домаСтавНационалистичкото предизборие

Националистичкото предизборие

Овие избори, како и претходните (2020), ги обележува една константа во нашата држава кога станува збор за мобилизацијата на граѓаните и егзекуцијата на тоа што се нарекува демос. Човекот кој гласа на избори и избира платформа, структура, организација, корпус на идеи и/или проекција за иднината, е учесник во т.н. демос. Константата која ја следи тој демос, чии уши се начулуваат секогаш кога ги слуша клучните зборови кои упатуваат до идеите за кои тој демос со години е навлекуван и разигруван (во смисла на анимирање).

На овие избори, како и на претходните идеите на национализмот вирееја од сите страни.

Суверенитетот – израз со кој особено македонските етнички партии (ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Знам и останати национално освестени структури) оперираат веќе речиси 7 години. Тој суверенитет подразбира своевидно хиерархизирање во рамки на демосот. Имено, дека една група во демосот има приоритет при избирање, затоа што државниот апарат нужно и следува. Операцијата е често без логички аргументи, економските аргументи можат да бидат само декор (иако во контексти на изолационистички национализам, се доста клучни), со додадени метафизички релации (Македонија на Македонците; Македонија се вика Македонија, затоа што е на Македонците) и со антиполитички дедукции (Албанците имаат две држави, оваа не е нивна, е наша) кои влечат резонанци до репатријациски нахалности.

Така, суверенитетот е прегазен, затоа што демосот кој има приоритет и порелевантна демократска моќ, поради таа претходно нафрлена претпоставка со метафизички карактеристики не е докрај почитуван, ниту како негова волја (хомогенизација – нешто што е невозможно!), ниту како негова акција. Во таа низа, различни популизми (Ние-Тие), го составуваат и го хиерархизираат статусот на внатрешната структура на демосот, идеите кон кои се интегрираат овие (два, три или повеќе елементи на демосот) и меѓусебниот судир.

Метафизичката алка на спојување со значителна консеквенца: „Наша држава“, прави една есенцијално поврзување на идентитетот на порелевантниот народ како дел од демосот и државниот апарат, кој ги гарантира идентитетските својства на порелевантниот народ – продукција на култура, продукција на митови, продукција на политика во име на конзервирање на сите досега споменати содржини (нашата држава да продолжи да биде наша, на порелевантните, на оние кои немаат друга држава и татковина).

Во таа насока, „Македонија Горда“, „повторно твоја“, „да се слуша македонецот“, се една страна од паричката, на која се доградуваат и други „платформи“, фантазматски соработувајќи со националистичките митолошки проекции (наратив). Иако некои ќе тврдат дека национализмот има економска основа, што во зародиш на времето кога се создаваат идеите на национализмот како еквивалентен на т.н. првобитна акумулација, економското објаснување со т.н. отворање на економски граници за олеснета трговија и нови акумулации на капитал е минато. Малите држави кои не се во состојба да произведуваат самостојна економија, сопствена автентична култура и можности да обезбедат безбедност и одбрана на своите граници и граѓани, ја тривијализираат таа идеја на суверенитет, автономија и економски национализам (од кој накрај останува само некој мит, расказ, приказна).

Албанските партии од друга страна, исто така се повикуваат на национални преференции, со сопствено разбирање за т.н. суверенитет. Суверенитетот за нив исто има наративна структура, со глорификација на моментот на добивање на тој т.н. суверенитет, Охридскиот рамковен договор и борбата на УЧК. Од друга страна, суверенитетот за македонските партии исто има своја историја, Илинденско востание и НОБ-АСНОМ. Охридскиот договор од друга страна ги позиционира Албанците како составен дел со Македонците во однос на привилегии кои државните институции треба да ги промовира, односно односот на Албанците и нивните митови во релација со државниот апарат.

Тоа што ги прави сите скаламуции во оваа насока е дневнополитичкиот циркус и предизборното култивирање. На тој начин, претпоставената релација Македонци=Македонија, плива на површина задавајќи една сериозна реинтерпретација на тезата на односот на „народите и народностите“ со државниот апарат, за кој едните сметаат дека по дефиниција им припаѓа, другите сметаат дека по дефиниција истиот мора да биде неутрален и во одредени околности да испорачува промоција на привилегии и митологија еквивалентно. Овие вториве имаат исто така свој националистички обрач во кој се влезени, односно дека тие претставуваат интереси и гласови на чисто етнички групации, а дека за другите „многу многу не ги занима“.

Тоа што е значајно за меѓу-етничките односи е тоа дека претходно споменатата хиерархизација на демосот, често поттикнувана од страна на десни националистички иницијативи, е дека почива на неразрешени историски интерпретации. Не станува збор за далечната историја, туку за поскорешната, односно за 2001 година и Охридскиот рамковен договор. Војната во 2001 година, во наш контекст, нема заедничко поимање, главно од страна на Македонците и Албанците. За тоа, политичките групации и иницијативи, придонесуваат главно, но и останати едукативно-научни инстанци. За грото Македонци 2001 е фингиран конфликт од големите сили за да ја урнисаат унитарната македонска држава и оние кои се борат во први борбени редови (УЧК) се терористи. За Албанците е востание во кое статусот и улогата на Албанците се поместува на ниво на Македонците, ползувајќи рамноправност. Едното и другото се исклучуваат очигледно, но и едното и другото не се поднесуваат во заеднички контекст на политички реалитет. Иако Македонците изгледаат како страна која не го прифаќа ОРД, исто и Албанците имаат проблеми со вредносните координати на истиот. Непочитувањето на државните знамиња, кршењето на плочите на Карпалак, заедничкото надминување на траумите од 2001 (жртви, расселени, штета врз меѓуетничките односи во етнички мешани градови итн.) и често немањето на широчина да се направи гест на зближување и на надминување на себеси во име на заедницата, претставува заемен стимуланс за паралелното интерпретирање и прифаќање на 2001 и ОРД. Од друга страна, пледирањето насочено кон анулирање на ОРД по секоја цена е исто националистички повик, „као демек АСНОМ“ и хиерархизација, односно супериоризација на една етничка заедница врз друга (смешни се тие блебетења на некои националисти: „сме се претвориле од нација, во етничка заедница“). Всушност, ОРД не се следи докрај ниту од Албанците, поради наметнувањето на императивот да се вклучат и другите, онаму каде Албанците се мнозинство.

Главните протагонисти, се офајдија од вметнување на овие националистички разбирања во дневно-политичкиот простор. Овие разбирања ги рушат и основните теориски дефиниции за тоа што е држава, нација (економска, политичка и митолошка), правда и еднаквост итн., и придонесуваат за зголемена конфузија во општеството.

Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.
Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.

Мариглен Демири

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.

RELATED ARTICLES