
Членови на редакцијата на Гласни идеи, пред извесно време ги посетија гробиштата Пер Лашез во Париз каде се наоѓа Ѕидот на Комунарите, па по повод 155 години од преземањето на власта од страна на вооружени работници и прогласувањето на Париската комуна (18 Март 1871 година), ја објавуваме оваа фоторепортажа.
Париската комуна била светилник во тогашната реакционерна Европа на монархистички империи. Укината била ноќната и детската работа, укинато било лихварството, биле направени први чекори кон гарантирање на еднаквата општествената положба на жената со мажот. Црквата била целосно оттргната од образованието кое станало во целост државно и секуларно, додека претпријатијата од рацете на индустријалците кои побегнале од градот – биле предадени во рацете на работниците.
Работничка власт во Париз издржала 70 дена, односно од 18 Март до 28 Мај 1871 година, кога крваво била задушена, додека десетици илјади комунари, мажи жени и деца, биле убиени или осудени на доживотни затворски казни. Задушувањето на Париската комуна бил еден од најкрвавите настани на 19-от век, а токму на овие гробишта погубени биле 147 комунари, каде биле фортифицирани.
Освен комунарите во непосредна близина на овој значаен споменик погребани се и други комунисти, антифашисти, борци од Шпанската граѓанска војна од интернационалните бригади, како и борци во Втората светска војна и жртви на Холокаустот.









Историски контекст за париската комуна
80 години после големата француска буржоаска револуција во Парис во 1871 година се случил обид за голема социјалистичка револуција, позната како Париска комуна. На 18. март 1871 година била прогласена Париската комуна, првото освојување на властта од страна на вооружени работници. Работничката власт во Париз издржала 70 дена, односно, од 18. март до 28. мај 1871. година, кога крваво била задушена, додека десетици илјади комунари, мажи, жени и деца биле убиени или осудени на доживотни затворски казни. Задушувањето на Париската комуна бил еден од најкрвавите настани на 19. век.
По поразот на француско-пруската војна, која ја започнал Наполеон III, француската влада за национален спас пристапила кон разоружување на Париската национална гарда, која ја сочинувале 200.000 вооружени парижани. Гардата во главно ја сочинувале индустријски работници и занаетчии, кои одбиле да ги предадат пушките и топовите. Под влијание на радикалните социјалистички политички кругови, вооружените парижани ја протерале реакционерната влада од градот, а нејзините министри нашле времено засолниште во Версај. По такви услови, практично се започна граѓанска војна, меѓу ројалистите, крупните капиталисти и остатоците од империјалната војска, наспроти републиканците и социјалистите во Париз. На 18. март 1871. година прогласена е Париската комуна, со која раководел Централен комитет и Советот на Комуната од 92 избрани делегати, комунари.
Опсадата на градот и останатите воено-политички предизвици со кои се соочувала новата работничка власт не биле пречка да се донесат револуционерни мерки. Напротив, Париската комуна била светилник во тогашната реакционерна Европа на монархистички империи. Укината била ноќната и детската работа. Укинато било лихварството, биле направени први чекори кон гарантирање на еднаквата општествена положба на жената со мажот. Црквата била целосно одвоена од образованието, кое останало во целост државно и секуларно, додека претпријатијата од рацете на индустријалците кои побегнале од градот биле предадени во рацете на работниците.
Карл Маркс и Фридрих Енгелс посветиле особено внимание на Париската комуна. Впрочем, единствената исправка кон Комунистичкиот манифест авторите ја направиле 20 години после неговото објавување, а врз основа на револуционерното искуство на париските работници. Во предговорот кон Германското издание на манифестот од 1872 година за авторите, Париската комуна докажала дека работничката класа не може просто да ја преземе готовата државна машина и да ја пушти во движење за свои сопствени цели.
За Марксовите гледишта, како современик на пролетарското востание на париските револуционери, пишувал и Ленин во едно од своите најзначајни дела Држава и Револуција. И покрај претходните предупредувања до француските другари да не кренат неспремно и преурано востание и дека судир во тој момент со владините сили би бил кобна грешка, сепак на 18. март 1871. година, кога на париските работници им бил наметнат решителен бој против присилното разоружување, Маркс немал дилеми што треба да се стори. Тој ја поздравил пролетарската француска револуција како сјаен пример на историската иницијатива на народните маси. Сепак, тој во масовното револуционерно движење на француската престолнина пред сè гледал како на важно класно историско искуство, на еден значаен чекор напред, практичен чекор, поважен од стотици програми и замислувања на класната борба или на едно комунистичко општество.
Впрочем, нејзиниот несомнен успех е неизбришливиот траг во свеста на револуционерните слоеви на работничката класа во секоја епоха. Од Крагуевачката самоуправа од 1875 година, првиот обид на Балканот за воспоставување работничка самоуправна власт, преку агитациски летоци на руските револуционери од 1905 и 1917 година до антифашистичкото движење на отпорот во Париз за време на Втората светска војна, но и за време на студентското движење од 1968 година. Слободно може да се каже дека Париската комуна беше инспирација за револуционерите во наредните 100 години, а во одредени случаи и директно влијаеше врз политичките процеси во Европа.
Денес, ова е намерно заборавена револуција, која е тргната од историските учебници. Како и да е, треба да се влечат поуки од Париската комуна. Нејзините искуства, социјалните норми, но и тактичките грешки, потребно е и денес да ги има предвид секое револуционерно работничко и младинско движење, да се разбере сложената општествена историска ситуација, да се разбере своето место во неа за да се дејствува организирано, навремено, подготвено и насочено кон јасна цел. Тоа е повторно уште една од поуките на неуспехот да се одржи подолго првата работничка власт – Париската комуна.
Домување во Париз и социјалната хиерархија
60 проценти од зградите во Париз се во изградени во Хаусманов стил. Хаусман бил француски буржоаски државник назначен од страна на Наполеон III кој во 19 век вовел радикална програма за урбанизација на Париз, и наредил сите згради да бидат изградени во еден ист стил и структура кој ја пресликува социјалната хиерархија на буржоаското општество. Па така најдолу се наоѓаат самите дуќани, ресторани, бутици итн, над нив на вториот спрат живеат газдите на дуќаните или најбогатите буржуи од сопственичката класа, третиот спрат е за битни личности, адвокати или за канцеларии односно буржуи од средната класа, од четвриот спрат веќе за работниците со своите фамилии кои работат за газдите, а најгоре под самиот кров во најмалите соби од само неколку квадрати живеат хигиеничари или мајстори, со заеднички тоалети и „микроапартмани“ во кои во лето е премногу жешко, а во зима премногу ладно.


Проблемот со домувањето Париз го влече и ден денес, каде овие газди ги докупија и претворија зградите во апартмани и соби за изнајмување за привремен престој, особено неодамна со влезот на пазарот на платформните монополи за рентиерство како “AirBnb” и “Booking”, па така таму дури може и да се рентаат „микроапартмани“ од 8 квадратни метри, со нехумани услови за живот. Штетата од трката за профит и буржоаските политики и ден денес ја трпи париската работничка класа, за која животот во Париз стана прескап, па беше принудена да се пресели во некои од предградијата и да патува до работните места по најмалку 1 час.
Штрајкови во Лувр и работничкиот отпор
Во Франција работничката класа не седи мирна и се организира, по стотици години буржоаска опресија, ги научила своите лекции кои ние сеуште не успеавме, дека штрајкот е најсилното оружје на синдикално организираните работници. Па така културните работници на најпознатиот париски музеј Лувр, во повеќе наврати оваа година изведоа неколку часовен штрајк поради недоволен персонал во музејот, ниските плати, лошите работни услови и работното време, како и недоволната грижа од страна на менаџментот за целокупната уметничка колекција што резултираше со општетувања и кражби. Ефектот веднаш беше забележан, со губиток од најмалку 1 милион евра профит за газдите во најголемиот музеј во светот со навидум мал шопинг центар.






Што се однесува на работничкиот отпор видлив од улиците на Париз, нашиот објектив успеа да „фати“ еден постер на една анти милитаристичка и анти НАТО демонстрација, како и еден графит во една од работничките населби со натпис „Капитализмот ми го уништи животот“.


Автор: М. Ј.
Бонус видео за Париската комуна:

