Интервју со Тилен Маухар член на Партиципативната љубљанска автономна зона ПЛАЦ и на студентската социјалистичка организација Искра.
Џејлан Велиу: Тилен, ти си дел од Автономната зона ПЛАЦ. Од кога постои ПЛАЦ и која е идејната основа и цел? Како функционира?
Тилен Маухар: Партиципативната љубљанска автономна зона ПЛАЦ е сквот или заеднички центар на заедницата каде што се одржуваат политички, културни, социјални и спортски програми. Сквотиран е затоа што во градот Љубљана недостасува простор кој не би функционирал според принципите на потрошувачката логика или би бил заробен во еден тон бирократија за каква било активност.
ПЛАЦ веќе беше окупиран летото 2022 година, а јавната окупација се случи на 3-ти септември истата година. Идејата за потенцијален нов автономен простор беше замислена од мала група на поединци, кои првично се фокусираа главно на логистичкиот аспект на окупацијата, но во случајот со јавна окупација беше преземено целокупното управување, одлучување и содржина од страна на заедницата на ПЛАЦ, која преку повеќе од две години активност се формираше во силна и хетерогена целина.
Во ПЛАЦ највисоко тело е собранието кое се одржува еднаш неделно. Секој член на заедницата е добредојден (што е широк опсег на луѓе, бидејќи не е точно дефинирано кој е, а кој не е член на заедницата) и одлучува за тековните оперативни прашања и ги носи сите одлуки поврзани со таа заедница. Меѓутоа, еднаш месечно се одржува големо собрание на кое се разговара за пошироки политички теми, размислувања или посложени прашања со кои се соочува ПЛАЦ. Освен на собранијата, работата е поделена и во неколку работни групи (работни групи за програма, медиуми, политика, инфраструктура и безбедност) кои се занимаваат со специфични одговорности.
Во моментот на јавното заземање на просторот, сопственикот на ДУБД (Друштво за управување со банкарски долгови), односно државното претпријатие, тужеше 46 лица кои полицијата ги легитимираше за неовластено поседување. Судскиот процес продолжува и до ден денес, затоа што процесот од непознати причини се одвива исклучително бавно. На почетокот повеќе институции кои носат одлуки и политички партии, меѓу кои и владејачката партија Левица, јавно го поддржаа сквотирањето на овој простор. Сегашната неолиберална влада вети во коалицискиот договор пред да ја преземе власта, дека ќе ги заштити автономните простори. Очигледно тоа не го наметнува, бидејќи во спротивно на автономниот простор би му се помогнало на секаков начин, наместо само да се шлука со рацете.
Џејлан Велиу: Какви активности организирате и дали соработувате со слични центри во Словенија и на интернационално ниво?
Тилен Маухар: Во просторот се одвиваат различни програми; сè од политички предавања, циркуски вежби и претстави, проекции на филмови, панк концерти, излети, тренинзи за боречки вештини и работилници за безбедна комуникација на интернет. Програмата се одржува речиси секој ден, а од основањето до сега се одржани повеќе од 1.000 настани.
Просторот служи како своевидно место за средба на сите активистички организации кои работат кај нас. Обезбедува инфраструктура за состаноци, обуки, подготовка на акции и слично. Пред само неколку недели во ПЛАЦ се одржа првиот Форум на организации чија цел е поврзување и изнаоѓање начини на соработка помеѓу сите активистички (леви/социјалистички) организации во Словенија.
Во Словенија бројот на слични заеднички или социјални центри е релативно мал. Имаме добри односи со тие што се, учествуваме на настани и понекогаш се среќаваме, но за жал нема толку длабинска соработка. Главната пречка за тоа е географската дисперзија низ земјата. Најмногу што можеме да кажеме е дека соработуваме со АКЦ Метелкова (Автономниот културен центар Метелкова), кој е еден од најстарите сквотови во Словенија, во чии рамки функционираат многу здруженија и организации. За жал, голем дел од Метелкова последните години стана комерцијален, најголем дел од нивните активности се организирани за профит. Сепак, некои политички места, концертни сали и организации сè уште работат автономно и се организирани на локално ниво, со кои ПЛАЦ има добри односи. Меѓутоа, речиси и да нема интернационална интеграција со слични центри и простори.
Џејлан Велиу: Распадот на Југославија, меѓу другото, значи и распаѓање на нашите информации за политичките и економските настани во вашата земја. Можеш ли да ја опишеш политичката и економската ситуација во Словенија денес?
Тилен Маухар: Национал-капиталистичката контрареволуција ја направи Словенија, како и сите други републики на СФРЈ, од силна и главно независна држава, и економски и политички, во земја подредена на западните економски, политички и воени влијанија.
Во првите години по транзицијата од социјализам во капитализам, започна процесот на распродажба на словенечката сопственост, или на локалната компрадорска буржоазија или на транснационалната буржоазија, иако овој процес на денационализација и приватизација се одвиваше помалку брутално отколку во другите републики на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и поранешните земји од Варшавскиот пакт. Како резултат на тоа, последиците од овие процеси на почетокот не се манифестираа толку силно, туку постепено станаа посериозни и полоши (што се рефлектира со моменталното влошување на јавното здравство и неподносливиот проблем со домувањето).
Словенија, како што знаеме, е членка на главните институции на колективниот империјализам предводени од Соединетите Американски Држави, а тоа се секако НАТО и ЕУ. Словенија им се приклучи во 2004 година. Во односот помеѓу центарот и периферијата во светот, Словенија ја зазема позицијата на полупериферна земја, бидејќи нејзината економија е типична за периферните земји, а сè уште е дел од политичките, воените и економските институции на центарот.
Сето тоа доведе до раскинување на односот меѓу словенечкото и македонското општество, бидејќи едноставно веќе нема меѓусебно политичко влијание. Република Словенија, иако се претставува како независна и демократска земја, во последните децении стана слуга на Брисел и Вашингтон.
Од своето основање, политичката моќ на словенечката држава речиси редовно наизменично се менува помеѓу општествено-конзервативната политичка опција (која не е суверенистичка, туку секогаш е подредена на институциите на центарот) и класичната неолиберална опција, која се претставува како прогресивна, и во некои случаи дури и социјал-демократски. Во секој случај, се појавуваат слични материјални ефекти.
Дури и сегашната влада, која ја вклучува партијата Левица заедно со неолибералната партија и „социјал-демократите“, не се разликуваше од владите пред неа. Левица или нејзините претходници, беа надежта на многу социјалисти кога беа основани во 2014 година, бидејќи тие претставуваа вистинска политичка опција, или барем потенцијал за неа, за прв пат по отцепувањето од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Меѓутоа, во текот на деценијата од нејзиното постоење, партијата стана само уште една парламентарна партија за која веќе не може да се каже дека е социјал-демократска, туку повеќе или помалку активно учествува во одлуките на актуелниот политички естаблишмент и повеќе не ги претставува социјалистичките опции.
Џејлан Велиу: Каква е состојбата и стандардот на работниците? Дали се организирани во синдикат или во некоја друга форма, има ли активна работничка борба?
Тилен Маухар: Просечната нето плата во Словенија е околу 1.500 евра, а минималната нето плата е околу 900 евра.
Составот, како и секаде, зависи од материјалната позадина на секој работник. Тоа значи дека најголемиот дел од работниците кои вршат небезбедни, опасни и други работи каде што често се прекршуваат работничките права или воопшто не постојат, се од мигрантско потекло. Односно или од земјите на поранешна Југославија или од земјите од Третиот свет.
Во Словенија има два главни проблеми на синдикатите. Првиот е поделбата на синдикатите по гранки, што доведува до поделба на работниците кои се членови на синдикатот. Секаков вид „обединета“ борба овде се одвива само во синдикалните штабови, а навистина ретко на улиците меѓу масите. Вториот главен проблем, сепак, е економизмот, односно борбата за само економско подобрување на работничката положба, а не за политичко подобрување (а камоли за укинување на класното општество). Овие два, крајно испреплетени проблеми, се главните фактори кои ја спречуваат заедничката политичка борба на работниците во Словенија, макар и таа да е сепак реформистичка.
Меѓутоа, во некои индустрии, членството во синдикатот е исклучително многу. На пример, најголемиот синдикат, Синдикатот за образование (СВИЗ), брои дури 37.920 членови.
Единствената синдикална организација во Словенија која се занимава и со политичко образование и со политичка борба на организираните работници е CEDRA (Центар за општествено истражувања). Нивниот фокус е на работниците во малопродажба, како и на работниците од областа на личната асистенција и културните работници.
Џејлан Велиу: Какви се перспективите за младите во Словенија во однос на политичкото организирање на класна основа?
Тилен Маухар: Специфична околност што во оваа форма постои само во Словенија е студентската работа. Ова е несигурна работа со која може да се снајде секој млад човек во процесот на школување. Де јуре е наменет како „стекнување работно искуство“, но де факто е главниот, ако не и единствен извор на приходи за многу студенти. Во исто време, оваа работа не вклучува речиси никакви работнички права и често е цел на злоупотреба на тие права што ги има студентскиот работник.
Стамбениот проблем во Љубљана и во сите поголеми градови низ Словенија е неподнослив. Просечно за една соба треба да се одвојат 300 евра месечно, а во студентските домови има долги редици, па ни тие не се многу достапни.
Генерално, младите се свесни дека ситуацијата е неподнослива, но политичкото организирање сè уште е работа на релативно мал дел од младите. Сепак, точно е и дека ситуацијата е подобра од последните неколку години, бидејќи постојат дури две студентски и младински социјалистички организации, Студентска Искра и ЛДС (Листа за демократско студентство,) кои работат на ширење социјалистички идеи и практики меѓу ова општествена група.
Клучната работа на која мораме да работиме како млади социјалисти е политизирање и активирање на луѓето надвор од етаблираните малограѓански и културни кругови, но пред се оние кои доаѓаат од работничката класа.