домаФоторепортажа(ФОТОРЕПОРТАЖА) КАРЛСХОРСТ БЕРЛИН – 81 ГОДИНА ОД ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ

(ФОТОРЕПОРТАЖА) КАРЛСХОРСТ БЕРЛИН – 81 ГОДИНА ОД ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ

Членови на редакцијата на Гласни идеи, по повод 9 Мај – Денот на победата над Фашизмот, го посетија Музејот на безусловната капитулација, основан во 1967 година од страна на советските трупи во Источна Германија. Музејот, со текот на времето, зависно од политичките промени во Германија и Европа, го менуваше својот назив, за после повлекувањето на последните советски трупи во 1994 година, да го носи денешното име Музеј Берлин Карлсхорст.

Лоциран во месноста Карлсхорст (Источен Берлин), Музејот го чува споменот за настанот кој го означи крајот на Втората светска војна во Европа, доцна ноќта на 8 Мај во Берлин, кога веќе било 9 Мај во Москва поради разликата во часовните зони – бил потпишан Документот за безусловната капитулација на Нацистичка Германија од страна на началникот на Вермахтот Вилхем Кајтел, маршалот на Црвената армија Георгиј Жуков и началникот на британските воздухопловни сили, маршал Артур Тедер.

Карлсхорст – седиште на Црвената Армија во Берлин, во периодот 1967 – 1990, служел и за воено-политичка едукација на советскиот воен персонал во Источна Германија. Затоа, образовната програма на музејот вклучува и обиколки на околното подрачје и опфаќа теми поврзани со повоениот период и Студената војна. Затоа, можат да се забележат многу траги од оваа поранешна употреба на музејот кои вклучуваат внатрешна изложба на советска облека и лесна воена опрема и голема надворешна изложба на тешка артилерија, во градината на музејот.

Во периодот 1990 – 1994 година, судбината на Музејот била неизвесна. Сепак, Сојузна Република Германија и Руската Федерација се договориле за продолжување на неговата заедничка употреба и музејот бил повторно воспоставен под спонзорство на германско-руско здружение. Во 1997 година во неговото програмско одржување се приклучиле и Р. Белорусија и Р. Украина.

Денес, покрај постојаната Изложба во спомен на крајот на Втората светска војна, музејот редовно организира бројни други настани, како обемна образовна програма за ученици и возрасни, вклучувајќи историски тури, работилници, вечерни предавања, презентации на книги и кино проекции.

RELATED ARTICLES