домаИнтервјуДамјан Кокалевски за архивирањето на колективното творештво

Дамјан Кокалевски за архивирањето на колективното творештво

Фотографија на Дамјан Кокалевски
Дамјан Кокалевски

Интервју со Дамјан Кокалевски

Дамјан Кокалевски е архитект и куратор. Работи на Архитектонскиот Музеј во Минхен (Architekturmuseum der TUM), каде ја основа дигиталната архива и работи на теми поврзани со дигитални инфраструктури видени низ призмата на социјалната правда, демократизацијата на знаењето, ресурсите и достапноста.

Роден и израснат во Скопје а се школувал и работел во Виена, Токио и Цирих. Неговата докторска дисертација ја завршува на ЕТХ Цирих во 2018. Насловена (“Performing the Archive: Skopje. From the Ruins of the City of the Future”), ја тематизира недостапноста и занемарувањето на архивските материјали од реизградбата на постземјотресното Скопје.

Неодамна, заедно со Милан Диневски и Ана К. Бродерсен го основаа Протоколектив, центар за истражување, дизајн и медиуми со седиште во Љубљана, кој ги доведува во  прашање позициите на моќ преку креирање на критички просторни, социјални и политички наративи.

Никола Шиндре: „Дамјан Кокалевски е истражувачко-научен работник во Минхенскиот музеј за архитектура. На македонската и европската јавност им е познат како архитект, истражувач и куратор на полето на дигитално архивирање на колективното творештво – архитектурата.

Примарно, што е тоа што архивистичко-музејската дејност го бележи за архитектурата? Што е важно да се знае кога се зборува за зачувување на ова наследство?

Дамјан Кокалевски: Прво и најважно е да се нагласи дека архивите не се неутрални и „мртви“ репозитори на информации. Напротив, тие се активни места кои се во постојано движење и каде императив е постојана реинтерпретација преку истражувачката и кураторска дејност. Од оваа гледна точка, јасно е дека константното, повтореното интерпретирање е од особена важност за разбирање на историјата, но и за погледот кон иднината. Музејската дејност во овој контекст е само еден аспект кој овозможува да се градат нови наративи и кураторско-изложбени концепти кои ги прават овие материјали читливи, разбирливи, но и колаборативни, односно ги ставаат на увид до пошироката јавност, која за мене е од најголемо значење. Од моето искуство при работењето со архитектонски архиви можам да нагласам неколку аспекти. Прво, архитектурата не е само изградениот објект, туку и политичко-социјално-економски процес кој стои во позадина и е невидлив, односно нечитлив, без историски пристап. Токму оваа идеја, како да се направат невидливите процеси видливи, е еден од најголемите предизвици при работењето со архитектонските архиви. За да разбереме еден објект, едно маало или еден град и да можеме како граѓани да изградиме однос кон нив, потребно е архивско „читање“ на просторот. Ова исто значи дека архивите можат да се видат како алатка за формирање една култура. Доколку архивите се неактивни и недостапни, тогаш се бескорисни. Тоа исто значи дека архивите овозможуваат да се конципираат аргументи, односно „искази или тврдења“ кои се конструирани. Кој има право да конструира исказ?, Кој има право да чита архиви?, Кој има пристап до својата историја? се прашања кои треба да не’ водат во кураторската дејност. Едно основно прашање при работата со архиви е: Дали секогаш архивите се читаат во полза на „победниците“?, концепт кој доаѓа од историцизмот, или да се читаат од историски материјализам, кој самата „победа“ како концепт го предизвикува.

Од овој аспект секогаш кога се повикувам на Алан Секула, кој не’ учи дека: „Архивите мора да се читаат оддолу, од позиција на солидарност со тие кои се раселени, деформирани, заќутени, или направени невидливи од машинериите за профит и прогрес“.[1] или Валтер Бенјамин кој не’ учи дека: „Нашата задача е да ја четкаме историјата спроти нејзиното зрно“.

Архитектонските архиви се вредни ризници кои овозможуваат да се оформи смисла за сегашноста и индикации за иднината преку читање на минатото. Доколку работиме креативно и совесно и од позиција на солидарност кон сограѓаните, архивите можат да не’ ослободат од аргументи кои ги земаме како претходно зададени и дозволуваат да се постават важни прашања за нашето општество: еколошки, економски и социополитички односи. На пример, од една конкретна архива за архитектура можеме да прочитаме какви односи на моќ, капитал, материјалност, сопствеништво, користење, економска и материјална издржливост се присутни и понатаму да се стават во нов тематски контекст.

Ако гледаме на скорешните трансформации на Скопје, едно станува јасно, а тоа е и тезата на Жак Дерида и Сониа Комбе кои велат дека: „Нема политичка контрола без контрола на архивите, и меморијата. Ефективна демократизација може да се мери преку еден есенцијален критериум: учеството и достапот до архивите, нивната конституција и интерпретација“. (превод на Д. К.)[2] Само преку интерпретација и константно реевалуирање на архивите, преку активно и колаборативно работење со нив можеме да говориме за соодветно зачувување на културното, архитектонско наследство. Ова е наша задача и граѓанска одговорност.

Н. Ш. Полемиките за тоа што точно претставува архитектурата се водат и денес, но да го прифатиме стојалиштето дека таа е спој на техниката и уметноста. Каква треба да биде врската помеѓу технички доброто и естетски убавото за нешто да биде архитектонски вредно?“

Д. К. Јас би направил уште една врска, а тоа е дека архитектурата е спој на техниката и уметноста конкретизирани во политичка, еколошка и социоекономска рамка. Митот за уметничка автономија на архитектурата е само мит. Секоја линија на празен лист хартија, секој исцртан и изведен ѕид и бедем, секоја вградена тула е еден исказ. Би ја предизвикал тезата дека архитектурата е неутрална и аполитичка дејност. Со право може да согледаме дека техниката и материјалноста се оставен дел на естетското, особено ако мислиме и на карбонскиот отисок на архитектурата врз животната средина.

Архитектонските вредности се повеќеслојни, за мене тие се валидни само кога остваруваат нови реалности. На пример, архитектонски вредно е да се запрашаме дали секогаш треба да чекаме на некој „инвеститор“ за да постои архитектурата? Дали може да се гради еколошки и да се работи заедно со производителите на материјали при барање модели кои не ги експлоатираат планетарните ресурси? Дали се потребни толку трговски центри во одредена градска област? Како би граделе домови кои се економски достапни за граѓаните? Како би ги адресирале различностите во просторот? Кој има право на учество и „глас“ во архитектурата? Кој има моќ да гради? Дали е архитектурата статусен симбол или потреба? Какви простори се потребни за да допринесеме кон градење инклузивно, солидарно, активно и демократско општество? Сите овие прашања се само мал фрагмент и тие задираат на архитектонските вредности и го предизвикуваат сегашниот статус кво.

Н. Ш. Старите градби го создаваат тоа што во естетиката се нарекува возвишено. Можеби не знаеме што ќе се зачува, но знаеме што се зачувало. Каква е историјата на борбата за да се зачуваат градбите што денес сите ги знаат?

Д. К. Зачуваните градби, пред се’, претставуваат заедничко културно наследство. Тоа значи дека сите ние имаме глас и одговорност за нив. УНЕСКО листата на светско наследство денес брои повеќе од 1150 записи, од кои 900 се културни, а останатите се природни или мешовити области. Од нив околу 50 се рангирани како загрозени или во опасност од деструкција. Борбата за заштита на историјата е секојдневна и сеопфатна. Секојдневно се прават анализи и евалуации на градби и локалитети кои би се додале на оваа листа. Особено се посветува внимание на опасноста од деструкција на наследството преку воени судири, недоволна регулација и нејасни легислативни ингеренции. Но, тоа што мене ме загрижува е прашањето: Како да се заштити архитектонското и културното наследство од поскорешното минато кое опфаќа модерни градби или пак цели градски области?. Гледаме насекаде во светот дека модерното наследство од минатиот век е во опасност, но најчесто поради притисок за негово отстранување и изградба на нов и „профитабилен“, недвижен имот и процеси на гентрификација. Во Скопје, по земјотресот од 1963, старата Скопска чаршија е првата област која е зачувана. Тоа било резултат на сеопфатна дискусија која се водела во неколку градски институции особено во тогашниот Завод за урбанизам и архитектура кој за прв пат се соочува со ваква задача. Тогаш, направен е тим од експерти кои прават детална анализа на целиот локалитет и го приложуваат за понатамошен документ до градското собрание. Ова е огромен успех на Скопје за кој треба да сме горди, но денес овој локалитет е во опасност и под голем притисок за трансформација. Потребна е итна дискусија помеѓу градските власти, архитектонските експерти, архивисти, куратори и граѓански здруженија на оваа тема.

Н. Ш. Покрај колосалните зданија остануваат и кревки градби кои носат приказна во нив. Но, раскажувањето е прашање за сегашноста. Како куратор, како се бираат точките од минатото што ќе ја раскажат приказната за некое архитектонско дело?

Д. К. Раскажувањето, односно креирањето наративи кои се моќни и сликовити се императив за мене. Да бидам појасен, не мислам на раскажување фикции, туку на наративи базирани на форензичен пристап или детективска работа која бара студиозно и детално истражување. Дел од мојата докторска дисертација за постземјотресното Скопје беше посветена на раскажување приказни базирани на архивски артефакти, но тоа е само еден дел од приказната. Работењето со студенти и конципирање семинари на оваа тема, собирање усни истории и интервјуа со архитекти и урбанисти, барање приватни архиви и литература, се само дел од методите кои ги користам за формирање еден кураторски и истражувачки пристап. Ова оди во насока на етнолошко и антрополошко истражување каде што не се работи од сигурна дистанца, туку се оди на терен и се работи во колегијална соработка. Во еден момент, со неколку колеги формиравме здружение на граѓани со цел да реализираме проекти кои се однесуваа на работење со архивата на постземјотресното Скопје. Еден проект беше изложбата која ја реализирав на универзитетот ЕТХ во Цирих, каде и докторирав, насловена „Перформирачки архиви: Скопје. Од руините на градот на иднината“. Изложбата беше конципирана како дел од докторатот со цел да се отвори дијалог и презентира работа во тек, каде преку медиумот – изложба се дискутираше Скопје со студенти, професори, гости од Цирих, Скопје и пошироко. Изложбите ги гледам како метод за формирање платформи за дискусија, места за тестирање и формирање дискурс, и корисни алатки за активирање на јавното мислење.

Н. Ш. Дигиталните архиви овозможуваат да се меморира тоа што можеби нема да го пробие времето. Сепак, и дигиталната архивистика се соочува со критика за проблемот со селекцијата. Какви се Вашите позиции за т.н. „рамноправна“ селекција на архитектонското културно наследство?

Д. К. Изобилието е основен проблем при дигиталното архивирање. Во моментов ја формираме првата дигитална архитектонска архива во Музејот за архитектура на Техничкиот универзитет во Минхен каде секојдневно се занимаваме со зачувување на архитектонско наследство од изминативе 30-40 години, кога работата на архитектите се префрла во дигиталниот домен. Повеќето од архитектите од овој период се сè уште активни, што претставува еден нов предизвик. Како да се селектира и зачува културното наследство кое е сè уште во формирање? Ова, исто така отвора и нова можност да се инволвираат архитектите во формирањето на архивите што не е случај кај традиционалните архиви. За оваа цел, организираме серија дискусии со архитектите уште пред да се почне со архивирањето за да се дојде до нови сознанија и да се направи прва селекција. Секако, ова не е рамноправно, туку базирано на достапност и желба за соработка на архитектите. За нас ова значи континуирано поставување прашања: Како, за кого, и на кој начин би ја формирале оваа архива?. Како дел од Универзитетот, примарно имаме одговорност кон студентите и истражувачите кои би работеле со овие материјали. Исто така, имаме и дискусии за етичко и инклузивно архивирање и каталогизација каде што вклучуваме колеги и експерти од различни области, вклучувајќи стручни лица за бази на податоци и етнолози. Мислам дека балансиран одговор на прашањето на рамноправност е потребата од интердисциплинарен пристап.

Н. Ш. Некогаш не може целосно да се зачува оригиналното дело. Луѓето низ времето со употребата го изменуваат. Како се менува едно архитектонско дело од неговиот оригинал до моментот кога станало предмет на архивирање, документирање?

Д. К. Дигиталните архиви овозможуваат процесот да се одвива со поголема агилност и брзина. Исто така, во дигиталните архиви, концептот на „оригинал“ се проблематизира, односно не е јасно што е оригинал, а што е плагијат кога имате повеќе варијанти од истото архитектонско дело. Архитектурата се одвива во подолги временски рамки, а резултатот никогаш не е финален. Тоа значи дека делото се менува во зависност од периодот на проектирање, конструкција, адаптација итн. Новите технологии овозможуваат да се направат повеќе записи од различни периоди на едно дело низ времето. Ова не го гледам како проблем, туку како можност за континуирано евалуирање на архивските материјали. За ова, секако, е потребна јасна структура на процесите за архивирање, а еден проблем е секако инертноста на архивите, но и потребата од големи човечки и материјални ресурси за ова да биде успешно. Секое архитектонско дело е во постојана промена, а архивите треба да го следат овој процес.

Н. Ш. Откажувањето ги дава промените кај човекот и човештвото. Некогаш ќе треба некој да се откаже од дел од наследството за подобро утре. Како да се избере од што може, а од што не смее да се откажува во поглед на архитектурата?

Д. К. Ова е прашање за степенот на демократија во едно општество. Треба да се бориме за иднината на нашето минато, базирано на инклузивност и транспарентност. Кон наследството треба да се пристапи со двоен поглед, преку минатото и преку иднината. Една актуелна тема е рееволуцијата на постоечките градби. Дали ни се потребни нови објекти кога веќе имаме голем фонд на изградени објекти? Како би можеле да ги зачуваме, адаптираме и реупотребиме архитектонските ресурси кои веќе ги имаме? Која е улогата на архитектонското наследство во иднината? Еден конкретен пример е третирањето на традиционалната архитектура во македонските градови и села, на пример: Крушево, Велес, Бабино, Железнец или Чучер Сандево кои имаат огромен потенцијал за балансиран развој кој не е експлoататорски, туку еколошки и инклузивен. Во моментов, заедно со неколку колеги работиме на примарна студија за ова културно наследство во интердисциплинарен проект кој предлага користење и одржување на она што веќе е тука од еколошки и материјален аспект. Минатото е огледало на сегашноста, ризница која зборува за сегашната и идната цивилизација која сакаме да ја изградиме.

Лектура: Е. М.

Подолу можете да погледнете фотографии на дел од изложбите и делата на Дамјан Кокалевски.


[1] Sekula, Allan. ‘Reading an Archive; Photography between Labour and Capital’. In The Photography Reader, edited by Liz Wells, Reprint. London: Routledge, 2010. „The archive has to be read from below, from a position of solidarity with those displaced, deformed, silenced or made invisible by the machineries of profit and progress.”

[2] Derrida, Jacques. Archive Fever: A Freudian Impression. University of Chicago Press, 1998. “There is no political power without control of the archive, if not of memory. Effective democratization can always be measured by this essential criterion: the participation in and the access to the archive, its constitution, and its interpretation.”

RELATED ARTICLES