20 август претставува интернационален ден на пензионерите, кој во Македонија протестно ќе биде одбележан. Пензионерите и натаму бараат зголемување на пензиите и нивно израмнување со минималната плата.
Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 % од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу 6% од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15%, групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно услогласување на сите пензии, што изнесува 3.500 денари.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, пак, ветува дека покачувањето на пензиите ќе биде за 6% и дека од септември нема да има пензија пониска од 13.000 денари.
Дали овие 13.000 денари се доволни за достоен живот во староста, прашуваат пензионерите.
Министерката деновиве во јавноста потенцира дека треба да се мисли и на стабилноста на Фондот. Таа додава дека барањето на пензионерите за минимална пензија од 18.000 денари е многу нереално, бидејќи во државата минималната плата е 20.000.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и затоа подготви Предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. СЗПМ смета дека Предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.
Редакцијата на Гласни идеи го поддржува протестот на пензионерите и нивните протестни барања. Исто, сметаме дека како што државниот буџет можеше да го сноси покачувањето на платите на функционерите и именуваните лица за 78%, барањата за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари, се целосно легитимни и остварливи барања.
Повикуваме на поддршка и солидаризација со барањата на творците на минатиот труд, за подостоинствен живот. Протестот ќе започне во 19 часот, пред Собранието на Македонија.