Кичево неколкупати било заземано од партизаните пред конечно да биде ослободено во ноември 1944 година. Првиот пат Кичево беше слободно од 11 септември до 2 октомври 1943 година, цели 21 ден, вториот пат од 1 до 6 ноември 1943 година, а третиот и четвртиот пат, непосредно пред конечното ослободување, на 1 септември и на 9 октомври 1944 година.
По капитулацијата на фашистичка Италија, нејзините војници се повлекле од Кичево, по што на 11 септември 1943 година партизаните влегле во Кичево. Тогаш Кичево станува дел од големата слободна територија, која се протегала на регионот Дебарца-Копачка-Маврово-Бистра и која, покрај Кичево, го опфаќала и Дебар. Влегувањето на партизанските единици во Кичево било доста впечатливо и целосно во духот на интернационализмот. Илија Топаловски пишува дека „при влегувањето на нашите снаги в град, целиот народ беше излезен на 5 километри пред Кичево и фрлајки цвеќиња и пеејќи борбени македонски и албански песни, ги дочека нашите борци. Тие историјски моменти ке останат за секогаш длабоко врежани во срцата на сите чесни Македонци и Албанци“.
По ослободувањето, во Народноослободителниот совет на Кичево биле избрани Ахмед Хоџа, Скендер Прешева, Реџеп Зајази и др., додека со воената команда на почетокот управувале Хамди Дема – командант, Реџеп Зајази – заменик, Умер Доми – Љума – комесар и Борис Алексовски заменик политички комесар.
По повод ослободувањето на Кичево, Штабот на Првата оперативна зона на 11 септември 1943 година издава Проглас за воспоставување органи на народна власт. Овој проглас, напишан од командантот на Штабот на Првата оперативна зона Хамди Дема, има рефлексии коишто според контекстот но и времето во коешто се пишувани се подлабоки дури и од Рамковниот договор. Во него, меѓу другото, стои дека (1) Кичево е преземен во рацете на македонско-албанските народноослободителни војски. (6) На секој локал ќе се стават македонски и албански знамиња. (10) Највисоката власт ќе биде македонско-албанскиот народно-ослободителен комитет, која ќе биде привремена додека не се избере нов комитет на демократски начин и слободни избори. (13) Привремената власт ќе биде составена од Македонци и Албанци. Известувањето од Главниот штаб зборува со голем восхит и пофалба за соработката помеѓу Албанците и Македонците, но и пофалба на слободата секој да може да ужива во слободата на истакнување на своите културни обележја. Така, во известувањето стои: „Одново во нашето Кичево се веат славните знамиња на Крушевската република и Скендер бег“.
Интересен е договорот за соработка помеѓу претставниците на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и водачот на кичевските балисти, Мефаил Шеху. Соработката се однесувала на одбраната на тогашната граница кон бугарската окупациска зона. Мефаил Шеху дал беса дека ќе соработува со партизаните и со својата единица бил распореден на тогашната граница со Бугарија над селото Премка. Според Масар Кодра, после митингот одржан во Кичево и Кичевско, 500 души млади Албанци се приклучиле на народноослободителната војска, меѓутоа со таа чета командувал Мефаил Шеху.
Целата оваа ситуација може да предизвика чудење. Како тоа партизаните да создаваат какви било сојузи со сојузникот на окупаторот? Како тоа оние против коишто се бореле до тој момент, да им станат сојузници? Водачите на народноослободителната војска ги претпоставувале реперкусиите но и историјатот на Мефаил Шеху и неговите политички ставови. Претпоставувале дека Мефаил Шеху никогаш не би додржал во сојуз со партизаните (комунистите). Тоа не го дозволува ниту идеолошката принципиелност. Мефаил бил националист кој сметал дека Кичево припаѓа на Албанија и дека со Кичево треба да управуваат само и само Албанци. Додека ставовите на лидерите на народноослободителната војска биле дијаметрално спротивни. Таа принципиелност не може да се прегази. Борбата на партизаните се водела за слобода на сите народи и за учество на сите народи во локалната и централната власт. Доколку во Кичево живеат Македонци и Албанци, тогаш и едните и другите ќе имаат претставници во власта, било тоа да е локална или централна.
Обидот да се привлече Мефаил со неговите воени единици беше во склоп на обидите на КПМ и военото раководство на НОВ, во летото и есента 1943 година, да ги привлечат кон себе и оние сили од редовите на бајрактарите кои барем се декларираа за антифашисти или беа проанглиски ориентирани. Со овој план се имаше за цел и албанските националистички сили, расположени против окупаторот, да ја прифатат заедничката борба против окупаторот. Инаку, случајот со Мефаил не е прва и единствена соработка на народноослободителната војска и балистичките групи. Слична соработка имало помеѓу Џемо Хаса и партизанските одреди во Западна Македонија, особено во Мавровско-гостиварскиот крај во јуни 1943 година. За истакнување е договорот на Џемо Хаса со Томо Ѓелај – Шумски, кој сепак не траел повеќе од три дена. Договорот предвидувал ненапаѓање на балистичките групи и партизаните. Имало идеја и за заедничко влегување во Гостивар на Џемо и неговите чети заедно со партизанските единици, меѓутоа не дошло до усогласување поради националистичкиот пристап на едната страна и интернационалистичкиот на другата. Тоа генерално е период кога и балистичките групи се вртат против италијанскиот окупатор и се борат против него. Овие сојузи со балистите колку и да се краткотрајни имаат своја инструментална цел. Целта е борба и победа над онаа најкрупна инстанца на моќ. Откако таа инстанца ќе се победи, потем полесно ќе биде да се победат останатите непријателски сили.
На денот кога балистичките трупи заедно со германските окупациони сили го напаѓаат Кичево, истакнати поединци од Кичевско како Хаџи Садику, Хаџи Ибиши, Реџеп Сопи, Ахмед Садику, Исмаил Максути и Мустафа Ејупи (сите со потекло од Кичевскиот крај) му испраќаат протесно писмо на Мефаил Шеху, нарекувајќи го човек којшто ја гази дадената беса на целиот кичевски народ и човек којшто сака да пролее невина братска крв. Имено, Мефаил, кога започнале нападите на балистичките сили, предводени од Џемо Хаса, на слободната територија во Кичево, без да знаат партизаните, преминал на страната на балистите. И од зад грб ги нападнал позициите на партизаните кои го бранеле Буковик. Овој напад бил уште поподол ако се има предвид дека Мефаил зел обврска во случај на напад од Гостивар од страна на Џемо, неговите луѓе да им помогнат на партизаните.
Соочени со посилниот непријател, партизанските единици се принудени да се повлечат од Кичево, но по еден месец, на 1 ноември 1943 година, единиците на баталјоните „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, баталјонот на Томо Ѓелај – Шумски, косовските баталјони „Рамиз Садику“ и „Боро Вукмировиќ“ повторно (по втор пат) го ослободуваат Кичево. Битките се многу тешки, но повторно се извојува победа. Вреди да се истакне дека во овие битки за ослободување на Кичево, покрај македонско-албански единици, учествувале и, како што пишува во извештаите на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, „братските косовски баталјони“. Во наредните денови се ослободуваат и неколку кичевски села, помеѓу кои и селото Зајас, родното место на Мефаил Шеху. Во борбите во Зајас, командантот на баталјонот Томо Ѓелај е тешко ранет и после два дена им подлегнува на раните. На 14 ноември 1943 година, еден дел од борците на Првата македонско-косовска бригада, која што била со мешан етнички состав, предводени од командантот Миха Михајловски ја нападнале касарната во Кичево. Германските трупи возвратиле со оган, после кратко време партизаните се повлекуваат без загуби. Истиот период (16 ноември) Првата македонско-косовска бригада ги напаѓа позициите на непријателот кај селата Кленовец и Извор. Војувала против Германците и балистите. Во овие борби, бригадата имала седум мртви и десет ранети борци.
Следната година, по двата неуспешни обиди за конечно ослободување на Кичево во септември и октомври, во раните утрински часови на 15 ноември започнуваат борбите за конечното ослободување на Кичево. Како што пишавме погоре, Шестата и Седмата Македонска бригада и Четвртата Албанска бригада го скршиле отпорот на балистите и го ослободиле Кичево. Тешки борби се воделе во селото Зајас. Таму Шестата Македонска бригада и Четвртата Албанска бригада со тешки борби до попладневните часови успеале да го заземат селото и да преминат кон Гостивар.
Така Кичево, после повеќекратни битки се ослободува, за тоа придонесуваат сите народности и граѓани на овие краишта. Слободата е скапо нешто, тешко се стекнува и лесно знае да го снема. Тоа го сфатиле и борците на НОВ и така заеднички ги глорификувале сите моменти на НОВ и братската желба за подобро утре.
Во продолжение, извадок од интервју од ДокуИдеи со Мариглен Демири, еден од авторите на книгата, во разговор на темата.