Дијалог со Зоран Василевски по повод Денот на падот на Бастиља
Зоран Василевски по професија е адвокат, а по политичко убедување е социјалист. Тој беше основач и член на Прездиумот на политичката партија Левица додека не се случија поделбите и преземањата. Денес на предизборниот молк ние решивме да не молчиме, па дискутиравме за општатата политичка култура во нашата држава и нивото на јавната дебата, а по повод Денот на падот на Бастиља или отпочнувањето на Француската буржоаска револуција.
Никола Шиндре: „Василевски, имаат изминато повеќе од два века од Француската револуција преку која што се сменил светскиот поредок и од тогаш до денес човекот е и граѓанин. Какви предуслови се потребни за еден човек да ги ужива своите граѓански права?“
Зоран Василевски: „Во учебниците по историја додека бев основно одделение (значи некаде до крајот на 90-тите), историјата се делеше на стар век, среден век, нов век и најнов век. За почеток на новиот век беше земена Француската буржоаска револуција (1789г.), а за почеток на најновиот век беше земена Октомвриската социјалистичка револуција (1917г.). Подоцна, за време на средношколските денови забележав дека поделбата нов/најнов век исчезна од учебниците. Некаде при крајот на средното школо за прв пат беше воведен предметот граѓанско образование. На факултет прв пат се соочив со едноумието на граѓанското образование, во кое веќе застарените идеи на француската буржоаска револуција се претставуваа како нови, најнапредни идеи. Несомнено транзицијата како алатка за реставрација на капитализмот, социо-економски не врати на позициите од 19-тиот век, а идејно политички и уште поназад. Така, работниците и новопечените газди станаа граѓани со наводно исти права и одговорности. И додека транзицијата е рај на земјата за капиталистите – идеално време за акумулирање што повеќе капитал, за работниците транизијата е пекол на земјата. Идеалот на најновиот век е загубен, па горката реалност е следна: работниците од другари, станаа непријатели на работното место, резервната армија на трудот им дише во врат на вработените кои за да го задржат работното место не се ни осмелуваат синдикално да се организираат, уште помалку да протестираат. Губењето на идеалот на најновиот век ги насочи работниците да посегнат по идеалот на граѓанството, религијата, нацијата. Севкупно, чуствувам дека граѓанските права кои ги „уживале“ народите на овие простори во првата половина од 20-тиот век (на преминот од феудализам во капитализам) ги „уживаме“ и денес. Уживаме секако во наводници, затоа што и тогаш се гласало на повеќепартиски избори, меѓу едно одење во црква или џамија, до друго одење во војна за големодржавните идеи во интерес на локалната буржоазија. Оттаму, на прашањето какви предуслови се потребни за еден човек да ги ужува своите граѓански права, ќе одговорам на следниот начин: граѓанските права се само обланда на безмилосната експолатацијата, лажна надеж за работниците дека во буржујскиот парламент може да се изберат свои претставници, лажна надеж дека постои тројна поделба на власта (Монтескје), лажна надеж дека постои општо избирачко право (без имотен цензус) кога гласови се купуваат ко стока на кванташки пазар. Граѓанските права слободно можам да кажам дека не постојат, затоа што онаа класа (капиталистичката) која ја замени феудалната преку општата парола за еднаквост, слобода и братство, сега не е класа која го развива општеството, туку напротив, сака да го конзервира граѓанското општество како што тоа се трудела да го направи секоја владејачка класа пред заминување од историската сцена. Затоа се сосема шупливи граѓанските пароли (за демократија, владеење на правото, слобода на говор и слично), затоа што не одговараат на историскиот контекст во кој живееме, а тоа е доцен капитализам кога и на најнеуките им е јасно дека горенаведните вредности ги уживаат само оние кои владеат, а не оние кои се владеани. Губењето на идеалот на најновиот век за работниците значеше старен истрел да влезат во матрицата на индивидуализмот за социјален трансфер, од една во друга класа. Но и таа догма веќе губи на сила (и најнеуките не веруваат веќе во приказната за мали и средни претпријатија и секој свој газда). Нема место на врвот на класната пирамида, улогите се распределени веќе. Така што јакнеење на класната свест за неопходноста за рушење на класната пирамида и губење на стравот дека нешто може да се загуби (освен оковите нели)…. тоа се предусловите потребни за извојување човечки права на достоинствен и исполнет живот.“
Н. Ш. Од формирањето на Македонија се случија речиси револуционерни скокови во однос на просветата и културата, кодификацијата на македонскиот јазик, отворањето на првиот универзитет, основањето на културните установи, изградбата на студентските домови. Каква била тогаш перцепцијата за јавното, а особено за просветата и културата?
З. В. Кога човек чувствува дека учествува во нешто големо (во револуционерно изградување на новото општество), логично перцепцијата за јавното е на сосема друго ниво од она што го сведочиме денес (реакционерно рушење на сите придобивки и грабење на се што беше изградено во рамките на заедничката федерација). Национално ослободување одело рамо до рамо со социјалното ослободување, излегувањето од земјоделската патријархална заедница одела рамо до рамо со електрификацијата и индустријализацијата. Ентузијазмот е лесно променлива категорија. Тенка е линијата меѓу вербата за неограничен развој и апатијата за неограничено пропаѓање која ја чувстуваме сите денес. Па, оттаму и револуционерните скокови кои ги спомна, веројатно не изгледале од тогашна перспектива епохални, како што изгледаат денес.
Н. Ш. Од осамостојувањето се случија два процеси што го означија процесот на транзиција – денационализацијата и приватизацијата. Како овие процеси влијаеја врз просветните и културните политики во нашата држава?
З. В. Приватизацијата на претпријатијата (започната со владеењето на СДСМ 1993 – 1998) и денационализацијата на национализираните имоти (започната со владеењето на ВМРО 1998 – 2002) претставуваат еден ист процес, кој подоцна го допре образованието (во прв момент преку приватни факултети, а подоцна и со приватни гимназии). Овие процеси, колку што ми е познато, ја одминаа културата, логично, како најслабо профитна гранка, но и тука партизацијата си го направи своето. Притоа, не смее да се испушти од вид каузалната врска меѓу државниот буџет од една страна (ограничени финансии за образованието и културата), и семејниот буџет од друга страна (кога во т.н. потрошувачката кошничка нема доволно ни за намирување на трошоците за храна и сметки, а камоли за школување и културно издигнување).
Н. Ш. Нашето образование е едно од најлошите во Балканот, а тоа неминовно е резултат на ниските вложувања. Како да се подигне нивото на политичка дебата за да можат студентите да се изборат за подобар студентски и академски стандард?
З. В. Катастрофалната состојба во која се наоѓа образованието, не е резултат само на ниските вложувања. Ете, случајно интевјуто го започнав со објаснување за моето основно и средно образование кое се одвиваше од 1993 година до 2005 година. Значи ја имав таа „чест“ да бидам очевидец на низа процеси на деградација на образованието, и во периоди кога добивавме бесплатни учебници. Имено, образованието систематски започна да се уништува со воведувањето разни Оксфорд и Кембриџ програми затоа што добро се сеќавам како изгледаа учебниците во основно и средно. Конкретно, учебниците во основно беа баш учебници, со многу текст и графикони, карти, со поглавја „ако сакаш да знаеш повеќе“ или други придружни помагала како атласи, историски читанки или збирки задачи по математика или физика. Ја имав таа несреќа да бидам прва генерација од рефоримираното средно образование, кога добивме бесплатни учебници, кои повеќе наликуваа на џебни книжулиња и сликовници. Мотото на граѓанското општество е „децата надвор од политиката“, но што е со популарната култура на филмови, серии и музички/спортски идоли кои секојдневно го опкруживаат младиот човек? И наместо сите овие аномалии да ги исправи високото образование, таму од заседа чекаше Болоњската декларација и ЕКТС системот, кој идните академски граѓани ги претвори во бројки и собирачи на кредити, наместо во мислечки субјекти кои треба да го реобмислуваат општеството, да го менуваат и унапредуваат… Сепак реалноста не може да биде филмувана во целост. И покрај сето горенаведено, студентските протести и окупации од 2015 година создадоа студентски лидери кои и денес (кој повеќе кој помалку) ја брануваат политичката сцена со своите авангардни размислувања, сосема различни од мејнстим политиката која како штетна брза храна секојдневно ни ја сервира владејачката класа.
Н. Ш. Честите изборни циклуси ја намалија заинтересираноста на граѓаните за политичкото. На изборите се нуди многу малку и речиси ништо не се исполнува. Каков однос спрема изборите треба да градат младите?
З. В. Постои разлика од еден изборен циклус до друг изборен циклус. Довербата во изборниот процес не е линеарно опаѓачка. Статистиката вели дека излезноста на парламентарните избори 2016 беше поголема од претходните парламентарни избори. Точно е дека од 2008 наваму имаме само и само предвремени парламентарни избори, кои ги изморуваат гласачите, кои од големите предизборни наративи добиваат мали трошки или допонително губат права и претходно стекнати придобивки. Дополнително, кампањата исполнета со бомби, колку што ја разгоре политичката сцена во 2016 во насока на поголема излезност, толку и ја разори истата таа сцена 4 години подоцна.
Затоа што светот останува на младите, клучно е прашањето каков однос спрема изборите треба да градат младите. Она „младите се движечка сила“ треба да се сфати дословно, затоа што младите неврзани за работно место, одгледување семејство – деца или стари болни родители, се послободни за политички ангажман споредено со повозрасните. Идејата на изборите (да се изберат претставници кои ќе го пренесат гласот на своите избирачи во собранието) теоретски е добра, но во практиката дебело потфрла. Затоа младите парламентот не треба да го гледаат како единствен светилник што ќе ја осветли нивната иднина. Особено не ако политичките партии им се обраќаат единствено од билборди, спонзорирани фб објави и телевизиски спотови.
Конкретно, студентите се идни работници. Економската депресија чука на вратата. При непроменети општествено-економски односи, многу поверојатно е дека наместо да најдат вработување, ќе добијат уште еден невработен член во семејството. Економската депресија нема да биде само локален, туку и глобален феномен. Тоа ќе значи и намалување на можноста егзистенцијата и благосостојбата да се обезбеди преку заминување во странство. Затоа повикот младите да се вклучат во веќе постоечки револуционерни организации или да изградат нови, не е веќе прашање на теоретска дискусија, туку е прашање на практична нужност.