домаКолумниЗдравко Савески: „Социјализам, а не само работнички права“

Здравко Савески: „Социјализам, а не само работнички права“

Традиционалистичкото разбирање на социјализмот го ограничува на борба против само еден експлоататорски однос во капитализмот: оној на капиталистот врз работникот. Но, социјализмот е нецелосен, партикуларен, со ваквото ограничување. Социјалистичкиот стремеж мора да биде сеопфатен и да цели кон тоа да ги надмине сите експлоататорски и доминирачки односи на капитализмот.

Денес многумина, сѐ уште, го третираат социјализмот како прашање на минатото, а не на иднината. Како нешто што било, а не како нешто што допрва ќе следи. Како систем што неповратно станал дел од историјата, без можност за повторување, заедно со родовската заедница, робовладетелството и феудализмот. Да биде ситуацијата уште полоша, прво, има и луѓе што за себе кажуваат дека се социјалисти, комунисти, анархисти, а што се помириле со тоа дека капитализмот е тука да остане, барем до крајот на нивните животи. Па, се залагаат само за зауздување на најлошите аспекти на капитализмот, за повеќе социјална правда и работнички права во рамките на системот. Друго, не само социјализмот, туку и секој стремеж да се изгради похуман и поправеден свет многумина го третираат како неповратно надмината илузија од минатото. Оттука, не се работи за тоа дека социјализмот е отфрлен поради неговите грешки во минатото, но дека останал жив стремежот за изградба на подобар свет од денешниот. Не, уште подлабок е проблемот. Многумина, вклучително и многумина експлоатирани од капитализмот, го офрлаат самиот стремеж за изградба на подобар свет, а во тој контекст и социјализмот.

И додека вака стои ситуацијата на едниот пол од контрастот, на неговиот спротивен пол постои итна нужност од радикална промена на постојниот економски систем, значи на капитализмот. Успевајќи да се издигне до геолошка епоха, капитализмот (односно капиталоценот, капитализмот што станал геолошка епоха) создаде климатска криза, нарушување на климата на планетата што ја загрозува иднината на целиот жив свет, вклучително и на човештвото. Па овој показател на моќта на капитализмот, на неговата доминација, истовремено го жигосува него со најлошата можна карактеристика: дека тој стана закана по животот на планетата! Не може ниту да се замисли полоша карактеристика што може да му се припише на еден систем! На тоа ниво падна капитализмот! Оттука, неговото надминување не е едноставно само пожелно, туку денес е издигнато за цело едно ниво повисоко: тоа е нужно. А со тоа и контрастот добива екстремни димензии: додека надминувањето на капитализмот е нужност и тоа нужност што е неодложна, одбивањето на луѓето експлоатирани од капитализмот, дури и да мислат отаде капитализмот, а камоли да делуваат против него е на историски ниско ниво веќе подолго време.

Се разбира, многумина не прифаќаат проблемот со климатската криза да се лоцира кај капитализмот. Доста гласни се оние што се залагаат за „зелен“ капитализам, за промени ограничени на изворите на енергија. Наместо фосилна, треба да има обновлива енергија и толку. Во економскиот систем нема што да се чепка. Бидејќи тој бил најдобар, доволно добар или барем подобар од сите можни алтернативи. Сѐ уште ги има и таквите слуги на капиталот и тие што одбиваат да се соочат со фактите, а според кои климатската криза е надуен проблем, па дури и некаков заговор. Оттука, прашањето за климатската криза и утврдувањето на капитализмот како нејзин причинител треба да се отвори, да се дискутира, да се утврдат причините за кризата и да се утврди што е потребно за да се надмине кризата. Сето тоа не е проблематично. Проблематично и погубно е истиснувањето на кризата на маргините на јавната расправа, како нешто без примарно значење, а камоли со некаква ургентност.

Која треба да биде позицијата на социјалистите во овој контекст? Од една страна, делувањето против капитализмот стана не само социјалистичка, туку и општочовечка должност. И се помести од далечната, неодредена иднина во денешницата. Од друга страна, кај работничката класа, во нивниот примарен фокус сериозно отсуствува свеста и интересот како за климатската криза, така и за надминување на капитализмот. Работата е дотаму замината што при критика на капитализмот многу работници (што и самите се жртви на експлоатацијата!) се обидуваат да му го обелат образот на капитализмот, префрлајќи ја вината за политичките, општествените и економските проблеми на друго место (власта, корупцијата, човечката природа) и негувајќи си неизвалкана слика и илузија за капитализмот во богатите земји. Во таков контекст, дали треба да се потклекне на притисокот и борбата фактички да се сведи на борба за работнички права или, без разлика на комплексноста на потфатот, фокусот мора да биде на нужноста од борба за похумана и одржлива трансформација на постојното општество?

Работничките права и социјалната правда секако дека треба да останат поле на интерес и делување за социјалистите. Но, важно е да се разберат и избегнат барем три замки.

Првата замка е преку делувањето за повеќе работнички права, фактички да се пасивизираат работниците, тие да размислуваат дека има „кој да му ја мисли“ и да делува, а тие на готово да ги добиваат придобивките, без самите да се ангажираат. Настрана што оваа позиција е морално проблематична, таа обично дава килави резултати, бидејќи без масовен притисок едноставно не може да се издејствува исчекор во положбата на работникот.

Следната замка е да се создаде илузијата кај работниците дека е доволно, дека е задоволително ако дојде до некое мало поместување во работничките права, додека борбата против капитализмот – може да почека, бидејќи тоа и така е комплексен потфат. Ваквата позиција денес, со оглед на одминатата фаза на темпираната бомба со климатската криза, претставува луксуз, значи краткорочно мало поместување напред што ќе биде збришано, заедно со многу други придобивки, поради неделувањето во насока на пренасочување на сегашниот тек на историјата. Тоа мора да се разбере и искомуницира.

И третата замка може да го претвори успехот во пораз. Ако работничката борба биде сведена на борба за повисоки плати, за подобро платена експлоатација, „успехот“, во контекст кога капитализмот нуди многу консумеристички удопства за пари, може да придонесе работниците да почнат да се гледаат себеси како припадници на средната класа. И, како такви, да бидат изгубени за понатамошните борби. Недозволиво е да не се прави разлика меѓу животен стандард и квалитет на животот и да се овозможува работниците лесно да паѓаат на капиталистичката пропаганда дека она што било нужно за добар живот е поседувањето што повеќе пари и нивното трошење онака како што е тоа најповолно од гледна точка на профитот на капиталистите. Во фокусот на работничката борба треба да се вратат заложбите кои целат кон подобрување на квалитетот на животот. Во прв ред, борбата за значително скратување на работното време. Недозволиво е, при повеќекратно зголемена продуктивност на трудот, повеќе од сто години да нема никакво намалување на должината на работното време! Поради зголемената продуктивност на трудот можеме да работиме по четири часа дневно, наместо по осум и повеќе. Замислете колкаво наше ослободување ќе биде тоа!

Има уште една клучна поента во контекст на борбата за социјализам наспроти борбата само за работнички права. Како рецидив на третирањето на социјализмот, не само како прашање од минатото, туку уште полошо, како скаменет во минатото, често во традиционалистичките социјалистички кругови се игнорира проширувањето и продлабочувањето на еманципаторските борби во последните сто години. Тука особено мислам на борбата за женски права и борбата за правата на останатиот жив свет на планетата. Па ако воопшто и се уважуваат, овие борби се третираат како „партикуларни“ во однос на борбата за работнички права, а со тоа и подредени на таа борба, секундарни во однос на неа.

Грешката тука не само што раѓа непотребни тензии меѓу различните застапници на еманципаторските борби, туку го партикуларизира фронтот наместо да обединува. Експлоатацијата и доминацијата што се вршат во капитализмот се широкопојасни. Со други зборови, тие во капитализмот не се ограничени на експлоатацијата и доминацијата на работникот од страна на капиталистот. Покрај човечките ресурси (работниците), се експлоатираат и природните ресурси. Земјите од јадрото на капитализмот ги експлоатираат земјите од периферијата и се збогатуваат на нивна сметка. А постои уште еден важен аспект на експлоатацијата и доминацијата. Ако некој е жртва на експлоатација и доминација во еден општествен однос, тоа не значи дека неговата улога не може да се претвори во експлоататорска и доминирачка во други општествени односи. На пример, работникот што е експлоатиран од капиталистот, во сопствениот дом може да ја експлоатира својата сопруга и може да соучествува, како дел од капиталистичкото општество, во експлоатацијата на природата.

Традиционалистичкото разбирање на социјализмот го ограничува на борба против само еден експлоататорски однос во капитализмот: оној на капиталистот врз работникот. Но, социјализмот е нецелосен, партикуларен, со ваквото ограничување. Социјалистичкиот стремеж мора да биде сеопфатен и да цели да ги надмине сите експлоататорски и доминирачки односи на капитализмот. Оттука, партикуларистичка може да биде не само борбата за женски права (кога таа себеси ќе се ограничи само на тој аспект на експлоатација и доминација). Но, партикуларистичка може да биде и борбата за работнички права. Само социјалистичкиот стремеж може да ги надмине партикуларизмите на поединечните еманципаторски борби. Но, само оној социјалистички стремеж што тежнее да ги надмине сите експлоататорски и доминирачки односи на капитализмот, а не само овој или оној.

Здравко Савески

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Здравко Савески / Zdravko Saveski
Здравко Савески / Zdravko Saveski

Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).

RELATED ARTICLES