Мора да се работи за да се обезбедат парични средства за живот и уживање. Толку.
Животот започнува дури откако ќе заврши работата, во слободното време. Капиталистичката визија за добар живот очигледно се сфаќа како што поголем консумеризам. Тоа подразбира што поголема потрошувачка, што поголеми удопства (во смисла на добивање на погодностите без вложување напор) и што повеќе забава (во смисла на пасивни активности: гледање, посетување, пиење итн.). Притоа, фокусот не е толку на самото поседување на работите (иако и тоа е екстремно важно) колку на перпетуираниот импулс производите што се поседуваат да се заменат (преку купување) со нови производи, како и на постојаното споредување со останатите луѓе (оние во сопствената околина и оние од џетсетот) колку тие имаат, а колку ние. Зависта тука има важно место, не само сопствената кон оние со повисоко ниво на консумеризам, туку и во форма на силна психичка потреба да се предизвика зависта на другите кон себеси. Бидејќи парите се предуслов за што поголем консумеризам, се јавува енормна преокупираност со стекнувањето што повеќе пари, а се јавуваат и фрустрациите што ги нема доволно (а при ваков светоглед, не само што парите никогаш ги нема доволно, туку и самото значење на поимот „доволно“ е недофатливо).
Може колку сакаме да го критикуваме овој празен консумеризам, но не може да се негира дека тој претставува визија за добар живот за многумина, па дури и за огромното мнозинство. А капитализмот успеа, по Втората светска војна во т.н. Прв свет, а потоа и во граничните подрачја на глобалниот Југ (како Македонија), да овозможи проширување на можноста за водење консумеристички начин на живот пошироко од тесните кругови на капиталистичката класа. Се разбира, дозата консумеризам секогаш зависи од расположливите приходи, но и покрај тоа стремежот во ваквиот начин на живот да се види добар живот се внедри во главите и на оние работници чиј животен стандард им овозможува да почувствуваат само мал дел од „магијата“.
За реализацијата на ваквиот масовен консумеризам е платена огромна цена. Работниците и на глобалниот Север и на глобалниот Југ беа ангажирани да вршат одвишен труд во енормни размери за да се произведува огромна и растечка маса производи за еднократна употреба, со намерно произведен краток рок на траење и со свесен притисок што побрзо да станат демоде. Наместо да се произведуваат трајни и поправливи производи. Уште поштетно, ескалацијата на расипничкиот карактер на капитализмот, што него го издигна до статус на геолошка епоха (капиталоцен), предизвика такво безумно арчење на природните ресурси што доведе до драстично нарушување на климата и шесто масовно изумирање на видовите во историјата на Земјата!
Во третата деценија од 21 век ние мора да ја искористиме буквално последната шанса што ја имаме за да спречиме забревтаниот воз на капитализмот да нѐ однесе во провалија нас и целиот жив свет на планетата. Но, во разбирањето на оваа наша обврска еден од бедемите на имобилноста е токму капиталистичката визија за добриот живот. Огромни маси експлоатирани луѓе не гледаат алтернатива на оваа визија за добриот живот и, не знаејќи алтернатива, мислат дека поинаквото живеење нужно се сведува на аскетизам. Следствено, не придонесуваат самите кон промените што треба да ги направат, и на индивидуален и колективен план, дури и кога ја разбираат опасноста што ни виси како Демоклов меч над главите.
Оттука, и непроценливата важност на потребата да се преобмисли концептот за добар живот. Социјалистичката визија за добриот живот треба да покаже не само дека постои алтернатива на капиталистичката визија, туку и дека живеењето поинаку од капиталистичката матрица истовремено значи да се живее подобро. Далеку од тоа да биде аскетизам, таа отвора такви можности за поинакво и подобро живеење што јасно ја разобличуваат капиталистичката визија како празна илузија, како перпетуиран круг на краткотрајно задоволување со купеното и континуирано незадоволство поради непоседувањето на поновиот гаџет, што во меѓувреме го изнеле на пазарот.
Среќата со пари не се купува. Највредните работи во животот се бесплатни. Кога овие изреки ќе почнат да се третираат не како убави, но празни флоскули, туку како водечки принципи за реорганизација на сопствениот живот, тогаш можностите кои се отвораат се непроценливи. Одеднаш станува јасно дека може помалку да се работи, помалку да се троши, а да се живее поубаво. Тогаш се руши и капиталистичката дефиниција на богатството во смисла на натрупани пари и предмети и станува важен стремежот да се стане богат како човек: да се биде богат со знаење и мудрост, да се има големо срце, да се живее во љубов со партнерот, да се имаат пријатели, да се учат нови вештини, да се има работа која исполнува, да се постигне внатрешен мир. Сето тоа со пари – не се купува. А кога ќе се стане богат како човек, тогаш се сфаќа колку богатиот во капиталистичка смисла е сиромашен како човек и колку очигледно капиталистичката визија за добриот живот е само илузија, чија намена е да овозможи трупање профит за капиталистите и да обезбеди легитимитет за системот.
Социјалистичката визија за добриот живот ќе остане само празно зборување ако самите социјалисти не ја интернализираат и практикуваат. Кој не е подготвен да го промени сопствениот начин на живот и да се ослободи од оковите на капитализмот, тој не може да го менува светот. А ние се соочуваме со ургентна потреба, во контекст на климатската криза, да раскрстиме со расипничкиот капитализам и да воспоставиме поинаква и подобра цивилизација која може да го означи почетокот на вистинската човечка историја.
Здравко Савески
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).