домаИнтервјуЈана Петреска за „Контра кадар“

Јана Петреска за „Контра кадар“

Портрет на Јана Петреска
Портрет на Јана Петреска

Интервју со Јана Петреска, дел од „Контра кадар“

„Контра кадар“ е независна културна иницијатива којашто организира општествено ангажирани настани со филмски проекции, проследени со дискусии. Постои од 2013 година,  а од 2017 во рамки на „Контра кадар“ има и библиотека.

Јана Петреска е психолог, магистер во областа на клиничката психологија и гешталт психотерапевт во тренинг. Активист и волонтер, член на „Контра кадар“ од 2017, основач на библиотеката на „Контра кадар“ којашто функционира на принципот „земи – остави“. Вљубеник е во уметноста и природата.

Никола Шиндре: „„Контра кадар“ е една од културните иницијативи во Битола која успеа да опстои една декада со двесте проекции на филмови и дискусии. Тоа е нешто за пофалба, но истовремено претставува и обврска – да се продолжи и понатаму.

Начините на функционирање на сите иницијативи доста се разликуваат низ времето и просторот, но во суштина имаат и нешто заедничко – случајноста, а и задоволството што произлегува од творештвото – проекцијата и дискусијата. Како во изминатата декада се полемизираше за овие прашања?“

Јана Петреска: „Во принцип јас не сум човек кој верува во случајности. Оваа иницијатива беше формирана со силна желба и голема мотивација кај нејзините основачи, за движење, за менување, за раст, учење и споделување. Низ годините активистите кои работеа зад настаните се менуваа, секој со своите обврски, но кој еднаш влегол како активист во „Контра кадар“ постојано се враќа назад кога ќе успее да најде парче слободно време. Тоа што ја одржува иницијативата сите овие години мислам дека е сличниот светоглед на активистите и жедта за полемизирање, размислување, дебатирање со цел да се дојде до барем микро промена“.

Н. Ш. Некои тврдат дека човекот е слободен, други дека треба да биде. Без да се навлегува во тој спор, можеби поинтересно е да се чуе како во пракса се расправале овие проблеми – од изборот на филм, до изборот на гостин, а потоа и дискусиите што може да се каже дека привлекуваа дури и повеќе внимание од проекциите?

Веројатно поради сличниот светоглед на активистите во „Контра кадар“ како што споменав и претходно, дискусиите околу избирање тема за филм и дебата секогаш течеле глатко и одлучно. Главно се бираат општествено актуелни теми што се разгледуваат низ призмата на филмот за на крај стручните лица од областа за која се дискутира, кои ги каниме како гости на нашите проекции, да го споделат своето мислење, знаење и искуства. Вистина е дека дискусиите привлекуваат најмногу внимание кај публиката, самата дискусија е тоа што го разликува „Контра кадар“ од обично кино. На овие дискусии се среќаваат истомисленици, се судираат оние кои имаат различни размислувања на дадената тема, но на крај сите заминуваат со значаен одговор на прашањата со кои влегле на настанот. Секако ова е мое мислење и моја искрена желба. За да биде автентично ќе мора да прашаме некој од нашата верна публика.

Портрет на членовите на „Контра кадар“
Портрет на членовите на „Контра кадар“

Н. Ш. „Контра кадар“ не е официјална организација, но може да се каже дека веќе се знае кога е и каде е. За културните збиднувања, тоа е најважно. Како е да се носи предизвикот да се биде и алтернативна, но и многу добропозната сцена?

Не е лесно, но е многу предизвикувачко и исполнувачко. Да се биде алтернативен значи да се отстапува од наметнатите и главни норми и вредности на едно општество и да се нуди алтернатива на доминантната култура. Токму поради рушење бариери, „Контра кадар“ како организација била класифицирана и етикетирана, но на крај публиката успева да ја препознае вистинската вредност на оваа иницијатива и да и’ ја даде својата доверба. Им благодарам на сите оние кои во текот на овие години нè следат, нè поддржуваат и ги посетуваат нашите настани бидејќи без нив не сме ни ‘алтернативна’, ни ‘сцена’. Заедно со сите тие луѓе ја изградивме иницијативата и заедно стигнавме до 200 проекции во 10 години постоење.

Н. Ш. Секоја културна организација, без разлика на нејзината форма се обидува да пренесе некаква култура, а со тоа и знаење. Каква култура за киното и какво знаење за филмот сака да пренесе „Контра кадар“?

„Контра кадар“ примарно сака да изгради култура или сигурен простор за слободно изразување на секој еден. Простор во кој секој може да ги изнесе своите ставови без да биде осудуван. Со цел да се допре до публиката и истата да се инспирира да говори го користи филмот како медиум за поттикнување критична маса која е спремна да полемизира и да прави промена. Значи уметноста, или поконкретно филмот го употребуваме како алатка која инспирира критика, поттикнува прашања и бара одговори за преку дискусијата да се добие една слика на што со тоа што го носи филмот, што со тоа тука и сега.

Н. Ш. Денес, не толку споменувано, но културните друштва треба и да воспитуваат, а особено низ примерот. „Контра кадар“ нема секогаш бројна, но има значајна и верна публика. Некогаш публиката има потреба активно да се вклучи, тоа е веројатно најинтересното кај независните сцени. Како се стекнуваат тие нови пријателства?

Токму така, и поради тоа одговорноста е голема. Тие кои редовно ги посетуваат нашите настани веќе се навикнати на начинот на кој функционираат дискусиите, а тие кои прв пат доаѓаат лесно се прилагодуваат и продолжуваат да нè посетуваат и да зборуваат, да го делат своето мислење, да прашуваат и да се интересираат, но и да споделуваат искуства. Имало и такви кои не успеале да се пронајдат во парчето простор и време кое го нудиме што е сосема нормално и природно. Тие продолжуваат да го бараат тоа што им треба, тоа што го сакаат за себе и што е нивно, а ние сме тука ако се предомислат.

Постер за 10-тиот роденден на „Контра кадар“
Постер за 10-тиот роденден на „Контра кадар“

Н. Ш. Филмот можеби не сосема, но скоро го замена романот иако не може целосно така да се споредува. Тоа значи дека филмови се гледаат често, особено дома. Што е тоа што „Контра кадар“ ѝ го посочи на публиката за да може автономно да си бира подобри филмови и дома?

Филмовите кои се прикажуваат најчесто даваат критика на некоја културно општествена тема. Една од целите кои сакаме да ги постигнеме е да го изостриме окото на младите со цел да препознаваат добра критика, а тоа го правиме преку нашата отвореност кон публиката – секој може да предложи филм кој го гледал и кој мисли дека е добар и вреден да се прикажува и да се дискутира на темата која ја обработува. Секако, тоа не значи дека дел од нашите активисти (како на пример јас) не се вљубеници во уметничките филмови полни со естетика кои се гледаат од чисто хедонистички причини.

Н. Ш. Беше кажано за публиката, а сега за актерите на иницијативата. Што е тоа што мислите дека треба публиката од „Контра кадар“ да го знае за тие кои се грижат секогаш да има убава проекција и добра дискусија потоа?

Дека сме отворени за нови пријатели – активисти кои ќе ни се придружат и ќе ни помогнат во ширење на идејата, слободата и убавината на иницијативи како „Контра кадар“ и ќе овозможат конкретно оваа иницијатива да опстои уште многу, многу години.

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES