домаКолумниБидете будни, непријателот не спие!

Бидете будни, непријателот не спие!

Подлабокото класно и социјално ангажирано согледување на проблемите во светот го попречува наметнатата површна и популистичка идентификација на проблемите и идните опасности. Светската немаштија, бесперспективност, нееднаквост, несолидарност и неправда се согледуваат од национална, етничка, расна, религиозна призма. Сето тоа создаде плодна почва за повторно созревање на националистички, расни, религиозно фундаметалстички идеи. Националистите, расистите, неонацистите и религиозните фанатици светските проблеми, нееднаквости и неправди успешно ги дефинираа од свој агол. Така изнемоштените и обесправени социјални слоеви ги збија во сопствени табори и ги втурнаа во меѓусебни војувања и омраза. Многу автори веќе предвидоа минати судири на овие табори, а предизвикани од ваквите непосакувани фактори. Многу автори предвидуваат и идни судири предизвикани од споменатите актери, а меѓу националистичките, расистичките и верско фундаменталистички определените табори.

Мершмајер уште во 1990 предвидуваше судири во Централна и Источна Европа врзани за границите и за малцинствата, како и опасност големите сили да бидат вовлечени во локалните конфликти. Стравуваше дека националистичките страсти може да ја вратат Европа кон агресивните политики од минатото. Во вековното буре барут, Балканот, југословенската сложена заедничка држава изврши скок од назаден капитализам, зависна економија и политика на претежно аграрно стопанство во забрзана индустријализација, релативно самостојна надворешна политика во меѓублоковскиот простор и внатрешна промоција на братство-единство и социјално ангажирани политики. Сепак, Мершмајеровите стравувања се остварија во најлош и незамислив дотогаш вид за време на 90-тите години на XX век.

Светското население, децении наназад најмногу стравува од развивањето и евентуалната повторна употреба на атомска бомба, но она што на најголемиот процент од светското население му се случи е експлодирањето на социјална бомба на невработеност и сиромаштија. Сè поголемата нееднаквост, нерамномерниот развој, зголемување на јазот меѓу енормно богатите и очајно сиромашните ги дава причините за сè поизвесна социјална отколку нуклеарна катастрофа.

Пол Кенеди стравуваше за иднината во која на државно ниво „од една страна на линијата на разграничување ќе се најдат релативно мал број богати, задоволни и демографски стагнантни општества, а на другата ќе останат голем број сиромашни, со исцрпени ресурси нации, чии популации се удвојуваат на секој дваесет и пет години или побрзо“.

Роберт Каплан на класно и на ниво на социјални слоеви „очекува анархична иднина предизвикана од масовни миграции и држави пред колапс. Криминалните активности, девастираната природа, и недостатокот на вода за пиење ќе бидат клучни проблеми на новиот век“. Според него „криминалната анархија е на хоризонтот“.

Социјално загрозените слоеви во една таква ситуација се оддаваат на сива економија и полесни видови криминал како единствен начин за обезбедување егзистенција. Кога отворениот пазар не ја презема врз себе обврската за што поголема вработеност, тогаш тука се организираните криминални групи, мафии (со распространети мрежи на светско ниво – како пандан на транснационалните корпорации) кои преку црната економија и разни други инкриминирачки дејствија, покрај мултимилионските профити за водачите обезбедуваат и основни парични средства и заштита за ниските социјални слоеви кои се исклучени од благодетите на глобализацијата.

Верскиот фундаментализам, пак, секогаш ги прибира во својата прегратка потиснатите и социјално обесправени слоеви. Така и денес, при воскреснатиот западен имепријализам, муслиманите на Блискиот Исток чуствуваат дека се исправени пред нови крстоносни војни од Западот. При ширењето на нееднаквоста, зголемувањето на моќта на западните земји и нивното мешање во муслиманските земји и масовното осиромашување на цели региони под влијание на глобализацијата, јакне солидарноста меѓу муслиманските земји и меѓу муслиманите во светлото на своето муслиманско учење. Инаку, воопшто, САД низ целиот свет исталираа свои послушни владејачки структури, а каде има потреба, создаваа и финансираа воени пучови и свои производи кои ги загушуваа локалните народни изборни победи/социјални побуни и се спротиставуваа на советската опасност. Едни такви производи, подоцна, материјално снабдени, воено и вежбовно во муслиманскиот свет, како Франкештајн, се одметнаа од својот господар, како што беше случајот со талибанците во Авганистан. Воинственото и насилно крило на исламот ги прескокнува своите државни граници и својот отпор го манифестира напаѓачки преку теороризмот кој, во една дијалектичка врска, истовремено претставува и светска опасност и алиби за планираното ширење на западните империјалистички интереси.

Расизмот повторно е широко распространета појава не само меѓу народот – староседелците на Европа, туку сето тоа е поткрепено и со дадени изјави и преземени мерки на високи државници.

Земјите во транзиција и од третиот свет преку миграциите губат значаен дел од својата работоспособна популација и ненадоместлив дел при т.н. „одлив на мозоци“. Долгот на државите расте, а за најголем дел од нив извесно е дека никогаш не ќе можат да го исплатат. Современиот капитализам масовно произведува невработеност од една страна, а од друга страна, крати на социјални трансфери и ја уништува социјалната држава.

Денешниот капитализам продуцира несигурност на работните места, голема невработеност, ослабната социјална политика и државно немешање во штетните последици на пазарот (слично на 30-тите години на минатиот век, т.е. периодот на големата светска економска криза). Во едно такво опкружување нацизмот денес повторно добива крила и свои приврзаници, неопходни фрајкорпси и штрајкбрехери за идното групирање и јакнење социјалистичките идеи меѓу работниците.

Воедно, историјата ни’ предочува интересна и фатална замка. Десницата на Западот, како традиционален приврзаник на капиталот, им даде одврзани раце на транснационалните корпорации во потрагата по единствената признаена вредност – профитот да ги преместуваат своите производствени капацитети надвор од матичните земји. Невработеноста во Европа има највисока стапка во последните децении. Историјата е иронична, моменталата ситуација е контрадикторна. Денес десничарите имаат голема поддршка во Европа поради нивните популистички политики и ветувања за заштита на домашното население кое е под наводен притисок да не ги загуби своите работни места поради емигранитите. Гласачите во Европа се ставени во замка да гласаат за своите џелати, за партиите чии внатрешни политики го срушија западниот модел на државата на благосостојба (со што ги одврзаа рацете на пазарот и корпоративното самоволие) и со чии глобални политики го докрајчија источниот социјалистички модел (со што потикнаа нов огромен бран емигранти во потрага по леб и работа на Запад). Европската десница, како резултат на своите неолиберални политики, им ги врза рацете на домашните работници во невработеност или растечка расна омраза поради очајот да се задржат работните места. Не препознавајќи ги нејзините политики како едни од главните причинители за денешната последица, истата таа десница денес сè уште ужива најголема доверба во гласачкото тело. Но, таа доверба е на стаклени нозе. Како што е на стаклени нозе сета пропаганда на ширење страв и параноја против прогресивните идеи.

Нови поделби по национална, верска, расна и секаква основа ќе има. Со будност и трезвеност да им се спротиставиме…

 

Автор: Зоран Василески

RELATED ARTICLES