домаФоторепортажаФоторепортажа: Средба на Грамос планина

Фоторепортажа: Средба на Грамос планина

Долгогодишното соборништво со другари и другарки од грчката организација за Комунистичко Ослободување, сестринската организација на нашата Социјалистичка Зора, често резултирало со меѓусебни средби, политички активности како и бројни дружења меѓу членовите. Ова лето не беше исклучок. Па така на 30-ти aвгуст 2025 година, на денот на завршетокот на граѓанската војна во Грција, тројца другари тргнавме кон селото Денско (Аетомилица на грчки јазик), највисокото село во Грција сместено на падините на  планината Грамос на 1430 метри надморска висина. Двајца членови од Социјалистичка Зора и еден член на Револуционерниот Комунистички Сојуз (РКС) присуствувавме на една политички и историски многу значајна средба на која освен членови на Комунистичко Ослободување, присуствуваа другари и другарки од уште 2 други левичарски организации ширум Грција, меѓу кои и членови на Комунистичката Партија на Грција. Кампот беше организиран со голема политичка цел: од една страна оддавање почит на борците кои се бореле за Демократска армија на Грција (ДАГ) за време на граѓанската војна и поддршка на мештаните од селото во одржување на споменот за историјата и одржување на селото во живот, а од друга страна давање на активен отпор против присуството на фашисти во Денско кои не само што сакаат да го прослават падот на Демократската Армија, туку и активно ги вознемируваат и напаѓаат селаните.

После долг пат по грчките автопати, патот не одведе кон еден дел од Грција што обично не ни доаѓа во мисла кога се зборува за оваа земја, низ која се простираат плажи по долгите морски брегови. Поминавме низ висока шума, меѓу високи планини а во околината сретнавме малку села и знаци дека некој живее во тие предели. Фактот дека веќе беше пладне и сонцето беше високо на небото, допринесе да толку убавите бои и планинскиот воздух ни остават впечаток на восхит и внатрешен мир. Но како што тргнавме по планинскиот пат кој водеше кон селото, нависнаа темни облаци,и се спремаше силен дожд. Уште во тој момент го почуствувавме силното влијание на природата и се загриживме дали би стигнале безбедно во селото каде било седиштето на слободната грчка држава – визија на комунистичките борци од граѓанската војна. Таму бил генералниот штаб на Демократската Армија на Грција која се борела за ослободување од класната поделеност, и против империјализмот и грчката буржоазија која створила сојуз прво со германскиот окупатор за време на Втората Светска Војна, а после 1945 била продолжение на  пипците на големите британски и американски империјалистички подвизи. Борците сакале да воспостават социјалистичко уредување и да го подобрат животот на грчкото население што било јасно уште во годините на нивната борба (1946-49), кога успеале да оформат две раководни тела на Слободна Грција: Народната самоуправа и Народното правосудство. Животот на луѓето во ослободените делови ширум Грција значајно се подобрил. Се организирале локални совети, се практикувало заедничко живеење, фокусот бил ставен на едукација и инфраструктура. Жените добиле исти права со мажите а народот демократски одлучувал за различни прашања.

Стигнавме во селото а силниот дожд и ветар повеќе не беа важни бидејќи го видовме насмеаното лице на наша другарка која нè пречека и одведе во една од селските таверни. Таму седеа многу другари и другарки засолнети од дождот а при самиот влез впечаток ни остави ентериерот на местото: дрвени маси и столици, прозорци со неверојатен поглед кон планинските ридови и падини, а на ѕидовите многу слики од партизани и украси со некој носталгичен изглед. 

Веднаш добивме покана да се искачиме малку повисоко во друга таверна каде можевме да јадеме и да се напиеме топло кафе. Трчавме по дождот низ камените улици, меѓу камените куќи а само што пристигнавме нè пречека познатиот глас на многу близок другар извикувајќи поздрави на македонски јазик. Се запознавме со нови луѓе и имавме интересни политички дискусии за состојбата во Македонија и Грција, за нашите организиции и политички ставови, за Југославија а секако и за граѓанската војна.

Веќе беше време да се вратиме на местото каде што планиравме да кампуваме. Повторно поминавме низ селските сокаци но овој пат со водич – претходно споменатиот другар кој беше еден од главните организатори, полн со историско и политичко знаење ни направи тура покажувајќи ни го главниот плоштад, седиштето на ДАГ, истовремено раскажувајќи ни различни приказни за борбата. Но, додека патувавме низ овој предел, а и сега при таа прошетка, ние бевме збунети поради впечатокот дека не сретнуваме многу население, а целата таа пространа природа изгледаше како да стои гордо недопрено, покажувајќи ги само своите планински врвови. Малото село изгледаше како да останало недопрено од новиот век, но на две места имаше модерни детски игралишта останати празни од дождот. Подоцна добивме повеќе информации. Денско е едно од влашките планински села каде се водела борбата на комунистите. Како што се проширувале огнените трескоти на пушките, многу од населението го напуштило овој предел. Многу села биле исселени од страна на непријателот, но и комунистичките борци кои биле загрижени за безбедноста на тамошното население, спровеле евакуација на мештаните особено на децата со цел да се спасат и преживеат. Па така многу луѓе ја напуштиле Грција преку планината и заминале во Албанија, а низ годините голем дел од грчкото население се нашло и во други земји како Југославија и земјите на Советскиот Сојуз. Интересен е фактот што сегашните жители на селото се потомци на партизаните од Втората светска војна и борците на ДАГ од граѓанската војна, нешто што придонесува особено во нивното залагање за зачувување на историјата и животот во селото. Во граѓанската војна во Грција се бореле и многу комунисти од македонско етничко потекло а голем дел од нив загинале на планините Грамос и Вичо, положувајќи ги своите животи за заедничката борба, за социјализам.

Вечерта мештаните имаа организирано средба на која се дискутираше за тоа дека богатата и значајна историја треба да се промовира а селото треба да се одржи во живот од страна на новите генерации. Жителите на Денско доаѓаат тука во летните месеци, додека зимите ги поминуваат во своите домови во егејскиот дел и делот на регионот Тесалија. Во зима останува само еден 60 годишен човек кој го чува селото а друштво му прават неговите кучиња.
Жителите сметаат дека селото треба да се зачува преку колективизмот и колективизација на производните дејности. Се зборуваше и за потенцијално отворање на селото за историски туризам, но можеби најважни дискусии беа оние за спречување на потенцијалната приватизација на изворите за вода (моментално снабдувањето на вода е од планински извори и целосно бесплатно) и градењето на планински пат што значително ќе ја уништи природата во овој предел. Вечерта се заврши со голема дружба во дворот на таверната, со политички дискусии, песни, смеа, а другарите од грција ни покажаа неверојатно гостопримство.

Наредниот ден се разбудивме многу одморени и ја почувствувавме благопријатноста на планинскиот воздух. Отидовме на утринско кафе а планинската тишина и свежината после дождот не може да се опишат со зборови. Јас отидов на другиот крај од дворот и застанав на работ од рид под кој имаше голема широка падина после која се издигнуваше уште еден повисок рид, целиот со различни нијанси на зелена боја. Стоејќи тука добив вртоглаво чувство на перспектива. Колку ли се чувствував алиенирано од природата и колку време сум поминала затворена во градските улици, обавувајќи некакви обврски а викендите сум ги поминувала дома пробувајќи да се одморам од брзиот живот. Шансата да стојам тука на тој планински раб ја доживеав како многу голема привилегија. 

Следеше последниот дел од планот. Планинарење до Арена – еден од врвовите на Грамос кој се издигнува на околу 2100 м.н.в. Поради краткото време, моравме до некаде да отидеме со автомобили а потоа да се искачуваме. Нема да лажам, тоа делуваше како предизвик. Јас одамна не сум планинарела а силниот ветер ни беше постојан придружник до горе. Планината како да имаше начин да се забавува со нас зголемувајќи го предизвикот после секој искачен рид кој од долу делуваше како да е врвот а всушност после него следуваше уште еден и уште еден нов повисок рид. Во секој момент кога добивав мисли да се откажам помислував на сите борци кои ги искачувале овие планини натоварени со муниција, под постојана закана од непријателот и под влијание на временските услови. Тие ги поминувале овие предели и ноќе под единствената месечева светлина, а јас чуствував тешкотија само да се искачам до горе без никаква тежина од мунициска опрема. На тие планини Демократската Армија на Грција го добила последниот удар од Грчката Национална Армија со помош на американска воена опрема. Американската армија таму за прв пат во историјата употребува бомби со непалм што претставува еден од одлучувачките фактори поради кои комунистичките борци не успеваат да го победат непријателот. Постојат документарни филмови каде веќе остарените борци сведочат за суровите дејствија на војната. Една жена зборува за тоа како другарката од ДАГ во маглините на планината го препознава својот брат кој се бори за непријателот,  а  во истиот момент е убиен пред нејзини очи од ранет командир на истиот тој непријател.

Најпосле го искачивме и последниот рид и стоевме на стрмниот планински врв. Од тука во далечината можеше да се види врвот Пелистер како и планината Олимп. Погледот беше неверојатен и вредеше за секој изморен здив. Таму на стрмните карпи застанавме за слика со другариге од Грција, сите заедно држејќи платно на кое пишуваше „Крвта на борците на Демократската Армија на Грамос – извор за инспирација и храброст за упорната класна борба се до комунистичко ослободување“.

Го веевме и Палестинското знаме. Во сеќавањето на пролеаната крв во граѓанската војна, не смееше да се заборави и една од најголемите катастрофи на овој век – геноцидот врз палестинскиот народ. Палестинската борба е борба на сите нас. Стиховите на македонската песна „Грамос Вичо планина, гламна ме направија“ неизбежно потсетуваат на страотната судбина на палестинците кои ги изгубија своите најмили од раката на израелскиот и американскиот империјализам:

„Грамос Вичо планина гламна ме направија, а за моите најмили вечно ќе си болувам.

Ах да сум пиле в Егеј да си одлетам, свеќа да им запалам, честа да им направам.

Баба ми и дедо ми живи ги запалија, а на Вичо загина братчето ми најмало…

Најстарата сестра в Серес ја затворија, а на Грамос планина либето ми загина…“

Викендот траеше кратко а веќе моравме да тргнеме назад за Скопје. Како што завршуваше август, заврши уште една сезона на чести посети во Грција и заеднички активности со членовите на Комунистичко Ослободување. Кампот лично за мене беше спој на политички активности, историски осврт како и можност да се сретнам со многу драги пријатели. Како што веќе спомнав постојано се зборуваше за зачувување на историјата, па можам со сигурност да кажам дека кај мене се постигна таа цел. Веднаш по самото враќање чувствував потреба да прочитам што повеќе информации за граѓанската војна и должност таа историја како и искуството од кампот ги раскажам на моите другари и другарки тука.

Како што започнува септември, следат многу нови активности во нашите кругови. Социјалниот центар „Дуња“ оваа година слави 9 години постоење, новиот читачки клуб на Социјалистичка Зора започнува нова читачка година, а борбата за Палестина продолжува можеби посилна од претходно. Останува и ние да го вратиме гостопримството на другарите од Грција и да ги пречекаме тука каде што ќе организираме заеднички активности како и да направиме историска тура низ Македонија посетувајќи историски значајни места и споменици. 

Борбата продолжува а нашата меѓусебна солидарност ни дава поттик и храброст. Би завршила со познатата реченица од Манифестот на Комунистичката Партија: Историјата на сите досегашни општества не е ништо друго освен историја на класните борби!

Автор: С. Н.

RELATED ARTICLES