домаФоторепортажаГрафитите како урбана уметност спротивни на вандализмот и нивната социјална значајност

Графитите како урбана уметност спротивни на вандализмот и нивната социјална значајност

За графит се смета било кој вид на пишување или цртање на ѕидови или други површини во јавни простори. Тој претставува форма на самоизразување и начин за комуницирање кои некои го сметаат за форма на урбана уметност, други пак го сметаат за вандализам.
Графитот во Куманово е предмет на дебата веќе многу години. Некогаш се сметаше како криминално дело и уништување на имоти, но сега се почесто можат да се видат шарените графити по центарот на градот, кои посебно ги красат основните и средните училишта.
Да навлеземе подлабоко во убавината на делата, но и оние кои се безначајни.

Дефиниција на графитите како форма на самоизразување и креативност.
Графитите или графито потекнуваат од италијанскиот збор graffiato („исчкртано“). „Графити“ се спомнуваат во историја на уметноста, како уметнички или слободни дела создадени со гребење на надворешна површина на камен или ѕид. Во антички времиња графитите биле врежувани на ѕидовите со остар предмет, иако понекогаш биле користени креда или јаглен. Пример за ова претставуваат праисториските цртежи во француската пештера Ласко или пак графитите во урнатините на Помпеја.
Во денешно време, најчесто се користи боја како што се лименки со боја (спрееви) и маркери. Во повеќето држави цртањето на графити на нечија сопственост, без дозвола од сопственикот се смета за вандализам. Активистите графитите ги користат за објавување на социо-политички пораки. Сегашните графити, најчесто се букви во три-димензионален облик со разни бои и потписи т.н. тагови кои својот зародиш го имаат во хип-хоп културата. Овие слики или уметнички улични дела им ја враќаат убавината на старите изнемоштени згради.

Да го дефинираме вандализамот

Вандализмот во форма на графити е акт на оштетување на јавни имоти со создавање на вознемирувачки слики, зборови на омраза, шарање со распрснувачка боја или други материјали, без никаква естетска смисла или обид за креирање на нешто убаво.

Општествено и социјално значење на графитите

Социјална функција на графитот е јасна со цел да го истакнат или промовираат идентитетот на една заедница или да ги изразат негативните влијанија на некои социјални проблеми. Уметниците, но и активистите, го користат своето дело како начин за политички и социјален израз, користејќи ги ѕидовите на јавни простории за да ги споделат своите мислења и забиднувања со заедницата. Со други зборови, графитот може да биде моќно средство за социјална промена. Многу графити изразуваат силни пораки против расизмот, сексизмот, дискриминацијата, нерамноправноста и други социјални проблеми. За многумина, графитот е начин да се привлече внимание на важни прашања и да се поттикне дискусија во заедницата за важните проблеми.


Во Куманово отсекогаш, но посебно во последните години, графитите се популарна форма на уметност. Се почесто се одредуваат настани како „Графити Фест” кој по втор пат годинава ќе се одржи на 20 мај, во населба Гоце Делчев. Уметниците и слободните артисти ќе креираат свои дела, ќе прошараат со сите бои по јавниот простор со целосна подршка од институциите и без страв од правни последици.


Графитите ќе останат моќна форма на социјална порака и уметнички израз, обезбедувајќи глас за оние кои немаат друг начин да ги комуницираат своите идеи до јавноста. Според мене, сите ние што имаме некоја оформена идеја и став за нешто, треба да направиме графит со цел поттик и мотивација кон активирање на промената, но како и да измамиме насмевка или инспирација на луѓето во градовите.

Ова фоторепортажа е направена во Куманово во месец април 2023 година, со неколку одбрани социјални пораки, креативни дела, но и примери за вандализам.

Со живеалиште во Куманово, Љупка ужива да поминува време со своето дете, да ja истражува природата преку планинарење. Обожава креативно да пишува, а е и страствен филмофил со особена љубов кон жанровите мрачна комедија, фантазија и научна фантастика.



RELATED ARTICLES