домаКолумниРуфат Јашари: „Последното цигарило“

Руфат Јашари: „Последното цигарило“

Играчката Корвета на Руфат Јашари
Играчката Корвета на Руфат Јашари

Често пати знаеме да кажеме дека живееме во можеби (алармантно) најлошата фаза на капитализмот, меѓутоа се прашувам дали воопшто ова што го ПРЕЖИВУВАМЕ, а не живееме, може воопшто да се дефинира како некаква форма на капитализам, па барем и онаа со периферни карактеристики?

Ми се чини дека ние доцните „миленијалци“ сме најоштетената, најзбунетата, најистрауматизираната генерација последниве неколку деценнии, а по се’ изгледа дека во скоро време нема да развиеме чувство за ориентација во однос на тоа кои сме, кон што тежнееме, во која насока чекориме… Чувствувам како се’ да се скрши врз нашата половина, како нашиот ‘рбет да беше мост преку кој се премостија најтешките и најнаглите промени, или како што вечно преферираат да ја наречат – транзицијата.

Можеби некои паметат, некои не, но некои од нас, иако магловито, сепак успеавме да ги посведочиме „благодетите“ од реформите на Анте Марковиќ т.е. годините кои следуваа, уживајќи можеби во последните безгрижни мигови, не само од нашето детство, туку воопшто, додека нели заштедите од претходниот систем траеја, додека фабриките, иако респираторно издржливи, сепак работеа (уште една лага со која директорите си ги присвоија народните имоти, некои фабрики имале доволно ресурси да исплаќаат плати дури до десет години без ништо да се произведе), куповната моќ, иако привидна, сепак елементарните нешта беа достапни што во голема мера не предизвикуваше паника или простор за анксиозност кај луѓето… Средината и втората половина на девеесетите како да беа последните години кога почувствував автентична претпразнична, празнична атмосфера/еуфорија… тогаш дојде и напливот на невработени кои се пријавуваа за социјална парична помош, но родителите беа насмеани и со натчовечки напори го одржуваа детскиот жагор, смеата, се’ додека можеа. Така и моето семејство не остана имуно на социо-економските промени, но во тие бурни перипетии, кога дури и јас како многу мало дете ја почувствував наглата финансиска криза колку и да беше прикриена, симболично, паметам дека добив прилично скапа играчка, Шевролет Корвета – кабриолет, па саркастично би нотирал дека „за мене капитализмот пристигна во кабриолет Корвета и ми го украде детството“.

Можеби ја избегнавме голготата низ која поминаа Далмација, Славонија или стравот и теророт по улиците од Сараево, (простете ми за дрскоста) но сепак неспоредливо искуство ми е со пролонгираната голгота на ментален план која ја поминавме и се’ уште ја поминуваме всушност и денес… Да, алудирам на нас, децата на работничката класа, на народите и народностите, а впрочем тие кои израснаа јадејќи со (ограбен) позлатен прибор изработен од трудот на нашите предци не можат да сочувствуваат со нас, доколку го тврдат истото, лицемерно лажат, но во ред, евентуално ќе се навратам и на ова.

Секој ја глорифицира својата генерација, вредностите од својата младост, доколку би можеле да реанимираме некој од 16-от век, без разлика на човековите/технолошките достигнувања во 2023, таа индивидуа би тврдела дека ерата во која живееле била многу поубава и подобра од нашата денешница. Но повторно ќе акцентирам, системскиот шок и промените кои ги доживеаја нашите родители и родителите на нашите родители во периодот 1989-1998 во Југославија е некоја посебна недефинирана категорија на траума која особено се рефлектираше врз нас како деца. Не само што бевме растргнати помеѓу југоносталгичари и агитатори кои го критикуваа комунизмот и ветуваа сјајна демократска иднина, дополнително како да бевме истрауматизирани, како прва генерација дечиња кои просведочија епидемија на хероин, вооружени улични пресметки, шверцерски сцени, кражби, странски воени чизми и бели оклопни возила, надлетувања на хеликоптери и авиони, мирис на осиромашен ураниум (бар ние што израснавме близу границата со СР Југославија)…

Повозрасните ни говореа како им недостига „Титовото време“, нашите родители ни зборуваа како им недостасуваат германските марки и како лесно се стигнувало до нив, за тие муабети во нашата адолесценција, па и во постара возраст се преформулираат во несвесни, суптилни или директни омаловажувања во смисла дека тие во своите 20-ти веќе „отслужиле воен рок, стекнале животна школа и се осамостоиле во ЈНА, биле оформени личности со оформени семејства, имале најмалку 2 дечиња, биле во сигурен работен однос, биле станбено обезбедени итн..“. Препишувајќи го сиот тој „успех“ на социјализмот, додавајќи дека „можеби и не сме ние виновни, туку системот“ што нималку не е утешувачки.

Како капитализмот ни ги уништи животите, детството, младоста? Систематски, се разбира.
Капитализмот ги  уништува животите на работниците, кои всушност го сочинуваат мнозинството во општеството. Капитализмот е болест, капитализмот е токсичен, нечовечки по дефиниција. Капитализмот е за капиталот, никогаш за народот. Тажно, но вистинито, капитализмот ни го украде духот, културата, на многумина им ги испра мозоците, ги претвори во материјалистички дронови лесни за контролирање и манипулација…

Семејествата на  тие кои профитираа од очајот и мизеријата на стечајците, технолошките вишоци, отпуштените, денес ја сочинуваат „елитата“ таква каква што ја знаеме и тие како безобразно богати се сосема во ред, зар не?

Па затоа и имаат смелост, всушност дрскост да ни го промовираат овој модел на капитализам како супериорен, неопходен, кој инаку произлезе од руините на работничката самоуправа, социјализмот – ословувани како диктатура, кои всушност беа фолклор во однос на она што ни се диктира и наметнува денес без никаква консултација.

За нив „било кој проблем кој не може да се реши со пари, може да се реши со многу пари“, така што тие впрочем и не знаат за проблеми од типот со кои се соочуваме ние сиромашните. Тие немаат проблеми, тие имаат трошоци, па дури и нас не’ перцепираат како такви трошоци кои користејќи најразлични инструменти би можеле да ги  „исплатат“ да не кажам „избришат“ доколку им го попречиме патот (кон капиталот).

Парадоксално е самото тоа што мора да тргуваме со нашиот труд и згора на се’ да платиме многу повеќе од тоа што го заработуваме за да опстанеме во овој гнасен систем.
Тоа што завршува на нашите сметки како работници е смешно во споредба со акумулацијата на капитал на сметките на богатите, а и самите банкарски сметки се бесмислица, капиталистички конструкт, фиктивни единици и нули кои индицираат на тоа „кој фигурира над кого“ во „општеството“, што создава енормни фрустрации. Хипотетичките единици и нули во капиталот на богатите би можеле да се калкулираат до бескрајност, но животите на работниците и ресурсите во природата не можат. Тажно е што веќе во нашите доцни 20-ти се чувствуваме исцрпени, дотраени, ја инвестираме младоста во работата, труд кој капитализмот го мултиплицира со НИШТОЖНОСТ. Наместо да ги уживаме и паметиме „најдобрите години“ по убави спомени со семејствата, роднините, пријателите, љубовниците, ние сме заробени во слугување на капиталот, само четврт век возрасни, а веќе задолжени и обврзани да плаќаме доживотно за трите кои следуваат и повторно би останале задолжени.

Потоа  безобразните лаги од типот „истиот леб го јадеме“ и дека „интересот на странските инвеститори, меѓу другото, е да го унапредат регионот“… Па скорешната врева околу намалување на цените на лебот и храната дополнително потврди дека во капитализмот храната не се произведува за да ги прехрани луѓето туку за профит, доколку не е профитабилно следуваат ултимативни ноти „ќе ги повлечеме продуктите од рафтовите“ или со поедноставни зборови „кога алчниот капитализам не гледа ќар, ги остава луѓето да гладуваат“, а што се однесува до грижливите инвеститори, на Севернистан гледаат како поле за трудова експлоатација, класични капиталисти кои продуцираат и елиминираат работни места врз база на тоа колкав е профитот, а единствениот приоритет им е токму да го максимизираат истиот и ништо друго. Па така можеме да заклучиме дека нашиот труд се продава за евтини пари. Нас не’ продаваат. Тргуваат со нашата младост, соништа и иднина.

Патем, очајно низ целиов текст се обидувам да ја доловам формата на капитализам која ја имаме тука и никако не можам по универзални етимолошки начела да ја дефинирам, но што и да не’ снајде, не само што го уништи нашето детство, не само што ја уништува нашата иднина, туку ова зло и убива, билансот е веќе над илјадници жртви. Ќе се навратам на стечајците, ненадејно отпуштените… хронични стресови, финансиски проблеми, неплатени сметки и кредити, семејни драми, пропаднати бракови… Срцеви и мозочни компликации во раните 50-ти, првите удари ги доживуваат во раните 60-ти… За повеќето тоа беше нивниот преран крај… капитализмот ништи.

Пребизарно е да се вметне во пишувањево, но сум чул и тврдења како „се’ додека постои капитализмот, животот не може да биде подобар од смртта“. Сочувствувам. Со народот, со народностите.

Не и со политичарите, функционерите, посредниците на „газдите“ со кои соработуваат сервирајќи им тендери, стотици илјади животи уништени за удобноста на тие неколку стотина. Гладни политичари и газди кои народно кажано до вчера ни кромид немале дома, оделе боси буквално, а денес, кога стигнале до функција, алчноста во нивните очи е видлива, простотијата во нивното изразување, нивниот говор на тело. Ова е „нивното време“, а наше невреме. Тие ги газат луѓето, немилосрдно. Ни ја газат интелигенцијата. Млади високообразовани луѓе со широка општа култура, принудени да работат за нив, полуписмените, за минималец, а и тие пари не ги добиваат, додека нивниот дневен профит изнесува колку цела таа месечна „платичка“ најмалку. Впрочем, колективна дијагноза е. Анксиозност, депресивност, очај, неизвесност, безизлезност.

Им се восхитувам на другарите кои се борат. Јас повеќе не можам. Ќе чекам некоја нова 1967. Ако дочекам. Дотогаш, цигарилото го гасам, сивомаслинестата јакна ја соблекувам, мислам дека ќе им се препуштам на емоционалната нестабилност, виното  и промискуитетот кои во голема мера ме консумираат во последно време дотолчувајќи ме заедно со капитализмот, а како таков, лицемерно би било да се појавам на протести за работнички права помеѓу автентични активисти или да говорам на емисии за придобивките од учеството на жените во герилските војни кога западнав во друштва на жени од сосема спротивен калибар. А и „работодавците“ ме дотуркаа до работ на егзистенцијата,  овој пат воочливо, не само фигуративно. Очигледно по изборот на темата, нели? Стигна бајонетот до коска. Но нема ни капка крв да протече, крвта и потта ми ги имаат исцедено капиталистите.

Цигарилото сепак нема да го изгаснам, ќе го оставам да жари, со надеж дека ќе ја разгори темнава шума и ќе создаде место за продор на светли зраци, маглата ќе ја снема и социјализмот ќе се зазори.

Руфат Јашари

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставвите изразени во колумната.

Руфат Јашари / Rufat Jashari

Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и  со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.

RELATED ARTICLES