домаКолумниМариглен Демири: „Христијанството и општеството“

Мариглен Демири: „Христијанството и општеството“

Оглед за христофашизмот и теологијата на ослободувањето

https://slmedia.org/blog/deacon-structing-liberation-theology-part-1?fbclid=IwAR0VWBYITbOX3S2DyGCdCizO6oEoZP_O3iCzexmt040da6JmPTQ0gdqzQ2o
https://slmedia.org/blog/deacon-structing-liberation-theology-part-1?fbclid=IwAR0VWBYITbOX3S2DyGCdCizO6oEoZP_O3iCzexmt040da6JmPTQ0gdqzQ2o

Последниот текст кој го напишав се однесуваше на судирот на иницијатива на невладините организации и една група претставници на Православната црква во сојуз со претставници од други цркви (протестантска, на пример) и различни синкретични состави (од Qanon фанатици, се’ до антиваксери, антимаскери, следбеници на теории на заговори итн.) најчесто хомофоби и трансфоби, повикани да следат мажи во мантии, против други мажи кои сакаат да носат фустани. Тоа, искрено, ме поттикна да направам една блиц реконструкција во мојата глава, за тоа што всушност јас мислам дека претставува христијанството, земајќи предвид дека текстовите кои ги пишувам тука, суверено се повикуваат на моите ставови, такви какви што се, некогаш површни, некогаш недомислени, но секогаш лични.

Да бидам искрен, христијанството за мене лично, секогаш претставувало еден интересен мотив да се поттикне некаква мисла. Мисла за светот, мисла за верата, за Бог (наспроти и за разлика од оној филозофскиот бог, на пример на Аристотел и на Спиноза), но и мисла за себеси како живо суштество. Дружбата, не со фолк-христијани, туку со христијани кои влегуваат во некоја рамка на пристојно поимање на христијанството, примарно повикувајќи се на принципите на верата, но и на животот, оној на Христос (барем како што ни го пренесуваат преданијата на кои се повикуваат дури и фолк-христијаните), за мене било едно големо освежување, и дополнување на моите призори, кои претходно гледале на христијанството низ една антиподна насока, на спротивност, со голема игнорантност од моја страна.

Во овој текст, ќе се осврнам на неколку концепти за кои сметам дека можат да им послужат на оние кои ги заборавиле, а директно произлегуваат од срцевината на христијанската теологија и христологија. Исто така, ќе додадам мал осврт во врска со релацијата на христијанската религија и модерните политички заедници од две различни позиции, левицата и десницата.

Христокомунизмот

Ќе започнам со левиот политички спектар во кој христијанството пронашло пријателство и сојузништво. Настрана цитатите и теолошките задлабочувања низ перспективата на библиските фабули и житија, христијанството имало право и можност (а некогаш тоа го правело несоодветно) низ историјата да ги коментира некои од најзначајните политички и општествени случувања. Теологијата на ослободувањето претставува една од тие комунистички ангажирања на Католичката црква во Јужна Америка која се случува главно по Второто Ватиканско советување во периодот од 1962 – 1965 година, во кое се расправа за сè поприсутната секуларизација на државите во кои живеат католици во мнозинска или малцинска конфигурација и засилувањето на протестантските мисионери и проширувањето на таквиот американизирачки христијански етос (главно државите од Јужна Америка). На тоа советување, меѓу другото се заклучува дека речта божја, секоја држава и месност ќе ја промовира прилагодувајќи ја на контекстот и сензибилитетот на населението – значи децентрализирано. Всушност, ќе ја приближат до населението наоѓајќи јазик и пристап кој населението го користи и пред сè го разбира во секојдневна комуникација.

Густаво Гутиерез
Густаво Гутиерез

Еден од основачите на Теологијата на ослободувањето е перуанскиот теолог, филозоф и католички свештеник Густаво Гутиерез. Тој ја поврзува христијанската теологија со марксистичките идеи за класната поделба и борба во општеството, истакнувајќи ја социјалната сиромаштија како последица на повеќеслојни фактори, меѓу кои институционалната организација на општеството и економската распределба на производството. Светото предание, според Гутиерез, ја осудува сиромаштијата, а патот кој треба да се следи е патот на Христос, како еден од отфрлените и презрените – според современите категории на политичка и социјална дефиниција, маргиналните. Всушност, Гутиерез го усвојува концептот на Праксис, како темелен во процесот на ослободување од јаремот на ропството во духовна, но и општествена смисла. Според него, љубовта кон ближниот е една од најважните пракси за кои човек е задолжен да ги исполнува, меѓутоа за да го реализира тоа, според него, потребно е институционално посредство коешто близниот ќе го поврзи низ урбаните препреки, последица на различните капиталистички наслојки. Љубовта кон соседот, во општеството во кое сиромашните луѓе се отфрлени и заборавени, на себе оставени, многу потешко се реализира без институционалната шема и можноста за излез од сиромашниот стадиум.

Придонесот на Теологијата на ослободувањето во Јужна Америка во државите кои беа соочувани со низа пучеви и инсталации на економски и политички системи, спроведувани преку воени генерали, на организирање на работниците на тие држави е доста значаен во тој период. Особено во 70-тите, кога и се спроведуваат најголемите економски реформи (читај експерименти) под диктатот на воените хунти, поддржувани од страна на тогашните американски „сојузници“ и приповетките за слободниот пазар. Период во кој класните разлики стануваат крајно непремостливи, а политичката организација невозможна поради недемократските инструменти егзекутирани во тие држави.

Една од активностите на вака сфатената христијанска пракса, е создавањето на т.н. базни заедници (communidades de base), каде групи христијани составени од 10 до 30 проучувачи на Библијата, активистички стимулирани им помагаат на нивните сиромашни сограѓани/сожители христијани собирајќи донации, и самите донирајќи храна, учествувајќи во изградба на системи на канализација, водовод и електрична енергија во периферните места каде тие живееле во големите и малите градови.

Теолозите на ослободувањето ги користат марксистичките категории во нивната општествена анализа со надеж дека ќе ја променат неправедната социјална и политичка структура во латиноамериканското општество. Исто како Маркс, така овие теолози признаваат дека економијата има клучна улога во историскиот процес. Тие го прифаќаат марксистичкиот поим за класна борба и веруваат дека угнетените мора да ја обликуваат сопствената историја со преземање на ослободителната практика на евангелието.

Христијанството не само во XX век, туку и векови пред тоа, создава доктрина на приближување до сиромашниот човек (верник), не само на претставникот на црквата, туку и на самата црква, како институција, но и како структура, една од светите тајни. Познат е францисканскиот ред во рамки на Римокатоличката црква, основан од страна на познатиот Фрањо Асишки (Francisco de Asís) во XIII век. Следбеник на редот на францисканите, е актуелниот римски папа, Франциско. Во однос на православната теологија на ослободувањето која не е во форма на развиеност како таа на католицизмот, Николај Берѓаев и Сергеј Булгаков претставуваат едни од зачетниците на оваа форма на мислење и дејствување.

Христофашизмот како досадна мотивација за релација на христијанството со општеството

Германската мислителка и теолог на ослободувањето, Дороти Соле (Dorothee Sölle) кон крајот на 60-тите години од ХХ век го дефинираше поимот на Христијански фашизам, односно христофашизмот. Христофашизмот, Соле смета дека е авторитарна, арогантна, тоталитарна, империјалистичка теологија, карактеристична за црквата во Германија во време на нацизмот, но сè уште жива и присутна на крајот на XX век кај белите екстремистички групи во САД. Овој израз таа смета дека е отстапување од фундаменталистичкото христијанство во служба на белиот и патријархалниот супрематизам, кој се протега преку ширење страв, насилство, мизогинија и структурен расизам. Накратко, спој на христијанска религија, расизам, ксенофобија и капитализам.

Dorothee Sölle in the Netherlands, 1998, Fotoburo de Boer - Noord-Hollands Archief, NL-HlmNHA 1478 43373K00 10
Dorothee Sölle in the Netherlands, 1998, Fotoburo de Boer – Noord-Hollands Archief, NL-HlmNHA 1478 43373K00 10

Пресекот на христијанството и темите коишто се однесуваат на општеството, политиката и животот, низ рамката на десната политичка екстремност не го заобиколуваат и нашето поднебје. Како што беше нагласено во претходниот текст, главниот референтен инспиратор е Џордан Питерсон, ликот со десетте палијативни совети за тоа како да си го подобриш животот во капитализам. Овој лик, успеа да ги собере, со својот површен магнетизам, дел од православните монаси, протестантски и православни онлајн ботови – кои за разлика од невладините активисти – досадните пропагандистички компулзивно-опсесивни агресии ги прават без финансиски надоместоци па затоа се доживуваат себеси како рицари, кои морам да признаам се и крајно нехаризматични, успеа да собере писатели кои заговараат образование на љубовта, а се против сексуалното, затоа што нивните деца нема да имаат секс во животот и нема да се дел од тие десет утврдени проценти на машки или женски деца кои ќе посакуваат истополови машки или женски деца и нема да се соочуваат со сексуално преносливи болести и вируси, тој собра и филозофи, и секакви други загрижени за иднината на овој свет.

Ова е еден доста смешен обид за една синкретичка „заврзлама“ на учења кои навидум опонираат на т.н. либерална демократија, чија озлогласеност ја пропагираат и двете страни на политичкиот спектар. Левицата ја критикува, меѓу другото, и поради инсталацијата на капитализмот и внесувањето на слободниот пазар низ приказната за демократијата како антиподна на комунизмот. Критиката на десницата во овој контекст е критика на културните политики, кои ја следат процесијата на појавување и на самите десничарски елементи (националисти, расисти, ксенофоби, верски фундаменталисти и теоретичари на заговори). Всушност, системот кој овие луѓе го критикуваат го овозможува појавувањето на истите со интензитет на спектакл. Нивната навлеченост да го репродуцираат системот кој нив ги продуцира е далеку поинтересна, интелектуално постимулативна, еманципирачки галопирачка – за сите страни на општеството и заедниците во кои тие припаѓаат.

Можам да наредам стотина реченици на сите „вклучени“ во иницијативата да го демаскираат левиот либерализам (кај поголемиот дел од овие ликови ќе се најдат и такви небулози и дефиниции на тоа што е „лево“ и „комунистичко“) кои на крај едни со други се побиваат на нивните настани, напишани есеи и гостувања во јавноста. Демаскирањето како што нагласив, ги „чепка“ елементите со кои се опседнати десничарите (Qanon, tea party) од САД и вечната борба на филозофите од Сократ па сè до оние од денешното време, „кој да ги лаже децата?“. Всушност борбата за идентитетот, и за сите други идентитети, така сфатени, низ призмата на статичноста на идентитетот, претставува борба за тоа кој и на каков начин ќе инсталира идеологија врз децата. Сократ бил обвинет дека ги расипува младите (децата), Платон во идеалната држава децата ќе ги одземе од родителите од најмала возраст, а во модерното општество децата посетуваат образование кое главно се грижи за создавање простор за нивно позиционирање во светот, на пазарот на трудот, во односите со светот. Нивните информации се чини дека се скудни, земајќи ја предвид црквата во минатото, па и сега. Таа има покомпромитирано досие во однос на злоупотреба на децата. Всушност, многу често, најзагрижените за децата, се оние кои никогаш ниту имале, ниту пак планираат да имаат деца.

Оваа битка која се случува на површината на класната борба, односно на слојот кој претставува културна рефлексија на класната борба, отуѓена од јадрото на оптималната општествена конфликтност, јасно и недвосмислено се повикува на политичкиот категоријален апарат дефиниран и предложен од Соле. Валтер Бенјамин варварството на авторитарната фасцинација смета дека не претставува фаза на цивилизациска регресија, туку е содржана во самите услови на репродукција на либерално-буржоаската цивилизација. Така сфатен, фашизмот претставува ослободување на деструктивните сили произведени од буржоаската цивилизација во криза со цел да се одржи процесот на акумулација.

Трите важни елементи на Христијанството кои ги заобиколува христофашизмот

Христијанството поседува голем потенцијал за една порамнителна релација меѓу луѓето во една заедница, без разлика колку и какви различности ја сочинуваат таа заедница. Тоа што онтолошки му е зададено, етички го задолжува христијанинот да гледа на друг човек како на свој близок е основната теза дека човекот е изграден според ликот божји. Еден од најзначајните истражувачи и промотори на оваа теологија и филозофија е неодамна починатиот Јован Зизиулас, теолог и историчар, а станува збор за филозофијата и теологијата на личноста (просопонот). Тезата дека ликот божји е присутен во човекот, уште од денот на раѓање, без разлика на неговите карактеристики кои имаат акцидентална природа, претставува важна линија на која се гради не само христијанското разбирање за човекот и неговата божествена природа, која е секогаш во насока на потенцијалност. Таа е важна и во градењето на меѓучовечките релации. Човек кој е убеден христијанин и воедно ја има „сварено“ оваа потенцијалност на човекот, не треба да има проблем со градењето односи со други лица кои не дошле до самопознание на сопствениот потенцијал за божествен двиг, во себе и надвор, во општеството. Накратко, верник христијанин не треба да го измачува неверникот (атеист или каков и да е -ист), затоа што и неверникот во својата природа, духовна се разбира, носи лик, карактер, капацитет, да стане ем верник, ем да се спаси себеси, согласно учењето на христијанството.

Тоа што можеме да го видиме во општеството наше, хистерични обиди на споменатите во воведот, кругови, кои директно и недвосмислено го земаат стапот на „пастирот“ и се обидуваат да го спасат општеството. Од што? Од педерастијата и травестијата (ЛГБТИ во контекст на дебатите со невладините организации, во други контексти национално и расно различните) како ултимативни гревови, тука едначејќи ги со ѓаволот и злото. Интересен е логичкиот след на претходно изнесената теза за ликот (просопонот) и стравот на овие „пастири“ кои во овој случај дејствуваат во толпа. Киркегор, христијанинот го гледа како парцијалност, како инстанца во која се крши конечното и бесконечното, место каде се одвива парадоксот на верата, спротивноста од дејствувањето во толпа, во име на заштита на Христос и во име на заштита на вистината.

Драги фолк-христијани и Јаков-инци, дури и под претпоставка дека педерастијата и травестијата е грев, како што учат големите христијански теолози, гревот не го уништува ликот божји во човекот. Дури и тогаш кога гревот доминира, ликот на Бог во човекот продолжува со иста потенцијалност да зрачи. Не се согласувам дека со фрлање на каменот кон оние кои се грешници, може ликот божји во нив да расцвета и да се прикаже во најдобро светло. Со нивно отфрлање и исклучување, ќе настане друг грев, вашиот, наместо да помогнете да расцвети ликот божји кај т.н. грешници, вие го засенувате ликот божји во вас.

Втор момент во христијанството, сметам дека е љубовта. Љубовта е поврзана со другиот човек, верник или неверник, сеедно. Ближниот, оној кој е ближен по логиката на поделба на заедницата на таткото-синот-светиот дух, или логиката на ближниот според општествената релација, соседот, човекот кој го среќаваме на улица, роднината, учителот во училиште, полицаецот на раскрсница, генерално секој човек до кој досегаат нашите сетила, но и нашиот разум. Него/неа да го/ја сакаме, затоа што во неговата/нејзината насмевка може да се види и божјата насмевка, слично е и со тагата, слично е и со сите човечки емоции. Љубовта кон ближниот е отворениот пат на човекот кон солидарност со другиот човек, кон сочувство со другиот човек. Еден мој добар пријател, човек од црквата, еднаш ми кажа, црквата низ историјата, исплашена дека ќе стори грев, престанала да љуби. Буквално ова можеме да го воочиме одблизу во речиси сите настапи на загрижените, а богами и исплашените до коска, од гревот. Не се плашете дечки, гревот е победен, пред десетина дена се славеше Велигден.

Трета компонента која сметам дека христијанството ја содржи како една од најсилните пораки и етички задолженија, а истовремено и најтешката, но доблесно највисоката, е простувањето. Парадоксот кој никако европската еготистички настроена етика не може да го совлада преку логичките егзибиции. Да простиш некому кој ти погрешил во животот е многу тешко. Тоа не може да се фолира. Можете да одглумите, дури и дека некого љубите. Особено во еден ваков свет преполн со камери и фотографии. Иако љубовта се разбира дека не може да се одглуми, таа е многу повеќеслојна во својата манифестација и поважна од една перформативна одлика. Да ти удри некој шамар и ти да простиш. Да ти опцуе некој мајка, и ти да простиш. Да ти наштети некој тебе лично или на твој близок и ти да простиш. Тоа сметам дека христијанството го носи како најсилен адут.

Значи ликот божји може да го носи претставникот на педерастијата, и ти како христијанин си задолжен да го сакаш како човечко суштество, затоа што тој е, меѓу другото, твој/а потенцијален/на брат/сестра во верата, а пред сè е суштество кое го носи печатот на создаделот, оној кој и тебе те создал. Љубовта е механизмот низ којшто ти се движиш како човек, затоа што само низ љубовта ќе ја почувствуваш уникатноста на релацијата со другиот човек, од сите раси, од сите родови, од сите полови, од сите слоеви, убави и неубави, добри и лоши. Простувањето ти останува како предизвик. Простил оној на кој ти се повикуваш постојано, ќе простуваш и ти. Тој исто така имал човечка природа, се измачил доста, ама накрај простил.

Мариглен Демири

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.
Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.

Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.

RELATED ARTICLES