Градот Куманово има значајно место во антифашистичкото и партизанското минато на Македонија. Спомениците на НОБ во Куманово се доказ за борбата на градот против фашизмот и важноста да се зачува неговата историја.
За време на Втората светска војна, Куманово бил еден од првите градови во Македонија каде било организирано партизанското движење по капитулацијата на Кралството Југославија во април 1941 година. Првин биле формирани Карадачкиот НОПО (Менкова Колиба, Кумановско, 12. Ⅹ 1941 – с. Белановце, Кумановско, 14. Ⅹ 1941) и Козјачкиот НОПО (Студена Вода, Кумановско, 12. Ⅹ 1941 – с. Малотино, Кумановско, 17. Ⅹ 1941), но само по неколку дена биле разбиени од бугарските окупаторски сили. Во подоцнежните етапи на НОБ градот одиграл витална улога, а неговите жители активно учествувале во борбите против фашизмот. Како резултат на тоа, многу од нив ги загубиле животите борејќи се за слобода на народот.
По завршувањето на војната, Социјалистичка Република Македонија започнала со активности за одбележување на своето антифашистичко и партизанско минато преку изградба на спомен-обележја и споменици. Во периодот до 1991 година биле поставени најголемиот дел од спомениците на НОБ во Куманово. Овие споменици служеле како потсетник за борбата на градот против фашизмот и неговиот придонес за ослободување на земјата. Но, по распадот на Југославија и воведувањето на либералната демократија и капитализмот во Македонија, спомениците на НОБ беа оставени на заборавот на времето. Многу од нив биле запоставени и заборавени, а нивната состојба се влошуваше со текот на времето. Некои од нив беа дури и вандализирани или користени за други цели, како депонии за ѓубре.
Еден од првите поставени споменици од Народноослободителната борба бил споменикот на локалитетот „Менкова колиба“. Истиот бил свечено откриен на празникот 11 Октомври во 1948 година на локацијата каде што биле одржувани состаноците на НОД на Куманово. Споменикот имал пирамидална форма со ѕвезда петокрака на врвот и амблем на срп и чекан. На спомен-плочата на Менкова колиба стоело: „О, години, сеќавајте неумоливо дека во денот на крвавите мугри – 11 октомври тргна од ова место првиот Кумановски партизански одред за да го сруши темното небо над оваа земја и да ги оствари своите вековни идеали – слобода на народот. И тука младите луѓе и партиските раководители одржуваа состаноци и припреми за борбата која сите не фрли во прегратките на слободата“. Споменикот бил изграден по иницијатива на Градскиот комитет на КПМ. Подоцна, на негово место бил поставен нов комплекс што стои до денес.
На месноста „Студена вода“ во близина на село Доброшане која што претставувала зборно место на Козјачкиот народноослободителен одред исто така бил поставен споменик. Споменикот има правоаголна форма со аплицирана мермерна плоча и текст: „На 11 октомври 1941 година, од ова место тргна за Козјак првиот Кумановски партизански одред на чело со политичкиот комесар Киро Фетак“. Некогаш на врвот на споменикот постоела петокрака, но истата денес е уништена. И овој споменик бил подигнат на иницијатива и со средства на Градскиот комитет на КПМ – Куманово.
Симболот на градот Куманово и еден од најмаркантните објекти е Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ која што е изградена во 1957 година и отворена по повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ. Дело е на архитектот Коча Зордумис и вајарот Сретен Стојановиќ. На највисоката точка се формира плато, кон кое се пристигнува по церемонијално скалиште. Спомен-костурницата се состои од два дела: обелиск со фигура и костурница. Фигурата претставува жена која што држи житен клас што го симболизира богатството на кумановската област. Од левата и десната страна на обелискот се наоѓаат костурници во кои што се сместени коските на 443 загинати борци во НОБ. Во последните години комплексот е цел на вандали за што сведочат оштетувањата на бакарните релјефни столбови и плочите со натписите на загинатите борци.
Споменикот на револуцијата – Македонка, дизајниран од вајарот Коста Ангели Радовани, е изграден во 1962, во спомен на борците на Народноослободителната армија на Југославија загинати во НОБ и е поставен на плоштадот „Јосип Броз Тито“ во централното градско подрачје. Иницијативата за негова изградба постоела уште од 1952 година, но поради недостаток на финансиски средства и други проблеми, неговата изработка се одолжила 10 години. Комплексот се состои од една статуа на жена – симбол на непокор и три релјефи. На еден од релјефите стои стихот на Анте Поповски од песната „Мојот народ пред распаќа“:
„Овој пат води
од твоето небидие
до тебе“.
Доколку се исклучат неколкуте графити на комплексот, истиот се наоѓа во релативно добра состојба.
Останатите битни споменици како оние во месностите Студена Вода, Менкова Колиба и во близина на спортската сала во Куманово се запуштени и оставени на забот на времето. Освен месноста Студена Вода, каде што се реализирани извесни уредувања на околината, останатите комплекси се полни со смет и ѓубре и речиси никој не ги посетува.
И покрај занемарувањето, градот Куманово е горд на своето антифашистичко минато и ја препознава важноста од зачувување на својата историја. Спомениците на НОБ се витален дел од наследството и колективната меморија на градот служејќи како врска помеѓу минатото и сегашноста. Тие ги претставуваат борбите и жртвите на жителите на градот и заслужуваат да бидат третирани со почит и достоинство.
Неопходно е институциите да ја преземат задачата да ги уредат овие споменици и да им го вратат сјајот од минатото. Реставрацијата и зачувувањето на спомениците на НОБ во Куманово не само што ќе послужи како почит на минатото на градот туку и ќе привлече туристи заинтересирани за историјата и културата.
- Во пишувањето на ова фото-репортажа се користени материјали од НУ Музеј – Куманово, картотека на Историско одделение.
- Музејски Гласник. Народен музеј “Куманово,” 1994.
- Благодарност до Славица Крстиќ, кустос советник – историчар на уметност во пензија