домаИнтервјуВладимир Јанчевски за кураторските предизвици со вештачката интелигенција

Владимир Јанчевски за кураторските предизвици со вештачката интелигенција

Авто-фото-портрет на Владимир Јанчевски
Авто-фото-портрет на Владимир Јанчевски

Интервју со Владимир Јанчевски

Никола Шиндре: „Владимир Јанчевски е искусен куратор, теоретичар и истражувач на полето на културата и уметноста. Добитник е на годишна награда на Здружението на ликовни критичари АИКА во 2019 година, член на уметничката иницијатива „Кооперација“, организатор на конференции за уметност и критичар на системот.

Деновиве се преклопуваат вести поврзани со можниот разговор со вештачка интелигенција без подлабоки анализи за квалитетот на тој дијалог. Другите вести кои пристигнуваат се за лоцирање неидентификувани летачки објекти во Канада, Романија, САД. Тоа во уметноста одамна е претставено како можност. Да почнеме со релацијата стварност – можност, како уметноста треба да ја мисли и претставува таа врска?“

Владимир Јанчевски: „Веројатно еден од начините да се повери степенот на уверливост е да се побараат одговори на прашањето од ChatGPT, а нова портретна слика од соговорникот од Midjourney или DALL-E и да се компарираат.  Секојдневното занимавање со современата уметност, и нејзино постојано компаративно анализирање со уметноста на минатото, отвора бројни прашања за нејзината улога, за нејзината функција во пошироката општествена слика. Вашето претставување ме поттикнува набрзина да се навратам на многу реализирани, но и нереализирани проекти, за разните релации кои биле воспоставени, за ентузијазмот и процесот на учење, како и креирањето заедништво, со непосредните соработници, но и со сите автори чии дела ве засегаат. Од средношколските денови, до акциите со колегите од студии, сите жестоки дискусии и новооткриени автори, возбудливи и радосни моменти на растење. И веднаш помислувам дека тоа е процес кој е различен од начинот на кој се тренира, се полни и усовршува вештачката интелигенција. Уметноста има долга традиција на позиционирање на вкрстувањето на реалното и можното, а кураторската практика е еден вид континуиран обид за преиспитување на тие односи, преку развивањето на (не)реципрочна грижа и емпатија, кои се во основата на конституирањето заедници. Секако, искуството е важно бидејќи идеите се контестираат и се надоградуваат само низ нови и разни соработки и можности за учење. Тие дебати околу вештачката интелигенција и промените кои ги најавува, во професионалните заедници не се нови, но сега се актуализираат заради можноста за нивно масовно користење и примена. Но, може да се каже дека тоа што го нарекуваме вештачка интелигенција сѐ уште не може да се депрограмира. Навистина покажува фасцинантни резултати, можеби повеќе во доменот на јазичките рекомбинирања, отколку во визуелниот домен. Но, се поставува прашањето што е тука новата вредност, како е дефиниран напредокот, што е тоа што е усовршено? Веројатно, постепено ќе се остварува некаков напредок, но можеби паралелно ќе треба постојано да се преиспитува што со тоа, за што таа ни служи – или што би значело постигнувањето на потполна (нивна или наша?) автономоност?“.

Н. Ш. Во досегашниот Ваш културен опус многупати сте се осврнале кон критика на постојното. Ако целта на уметноста е да преиспитува, тогаш ангажираната уметност ја постигнува. Ако целта е да се случат промени, тогаш и уметникот треба да се запраша какви. Како да се толкува целта на уметноста меѓу овие две граници?

В. Ј. Не постои формула според која може да функционира уметноста. Постојат многу фактори кои одредуваат дали нечија уметничка практика ќе изврши влијание во одреден момент или многу подоцна, ќе инспирира малкумина посветени, или широките маси. Се разбира, многу е важно да се брани просторот во кој критиката е можна, но веќе одамна е јасно дека критиката е нефункционална ако немате две основи работи, платформа или медиум кој ќе ја пренесе вашата критичка опсервација и реципиент со развиена критичка свест кој е способен да ја разбере. Историски гледано, и најхрабрата и најкреативна антихегемониска визуелна пропаганда на радикалната левица, на уметници како што е Џон Хартфилд, не успеала да го спречи подемот на нацизмот. И најпосветените активисти денес тешко се изборуваат за реализирање на најбазичните барања и спроведување на политики за заштита на животот на планетата. Затоа сѐ се сведува на споделениот простор и на тоа дали постои ефективна платформа која ќе овозможи таа комуникација да има смисла и да создава вредност. Сѐ повеќе станува јасно дека улогата на уметноста, којашто во најбазична смисла е вештина на мултимедијална артикулација, покај критиката, треба да изнаоѓа начини да поттикне партиципативност, преку развивање модели за организирање, за  мобилизирање на луѓето во насока на остварување на основните права за достоинствен живот за сите – за креирање заедници кои нема да чекаат помена, туку ќе дејствуваат.

Н. Ш. Линијарот од Лезбос и кураторството имаат заедничка цел – да обезбедат рамноправност на нееднаквите, второто во поглед на овозможување на уметниците на маргините и тие во подем да се претстават на галериската јавност. Како Вие се соочувате со тие предизвици на тесната агора во Скопје?

В. Ј. Кураторската работа, најопшто гледано, спојува знаења и вештини од неколку поврзани и меѓузависни професии, а во одредена мера, делумно, навлегува и во уметничкиот домен, бидејќи се однесува на презентирањето и контролата на рецепцијата на уметничките дела, на артефакти во една изложба или поставка или на некој перформативен чин или акција. А низ кураторската пракса се дефинира и идеолошката позиција на конкретен куратор и позиционираноста околу клучни прашања поврзани со знаењето, трудот и релациите на моќта. Но, секој проект е различен со разни ограничувања и во различна мера ви дава можност да се изразите или да го проектирате тоа во коешто верувате, да се стекнете со нови знаења, а секако рецепцијата на презентираното зависи и од способноста за справување со дадените околности, но секако и од публиката. Во секој проект има и различен личен влог и различно ниво на ентузијазам, а најмногу зависи од темата, начинот на работа и, секако, од соработниците и тимот кој учествува во реализацијата. Има работи кои самостојно ги иницирате, самите го одредувате темпото на работа и личниот влог, но на крај сепак го правите (и) за другите. Можам да кажам дека работата со другарите во рамки на уметничката иницијатива „Кооперација“ во периодот од 2012 до 2015 година ми беше едно од најдрагоцените искуства на интензивно колективно преиспитување на проблематичната стварност, преку разни форми кои ги контестираат хиерархиите, важноста на заедничката акција и одбраната на идејата за јавниот простор.

Н. Ш. Стигнуваме до вештачката интелигенција, процес на општествени проблеми кои штотуку започнуваат. Плагијаторството ќе се открие, но како ова ќе влијае врз процесот на творењето што неминовно ќе се соочи со предизвикот на „насочување“ кон одредени решенија, без разлика каква основа ќе имаат тие. Што со тоа?

В. Ј. Секако дека поголеми технолошки новини, иновации, предизвикуваат одредено пореметување на постоечките односи. Треба подетално да погледнеме кои односи и на кој начин се менуваат, и во чија полза, а на чија штета, односно треба од повеќе аспекти да ги погледнеме засегнатите страни во дебатата.

Веројатно треба да се изнајде начин да се искорени потребата од плагијаторство, односно значењето на формалното стекнување титули и статус, за да се избегне товарот од креирање нови системи за контрола и детекција, што би значело и непотребно перпетуирање на проблемот, а не негово решавање. Какви ќе бидат последиците од вештачката интелигенција во академската сфера, ќе видиме, но секако дека веќе имаме проблем со самото тоа што некој што претендира да биде автор во одредена област или познавач, е спремен да се откаже од убавината на процесот на истражување. За што? За да докажат некому дека се интересни, паметни!?

Една од важните работи за кои треба да се размислува е на кој начин досегашниот уметнички труд може да се (зло)употреби и од кого. Со развојот на разни генератори на визуелен материјал реагираат уметниците кои во генерираните слики препознаваат свои дела. Тоа укажува дека алгоритмите се движат во рамки на досега откриениот простор и дека бараат тесни меѓупростори за генерирање нови верзии од истото или многу сличното. Не сум сретнал (досега) резултат кој е изненадувачки и надвор од рамките на познатото.

Ние сме сведоци на речиси дводецениска, незабележлива експлоатација преку социјалните мрежи, на сличен начин преку форма на забава и игра, многу луѓе во моментов придонесуваат за експоненцијалното зголемување на дата базите и вкупниот опсег на пресметливото. И тоа воопшто не би било проблем доколку компаниите не го присвојуваат за себе целиот труд и знаење и не го претвораат во личен профит, кој се акумулира кај малкумина сопственици.

Н. Ш. Дијалогот што се води досега се водеше исклучиво меѓу луѓе. Сега започна дијалогот меѓу човек и нешто друго. Без разлика што во моментот вештачката интелигенција нема свест, за тоа уметноста веќе има посочено дека еден ден можеби ќе се случи. Но, кои се Вашите ставови за иднината на уметничкото претставување на оваа можна стварност?

В. Ј. Околу дијалогот, комуникацијата и разбирањето, навистина можеме да поставиме бројни прашања за степенот на нивната успешност, односно дали има смисла. Отворањето нов простор на комуникација треба да се искористи на најдобар можен начин, за да се постигне целта за исполнување на некој од параметрите за подобрување на условите за живот.

Точно, постојат многу разни проекции во разни уметнички медиуми за тоа каква би била таа комуникација и какви предизвици ќе наметне. Интересно е и тоа што веќе многу одамна машините комуницираат и меѓу себе, заради остварување на некои однапред зададени задачи и цели. Некои уметници како Харун Фароки уште одамна се интересираа за овие односи и нивната визуелизација, а во последно време некои од поинтересните анализи можеме да ги забележиме во делата и теоретските текстови на Хито Штаерл и Тревор Паглен  на пример, но секако и многу други.

Веројатно и во некоја иднина, во кога ќе биде остварено нешто од ова што сега се нуди како можно, уметниците и сите креативни луѓе, анализирајќи ја нивната сегашност, ќе се обидуваат да погледнат и понатаму, зад хоризонтот. Но, нешто на коешто треба сериозно да внимаваме е да не останеме заглавени во вечната сегашност на постисториската свест, вртејќи се во круг, состојба во која никаква промена нема да биде ни возможна.

Н. Ш. Има две крајности, едната е постојано да се има став (за нешто), а другата е да се нема став воопшто. Првата ѝ се припишува на ангажираната уметност, втората на вештачката интелигенција. Според Вас, како ќе се синтетизира ова искуство?

В. Ј. На пресекот помеѓу овие две позиции, се наоѓа прашањето за субјектот и автономната волја. За жал, некои луѓе се оневозможени да изразат автономна волја, а други можат, но одбиваат тоа да го сторат. Едни можат да замислат нов свет, подобар од овој, не само за нив самите, туку и за огромно мнозинство. Други немаат потреба за промени, бидејќи привилегираната позиција им овозможува комоција и сигурност во постојниот свет, ваков каков што е – за нив секоја промена значи и можност за губење на наследените удобности. Уметноста е многу деликатно поле, и сѐ уште таа е исклучителен и специфичен домен на човековата креација. Постојат неброени обиди таа да се дефинира, но заради промената на контекстот речиси е невозможно тоа да се направи. Таа е, може да биде, или треба да биде лакмус за состојбите и поле на експериментирање, на рекомбинирање и преиспитување на опциите и проширување на полето на можностите (можното), но и нешто што е длабоко вкоренето и зависно од постоечките технологии и параметрите со кои оперираат, како и ограничувањата кои ги наметнуваат. Но, некако мислам дека токму некој неодреден простор на екцесот, на неочекуваното, ја дефинира посебноста, привлечноста и моќта на уметноста, не на тоа што е стандардизирано, туку аномалија, или парадокс.

Н. Ш. Ако се прифати хипотезата дека уметноста е критика на тоа што е, тогаш како да се вметне идеолошката расправа во дискурсот на уметноста (културата)?

В. Ј. Постарата уметност, или уметничките креации пред ерата на модерниот концепт за уметноста, според тоа што го знаеме, биле претежно во служба на моќта, документ за и во насока на одржување и зацврстување на хиерархиите, за заплашување и одвраќање од било каков обид за промена на постоечкиот поредок, токму преку дела на архитектурата, сликарството и скулптурата и нивната техничка перфекција.

Во модерната епоха тоа се менува, паралелно со уривањето на стариот поредок, се воведуваат други параметри и критериуми според кои се одредува што е уметност, а што не. Техничката перфекција и убавината не се веќе примарен фокус, туку се истражуваат и други естетски категории и пристапи, а со тоа проширувањето на полето станува многу подинамично и понепредвидливо. А притоа, голем дел од уметничкиот „резултат“ е всушност и самиот процес на животот и тековна рефлексија за преживеаното, на тоа што се менува во тек, со секој контакт, мисла, интеракција со други луѓе и нешта. Веројатно тоа ќе биде најголемиот предизвик за вештачката интелигенција, не само во рекордно време да се стигне од една точка до друга, туку да се инкорпорира тој фактор на случајното и контингентното. Во уметностите веќе немаат толкава улога истренираноста и шематизираниот пристап. Затоа, идејата за некое претпоставено совршенство од аспект на техничка изведба, навистина би изгледало неимпресивно, досадно, мртво – и сигурно би влегло во дефиницијата за кич, како лоша копија, имитација. Но, како алатка со која човекот ќе истражува нови полиња, ќе го насочува и ќе го надградува, останува да видиме што ќе се случи.

Современата уметност е сѐ уште воглавно во модерната парадигма, поточно на историската авангарда, но со особен акцент на главните егзистенцијални проблеми. Новите технолошки пронајдоци и можности, особено развојот на вештачката интелигенција, ќе избрише многу граници и разлики во однос на интелектот и вештините, како нешто што е приватно. Не е проблем постигнувањето еднаквост во смисла на достапноста на знаењето, многу е важно во која насока тоа ќе се развие, дали тоа ќе придонесе до порамномерна прераспределба на добрата и ресурсите, или ќе биде забрзан пат во една технолошки детерминирана софистицирана дистопија.

Подолу можете да погледнете дел од изложбите курирани од Владимир Јанчевски.

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES