Жените, војната и комунизмот
(8-ми Март – ден на жената и антивоен датум)
Револуционерниот потенцијал на жените
Денес кога се зборува за жената и нејзината општествена положба, таа најчесто се разгледува во опсегот меѓу жените традиционални домаќинки и жените успешни деловни претприемачи. Пример, секоја година постои избор на т.н најжена. И критериумот за избор повторно е вештината во кујната (пример: награда за најдобар рецепт/ најубава торта) или вештината во бизнисот ( пример: жена на годината – најуспешен претприемач).
Иако револуцинерен потенцијал постои кај секој угнетен човек, оттука и кај секоја угнетена жена, сепак патријархатот и традицијата од една страна, и капитализмот од друга страна, имаат доминантно влијание врз свеста на жените денес. Оттаму, мал е револуционерниот потенцијал на жените кои традиционалните вредности ги прифатиле како природно свои. Воедно, мал е револуционерниот потенцијал кај жените кои сакаат да станат успешни во постоечкиот капиталистички систем, врз грбот на другите, жени или мажи – сеедно.
Затоа, револуционерниот потенцијал го гледам во жените работнички. И за ова имам потврда во историјата. Пример, сте слушнале за Франуската револуција од 1789 и Руската февруарска револуција од 1917 година. Она што ги спојува овие револуции генерално се две работи:
Прво, овие револуции започнуваат со марш и протести на жени.
Второ: исходот на овие револуции е, воспоставување република преку отфрлање на две повеќевековни монархии, Бурбонската династија во Франција и династијата на Романови во Русија.
За време на Првата Светска Воjна, Царска Русија била индустриски заостаната земја, во коja постоеле длабоки општествено–економски противречности, таа многу заостанувала зад другите капиталистички земjи во Европа. Тешките економски, социјални и политички прилики во Русија, биле причина и за големите порази на руската воjска на фронтот. Тоа не му сметало на царскиот режим, поради што настојувал за продолжување на воjната и покраj големите загуби. Ваквата политика и покраj поразите на фронтот – предизвикала големо незадоволство, како кај мажите во редовите на воjската, така и кај жените што работеле во фабриките. Се појавило и општо незадоволство кај широките народни маси, кое се манифестирало преку многуброjни штраjкови и демонстрации против царскиот режим и воjната. Демонстрациите достигнале кулминација во февруари, по стар, односно во март, по нов календар, 1917 година. На 23 февруари, односно 8 март 1917 година избувнал генерален штраjк на работниците во Петроград, денешен Санкт Петербург. Жените го предводеле овој протест со паролата „леб и мир“.
8-ми март како антивоен датум
8-ми март не бил одбележан со протест само во 1917 година, туку и во 1913 година, кога жените ширум Европа одржале мировни собири пред почетокот на Првата светска војна.
Едни од најгласните противници на Првата светска војна, секако дека биле Роза Луксембург и Клара Цеткин. Пред Првата светска војна, во 1913 година Роза Луксембург ја напишала „Акумулацијата на капиталот“, дело во кое се објаснува движењето на капитализмот во насока на империјализам. Со почетоците на Првата светска војна таа заедно со Клара Цеткин верно застанале против социјал-шовинистичкото гледиште на германските социјалдемократи, кои ја поддржале германската имепријалистичка агресија.
Заедно со Карл Либкнехт, Роза Луксембург и Клара Цеткин ја напуштиле Социјалдемократската партија и ја формираат Групата Интернационала, која подоцна се преименувала во Спартаков Сојуз и кој, наспроти верноста кон националната власт на официјалната социјалдемократија, агитирала за германските војници да го свртат оружјето против својата влада и да ја соборат. Во 1919 година ја формирале Комунистичката партија на Германија.
Денес повторно се води империјалистичка војна, а ставот на комунистите и социјалистите е јасен исто како за време на Првата светска војна. Тие остро се спротиставуваат на последните случувања во Украина, не завземаат империјалистичка страна во овој судир, туку заземаат антивоена и проработничка страна. Како што кажале Роза и Клара, работниците и војниците треба оружјето да го свртат кон сопствената владеачка класа.
8 март како Интернационален ден на жената
Интернационалниот ден на жените 8 Март се одбележува како празник на економската, политичката и социјалната рамноправност на жените.
Првите поголеми демонстрации за правата на жените биле организирани во 1908 година во САД, од страна на социјалистките.
Денот на жените почнал да се празнува во 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и во Данска и тоа на 19 март, а од 1917 година се одбележува на 8 март, по предлог на Клара Цеткин.
Обединетите нации го прогласиле 8 март за меѓународен ден на жените во 1975 година. Жените тогаш на масовни собири претежно во западниот свет бараа право на работа, иста плата за иста работа, еднакви можности за работа и образование, слободно воспитување на децата и можност за бесплатно згрижување на децата, безбедна контрацепција и легална и безбедна можност за абортус.
Од досега напишаното, и земајќи ги во предвид историските факти, се забележува нераскинливата врска помеѓу антивоените протести пред и за време на Првата светска војна, и борбата на жените за постигнување на социјална и економска рамноправност. А како водачи на овие движења и протести секако дека се јавуваат жените социјалисти, кои остро се спротиставиле на Првата светска војна како империјалистичка и кои жестоко се бореле за постигнување на целосна рамноправност на жената.
Жените и комунизмот
Освен проблемите и предизвиците кои се однесуваат на работничката класа како целина, социјалистичките организации подеднакво ги третираат и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат жените поради тоа што се жени. Ова се должи на свесноста на социјалистите за двојната експлоатаација на жените, како од капитализмот, така и од патријархатот и традицијата. Во оваа смисла, постоењето на социјалисти жени, кои се исто така работнички жени и кои не се изземени од проблемите што произлегуваат од тоа да се биде жена, е исто така важно за будење на масите работнички жени и нивно вклучување во организираната борба.
За социјалистите, особено важно е организирањето на работничките паралелно со закајнување на нивната класната свест и политичко знаење. Ова од причина, не само затоа што жените сочинуваат половина од работничката класа, туку и затоа што кризите на капитализмот не можат сами по себе да доведат до револуционерно движење и победи без масовна вклученост на жените.
Организирањето на жените за социјална и политичка борба е основна задача на социјалистите. Сепак, социјалистите не го расцепкуваат и не го формализираат истото. Имено, тие не прифаќаат изолирање на жената во самата класа и во класната борба, туку напротив, го поддржуваат суштинското зајакнување на жените во работничките и политички организации. Поради оваа причина, социјалистичките партии и организации се ослободени од сите формални прописи кои даваат привид за рамноправност, како на пример квотите кои всушност ги понижуваат жените. Наместо формалното исполнување квоти, токму преземањето поголема политичка и организациска одговорност ги зајакнува жените, а со тоа се зголемува и нивната способност за трансформација на средината од која доаѓаат.
Најбитна карактеристика на жените социјалисти е нивната класна свест. Жените социјалисти многу често ја превземаат и улогата на водство. Па така историјата е полна со примери на жени социјалисти кои се бореле рамо до рамо со мажите за есенцијални прашања кои го засегаат целото општество. Жените социјалисти немаат посебни подсектори и подгрупи во социјалистичките организации и партии, тие имаат еднакви обврски и права, исто како и мажите социјалисти, а ова придонесува до целосната рамноправност на мажите и жените во рамките на организациите и партиите.
Иако е природно жените социјалисти да дојдат до израз во борбата за женско ослободување, сепак, треба да се напушти идејата дека женската борба им припаѓа само на жените. Во оваа насока, очиглени се лимитите до кои доаѓаат либерално- феминистички движења кои ја потценуваат потребата од вклучувањето на мажите во оваа борба. Напротив, борбата за женското ослободување може да биде успешна само со учество на сите работници, социјалисти, мажи и жени, кои ги разбираат корените на женската нееднаквост и угнетување и нивната нераскинлива врска во класната борба.
Иако денес демонизиран, комунизмот е единствениот спас за работничката класа, а со тоа и на жената, како рамноправен чинител на општеството. Затоа, работници, социјалисти и комунисти од целиот свет, обединете се против војните за профит, не дозволувајте да бидете пиони во рацете на империјалистичките интереси.
Џејлан Велиу