Постојат неколку аспекти на колективот „Дуња“, а првиот е тој што се гледа однадвор, на пример: организирањето настани/журки, вториот е тој што не се гледа однадвор: поправањето ѕидови, одводи, тоалети, кади, дупки, прозори, декорирањето на објектот, сортирањето на библиотеката, собирањето донации, уредувањето на дворот, и трет е тој што најмалку се гледа: членување во колективот, давање пари за сметки, донации за чаеви, кафиња, учество од сопствената плата за „Дуња“.
„Дуња“ како колектив во кој се плаќаат сметки за интернет, струја и вода и во кој се носи голема одговорност овие 6-7 години е вистинско чудо што постои толку долго време и што е едно од најдолго постоечките движења на градот Скопје и без „Дуња“ Скопје не би било Скопје, би било едно доста мрачно место за живеење. Би било доста тажно доколку Скопје навистина би останало без „Дуња“ и дента кога ќе ја нема повеќе „Дуња“, Скопје нема да има алтернатива, ниту некаква култура, ќе биде сив град. Ќе нема каде да се собираат младите, ќе нема каде да се дружат постарите, ќе нема каде да се организираат протести за 1 Мај, ќе нема каде да се одбележуваат значајни денови што се случуваат во Иран, Турција, Палестина, ќе нема како да се одбележуваат значајни датуми на починати партизани во битка. Едноставно, ќе нема активности од овој тип.
Понудата на младите ќе се состои само од кафулињата и Скопје ќе стане досадно место за живеење, ќе нема каде да се случуваат изложби, тетовирање, свирење, музицирање, ќе нема каде да пеат и каде да формираат бендови и слично. „Дуња“ било и ќе остане едно и единствено место од ваков тип каде што младите можат да ги изразат своите идеи. Многу е важно во родниот град да имаш место каде што ќе ти ги слушнат идеите и ќе бидеш прифатен и слушнат од колектив. Поинакво е чувството кога си прифатен, кога знаеш дека си дел од алтернативната култура на родниот град. „Дуња“ и Скопје за мене се неодвоиви делови. Скопје без „Дуња“ не би било исто, да повторам, Скопје би било мрачно место каде што ќе нема каде да отидеш на настан. Тие настани, филмови, проекции, тоа лето поминато таму е нешто прекрасно.
Во „Дуња“ постојат и нови генерации кои ќе доаѓаат да се еманципираат и да бидат елоквентни граѓани па со таа замисла тоа е веќе место на поети, артисти, уметници и идни индивидуи што сакаат да бидат такви уметници и трагачи по бесконечното, трагачи по вистината, борци за правда, борци за народни и работнички права, борци за иднината на нашето општество. Музичари и идни артисти кои се залагаат да станат виртуози во своите полиња од животот. „Дуња“ не може да постои, ако не постои скопската младина која ќе ја поддржува со донации бидејќи овој центар е самоодржлив простор на кој секој денар му е значаен. Дуња знае да биде пријатно и непријатно место кога ќе сфатиш колку обврски имаат членовите на колективот. Поддршката е важна за да имаме каде да се собираме и за да не згасне местото. Секој треба да има искрен и хуман однос кон местото и дворот, како и да биде пристоен на настаните на кои доаѓа со цел да биде културно и информативно образован, а и да чуе нешто ново.
За да бидеме храбри и успешни во сето тоа што го правиме ќе ни биде потребна ваша поддршка за да успееме да се издигнеме над пепелта. Јас сум поддржувач на „Дуња“ веќе неколку години и имаме активистички хор во кој може да се пријавите и да пеете иако немате талент за пеење, ќе ве направиме пејачи, не се грижете. Имајте малку самодоверба, ќе успееме со заеднички сили. Ве молам да бидеме спремни да селектираме отпад зашто така покажуваме свесност кон природата и имаме корпи за секаков вид отпад: електронски, пластичен, метален, хартија, буквално за се’ има нацртано и напишано каде треба да се фрли. Имајте малку почит кон самите себеси и кон напишаното и ајде да се трудиме заеднички да направиме нешто што ќе го смени целото наше општество. Ве молам да бидеме малку поорганизирани и да бидеме поспретни на настаните, односно да одржуваме ред и хигиена. За сите нови важи следново: само прашајте дали има член на колективот во ваша близина и слободно обратете му се со прашање за сите детали за местото, како и за историјата на местото, доколку сакате да ја слушнете секако.
Доколку сакате да слушате музика по ваш вкус, обратете му се на задолжениот за музика, односно прашајте го дали е возможно да ви исполни некоја музичка желба. Во „Дуња“ се слушаат убави работи и се одржува едно повисоко ниво на свест, на активизам и на зелено општество. Ви посакувам убаво да си поминете и убаво да си го поминете времето таму и да успеете да заедничарите со сите нас коишто сме таму. Има обид да се гради посебен животен стил на активизам и на меѓусебна култура на однесување.
Има и настани како: размена на облека и книги, на коишто доаѓаат луѓе со различни интереси. Во „Дуња“ треба да се негува традицијата и да се негува меѓусебната почит за да се зачува колективниот мир. Се трудиме да владее колективниот мир и колективниот збор. Во колективот на „Дуња“ ќе сретнете секакви личности, меѓу кои и личности што се обидуваат да направат нешто од себеси и да се изградат за општото добро. Во колективот не владее хаосот бидејќи колективот е доказ дека може да се функционира колективно и со ред, што се воочува преку самото функционирање на настаните. Треба само да внимаваме да не скршиме некоја чаша или некаков инвентар на „Дуња“ – тоа е јасно, а да внимаваме и да не истуриме вода врз миксетата – едно од основните правила. Со ова сакам да ве поздравам и да ви посакам пријатен престој во „Дуња“ и да си поминете убаво, заедно со сите оние кои планираме да продолжиме да сме таму!
Теодор Петковски
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Теодор Петковски е долгогодишен активист и вљубеник во странските јазици. Зборува неколку странски јазици меѓу кои најистакнати се албанскиот, грчкиот и португалскиот покрај англискиот и балканските јазици на различни нивоа на течност. Албанскиот нему му е најголема сатисфакција што го научил и по тоа е познат. Од мали години бил активист во движењата против полициска бруталност, Анима мунди, Студентски пленум, Солидарност и други лево ориентирани организации и голема поддршка дава за социјалниот центар „Дуња“. Негова најголема животна желба е да стане преведувач кога ќе ги заврши студиите. Тој е работник, чесен, ведар, искрен и со борбен дух. Се бори со околностите и за себе вели „јас не се откажувам, немој ни ти!“.