Кога се говори за воспитно – образовниот процес честа е појавата истото да се одвојува од педагошкиот контекст во кој тоа се реализира. Притоа, се изнесуваа и разни сумативни оцени, кои се непотполни и нереални доколку не се согледаат сите причини и објективните услови во кои тие настанале. Во овој текст ќе се позанимаваме токму со прашањето: Каков педагошки контекст е македонското општество, и колку во суштина општеството како целина влијае врз квалитетот на образованието?
Општеството е збир на поединци кои живеат на определен простор, во определено време, практикувајќи определена култура, споредувајќи определена слична свест, односно психолошка слика за некои појави. Воспитно – образовниот процес пак, е свесна и намерна активност, со која општеството ги формира идните генерации, чинители на општеството и преку тоа си обезбедува свој раст и напредок. Во воспитно – образовните институции дидактичкиот триаголник кој е најдиректно поврзан со реализицијата на наставата е сочинет од наставник, наставна содржина и ученици. Должноста на наставникот е да им го пренесе на учениците потребниот квантум од знаења, на најдобар можен начин. Какво знаење, во кој обем и за која област утврдуваат надлежните институции, односно во нашиот случај Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука. За материјалните услови во коишто се реализира наставата, одговорни се локалните самоуправи и надлежните министерства за економија и финансии. Општо кажано, за материјалните услови надлежен е демократски избраниот политички апарат кој управува, раководи и ги распределува средствата добиени по основ на разни давачки од граѓаните.
Училиштето не е свет само за себе. Тоа е педагошка средина во која се остварува воспитно – образовниот процес, која пак функционира во поширок општествен контекст, т.н. педагошки контекст. Досега согледавте дека образованието не е издвоено тело, инертно на општествената реалност, туку чини еден жив и активен дел од таа реалност. А каква е нашата реалност? За карактерот и односите во нашето општество сите сме доволно свесни, благодарение на судирот кој го имаме со истото. Македонското општество е збир на политиканство, нефункционалност, систем каде што царува беззаконие.
Во нашата земја евидентни се процесите на руинирање на образовниот систем, културата, економијата, а сето тоа е во суштина вина на политиката која се практикува во изминативе две децении. Преку ерозијата на економско производните услови на земјата по распадот на социјализмот, се распаднаа и морално идеалистичкиот постамент на сите останати општествени столбови. Науката, и образованието, станаа и сè уште се само мртво слово на хартија. Хартија којашто не вреди доколку зборовите испишани на неа не произлегуваат од практиката и не решаваат практични проблеми. Но од каде всушност започнаа овие проблеми? Виновник за овие состојби се пронаоѓа во онаа категорија што овој систем треба да го управува, стимулира и надградува, а тоа е политиката сфатена во поширока смисла на зборот. Долго време наназад овие општествени столбови не се ништо повеќе од проста декорација на партискиот режим. Украс кој со време се претвори во вносно поле за бројни партиски кадри, кои само седеа и придонесуваа, и сè уште придонесуваат кон општиот колапс.
Економскиот аспект, основната движечка сила е разнишана. Иако постои и функционира, економијата е насочена кон џебовите на малкумина, а не кон општествениот прогрес. Во вакви услови многу е тешко со малку финансии да се изведе нешто квалитетно, но не е невозможно. Со вистински кадри на вистинско место, со многу труд и постојаност навистина можат да се направат. Вистинските кадри пак, не паѓаат од небесната шир туку тие треба да се формираат низ еден долг процес на образование. Во услови кога образовниот систем ви е руиниран до точка на формалистичко постоење, не може во суштина да очекувате никаков прогрес туку само дополнителен колапс. Палијативните реформи, разноразните партиски решенија, кои само номотехнички се менуваат, а суштински се исти, едвај да може да се класифицираат како палијативни – привремени, површни, а научна фантастика е да се зборува дека тие нешто и ќе променат. Базирањето на политиките врз етнички, национален, па и верски концепт, претставува само дополнителен товар на овој систем. Постапките од ваков тип пак претставуваат погреб на и онака формално функционалните основни институции на општеството. Невложувајќи во системот, ненадградувајќи го, го осудуваме истиот на колапс, а општеството на уназадување. Општествено уназадување, термин кој доколку се сфати во широк контекст е можеби најсоодветниот термин за оценување на движењата и процесите во современото македонско општество.
Од погореизнесеното можеме да согледаме дека нашите училишта, нашата педагошка средина во која се реализира воспитно – образовниот процес е сместена во исклучително лош педагошки контекст. Контекст во кој не се вложува во образованието, нема квалитетни наставни програми, а воопшто земено воспитно – образовниот процес е сфатен како вечно атрактивно поле за политичко реформирање. Тоа реформирање всушност е вносен бизнис за оние кои го реализираат бидејќи зад тоа стојат милионски суми, најчесто кредити од светски организации. Претходниот исказ не треба да биде сфатен во контекст дека на образованието не му требаат промени. На образованието очајно му требаат коренити промени, но не му требаат политички палијативни реформи кои се претекст за грабеж и перење пари! Понатаму, во нашето општество како што сум пишувал и претходно отсутен е воспитниот идеал. Денеска не е јасно зошто некој би учел, што би добил преку учењето и каков ефект треба да има тој новосоздаден општествен потенцијал. Ова ни укажува на немање воопшто никакви долгорочни политики и планови за тој воспитно – образовен и научен развој. Образованието во овој момент е само форма без суштина! Во нашето општество се разви и култура на политичка и воопшто човечка неписменост, култура на неказнивост. Се создаде еден пеколен реалитет во којшто сè што е против човекот и здравиот разум е дозволено, а секој изблик против тој реалитет е осуден на стигматизација и отфрлање.
Ваквиот педагошки контекст значително влијае врз работата во педагошката средина. Учениците кои сосема јасно го перципираат општеството, одбиваат да учат, немаат мотивација и воопшто не го гледаат бенефитот од образованието. Многу е тешко да воспитате некој и да го научите на нешто, доколку истото во општествената реалност односно во педагошкиот контекст нема никаков ефект. Вие може со денови да говорите од потребата за демократија, чесно и одговорно работење, за потребата од квалитетно знаење и манири со кои ученикот би напредувал низ општеството, но тоа нема да има никаков ефект. Со првиот чекор кој детето ќе го направи надвор од педагошката средина во педагошкиот контекст, како кула од карти ќе се срушат сите стекнати навики, компетенции и усвоени знаење. Веднаш ќе ги воочи непотизмот, партизацијата, воопшто земено целокупниот хаос кој владее во општеството. Тој хаос, таа нефункционалност е тоа што младите ги воспитува дека тука не може да се просперира со значење, квалитет и чесност во работата. Ги поучува дека што помалку знаат, што повеќе молчат пред неправдата или што подиректно учествуваат во нелегални активности, тоа поуспешни ќе бидат, а материјално ќе котираат сè подобро и подобро. Од тука тоа што се учи во училиштата делува ирационално, делува како нешто низ коешто мора да се помине, но кое нема никаква општествена вредност и примена. Жалосна констатација на актуелната трагичност во којашто живееме.
Образованието пак, има и една своја интересна карактеристика. Преку образованието општеството ја креира својата иднина и го определуваа патот по кој тоа ќе се движи. За тој пат треба да постои согласност од сите политички чинители, но истото треба да биде прифатено во општеството. Нашето македонско општество, одамна не може да изнедри сили и волја да се обедини околу овие клучни интереси. Поради тоа постојано се случуваа некои превирања, кои учениците и образованието ги заробуваат во еден континуум на неквалитет, а воопшто сите нас како живи суштества, нè осудуваат на живот во една дехуманизирана средина. Тогаш, да се запрашаме, согласно тоа што го гледаме и во кое живееме, каква иднина ќе ни донесе? Иднина која доколку нештата продолжат по овој тек, може да се каже е прилично лоша. Формализмот на образованието и лошиот педагошки контекст дополнително ќе го руинираат општеството. Бројот на луѓето коишто се отселуваат експоненцијално ќе се зголемува од година во година, со што ние би останале една демографски опустошена, но оградена ливада. Тука ќе царуваат криминалот, бедата и незнаењето кое веќе е толку честа појава што и просечно писмен човек за нас е веќе големо изненадување. Фактот дека сега ние се чудиме кога ќе видиме нормално завршена работа, кога ќе сретнеме нормално образован човек, ни говори дека општеството ни потонало и се урнало.
Во овој момент, за жал, можеме само да ги констатираме постоечките проблеми и ситуации, но и да предвидиме што тие ќе ни донесат во понатамошниот развој. Секогаш останува прашањето што конкретно можеме да преземеме за да ги промениме нештата? Наша должност е да работиме на тоа со цел идните генерации да ги воспитаме и поучиме за тоа кон коешто стремиме. Да ги поучиме кон хуманистичкиот идеал. Должност ни е, секој со сопствени сили, да ја отфрлиме и да се бориме против оваа реалност. Интелектуалниот пролетаријат заедно со народот и работниците ќе биде оној што ќе го диктира новиот процес на развој во општеството. Сите опоненти, дотогашни опресори, цензори, ќе се делегитимираат сами од себе. Хаосот и колапсот ќе ги изнедрат од себе способните да раководат со ситуацијата. Многумина ќе помислат дека ова во суштина е само едно просто теоретизирање, но како што одминува времето, следејќи ги размислувањата пред сè на младината, работниците, интелектуалците, согледувајќи ги условите во кои живееат, работат и се образуваат, сè ова е само еден надоаѓачки момент кој час поскоро ќе се случи.
Васко Гичевски
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Васко Гичевски е роден во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.