Во сабота на 30-ти ноември со почеток од 12 часот ќе се одржи протестен марш за солидарност со народот на Палестина и Либан, а протестот ќе започне пред скулптурата на „Симфонија на мирот“ и ќе заврши пред владата.
Оваа недела ширум светот се одржуваат настани за солидарност со народот во Палестина и Либан. Организаторите велат: „се приклучуваме на луѓето со совест и срце што се трудат да ги притиснат центрите на моќ што го овозможуваат геноцидот и режимот на Израел што го спроведува геноцидот. Протестот ќе го започнеме пред скулптурата „Симфонија на мирот“, посветена на холокаустот од Втората светска војна. Целта ни е да нагласиме дека холокаустот не смее да се повтори! Без разлика на кој јазик плачат децата чии родители се убиени и на кој јазик ги оплакуваат родителите своите убиени деца!“
Протестот, неслучајно, е закажан ден после 29 Ноември, Денот на Републиката на нашата поранешна заедничка татковина Југославија која била голем поддржувач на борбата против колонијализмот и во таа насока ја признавала Палестина. Денес, од државите наследнички на Југославија, само три имаат отстапено од оваа позиција и не ја признаваат Палестина: Македонија, Косово и Хрватска.
Протестот ќе заврши пред Владата, бидејќи оваа, како и претходните вазалски власти, се оглушува на напорите на хуманото човештво да се заузда израелската воена машина и да се стави крај на војните и страдањето во Палестина и Либан.
Од власта бараме:
– Да прекине со вазалското послушништво кон империјалниот господар и да се вклучи во меѓународните напори да се стави крај на насилството!
– Да се приклучи кон мнозинството држави во светот што ја признаваат палестинската држава!
– Да прекине со практиката во Генералното собрание на ОН да гласа „воздржано“ или „против“, поткопувајќи ги напорите да се спречи геноцидот и да се постигне мир!
– Да се приклучи кон повиците за воведување на ембарго за дотурот на оружје за израелската воена машина!
– Да даде јасно до знаење дека го почитува Меѓународниот кривичен суд и дека ќе ги екстрадира во Хаг, Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галанд ако тие станат достапни за македонските власти!
– Да се приклучи кон државите и меѓународните организации што ја поддржуваат јужноафриканската пријава на Државата Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата!