Последниов период ми се врти низ главата едно прашање кое останува неодговорено по годините поминати во некоја активна градителска релација на т.н. отпор. Станува збор за прашањето, зошто не успе(в)а отпорот (?), истиот сместувајќи го во различни периодични амплитуди на раст, развој, замирање, тлеење на засиреност и повторнa обнова.
Прашањето добива на интензитет уште повеќе кога еве веќе навршија 7 години од почетокот на т.н. Шарена револуција, за некои почетокот, за некои крајот на т.н. отпор кој за некои започна во 2009 година и траеше речиси до крајот на владеењето на Груевски и компанијата, за други започнат беше одамна, меѓутоа добиваше форми на различна актуалност, во зависност од политичкиот формат. Овие вториве, не се согласуваат со крајот на т.н. отпор, повикувајќи се на (меѓу)зависноста на формата од материјата. Оваа вторава пак, низ годиниве се менуваше исто како што се менува животот во светот катадневно, како потребите во животот, како што сите ние старееме, накрај стануваме и прашина. Сето ова со мала доза на патетика, за да се остане доследен на целта на текстов да досегне до љубителите на патетиката и на надежта како последен стадиум.
Отпорот во Македонија, во оној во кој јас учествував (2009 – 2016), беше граден на основа на една главна точка на антагонизам, а тоа беше антигруевистичката политика. Општеството поттикнато од активностите, главно интелектуални, на невладиното општество и дел од партиско-политичките протагонисти, го создаваа амбиентот на политичкото незадоволство, низ перспективите на демократијата. Се мисли на демократијата низ либерал-демократските претпоставки за демократија, поведени од геслото на идеите, но и финансиските соработки на т.н. Отворено(то) општество.
Генерално, импотентната тогашна опозиција, која сè уште е импотентна, но сега како позиција (власт), имаше статус на жив мртовец кој нема ни сила, ни енергија, ниту витални органи да дејствува политички во каква било насока. Интелектуално-политички инфериорни, со умислени автоперцепции како „партија на Бранко“, партија на „градските“, партија на „професорите“, се шлаеше низ улиците без соодветна енергија за бунт и губење на привилегиите кои ги носеа, некои дури од деде-прадеде.
За партиите и олигархијата пишував во претходните колумни. Во продолжение сметам дека треба да го допрам делот на поширокиот спектар на можни политички организирања.
Граѓанското невладино „Отворено општество“ е исто така импотентно за промени
Освен политичките партии кои се носители на политичките односи во државата, во име на институциите и правилата втемелени со уставот, законите и останатите регулации – во продолжение тезата ја носам кон некоја елаборација на централната тема на овој текст – импотентното граѓанско општество, со сите негови манифестациски лица. Всушност, една од причините зашто претходно нафрленото прашање во врска со т.н. отпор и неговиот неуспех, е токму активноста на граѓанското општество како еден екстра слој во политичкиот живот во рамки на либерал-демократското општество во Македонија.
Немам намера да зборувам за претпоставките и аксиомите на овој систем на демократско разбирање со опозитна сила на тоталитарност, туку за некои основни авторитети и принципи на кои се повикува истото, без притоа да имам намера да го затворам во хомогена и монолитна форма. Станува збор за врвниот авторитет на поимот Отворено општество, а тоа сигурно дека не е Џорџ Сорос, туку е австрискиот филозоф и логичар Карл Попер. Всушност, Попер претставува ментор на Сорос. Овој вториов е познатиот т.н. филантроп, кој своето богатство го стекнува низ пирамидални шеми и шпекулации на берза, одлучува да го спроведува филозофскиот поим на неговиот учител, т.н. Отворено општество.
Отвореното општество, всушност како поим, кој произлегува од опусот на Попер, има една насока на справување со т.н. тоталитарни општества и држави, и инсталирање граѓанско општество. Тоа граѓанско општество, би требало да се спротивставува на историски детерминираните филозофски и општествени наслаги, холистичкиот пристап на политичките системи и филозофии, и да го афирмира активистичкиот портрет на човекот во тоа општество. Државите во кои ваквите општества ќе се создаваат се држави градени според моделот на либералната демократија, каде активистичката димензија на невладините инстанци (организации и различни видови здруженија) ќе има важна улога во справувањето на политичките односи кои често заглавуваат во многустрани недоумевања. Во таа насока, т.н. Отворено општество, ја отфрла идејата за историски детерминизам и ја прифаќа идејата за промена, низ волјата на индивидуата, односно ваквите организации кои би имале улога на своевидна контратежа на власта и нејзините функционирања (смешно е што во нашата култура власта се поима само како онаа инстанца на моќта која во парламентот има над 51% од гласовите, а не онаа која на некој начин е во институциите и на некој начин контролира некаква порција на моќта).
Лично не сум афирматор на тезите на Отвореното општество, особено не на Сорос, а исто така не ми е узор ниту Попер, иако го почитувам неговиот придонес за методологијата (филозофијата на науката) и дедуктивната логика. Тоа што може да се каже во однос на нашиот контекст, е дека и онака каков што е проблематичен филозофскиот пристап на Попер, па и на Сорос како негов најголем пропонент, во Македонија голем дел од невладините организации кои беа финансирани во тој период од страна на Фондацијата Отворено општество, ниту на почетокот, а ниту на крајот, не ги следеја концептите на Отвореното општество и невладиното општество како такво. Всушност, низ низа проекции, тие се впуштија во „олеснување“, а не во проблематизирање на проектите коишто власта (составена од партии и политичари, олигарси, односно капиталисти, амбасадори и виши пратеници од империјалистички држави) ги имплементираше. Така беше формиран еден слој во општеството, кој во англиската јазична култура се нарекува GONG (Government-organized non-governmental organization). Тој слој, не само како бафер зона, туку како зона на промоција и злоупотреба на „експертизата“, ги игнорираше случувањата кои следуваа по детронизацијата на Груевски и воспоставувањето на новиот капиталистички лидер на чело на државата, по него уште еден, а по последниот, очекуваме уште еден, нов, понов, најнов капиталистички лидер.
Генерално, јавноста е запознаена со афирмациите во врска со промената на Уставот во 2018 година. Искрено, лично не ме засегаат националните митови, меѓутоа невладиниот сектор беше длабоко алијансиран со власта, која во време на пандемијата и финансиски го поддржуваше (секторот) – а уште посмешни се оние кои прават разлика помеѓу т.н. Преспански и Договорот со Бугарија, тие се дефинираат како најголеми експерти. Низа други проекти, главно без ефект, но ритмички конзистентни со догмата на нашата ера демократија и антикорупција, беззабо артикулирање и паролашко повторување (едно време левичарите ги сметаа за паролаши, ама мислам дека поголемо паролаштво од овие клучни зборови: демократија, антикорупција, правна држава, владеење на правото, нема).
Есенцијалниот проблем сметам дека е поврзан со клучното поимање на политиката и животот, а се промовира како вредност на т.н. Отворено општество. Една од основните точки која ја создава доминантната структура на експлоатации е имено онаа, класичната либералистичка која економијата ја поима низ леќите на пазарното општество. „Пазарната економија и приватната сопственост“ претставуваат дел од корпусот претпоставки, каде голем дел од останатите се и доста позитивни, рака на срце, како гарантираните граѓански права и слободи, партиципативната демократијa и слободата на самоорганизирање, демократската политичка култура, владеењето на правото итн.
Тоа што ги прави овие организации политички импотентни е економската зависност на истите од екстерни фактори, како организации и фондации, амбасади и други тела. Организациите стануваат професионализирани, а во нив работат експерти, кои „си ја знаат работата“. Всушност, тоа што потфрлува со години, е фактот што општеството заклучува, појасно, дека луѓето од невладиниот сектор се само добри project officers, а не интелектуалци, со автономија и идеи, со проактивна волја, а не волја втемелена на проектни активности. Луѓе кои извршуваат, а не кои сонуваат, и доколку е потребно, би се лишиле од дел од своите слободи во име на слободата со цел да се мисли, дејствува, сонува.
Социјални движења наспроти невладино општество
Претходно изнесените ставови како критика на невладиното општество како конзерватор на политичко-институционалната состојба, ги сметам како една од почетните точки на мојата аргументација за следната теза. Наместо граѓанското општество составено главно од невладини организации кои се финансираат од различни западни центри, политичкиот живот на прогрес и социјална артикулација, да се случува низ формата на социјалните движења. Злонамерниците ќе го замерат овој елемент, укажувајќи дека истиот се повикува на слободата на независно организирање и дејствување на парцијални елементи од општеството, меѓутоа јас не се повикувам на етичка и политичка пуританска вредносна вертикала. Тоа не значи дека ја следам и линијата на макијавелистичка руинирачка антиномичност на т.н. левичарска партија. Ниту пак, на цинична и од општеството откината интеграција на интелектуалци кои чекаат општеството да се прилагоди на нив, а не тие на општеството. Всушност, дневно-политичкиот терен е доста гнасен, замрсен, не само етички, туку и политички амбивалентен, слоевит и многузначен. Тој терен, е несоодветен за соодветни политички интервенции. Всушност, доколку погледнеме подобро во структурата на тоа што се нарекува држава, можеме да здогледаме дека државата всушност во однос на внатрешната политичко-институционална шема е во ќорсокак позиција оставена на инерциите на функционирањето на државата – колку што може. Политичките елити користат памфлетистички жаргони (дрн дрн, правна држава, дрн дрн, владеењето на правото, дрн дрн, превработеност во администрација, дрн дрн). Надворешниот политички ангажман е целосно киднапиран од можноста да дејствува, а воланот е во рацете на други сили, сили кои ги прилагодуваат сите вакви банана држави во нивна неколкукратна употреба – потоа пуштај вода. Исто, државата е силно поврзана со олигархијата и оттука интересите на државата се интересите на олигархијата, и тоа го следиме со години. Оттука треба да се одреди и просторот каде што може да се дејствува, а истиот ќе го наметне и начинот на дејствување.
Просторот каде што може да се дејствува, сметам дека е општеството, одделувајќи го истото како супстанцијално различно, но меѓузависно со државата. Државата се напојува од општеството со легитимитет, но општеството се напојува од државата со нужност. Низ годините општеството ја предаде сувереноста на државата и процедурите кои државата ги преферираше во име на обезбедување на легитимитет за власт, за реформи, за квази промени низ најпреферабилните методи (избори, референдуми, па дури и протести).
Социјалните иницијативи, не се нова идеја. Тие се постара идеја и во нашата култура, но и пошироко. Тие иницијативи, алудираат на поширок спектар на изразни механизми и форми кои истовремено не само што анализираат, туку инспирираат, предводат и создаваат еден паралелен систем на мислење на стварноста, оттука и политиката.
Изминатата година беше година на големи промени. Се разбира, промените беа во доменот на економијата, финансиите и релацијата со стварноста каква што не сме ја искусиле од поодамна. Тука улогата на синдикатите беше важна, а таа ќе стане уште поважна во периодот кој следува. Синдикатите од една страна, како главна организациска сила која може да доведе едно општество во функционална парализа низ различни методи на штрајкови, протести и синдикална борба, ја сметам како можеби најважната во нашиот контекст. Во овој момент, само синдикатите имаат капацитет да смислат протестна иницијатива и таа да има релевантен извор во стварноста, онаа стварност за која зборував во претходни колумни. Од друга страна, прогресивните и социјалистички организации се тие кои интелектуално и логистички треба да стојат позади синдикатите и истите да ги поддржуваат (нешто што го правеа низ годините). Соработката на синдикатите и социјалните иницијативи е суштествена за градење амбиент, не само на незадоволство, туку амбиент на борба (αγον), оттука и амбиент на пријателства, сојузништва, промени и еманципација.
Мариглен Демири
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Мариглен Демири
Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.