домаИнтервјуИвана Коцевска за македонскиот балет

Ивана Коцевска за македонскиот балет

Ивана Коцевска во Жизел фото Марко Угарковиќ
Ивана Коцевска во Жизел фото Марко Угарковиќ

Интервју со Ивана Коцевска

Ивана Коцевска е балетски уметник, кореограф и магистер по балетска педагогија. Работи како истакнат солист во Македонската опера и балет веќе две декади. Изведува солистички и главни улоги во балетите како што се „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Дон Кихот“, „Наполи“, „Самсон и Далила“, „Кармен“, „Жизел“… Има работено како гостин – солист во Словенечкиот национален балет во Љубљана и во Вурцбург каде што била поканета од Ана Вита и една година е дел од украинскиот национален балет „Тарас Шевченко“ како стажист, каде ја изведе премиерно улогата на Мирта во балетот „Жизел“. Нејзината прва голема продукција „Метаморфоза“ премиерно е изведена на главната сцена на Националниот балет со поддршка на Министерството за култура на Македонија, во продукција на Дирекцијата за култура и уметност, Скопје. Во 2021 настапува на фестивалот ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА – ДММ со своето последно дело под наслов “Chance Dance“ – аудио танцов проект кој е во истражувачки процес. Во мај, 2022 со овој проект гостува во „ПОГОН“, Загреб.

Никола Шиндре: „Ивана Коцевска е магистер на Музичката академија во Скопје, балерина – солист во Националните опера и балет. За јавноста е позната како класичен балетски изведувач, како современ танцов играч и како уметник – изведувач на самостојни перформанси.

Ивана, ако ја прифатиме теоријата дека уметноста е игра, тогаш треба да се запрашаме како започнува и како завршува. Каква е постапката за формирање едно дело од моментот кога ќе се јави првата идеја до коментарите од публиката за играта?“

Ивана Коцевска: „Тргнувајќи од нашето раѓање, преку секојдневните активности – мисловни и телесни процеси на созревање низ животот, за мене, е игра преку која создаваме уметност. Со самото тоа животот е уметност. Секој од нас креира секојдневно, свесно или несвесно.

Телото на танчерот е будно/едуцирано/свесно тело кое има развиено добра проприосепција или народски кажано шесто сетило. За танчерот телото е инструмент преку кој со леснотија изразува одредена состојба, мисла, приказна. Оттука, потребата за изразување на истата дава импулс на  уметникот да се изрази во кинестетичка форма, да ја раскаже својата борба преку одреден индивидуален кинестетички вокабулар.

За да дојде до реализација на едно танцово дело потребно е да се направи концепт, да се дефинира број на учесници, да се подготви финансиска рамка потребна за реализација на истиот со надеж дека ќе бидат одобрени средства од институциите каде се аплицирало. Голема препрека во реализацијата на првичната замисла на делото е недоволната финансиска поддршка и недостатокот на слободен простор и соодветни услови каде би се подготвувал и реализирал истиот“.

Н. Ш. Можеби уметниците пред сè играат сами со себеси, но во моментот кога се пресретнуваат со публиката, неминовно нешто се презема. Како публиката влијае врз создавањето на едно уметничко дело што треба да се заврши?

И. К. Во мојот магистерски труд РЕЦЕПЦИЈАТА НА СОВРЕМЕНИОТ ПЕРФОРМАНС ВО МАКЕДОНСКИОТ КУЛТУРЕН КОНТЕКСТ, главниот фокус беше рецепцијата, односно приемот/прифаќањето/начинот на комуникација на едно дело со публиката, која зависи од низа социо–културни параметри и се потврди како клучен фактор во дефинирањето на предлог-стратегијата што ја изготвив, која беше примарната цел – темели врз кои ќе се постави понатамошниот континуиран развој на современата танцова сцена.

Арнолд Хаузер ќе напише: „Односот помеѓу ЈАС и ТИ социјално ги условува двете фази на уметничкиот процес; секое ЈАС станува за ТИ објект, и секоја страна добива во однос на другата страна смисла и цел. Предуслов за продуктивно и рецептивно однесување е спонтаност и емоционалност, а тоа значи од едната страна претчувства и емоции кои можат да се соопштат, а од другата страна тие што ги примаат истите можат да ги реконструираат и да се соживеат и со оние кои ги даваат всушност имаат заедничка форма на комуникација/јазик. Услов кој е темел за секоја уметност е пронаоѓањето на тој јазик“.

Од друга страна пак, во текстот „Добре дојдовте во ерата на публиката“ кураторот Вутер Хијаер ги истакнува своите видувања за современата сцена во однос на публиката истакнувајќи дека улогата на публиката во изведувачките уметности е тешко да се изолира од јавноста генерално. На времето, публиката била категоризирана како народот, а државната политика базирана на авторитет, создавање нација, едукација, презентација на моќ, каде што јавноста е само примател на делото. Сега веќе јавноста е публиката, како што вели тој: „Јавноста е владејачка сила која одлучува што ќе објавуваат медиумите и за што ќе се заложуваат политичарите. Но, основниот заклучок е дека пасивната улога на јавноста  е трансформирана во концепт од минатото. „Сега јавноста дејствува. Ние гледаме“. Ќе напише дека „отсутната јавност ја презеде моќта над присутната публика“. До ова доаѓа во моментот кога се појавува изразот дека публиката е секогаш во право. Во тој момент легитимноста на танцот и театарот сè повеќе станува зависна од потенцијалот на публиката. Меѓутоа лозунгот – публиката е секогаш во право – може да биде опасен доколку истата не се едуцира на соодветен начин. Во време (особено на Балканот) кога турбо културата е во сериозен подем, на публиката треба да ѝ се понуди алтернатива и да се насочи, односно да се понуди опција за запознавање на новите форми.

Н. Ш. Многу интересна забелешка во поглед на изведувачката уметност (танцот, балетот, театарот) е сметањето на времето и неговата релативност. Некогаш за една кратка пиеса месеци стојат пред неа. Како се смета времето кога се подготвува изведба, односно на пробите, а како кога ќе излезете на сцена?

И. К. Процесот на подготовка на едно танцово дело секогаш е различен и најчесто зависи од времетраењето, условите и обемот на материјалот на делото (кореографски, сценографски, костимографски и финансиски). Но секако, за едночинка од триесетина минути да се подготви потребно е минимум практична работа од еден месец.

Н. Ш. Во однос на балетот, тој кој сака да стане балетан треба од најмала возраст да почне да вежба. Долго време поминува од првите балетски вежби до појавувањето на сцената. Какво е соочувањето со тој предизвик – долго да се работи за кратка изведба?

И. К. Процесот на изучување на балетската уметност пожелно е да започне уште од осум или девет годишна возраст. Балетот е мазохистичка професија, изучувањето и усовршувањето на техничките елементи никогаш не престанува. Самата професија е стремеж кон совршенството и најчесто е борба со себеси и личните ментални и физички препреки. И секоја нова изведба е нов предизвик и ново искуство. Секако вреднувањето/потврдата на публиката по самата изведба е нешто што нè поттикнува одново да го даваме својот максимум како уметници.

Н. Ш. Покрај танцот, подучувањето е исто дел од Вашата личност. Вие сте и балетски педагог. Како е низ игра да се научи ученикот да игра? Кои се предизвиците во односот играч-играч и учител-ученик?

И. К. Завршив постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност, во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Оддел по класичен балет – балетска педагогија. Работам како хонорарен наставник во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Класичниот балет има строга форма и изучувањето на неговата основа се одвива етапно и со многу бавно темпо за да се овозможи развивање на мускулатурата на телото кај дечињата на правилен начин и воедно поставувањето на телото на ученикот. Паралелно, по одредена програма, се работи на координирање на движењето на рацете, нозете и главата на одредена музика. Процесот е многу бавен и е голем предизвик да се задржи вниманието на  учениците за време на часот.

Балетот изискува дисциплина на телото и умот за да има резултати. Тука се гледа кое дете е навистина подготвено да одговори на предизвиците на оваа професија и колку всушност го сака балетот. Затоа и напоменав претходно дека е пожелно да се започне на 8-9 годишна возраст.

Н. Ш. Образованието кај нас не е најразвиено, особено од аспект на културните активности и уметноста. Нижи балетски училишта надвор од Скопје нема. Како да се развие желбата за балет во тие услови?

И. К. Морам да признаам дека освен основното државно балетско и средно училиште во Скопје не постои друго. Меѓутоа, на Факултетот за музичка уметност од 2010 година имаме веќе подготвен педагошки кадар кој може да го предава знаењето со кое се стекнал.

На територијата на С. Македонија има повеќе приватни танцови училишта каде што се предава балет и модерен, современ и популарен танц. За почеток е доволно децата од другите градови да почнат со едукација во својот град. Должност е на оние кои работат со тие деца, доколку препознаат талент, да го препорачаат во државното балетско школо.

Н. Ш. Конечно, без разлика на условите, желбата да се изведува со телото нема да запре и ќе се јавува во разни форми. Што би им препорачале на тие кои нема да имаат можност да се занимаваат со балет, а ќе треба да создадат простор за да го пополнат со движењето на своето тело?

И. К. Позитивната страна е што во времето на „Локомотива“ и постоењето на просторот на „Кино Култура“ се реализирани работилници за современ танц кои беа отворени за јавноста. Тие сè уште функционираат, во МКЦ, со наслов „КУЛтренинг“. Има многу мои колешки и колеги кои одржуваат часови по балет за возрасни во програмата на своите приватни студија. Така што сега е многу поедноставно и има можност секој што ќе сака, да се пријави и да започне со едукација на своето тело односно “будење“ на своето тело.

Подолу можете да погледнете неколку фотографии од изведби на Ивана Коцевска.

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES