За да се разберат подобро причините за серијата воени удари во Африка, особено во поранешните француски колонии, објавуваме два извадока од книгата на Џејсон Хикел „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“. Книгата е достапна и во превод на македонски јазик, како издание на издавачката куќа „Аз-буки“.
Никоја западна сила не интервенирала во постколонијална Африка онолку колку Франција. Откако франкофонската Африка ја освоила формалната независност во 1960 година, Франција се плашела дека ќе ја изгуби контролата над ресурсите од регионот во корист на националистичките движења. Франсоа Митеран, министер за внатрешни работи во тоа време, славно признал во еден редок момент на искреност дека „без Африка, Франција нема да има историја во 21-от век“. За да спречи таков развој на настаните, претседателот Шарл де Гол и неговите наследници прикриено интервенирале, инсталирајќи вазалски лидери – исмевани во Франција како „црни гувернери“ – во новите независни африкански нации. Позната како Françafrique, оваа агенда била предводена од една тајна келија, на чие чело стоел Жак Фокар, главен советник за африкански работи, а финансирана од „Елф Акитен“, француската државна нафтена компанија (сега „Тотал“). Тие ги наместиле првите избори во Камерун и си го одбрале претседателот, Ахмаду Ахиджо, откако претходно го отруле неговиот главен противник. Франција го држела Ахиджо на власт 22 години за возврат на поддршката за француските интереси. Тие исто така си го одбрале првиот претседател на Габон, Леон М’ба, а кога тој починал, ја инсталирале диктатурата на Омар Бонго, кого го поддржувале 42 години за возврат на директниот пристап до нафтата на земјата, а која долго време била главен извор на француското богатство. Во Брегот на Слоновата Коска, Франција го држела на власт нивниот човек Феликс Уфуе-Боањи од 1960 до 1993 година.
Многу други африкански држави биле опфатени во скандалот Françafrique, вклучувајќи ги Нигерија, Гвинеја, Нигер, Конго Бразавил, Централноафриканската Република и, најважно, Буркина Фасо, една од ретките африкански земји кои успешно спровеле девелопменталистичка програма. Целиот размер на оваа широка мрежа од политичка корупција и државни удари не станала јасна до 1994 година, кога била разоткриена од француската истражна судика Ева Жоли во текот на нејзината значајна истрага на „Елф Акитен“ – она што „Гардијан“ го нарече „најголема истрага за измама во Европа од крајот на Втората светска војна“. Но, тоа не ја запре Франција да продолжи да се меша во африканските работи. Толку неодамна како 2009 година, Франција, според некои, ги поддржа наместените избори во Габон за да обезбеди синот на Бонго да дојде на власт по смртта на татко му, гарантирајќи ѝ на Франција и понатаму пристап до ресурсите на земјата.
Ова наследство ги комплицира некои од вообичаените претпоставки за африканската политика. Во западната имагинација, Африка е стереотипизирана како континент кој е заразен од корумпирани диктатори, со претпоставка дека Африканците можеби се премногу „примитивни“ за да ги ценат доблестите на демократијата од западен тип. Но, вистината е дека уште од крајот на колонијализмот, Африканците активно се спречувани да воспостават демократии. Наследството на владеењето на моќници во Африка е западна инвенција, а не домашна тенденција. Западните сили осуетија безбројни обиди за вистинска независност, а тоа фрла доста иронична светлина на историската слика на западот како светилник на демократијата и народниот суверенитет.
…
Скриената моќ на долгот
Кога ја објаснувам историјата на структурното прилагодување при предавањата и дебатите, секогаш ме прашуваат истото прашање: зошто земјите од глобалниот Југ би се согласиле на тоа? Зошто тие едноставно не се огласиле за неспособни за отплата на нивните заеми наместо да се потчинат на власта преку далечинскиот управувач на Вашингтон?
Технички, тие тоа можеа да го направат. Огласувањето дека се неспособни да го отплатат долгот ќе го ослободеше глобалниот Југ од стисокот на меѓународните банки, присилувајќи ги банките да ги апсорбираат последиците од нивното ризично позајмување. Но, во стварноста ова не беше опција, зашто секогаш ја имаше заканата од американска воена инвазија ако земјите одлучеа да се огласат за неспособни да го отплатат долгот. Сведоци на искуството на Иран, Гватемала, Конго и Чиле, владите од глобалниот Југ знаеја дека загрозувањето на економските интереси на Вашингтон – или, всушност, само на интересите на моќните американски банки – значеше да се покани можноста од државен удар поддржан од САД. Оваа закана секогаш беше многу реална. Светот во развој немаше друг избор освен да игра по правилата на Вашингтон.
Овој брутален факт се кристализира многу јасно во случајот на Томас Санкара, што потоа послужи како некој вид предупредувачка приказна. Кога станал претседател на Буркина Фасо во 1980-те, Санкара – 33-годишник познат по својата топла насмевка и трендовска беретка – прашањето на долгот го направи една од своите главни заложби. Од наклонетост познат како Африканскиот Че, тој е запамтен по својот говор што го одржа во Адис Абеба во 1987 година во седиштето на Организацијата на африканското единство, во просторија полна со шефови на држави и владини министри од целиот континент. Публиката била фрапирана од зборовите на младиот човек кој стоел толку храбро пред нив. Тој кажа работи кои тие никогаш не би се осмелиле да ги кажат. Некои си размениле погледи на шокирано неверување, други изгледале загрижени, половината очекувале дека ќе го убијат среде реченица. Неговата страст се брануваше низ просторијата, а кога заврши, публиката еруптира во громогласен аплауз. Речиси можеше да се почувствува раздвижувањето на револуцијата.
Санкара фрли железна ракавица пред нозете на претседателот на Франција, поранешната колонијална сила во регионот. Тој го предизвика постколонијалниот поредок, удирајќи во самата негова срцевина: долгот. „На долгот мора да се гледа од стојалиштето на неговото потекло“, кажа Санкара. „А потеклото на долгот лежи во колонијализмот. Нашите кредитори се оние што претходно нѐ колонизираа. Тие нѐ управуваа тогаш и тие нѐ управуваат сега. Но, ние не го баравме овој долг“, продолжи тој. „И затоа нема да го враќаме. Долгот е неоколонијализам. Тоа е паметно изведено повторно освојување на Африка. Секој од нас стана финансиски роб. Ни кажуваат да го вратиме долгот. Ни кажуваат дека тоа е морално прашање. Но, не е.“ И тогаш тој го испорача својот завршен удар: „Долгот не може да биде вратен. Ако не го вратиме, кредиторите нема да умрат. Тоа сигурно. Но, ако успееме да го вратиме, ние ќе умреме. Тоа исто така сигурно.“ Санкара беше сметан за опасен не само зашто се закануваше дека ќе ја огласи Буркина Фасо за неспособна да го отплати долгот, туку и поради тоа што ја ширел таа идеја ширум континентот. Тој беше на работ да разгори движење на отпор против долговите во целиот континент – па, од гледна точка на западните кредитори, мораше да биде запрен. Три месеци по неговиот говор, Санкара бил убиен во државен удар за кој широко се веруваше дека е поддржан од Франција и кој го донесе на власт Блез Компаоре – диктатор кој владееше 27 години.