домаКолумниЗа непосредна демократија преку е-предлог уредба со законска сила на 10.000 граѓани!

За непосредна демократија преку е-предлог уредба со законска сила на 10.000 граѓани!

 

Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.Граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување“ – член 2 од Уставот
Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата  и најмалку 10.000 избирачи“ – член 71 од Уставот.
  1. Што значи член 71 од Уставот во услови на прогласена вонредна состојба?

Скоро секогаш, кога се зборува за демократијата, истата се сфаќа низ призмата на парламентаризмот, т.е. на правото еднаш на секои четири години да се избираат претставници за кои се претпоставува дека треба да владеат, да носат одлуки и да креирааат политики во корист на граѓаните од кои го црпат суверенитетот. Па така, прашањето „дали има демократија“, често се поврзува со слободата на гласањето и слободното избирање на овие претставници. Во услови на одложени парламентарни избори на неодредено време и во услови на прогласена вонредна состојба, треба да си го поставиме неколку прашања:

  1. Дали ваквото поимање на демократијата е доволно?
  2. Дали ваквото поимање на демократија е дозволиво особено денес, имајќи ја предвид, од една страна, концетертацијата на сета моќ во извршната власт, а од друга страна, секојдневното носење уредби со законска сила кои директно ги погодуваат граѓаните…
  3. Дали вонредната состојба е вовед во диктатура или само нужност за справување со опасниот вирус?

Во ставот 2 од членот 2 од Уставот, непосредната демократија се поставува практично на исто рамниште како и посредната, бидејќи се вели дека граѓаните власта ја отстваруваат преку демократски избрани претставници и други облици на непосредно изјаснување.

Но Собранието е распуштено веќе еден месец. Пред неколку дена Претседателот прогласи вонредна состојба, што и даде можност на Владата да носи уредби со законска сила.Со други зборови, парламентарната демократија веќе не постои ниту на хартија, а моќта и одговорноста за носење јавни политики одненадеж се концетрираше единствено во извршната власт.

Но дали со прогласената вонредна состојба е суспендирана демократијата?Конечно, дали со прогласената вонредна состојба е суспендиран Уставот?

Секако дека не е! Ниту демократијата, ниту Уставот! Оттаму, членот 71 од Уставот и натаму важи! Имено, во услови на прогласена вонредна состојба, 10.000 граѓани и натаму се овластени предлагачи, ако не на закон, тогаш на уредба со законска сила! Се работи за екстензивно толкување на Уставот, затоа што во вонредна состојба суспендиран е парламентот, но граѓанските права не се! Може да се зборува за ограничување на нивните права, но во никој случај не може да стане збор за нивно целосно укинување! Во случајов, владата ги презема ингеренциите и обвските на парламентот, а една од ингеренциите и обврските на парламентот е да одлучува по предлог закон на 10.000 граѓани. Така да, во услови на прогласена вонредна состојба, 10.000 граѓани се и натаму овластен предлагач на закон/уредба за законска сила!

Но прво за момент да фрлиме поглед на фактичката состојба.

Издадени се препораки со сила на наредби. Имено, веќе не се работи за препораки за самоизолација, туку се работни за директни наредби, имајќи ги предвид дневните полициските патроли кои разбиваат и најмали собири на граѓани, а воведен е и полудневен полициски час. Се работи за наредби за задолжително седење дома имајќи го предвид и јавното жигосување од страна на медиумите за граѓаните што наместо да седат дома, излегле пред зградите и во парковите.

Сето ова го прави сосема неможно остварувањето на уставно загарантираното право од членот 71 од Уставот. Собирањето потписи и нивно евидентирање во подрачните единици ширум Републиката, би значело собирање повеќе граѓани на едно место, нешто што е невозможно, имајќи го предвид и фактот што, прво, граѓаните нема себе си да се изложат на опасност од зараза, колку и да им значи инцијативата, а второ, полицијата би го разбила таквото собирање.

  1. За електонско собирање на потписи на 10.000 граѓани. За е-предлог уредба со законска сила!

Министерствата и останатите институции веќе ги унапредуваат своите веб страници со цел да го сведат личното поднесување барања и документи на минимум, а во насока на целосно обезбедување можност тековните барањата на граѓаните да се поднесуваат електронски. Имајќи го предвид копјутерско-технолошкиот развој, ваквата реформа е сосема остварлива, доколку граѓаните го прифатат предизвикот да го подигнат своето ниво на користење на интернетот. Тука мислам на повозрасните граѓани, затоа што за останатите граѓани, видно од процентот во кој активно учествуваат на социјалните мрежи, може да се заклучи дека 2/3 од населението веќе на сосема солидно ниво го користи интернетот.

Дополнително, според последните податоци на Државниот завод за статистика, 84% од домаќинствата имаат интернет конекција! Ова значи дека во услови на задолжителна самоизолација и препораки движењето да се сведе на неопходен минимум, над 80% проценти од граѓаните имаат можност како никогаш досега да практикуваат директна демократијата. И не само тоа. Во услови кога извршната власт веќе започна со носење уредби со законска сила што значат закана за голата егзистенција на граѓаните, во услови кога е суспендирана парламентарната демократија, токму дирекната демократија е неопходната контратежа на сега апсолутната извршна власт.

  1. Над 35.000 граѓани бараат воведување ефтина тарифа на струјата за време на вонредната состојба.

Инспирација за овој текст ми беше оваа изненадувачки популарната петиција

https://www.change.org/p/%D0%B5%D0%B2%D1%82%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D1%82%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%84%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%82%D1%80%D1%83%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D0%BE%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%B5-%D0%B2%D0%BE%D0%BD%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%98%D0%B1%D0%B0-tarif%C3%AB-e-lir%C3%AB-e-energjis%C3%AB-elektrike-gjat%C3%AB-situat%C3%ABs-t%C3%AB-jasht%C3%ABzakonshme?recruiter=552076514&utm_source=share_petition&utm_medium=facebook&utm_campaign=psf_combo_share_abi&utm_term=psf_combo_share_abi&recruited_by_id=53c23550-2b0b-11e6-b882-8be211b936ec&utm_content=fht-20976813-en-us%3Av10&fbclid=IwAR1ZjHlQPNLmFgx1WH02s3excAoLfM5HOVDXb_AYOnGdy1FPrec4T8Ms65g

Од текстот на петицијата:

Задолжителноста на самоизолацијата, подразбира задолжително останување дома во текот на речиси целото деноноќие. Тоа значи повисоки режиски трошоци (повисоки сметки за струја, вода, греење итн.).Затоа бараме од владата вонредната состојба да ја искористи преку донесување низа уредби со законска сила за помош на населението преку социјални трансфери. Но, пред да се донесат истите, неопходни се итни мерки кои треба да се донесат веднаш!
Во прв ред тоа е воведување ефтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие, а со цел да се спречи негативниот економски ефект на самоизолацијата – зголемени износи на сметките за струја.Сметаме дека оваа мерка може да се донесе веднаш!

Петиција која беше покрената во саботата, до денес (понеделник) ја поддржаа над 35.000 граѓани. Без да се спонзорира, единствено преку шерување од фб профили за 48 часа петицијата стана вирална.

Се поставува прашањето, дали ваквите петиции треба да останат на милост и немилост на сега апсолутната власт? Дали суверенитетот и натаму произлегува и им припаѓа на граѓаните?

Затоа да сумираме:

Потребно овозможување на електронско собирање потписи на 10.000 граѓани како овластени предлагачи на уредби со законска сила.

Овозможувањето на ова уставно загаранирано право на граѓаните не би требало да биде факултативна обврска за извршната власт, туку треба да биде задолжителна обврска. Извршната власт сега е на потег да докаже дека вонредната состојба не е вовед во диктатура, туку само неопходност за справување со опасниот вирус.

 

Автор: Зоран Василески,

магистер по уставно право и политички систем

 

RELATED ARTICLES