домаКолумниРуфат Јашари: „Токсичната врска помеѓу капитализмот и менталното здравје“

Руфат Јашари: „Токсичната врска помеѓу капитализмот и менталното здравје“

Критичка психологија
Критичка психологија

Особено последниве неколку децении, светот како да боледува од неизлечлива ментално здравствена епидемија, особено евидентно во земјите кои ги перцепираме како „типично“ капиталистички, каде нарушувањето на менталното здравје претставува водечки повод за скратениот животен век веднаш зад кардиоваскуларните болести и карциномот.
Во разбирањето на менталното здравје, во капиталистичките општества доминираат биолошките дефиниции, но значително се присутни и толкувања од сферата на јавното мнение. Примарно, опсервацијата е фокусирана на невротрансмитери како што се серотонинот и допаминот, и притоа ужива прилично висок процент на популарност, но преовладуваат и теориите околу генетскиот редукционизам во биолошките науки, односно обидите да се идентификуваат одредени генетски абнормалии како причинители на нарушеното ментално здравје, како и објаснувањата базирани на геномиката.

Врската помеѓу менталното здравје и социјалните кондиции е во голема мера запоставена.
Дијагнозите во речиси сите ситуации започнуваат и завршуваат со индивидуата, идентификувајќи ги биоесенцијалните причини на сметка на испитувањето на социјалните фактори. Социјалните, политичките или економските услови мора да се препознаат и да се адресираат како значително негативни придонесувачи во тој процес на нарушување на менталното здравје, особено во рамките на едно капиталистичко општество.
Впрочем, би рекол дека всушност самиот капитализам по себе е главната детерминанта на лошото ментално здравје – виновник за енормно високите нивоа на ментално здравствени проблеми кај луѓето, и се манифестира секојдневно преку стрес, анксиозност, депресија, нешта кои би можеле (за почеток) да се ублажат само во општество кое не практикува експлоатација или угнетувања од финансиска, родова или трудова природа.

Широко распространетата ирационалност на капитализмот ја илустрира понижувачката природа на истиот, систем во којшто само помал процент луѓе уживаат благодетна „среќа“, „пријатност“, додека мнозинството доживуваат крајно незадоволителни искуства.
Сè повеќе како да преовладува поривот „да не се прави ништо“, како последица на тоа „интелектуалната енергија“ се сведува на минимум, додека консумеризмот значително си ја собира најголемата „придобивка“ од целата таква констелација на нештата.

Капиталистичкиот монопол е карактеризиран преку некомпатибилноста помеѓу, од една страна безмилосното „бркање“ профит, и од друга страна есенцијалните потреби на луѓето. Како последица на тоа, во капиталистичките општества условите кои се потребни за оптимизација на менталното здравје се насилно поткопани, општества афектирани од најразлични неврози и други видови ментални растројства.

Што се однесува до менталното здравје и човековата природа, постојат многубројни контрадикции помеѓу хуманата природа и капитализмот, а главно тие противречности доаѓаат до израз кога се врши актот на „репресија на човековиот дух“ и притоа можеби најлошто е тоа што мнозинството е несвесно за оваа тенденција дозволувајќи нивната свест да биде менаџирана од организацијата на капиталистичкото општество мислејќи дека следат одредена социјално прифатлива норма.

Поразително е и тоа што луѓето чувствувајќи дека многу полесно можат да ги задоволат своите биолошки потреби, најчесто акцент ставаат врз таквите пориви додека интелектуалните стремежи, па и емоционалната интелигенција се на незадоволително, ниско ниво.

Доколку императивот би ни бил со цел да изградиме разбирање на човековата природа и поврзаноста со менталното здравје, според кое истото би можело да се процени, би требало да се осврнеме на неколку човекови карактеристики, како на пример поврзаноста, и приврзаноста. Луѓето се свесни дека се практично „сами“ во светот, но сепак напорно се трудат да воспостават врски на единство, врски во кои би чувствувале припадност и всушност на некој начин не би можеле ниту да постоиме, ниту пак да функционираме како поединци без поврзаноста. Креативната интелигенција исто така би можела да се нотира како една од тие карактеристики, потоа „доминацијата и умешноста да се обликува природата“, нешта кои се трансформираат во основна човекова карактеристика која бара исполнување. Автентично чувство на припадност би можело да се доживее или постигне во општества кои се изградени врз база на солидарност, еднаквост , но сепак природно е и развивањето чувство за идентитет, свесност за себе, дека се специфична личност, развивајќи рамка преку која би го разбрале светот полесно, како и сопствените искуства. Но во капитализмот, целосната сатисфакција на „човековата психа“ е попречена. Потеклото/историјатот на нарушеното ментално здравје лежи во начинот на производство, дистрибуцијата на произведеното, влијанието од политичките и општествените структури, чија организација сама по себе го спречува целосното задоволување на природно вродените човекови желби или потреби.

Трудот пак, во капитализмот е отуѓувачко искуство кое ги отуѓува поединците од нивниот животен процес. Самиот отуѓен „надворешен“ труд не му припаѓа на суштественото, не се афирмира, туку се одрекува, работникот не се чувствува задоволен, туку несреќен, својата физичка и умствена енергија не ја развива по слободна волја така што му врши деструкција на неговиот ум па тоа дури и се чувствува физички.

Наместо да се задоволува потребата за креативна експресија, истата капитализмот ја потиснува преку монотоната и исцрпувачка експлоатација на работничкиот труд.
Згора на тоа, посериозните ментални здравствени состојби, како што се стресот, депресијата и анксиозноста, сè повеќе се појавуваат како последици од незадоволството на работното место. Природата и организацијата на работата во капитализмот делуваат како значително средство за исполнување на креативноста на работникот само привидно, односно декларативно. Работата во капитализмот ги отуѓува поединците од основниот аспект на нивната природа и притоа стимулира појава на најразлични негативни ментални состојби, генерира умствени растројства итн.

Капитализмот силно и видливо им опонира на идеалите за колективизмот и солидарноста, аплицирајќи поттик за конкуренција помеѓу работниците, наметнувајќи им компетиција „за да го подобрат сопствениот личен развој“,  труд за кој би биле „соодветно наградени“, што всушност е директна рефлексија на фунционирањето на капиталистичкиот маркет.

Како последица на тоа, работниците се самоизолираат, се дистанцираат, се со компетитивен менталитет, останатите повеќе не ги перцепираат како извор на поддршка, туку како бариери во личниот професионален развој. На тој начин капитализмот значително сукцесивно ја вградува „осаменоста“ во сопствената структура ослабувајќи го општественото единство, како неизбежен исход.

Растот на производството и профитот се едни од елементарните карактеристики на капитализмот. Откако стана аксиоматичен поим, идејата за проширено производство ретко се оспорува. Неолибералните реформи и решенија кои денешниве системи ги промовираат и аплицираат оставаат многубројни работници со несигурни работни места, помала заштита на работничките права, незагарантирани бенефиции, недоволна регулација на работните часови итн., и сите заедно ја афектираат човековата психичка состојба и расположение, која пак се отсликува врз околината.

Можеби не е најсоодветен пример за материјализмот, потрагата по идентитетот и креативноста, но сепак би го навел следново: родителите кои од безбедносни причини не им дозволуваат на своите дечиња да си играат надвор, но се обидуваат да им компензираат купувајќи им консумеристички диктирани добра, а притоа истите не ги задоволуваат потребите или желбите на децата нималку, што ги прави децата несреќни.

Како што се ближам кон крајот на мојов осврт, би потенцирал дека поентата на пишувањево не е негирање на биолошките аспекти и можности кои го сочинуваат нарушеното ментално здравје, туку да се стави акцентот и на тоа дека структуралната организација на општеството во денешно време има енормни реперкусии во однос на човековата психичка состојба и дека отпорот е неопходен во целокупната класна борба. Впрочем, евидентно е дека за тие кои страдаат од психички болести, животот во капитализмот им се состои од опресија и дискриминација.

Капитализмот никогаш нема да понуди или обезбеди услови кои се погодни и неопходни за подобрување на менталното здравје или пак за постигнување одреден квалитет на истото, затоа што угнетувањето, експлоатацијата и нееднаквоста во голема мера го потиснуваат автентичното сфаќање за тоа што значи да се биде човек.

Конфронтацијата на бруталното влијание на капитализмот врз менталното здравје на луѓето мора да биде една од централните компонентни на класната борба затоа што борбата за социјализам никогаш не е само борба за зголемена материјална еднаквост, туку за хуманоста, солидарноста, и за тоа сите човечки потреби да бидат задоволени, вклучувајќи ги и оние психолошките.

Сите ние во општествово сме засегнати од нехуманата природа на капитализмот, но сепак полека и решително, борбата најексплицитно ја водат најугнетените и најексплоатираните.

Предизвикот што се поставува мора да се перцепира како дел од пошироката класна борба, како еден фронт на многумина во борбата за социјална правда, економска еднаквост, достоинство и почит.

Руфат Јашари

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Руфат Јашари / Rufat Jashari

Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и  со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.

RELATED ARTICLES