Човечкиот мозок е појава неспоредлива со било која друга природна креација, чија комплицирана структура и потенцијал се развиле низ долгорочна еволуција благодарение на промени во мал дел од геномот, што пак направило човекот да се разликува од сите останати живи суштества што досега знаеме дека постојат. Когнитивните способности (учење, мислење, паметење, расудување, внимавање, решавање проблеми и носење одлуки) се спојуваат во еден поим „интелигенција“, кој добил голема општествена важност. Меѓутоа покрај интересната наука и шпекуалциите околку човечкиот мозок и како од него произлегуваат овие функции, клучно е потесно да се разгледа улогата на капиталистичкото општество врз развојот на интелигенцијата кај луѓето и нејзино искористување во продуктивни цели.
Српскиот невропсихијатар Д-р Миловановиќ ги поделил дефинициите за интелигенција во три групи: дефиниции за „способност за приспособување во и кон околината“, „способност за учење“, „способност за апстрактно мислење“, и дефиниции за „комплексните интелектуални операции“, односно “способност на личноста за да може таа да дејствува целисходно, да мисли и да постапува рационално и успешно да се носи со својата околина“. Сите се раѓаме со одреден потенцијал за интелигенција и достигнувањето на максимумот од тој потенцијал зависи од нашиот психофизички и социјален развој, како и од експонираноста на нови информации. Научниците пробувале да откријат каде во мозокот е изворот на когнитивните способности (низ целиот мозок дифузно се распоредени многу центри кои заеднички работат) и дали мозокот на генијалците е поразличен од мозокот на просечниот човек. Па така, Д-р Томас Харви кој ја вршел обдукцијата на Ајнштајн, набрзина, без ничија согласност тајно го зачувал неговиот мозок надевајќи се дека ќе дојде до некаков одговор. Тој со децении го чувал мозокот на Ајнштајн во тегли со формалдехид под ладилник за пиво а потоа го исекол на 240 парчиња и по пошта го испраќал на други научници за и тие да го проучуваат. На некој научник дел од мозокот му пратил во тегла од мајонез. По 40 години, го ставил мозокот во пластичен сад за храна и отишол кај една внука на Ајнштајн со надеж да го врати, но таа не сакала да го прифати, па по смртта на докторот мозокот завршил во медицински музеј.
Но мозокот на Ајнштајн навидум бил обичен, дури и малку помал од просечниот човечки мозок. Сепак биле забележани поголеми мозочни структури во деловите на мозокот кои биле вклучени во апстракно мислење, манипулирање со симболи (математика, пишување) и визуелно-просторна обработка. Но и покрај ова, неговиот мозок не бил надвор од границите на нормалата. Научниците откриле дека при секое учење нови информации или нови вештини (без разлика на возраста), невронските врски помеѓу нервните клетки во мозокот се изменуваат и зајакнуваат. Имено, преку учењето се менува архитектурата на мозокот. Но дали овој процес ги променил деловите во мозокот на Ајнштајн што делувале поразлично или пак тој вродено ја поседувал таа димензија на структурите што наводно му ја овозможиле неговата интелигенција, се’ уште не се знае.
Сепак покрај зачудувачките способности на научниците низ историјата, интелигенцијата опфаќа во себе и способност за снаоѓање во средината и интеракција со луѓето, толкување на однесувањето и емоциите. На пример Њутн, кој е еден од најголемите генијалци што постоеле, скоро и да бил неспособен за обичен разговор и социјални интеракции. Многу интересна е оваа „селективна интелигенција“, за само одредени работи, додека недостиг на други полиња кои се исто така многу важни за индивидуата. На пример, савантите се луѓе кои што имаат спектакуларна способност за одредена активност (уметност, спорт, математика итн.), меѓутоа имаат проблеми со социјализацијата или други аспекти од когнитивните способности. Некои од нив имаат аутизам, некои имаат други облици на душевна болест, а некои од нив ги добиле своите „натчовечки“ способности по некаква повреда (обично во дел од левата хемисфера на мозокот). Ким Пик (кој е инспирација за филмот „Rain man“) имал попреченост во развојот, меѓутоа паметел околу дванаесет илјади книги и знаел од збор до збор да каже што пишува и на која страница. Можел да запамети цела книга за околу половина час, а кога читал ги читал двете страници истовремено (можеби кај него имало отсуство на поврзаност на работата на хемисферите (види: дел 1 од „Наука и љубопитност“). Орландо Серел по удар во левата страна од главата со топче за бејзбол, добил неверојатни математички способности и речиси фотографска меморија.
Покрај ваквите генијалци, просечниот човек има доволно интелигенција со која може да учи, а последователно и да го менува светот околу него. Науката и уметноста што го оформиле нашиот свет, се производство на способноста на мозокот да ги продуцира когнитивните функции. Но дали капитализмот нуди услови за развој на интелигенцијата кај луѓето, дали нуди средина за развој и остварување на обичните, но и на натпросечните луѓе? Дали капитализмот ги искористува плодовите на човечката интелигенција за продуктивни цели кои ќе му служат на целото човештво? Дали капитализмот овозможува целосен развој на науката, уметноста, културата и начинот на живот за којшто имаме потенцијал како човештво, притоа зачувувајќи ја природата? Да почнеме со анализа од самиот почеток. Почетокот на животот, односно раѓањето па се’ до работното остварување на индивидуата.
Покрај непредвидливите генетски мутации и хромозомски аберации кои може да се случат кај родителите па да се пренесат на плодот, или кај самиот плод па да резултираат со дете кое би имало пониско ниво на интелигенција поради одредени болести, постојат и други фактори кои влијаат врз здравјето на плодот. Па така самата животна средина (која во последно време е се’ позагадена) влијае врз здравјето на мајката и таткото, на плодот во утробата и на детето откако ќе се роди. Се’ она што консумира родителот, во форма на храна, течности и други супстанци исто така влијае врз неговата, како и врз здравствената состојба на детето. Пренаталната грижа за трудниците и навремената дијагноза на одредени синдроми и нарушувања во развојот, како и скринингот и раната дијагноза на болестите откако детето ќе се роди, нудат значителни можности за превенција, како и за лекување на одредени состојби коишто би можеле да предизвикаат нарушувања во интелигенцијата. Понатаму, самиот психофизички развој, здравата животна средина, присуството на родителите или други луѓе кои пружаат грижа на детето, поттикот за учење нови вештини, претшколската и школската едукација и учењето нови информации, како и овозможувањето пријатна средина за психичка благосостојба на детето, а и можноста за физички развој, вежбањето и игрите, се критични за нормален развој на една здрава и продуктивна личност. Капитализмот потфрла во скоро сите овие полиња. Средината е загадена, здравствениот систем е нефункционален за сиромашните кои не можат да си дозволат адекватна здравствена заштита, условите за домување кај дел од работничката класа може да се на пониско ниво (или непостоечки) поради недостаток на финансии, родителите често се отсутни, презафатени и преизморени во поголем дел од денот поради неопходноста за повисок приход кој ќе овозможи преживување или поголем профит за поголем социо-економски статус. Системот за едукација е сведен на ретенција на многу информации, наместо квалитетно учење и развивање на логиката, мислењето, решавањето проблеми и адекватниот тренинг, како и учењето на етички и општествени вредности кои не промовираат дискриминација, стереотипи, национализам и сл. Понатаму, често работничката класа не може да инвестира во вонучилишни активности и различни курсеви за понатамошен развој на детето во оние полиња во кои тоа има афинитет.
Личност којашто има одредени квалитети и способности, којашто можеби има и висока интелигенција или можеби е неоткриен гениј, доколку мора да работи на работни места кои и’ овозможуваат одржување на своето семејство и избегнување на тотална сиромаштија, нема да има ниту слободно време, ниту можност да ги развива своите способности и да се надоградува. Често и тие кои работат на работни места кои бараат интелектуален труд, се спречени од поголем напредок (на само личен, туку и општествен) бидејќи системот е профитно ориентиран. Односно, најголем дел од новите иновации се добиени поради желбата за поголем профит на онаа мала група на луѓе кои ги финансираат и научниците, институтите, лабораториите итн. Пример, поголема е шансата дека нешто ќе се произведе доколку може да се продава или да се искористи на друг начин за зголемување профит, отколку нешто што можеби би го олеснило животот на многу луѓе, меѓутоа не е профитабилно. Исто така, многу луѓе коишто имаат афинитети спрема уметноста и спортот биле спречени да се развиваат на тие полиња бидејќи морале да работат работа која ќе им донесе адекватен приход за живот. За една личност да се посвети на интелектуалната работа, често мора да има и поддршка и помош од околината. Пример, првата жена на Ајнштајн, Милева, не го остварила целосно својот потенцијал во кариерата како физичар бидејќи се посветила на чување на нивните деца и одржување на домот.
Колку жени низ историјата биле лишени од едукација и вработување поради патријархалните вредности кои ја позиционираат жената во единствената улога на домаќинка и мајка. Колку луѓе како Ајнштајн, Њутн сме пропуштиле поради неадекватните материјални услови на луѓе со голем потенцијал. Колку жени никогаш не го дале својот придонес во науката и културата и покрај огромните таленти? Колку достигнувања на мажи научници и уметници се популарни поради идеите на своите жени или нивната поддршка во домаќинството? Колку родители ги жртвувале своите можности за да обезбедат подобри можности за напредок на своите деца?
Заклучок е дека интелигенцијата сама по себе не е доволна за една личност да направи прогресивен придонес во општеството. Материјалните услови се најголемиот одредувач на напредокот. Ајнштајн во својот текст „Зошто социјализам?“ пишува: „ Производството се врши за профит, а не за употреба… Мотивот за профит, во спој со конкуренцијата помеѓу капиталистите, е одговорен за нестабилност во акумулацијата и искористувањето на капиталот што води до сè потешки кризи. Неограничената конкуренција доведува до огромно уништување на трудот и со тоа и до осакатување на општествената свест на поединците која претходно ја споменав… Ова осакатување на поединците го сметам за најголемо зло на капитализмот. Целиот образовен систем страда од ова зло. Кај студентите се всадува претерано компетитивно однесување и тие се обучуваат да го обожаваат стекнувачкиот успех како подготовка за нивната идна кариера… Убеден сум дека постои само еден начин да се елиминира ова смртно зло, имено, преку воспоставување на социјалистичка економија, придружена со образовен систем кој ќе биде ориентиран кон општествени цели“.
Додека не се смени профитно-ориентираниот систем, нема ни да го проучиме и искористиме во целост потенцијалот на мозокот, нема да ја проучиме вселената, ниту ќе ја зачуваме животната средина. Интелигенцијата како концепт е фасцинантно нешто и треба да ја развиваме. Возраста не треба да не’ спречува за учење нови работи или уживање во нови хобија и вештини. Интелигенцијата ја опфаќа и емоционалната интелигенција и меѓусебните односи. Нема фиксна дефиниција за неа ниту пак фиксно задолжително знаење што мора да се поседува за некој да се нарече интелигентен. Интелигенцијата е спректрум од способности и вештини. Ајнштајн самиот рекол „Вистински знак на интелигенција не е знаењето, туку фантазијата“, а тој со помош на својата фантазија и мисловни експерименти го променил човештвото. А човештвото целосно ќе се промени кон подобро само доколку се уништи системот базиран на експлоатација.
Симона Наумоска
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.
Симона Наумоска е родена во 1997 година во Прилеп. Таа е студентка по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. За време на средното образование била извидник, а паралелно учествувала во еколошки активности и иницијативи за помош на социјално загрозени категории. Како студентка била дел од студентски организации на Медицинскиот факултет. Сега е дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“. Таа е активист за работнички права, социјална правда, женски и ЛГБТИ права.