домаИнтервјуБобан Карапејовски за македонскиот јазик и неговата употреба

Бобан Карапејовски за македонскиот јазик и неговата употреба

Портрет на Бобан Карапејовски
Портрет на Бобан Карапејовски

Интервју со Бобан Карапејовски

Бобан Карапејовски е во 1987 година во Тетово, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2010 година со одбраната на дипломскиот труд: „Заменките тоа, ова, она од референцијална гледна точка“. Во 2012 година го брани магистерскиот труд „Дистрибуцијата на заменските клитики во македонскиот јазик“. Докторирал во 2021 година на тема „Експонентите на категоријата определеност во македонскиот јазик“.

Никола Шиндре: „Бобан е македонист, предава современ македонски јазик, општа лингвситика и методологија на научната работа на УКИМ. Прегледувајќи го подрачјето на интерес на Бобан може да се воочи дека прашањата за јазикот и времето, просторот, (не)определеноста, релативноста се чести во неговите истражувања. Околу тие јазични расправи и овде ќе се зборува.

Бобан, една од основните потешкотии во проучувањето на јазикот е тоа што предметот на проучување постојано се менува, не се знае за потеклото и истовремено се развива и од проучувачот. Настрана убавите приказни за тоа колку е пријатно некој да се занимава со јазикот, како се надминуваат овие пречки со јазичната двојност во научната работа со јазикот?“

Бобан Карапејовски: „Сè додека предметот на проучувањето е јасно поставен, динамизмот на промените што се случуваат во негови рамки, не треба да претставува тешкотија или пречка. Добро поставената методологија на проучувањето на предметот значи дека вие сте ја имале предвид, на почетокот, и таа променлива, дека предметот е од динамичен карактер, па сега и методите и проучувачот лесно можат да се приспособат на новите моменти, така да се каже. Од друга страна, додека фиксниот предмет доживува внатрешни промени, теориската рамка во последните двесте години едвај доживеала 2-3 револуции. Тоа може да нè наведе кон одговорот дека имаме добро поставена основа за да можеме да се занимаваме со одделниот предмет на интерес на проучувањето на лингвистиката – јазикот, јазикот како систем (структурализам), јазикот како систем од знаци (имајќи ја предвид семиологијата), јазикот како систем од знаци за комуникација (низ призмата на современите комуниколошки истражувања).“

Н. Ш. И самиот имате посочено дека најважниот проблем на современата лингвистика, и македонистиката со тоа, е јазичното мешање, односно глобализацијата, што досега повеќе е англосаксонска. Како тоа влијае врз јазикот општо, а со особен акцент кон јазиците што имаат мал број говорници како балканските?

 Б. К. Ми се чини дека тоа воопшто не е проблем. Да се вратиме на првото прашање, јазикот, на некои рамништа, е апсолутно динамичен е податлив за влијанија. Тоа отсекогаш се случувало, тоа засекогаш ќе се случува. Тоа не е ништо спорно, ново или проблематично. Но, интензитетот, во последно време, кој, се разбира, е показател на засилената интеракција на луѓето со различен мајчин јазик, кои, сега, си нашле заеднички код за комуникација во англискиот (најчесто), е производ на тоа што средствата за комуникација, каналот, успева да ги пренесе информациите исклучително брзо. Замислете кога тоа заемодејство, односно просторот каде што јазиците можеле да стапат во контакт, бил чисто физичкиот момент на средба на говорители на различни јазици, писма и сл. Сега тоа е интензивирано, па и влијанијата се поинтензивни, во временска смисла. Ако имате свест за тоа, тогаш тоа влијание ќе биде дури и допадливо, симпатично, полезно. Ако корисниците на јазикот, проучувачите и системот што треба да се проучува, да се заштити и да го негува, тие го остават на процесите на (огнената) стихија, тогаш таа може да предизвика пожар.

Н. Ш. Една интересна статија е Вашата за експонентите на неопределеноста во македонскиот јазик, односно зборовите за кои што нема јасност на што реферираат. Тоа е проблем во сите дисциплини што се занимаваат со јазикот. Како оваа лингвистичка неопределност јазично влијае врз човечкото спознавање?

Б. К. Категоријата определеност е предмет на мој интерес и во докторската дисертација. Проблемот е стар колку што е стар и јазикот. Обично членот се зема како класичен показател на определеноста, а за него, како за дел од осумте делови на говорот зборува уште Дионисиј Тракиски во 4 в. пр. н. е. Сакам да кажам, историјата на ова проучување е старо 25 века, зашто се работи за проблем што освен лингвистиката, и веднаш по неа логиката и филозофијата, ги тангира и сите општествени и хуманистички науки (како што јазичниот структурализам стана владејачка парадигма кај овие науки, а јазикот, во голема мера, го надминува; да не зборува за теоријата на литературата, која неколкупати го прошири, го надгради, па речиси, веќе, и го отфрли – кога нешто многупати ќе го измените, основата останува само во траги).

Да речеме, нашите онтолошки познавања на светот помагаат нешто да категоризираме како познато или како непознато; како идентификувано или неидентификувано; односно, тоа што знаеме како нешто Е во стварноста, ни диктира како да протолкуваме некој јазичен исказ, дури и кога има сомнителна синтакса. Во крајна линија, не се работи за јасност кон што се реферира, туку за тоа што знаеме, кои знаења ги споделуваме со соговорникот и што сакаме да споделиме како знаење со него. На оваа оска, низ пример, ќе се придвижат случаите од: „Те поздрави човекот“, преку: „Те поздрави еден човек“, до: „Те поздрави некој човек“ и, конечно: „Те поздрави човек“. Ми се чини дека видливи се проблемите и предизвиците од аспект на познанието.  

Н. Ш. Во македонската книжевност постои една, условно кажано определеност – постојаниот епитет. Тој не кажува ништо ново. Но „гора зелена“ како да не е веќе постојан епитет, ами реткост. Што ова значи за правилото дека придавката во постојаниот епитет не кажува ништо ново за именката?

Б. К. Верувале или не, дрвото е секогаш дрвено. Барем јас мислев така. Испадна дека има подрвени и помалку дрвени дрва, барем во производството и кај материјалите. Па, така, она што некогаш било, денес треба и натаму да е, можеби веќе и не е. Шумите се сè помалку зелени. Бистрата и чиста езерска вода веќе не е толку бистра, а во голема мера и не е чиста. Но, прашањето или не е сосема јазично или јас не го сфатив така. Можеби зашто воспоставеното спознавање на стварноста доживува сериозни отклони. Така што, гора зелена не ќе да е веќе постојан епитет, а дрвеното дрво не мора да биде тавтологија. Чудно, но вистинито. Како и овој свет.

Н. Ш. Јазикот е многу тесно поврзан со вистината. Кој зборува вистинито, а кој лаже одамна е спор меѓу луѓето на улиците, но и меѓу учениците во училниците. Како лингвистички (може/треба да) се зборува за критериумот на вистинитоста?

Б. К. Вистината не е јазична, туку филозофска/логичка категорија. Јазикот е само средство за да се формулира исказот. Лингвистиката не се занимава со вистинитосната вредност на исказот, туку со кодот со кој е претставен. За мене како човек, кога е надвор ведро и сончево, постои голема разлика дали ќе ми кажете: „Грее сонце“ или: „Врне“. За мене како лингвист, ме интересира дали има и што е субјект, а што објект во тие реченици; која е пропозицијата, дали и кои се аргументите на исказот, итн. Во основа, нашата задача е да го проучиме јазикот, со кој вие слободно можете и да лажете.

Н. Ш. Парадоксот за човекот е нешто за кое се’ уште има спор. Но, ете, човекот нашол како да бара чаре од него, едно од можните решенија е да се каже „не знам“, наместо „да“ или „не“. Денешната вештачка интелигенција разлика 0 и 1 („не“ и „да“). Каков е Вашиот став за „не знам“ кај овој понов феномен, што тоа „не знам“ може да предизвика кај човекот, но и кај вештачката интелигенција?

Б. К. Моите знаења во областа на логиката се ограничени во таканаречената бивалентна логика. Знам дека модерното вели дека работите се поливалентни. Но, тоа не е зашто е тоа така модерно. Вистина, тие такви и се во стварноста. Шредингеровата мачка, која е и жива и мртва, во исто време, логичките искази што се и точни и неточни, во исто време, светот во кој освен 1 и 0 има и 1/0, е потежок за процесирање. Живеењето во материјален свет значи дека нештото го има (1) или го нема (0). Во јазикот постојат логички парадокси токму зашто тие постојат во стварноста, а јазикот мора да ја одразува таа стварност. Односно, не мора, но потребата на луѓето го условила тоа.

„Не знам“ кај човекот може да предизвика желба да дознае, што претполага напредок, или фрустрација и депресија, што води кон назадување.

„Не знам“ кај вештачката интелигенција ќе предизвика системот да падне или да продолжи да расте за да му се приближи на човекот. Можеби, сепак, „не знам“ кај таквиот тип интелигенција ќе значи само дека нема податоци за тоа. Кај човекот тоа почесто значи дека се работи за нешто што е надвор од опсегот на неговите сетила. Барем денес и сега.

Н. Ш. Како нов почеток наместо крај, јазикот се менува, дава и зема. Што е тоа што македонскиот јазик може да го даде, а што е тоа што треба да го земе во таа многујазична светска размена?

Б. К. Може да даде многу. Не јазикот самиот по себе, иако и тој дава база за истражувања на некои специфичности, појави sui generis во јазичниот свет. Повеќе на давањето мислам преку користењето: ако добро го знаете мајчиниот јазик, полесно учите други. Можете да создадете уметност. Можете да дадете мисла. Поглед на светот. Филозофија на животот, конечно.

Секој јазик зема. Го зема она што му треба, а го нема. Обично зборови. А, нив ги зема, зашто и светот до вчера ги немал. Новото бара ново. Понекогаш е добро, наместо да земе, да создаде. Системот постои, ни треба само посветеност и луѓе што ќе го негуваат тој систем.

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES