Научникот Мичио Каку кажал: „Над нашите рамења е најкомплицираниот објект во целиот универзум“. Мозокот е фасцинантна креација на природата, а во јавноста и научната фела постојат одредени сознанија за овој орган, додека пак некои биле побивани преку понудување нови парадигми базирани на нови докази. Кога ќе се појават нови откритија, тие некогаш стануваат толку популарни што влијаат не само врз научниот свет, туку и се пласираат во медиумите поради незапирливиот обид луѓето да си ја објаснат својата природа. Некогаш околу нив се градат цели приказни, се екстраполираат заклучоци, се нудат објаснувања зашто сме „вакви“ или „такви“ како луѓе. Колку и да е позитивно да одржуваме љубопитност и да ја цениме науката, сепак мора да сме внимателни во изнесените заклучоци, бидејќи може утре да се појави некое истражување кое ќе побие многу од тоа што сме го знаеле.
Па така, произлегла некоја теорија за дуалност на мозочните хемисфери, а во популарната култура, како и едукација, сме се среќавале со објаснувања зашто некои луѓе биле поартистички настроени, а некои поаналитички. Низ историјата се направиле целни експерименти за објаснување на функцијата на мозокот, а често, и случајно преку повреди или операции на мозокот се добивале нови знаења. Па, да навлеземе во еден интересен опис на мозокот и десната и левата хемисфера.
Реченицата „Ако мозокот би бил толку едноставен, ние би биле премногу прости да го разбереме“, укажува колку деликатна појава се тој и неговите функции, како и дека сите наши способности поизлегуваат од само 1,4 килограми маса во нашите черепи. Се смета дека таа чудна маса, во налик на желе, содржи сто милијарди неврони и експоненцијален број невронски врски. 20 % од целата енергија на телото ја троши само мозокот. Мозокот е како вселената. Со огромен потенцијал, а сè уште недоволно проучен. Мозокот е мистерија, сака да се проучува самиот себеси, и во минатото луѓето креирале разни приказни само за да си го објаснат тоа што не го разбираат. Некои луѓе тврдат дека знаат да го пробијат умот, дека знаат да ги откријат најдлабоките желби и да предвидат што ќе се случи во иднина. Но, колку и да сме скептични во тие ‘способности’ на гатачите, сепак и тие небулози потекнуваат од таа сива маса која би се распаднала доколку ја здробиме со прстите.
Мозокот е толку мал, што може скоро и да се смести во споени дланки, а сепак има неограничен потенцијал за примање и складирање информации. Има способност да обработува многу податоци во дел од секунда и ни дава можност за апстрактно размислување, решавање проблеми како и создавање проблеми… Ни дава можност да имаме толку бујна фантазија со која можеме да замислуваме како саканата личност не’ бакнува или со помош на која Џ. К. Ролинг го создала целиот свет на Хари Потер. Ни дава толку широка можност за пресметување, учење и паметење, со што Ајншајн ни ја дал теоријата на релативноста, Њутн го измислил калкулусот, Да Винчи правел скици на машини за летање, Марија Кири работела со радиоактивноста и Розалинд Френклин успеала да се доближи до структурата на ДНК. Ни овозможува развивање на бескрајна креативност и иновативност, со која Микеланџело го изработил Давид, Салвадор Дали насликал толку многу суреалистички дела што наликуваат како да произлегле од некој необјаснет сон.
Двете хемисфери на мозокот, физички одделени, делува како да вршат различни функции. Една теорија која скоро сите сме ја слушнале е „Сите луѓе имаат една доминантна хемисфера“. Па така, доколку една личност е креативна и артистички настроена, веројатно кај неа доминира десната хемисфера. Доколку некој човек има афинитет кон некоја наука тогаш веројатно е повеќе предводен од левата хемисфера. Звучи навистина интересно, како тоа карактеристиките на луѓето се инхерентно поврзани со хемисферата којашто е ‘погласна’. Можеби некој си размислувал и која хемисфера повеќе му се допаѓа, можеби десната за уметникот кој живее по свои правила, „надвор“ од општеството, или левата за разумниот научник кој знае сè. Но колку и да е привлечно ова, се докажало дека не е точно. Со сите нови методи за испитување на најфасцинантната креација во природата се добиле и нови заклучоци. Па така, физиката и медицината нудат направи како на пр. уред за магнетна резонанца, електроди за електроенцефалографија, позитроните за позитронска емисиона томографија, добивање проѕирни ткива со отстранување на липидите и многу други. Донесениот заклучок бил дека двете хемисфери работат заедно.
Но, покрај ова, преку набљудување луѓе кои доживеале мозочен удар и функциите кои ги изгубиле и како мозокот ја надокнадувал таа загуба, делува како навистина одредени функции да се повеќе активни во едната, односно во другата хемисфера. Па така се смета дека контролата на јазикот се наоѓа доминантно во левата страна на мозокот, оштетување во предниот дел од мозокот може да доведе до намалена мотивација, тешкотии во планирањето и нарушена креативност, додека задниот дел од мозокот ги прима визуелните информации од окото, па ако тој се оштети настанува слепило. Ова се некои примери кои укажуваат дека локацијата е важна.
Д-р Роџер Спери, лекувал пациенти со епилепсија кои страдале од тонично – клонични напади кои потекнувале од Corpus Callosum, односно збирот на нервни влакна кои ги поврзуваат десната и левата хемисфера. Со цел да ги спречи нападите, Спери го отстранил Corpus Callosum од мозокот на пациентите. Но не само што успеал да изврши прекин на епилептичните напади, Спери извршил и прекин на комуникацијата на хемисферите, односно го прекинал преносот на информации од едната, односно другата страна од телото и од едната, односно другата страна на мозокот.
Ваквите пациенти надворешно изгледаат нормално. При нивна анализа се докажало дека сепак тие многу се разликуваат од останатите луѓе и сето тоа било документирано од страна на Д-р Спери. Па така низ историјата се евидентирани доста интересни и едукативни моменти со ваквите пациенти. Еден човек кој со едната рака сакал да ја прегрне жена му, со другата ја удрил по лицето. Една жена кажала дека во продавница одлучила да купи еден фустан и левата рака го одбарала фустанот, додека пак нејзината десна рака имала различен план и веќе самата си одбарала некој друг фустан. Еден човек кажал дека му било страв да заспие навечер бидејќи се плашел дека бунтовната рака ќе го задави во сон. Сите овие ситуации имаат име: „Синдром на Д-р Стрејнџлов“ или пак „синдром на вонземјанска рака“ (по филмот Dr. Strangelove). И што ни кажува сето ова? Дека двете хемисфери си работат, ама во нормални услови работата е координирана и ние не сме свесни за оваа дуалност. Но, покрај оваа појава со „непослушност“ на екстремитетите, нешто друго исто така остава впечаток.
Д-р Мајкл Газинга е научник кој истражувал многу на полето за „поделен мозок“. Тој има извршено многу интересни експерименти со негови пациенти. Па така, на еден пациент му поставувал прашања, со притоа покривање на едното око со посебни наочари. (Дел од визуелните перцепции од десното око завршуваат во левата хемисфера и обратно, поради вкрстување на влакната на оптичкиот нерв на ниво на оптичката хијазма). На пациентот, меѓу другото, му поставил прашање што сака да работи. Кога десното око ја прочитало пораката, пациентот одговорил дека сака да биде технички цртач. Да се потсетиме на фактот дека се смета за левиот дел од мозокот дека го содржи центарот за говор, па така левата хемисфера можела да се „изрази“ за својата желба. Но, кога го направил истото со левото око, десната хемисфера се „изразила“ дека сака да биде рели возач. Пациентот тоа го искажал преку играта scrabble. Д-р Газинга прави и експерименти каде што на личност и’ дава да препознае лица или предмети преку дела од уметникот Арчимболдо. Тој во своите цртежи конструира лица кои се состојат од различни предмети, како на пример овошја.
Па така пациентот, кога му е дадено да гледа ваква слика со неговото лево око, тој кажува дека гледа лице (се смета дека центарот за препознавање лица е сместен во десната хемисфера), а кога ја гледа истата слика со десното око, кажува дека гледа овошје (во левата хемисфера се процесираат поединечните предмети). Д-р Газинга објаснува дека од еволуциона гледна точка, за индивидуата е многу важно да може да препознава лица, да препознае дали тоа лице е позитивно или негативно расположено, што всушност е дел од нашиот преживувачки инстинкт кој ни овозможува да знаеме што да правиме во дадена ситуација. Но сепак, целокупната способност на мозокот да ги анализира настаните и предметите околу нас и да размислува рационално, исто така е една многу важна карактеристика. Докторот се шегува дека во неговата лабораторија се создала изрека која гласи: „Не излегувај од дома без твојата лева хемисфера“.
Уште еден доста интересен експеримент кој овој доктор го споредува е следниот: На левата хемисфера од пациентот ѝ го кажува зборот „црвено“, а на десната хемисфера зборот „банана“. Десната хемисфера не знае да каже со зборови што ѝ било кажано, но кога од пациентот се побарало со својата лева рака да нацрта некој цртеж, пациентот нацртал банана. На прашањето зошто нацртал банана, пациентот не одговорил со „не знам“, туку рекол дека тоа е најлесно да се нацрта. Сличен експеримент е кога на испитаникот во десниот мозок му се испраќа зборот „ѕвоно“, а на левиот мозок зборот „музика“. Потоа, на испитаникот му е кажано да одбери една, од четирите слики на екранот која го потсетува најмногу на музика. Испитаникот ја одбира сликата со ѕвоно, иако другите три слики во секојдневниот живот побрзо би ги поврзале со музика (пример инструмент, џукбокс, машина итн.). Пациентот ја објаснува својата одлука со тоа дека пред да дојде тука слушнал ѕвонење на ѕвоно. Овие два експерименти се фасцинантни. Левата хемисфера бара и наоѓа решение за работите кои можеби не ни се комплетно претставени. Левата хемисфера не знае што ѝ било кажано на десната, а сепак таа прави целина од приказната, пробува да ги рационализира работите и смислува „изговори“ кога ни се потребни за комплетирање некој проблем. Значи, левата хемисфера е доминантна во тој поглед, настрана од центарот за говор. Ова е феноменално откритие. Еден невролог, Д-р Рамачандран, на ваков пациент, му го поставува прашањето дали е религиозен. Левата хемисфера на пациентот одговара дека е атеист, но десната хемисфера се означила како верник. Д-р Рамачандран коментира: „Што ќе се случи ако таа личност умре? Дали едната хемисфера ќе оди во пеколот, а другата во рајот? Јас не го знам одговорот на ова прашање“. Оваа информација отвора бесконечно многу прашања. Но, интересно прашање е: Како би било доколку сите сме свесни за постоењето на оваа дихотомија во нашите желби?
Сепак, на крај, има еден „шеф“ во мозокот. Префронталниот кортекст ја има крајната егзекутивна одлука за многу функции. Работите за кои сме свесни, за кои носиме комплексни одлуки, вклучувајќи ги когнитивните функции, се процесирани во префронталниот кортекс. Со други зборови, во пониските делови на мозокот постојано се случуваат илјадници промени, невроните функционираат, ние добиваме внатрешни информации од нашето тело, односно добиваме информации од околината. Но, само тие што навистина се корисни, стигнуваат до префронталниот кортекс. Можеби кон бучавата во позадина нема постојано и свесно да сме насочени, иако нашиот мозок ја перципира, меѓутоа сигурно ќе изреагираме доколку слушнеме како некој авомобил ни свири во близина доколку сме на улица, бидејќи не сакаме да бидеме прегазени.
Според ова спознание, доаѓаме до заклучок дека тоа што префронталниот кортекс одлучува да го искажи како наша реална желба, како наше мислење и воопшто наш поглед на светот и на нас самите, е резултат на длабоки конфликти и процесот на рафинирање на сензитивните податоци кои стигнуваат до нас, како и апстрактното размислување. Целиот концепт за себството, ја зголемува својата тежина, кога знаеме што сè се случува во позадина за да се стигне до тој завршен исход.
Сознанијата за мозокот кои ги имаме денес можеби ќе се прошират, меѓутоа од овие фасцинатни информации најважно е да извлечеме една работа: Треба да создаваме култура каде што научните сознанија ќе се промовираат уште повеќе, култура која ќе ја развива љубопитноста во сите нас, а особено во помладите кои се идни научници и чинители во општеството. Мичио Каку кажал: „Мора да е чуден свет без да се биде научник, да се помине низ животот не знаејќи или не грижејќи се“, а Ајнштајн рекол: „Немам посебни таленти. Јас сум само страсно љубопитен“. Да целиме кон култивирање љубов спрема науката.
Наредниот месец ќе има продолжение на „Наука и љубопитност“, за ставање на интересните научни сознанија во фокусот на популарната култура.
Симона Наумоска
Лектура: Е. М.
Симона Наумоска е родена во 1997 година во Прилеп. Таа е студентка по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. За време на средното образование била извидник, а паралелно учествувала во еколошки активности и иницијативи за помош на социјално загрозени категории. Како студентка била дел од студентски организации на Медицинскиот факултет. Сега е дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“. Таа е активист за работнички права, социјална правда, женски и ЛГБТИ права.