домаКолумниВаско Гичевски: „Заробеничка слобода“

Васко Гичевски: „Заробеничка слобода“

"Bird in a Cage" by paulmcdee is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“Bird in a Cage” by paulmcdee is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

Слободата е тема на која најмногу се пишувало. Што е слободата, веројатно никој не знае, односно секој за себе знае, што нему му значи поимот слобода. Современото општество е базирано на принципите на слободата и еднаквоста. Сепак, должни сме да се запрашаме, колку нашата слобода е слободна и има ли поголема слободија од таа во која живееме? Дали нашето жртвување на слободата за минимум добивка ни донесе максимална штета?

„Луѓето се раѓаат и остануваат слободни и еднакви во правата“ е реченица која одекнува скоро два века низ нашата историја. Објавувањето на „Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот“ во 1789 година, беше првиот исчекор, првата слобода која човекот ја освоил. Никој никогаш не му подарил на човекот нешто, сè што постои сам создал и сам освоил! Оттогаш, па до денешни дни, терминот слобода значително се прошири, акумулирајќи во себе низа простори кои некогаш беа незамисливи. Ова ни укажува дека слободата иако е апстрактен поим, сепак е материјална категорија. Колку треба да биде голема слободата и што се’ треба да опфати во себе, одлучува човекот. Клучниот предуслов за поимање на слободата е постоење свест, свест која се бунтува, свест која го восприема светот и свест која е подготвена да го менува светот. Најголемата хуманистичка мисија на човекот е да ги менува кон подобро условите кои ги затекнал. Поинаку кажано, за хуманистот, конформизмот не е опција!

Денес постојат цела низа документи кои ја гарантираат слободата на човекот. Од друга страна, севкупноста на сите тие хартии е немоќна против заробувањето на современиот човек. Современиот човек априори се третира како слободно битие, и веројатно затоа е и по малку смешно да се говори за неговата заробеност. За жал, тоа не го менува фактот дека современиот човек е заробен и активно учествува во процесот на заробување. Неолибералните општества се базираат врз слободите и правата на човекот, тие се срж на неговото постоење. Секој човек е слободен да прави што сака, но вистинското прашање е дали може тоа да го направи? Подобро кажано, дали има услови за да направи се’ што сака? Во овој контекст, предимно мислам на материјалните услови кои се клучни за секоја слобода. Без соодветна материјална поткрепа, вие за слободата можете да зборувате само како апстрактна категорија, но веројатно нема ниту да ја допрете. Сиромашниот ја има целосната слобода да го промени својот живот, но соодветната поддршка и соодветните материјални услови за таа промена не му се гарантирани. Без нив, тој слободата за промена ја има само декламативно. Секој човек има право на слободно изразување на своето мислење, се’ додека тоа мислење оди во прилог на тоа што се перцепира како општоприфатено добро. Доколку излегува од општествено прифатените норми, тогаш истото во најмала рака е осудено на потсмев, а можеби на некаква индиректна или директна санкција. Работникот има слобода да побара поголем личен доход, подобри услови за работа, промена на моделот на работа и распределба на платите, но нема гаранција дека во еден таков процес тој нема да ја изгуби својата работа.

Нашето македонско општество е одамна квалифицирано како заробена држава, а соодветно е и на описот на Чомски за „Неуспешна држава“.  Во такви услови слободите на нашиот човек се наоѓаат под двојна опасност. Ние од една страна ја немаме економската моќ за реализација на своите права и слободи, а од друга страна во вакви општества слободниот израз ви носи далекусежни санкции. Јавна тајна се партиските заокружувања на неподобни личности, на отфрленици, на наши и туѓи. Наш е секој оној кој служи на определената политичка гарнитура, туѓ е оној што сака да служи на друга. Во најлоша положба се оние кои не припаѓаат ниту на власта, ниту на опозицијата и нивниот став и светоглед е сосема поинаков од доминантните два. Тие личности немаат никаква поткрепа во системот, сосема напротив, доколку системот не успее да ги класифицира во едно или друго поле на владение, едноставно ќе ги отфрли. Нашето општество е полно со отрфленици, кои се тука меѓу припадниците на овој или оној табор.

Слободата на припадниците на таборите е крајно ограничена. Таа се движи во рамките коишто таборот ги наметнал и тука нема некој поширок простор за делување. Одењето спроти границата значи и губење на материјалната положба која сте ја стекнале благодарение на таборот. За таа материјална положба, човекот дали поради уверување или поради егзистенција, ја жртвувал својата слобода. Феноменот на жртвување на слободата е еднакво присутен кај човекот како и феноменот на борба за слободата. Овој парадокс опсежно го обработува Ерих Фром во својата книга „Бегство од слободата“, каде убаво се потенцира фактот дека човекот заради сигурност ја жртвува личната слобода. Таа жртвувана слобода, која е дадена во замена за некаков бенефит, е впрочем само едно поинакво ропство кое би можело да се нарече подносливо ропство. За возврат на вашата слобода добивате некакво материјално добро, но главниот услов е секогаш да се согласувате со мислењето на таборот и истото да го промовирате. Тоа мислење може да е и ноторна глупавост, може да оди на директна штета на народните маси, но ваша должност е вие тоа да го браните. Секое сомневање во истото веќе ја става во опасност вашата материјална сигурност и преживување.

Macedonia-02846 - No Kids......raining. by archer10 (Dennis) is licensed under CC BY-SA 2.0.
Macedonia-02846 – No Kids……raining. by archer10 (Dennis) is licensed under CC BY-SA 2.0.

Погореизнесеното претставува реалистична слика на демократијата во македонска, односно во општо балканска верзија. Македонското општество кое минува низ вечна транзиција во овој момент е всушност далеку пототалитарно од некогашното тоталитарно општество.  Под тоталитаризам се подразбира дека партијата и државата се слеани и дека без постоење на партијата, државата нема да постои. Во нашиот случај сепак има извесни модификации. Колку денес е светло а колку некогаш било темно, може убаво да се воочи од бројот на членови и партии кои постојат. Во некогашна СФРЈ имаше една партија и таа во 1981 година броеше 2.117.083 членови.[1] Поинаку кажано, членството изнесувало 9,5 % од вкупниот број на население во земјата. Денес во современа, унижена Македонија, постојат околу 200 различни партии, па така секој шести човек, државјанин во Македонија е член на некоја партија. Најголемо членство имаат ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Секој 6 човек е припадник на некаков политички табор односно е машина за гласови. А што потреба има народот од толку масовно членство во партиите? Во едноумието, членови на партијата стануваат оние со амбиција и силна политичка идеја, денес член на партија станува секој кој се нашол во позиција да зависи од државно вработување. Членската од партија некогаш беше симбол за идеолошка определеност, денес е картонче за вработување, бедно и мизерно. Во Македонија, полни три децении постои модел на општествено функционирање кое можеме да го наречеме економија на гласови. Во суштина, овие партии, и покрај бројното членство, се мртви партии. Тука нема ниту идеолошки, ниту било каков друг мотив за членување, освен обезбедување материјална егзистенција, која очигледно е проблем за населението и не може да се обезбеди на поинаков начин. Поинаку кажано, партиите се своевидни агенции за вработување. Луѓето кај нас 30 години ја продаваа својата слобода на мисла и дејствување и поради тоа молчеа и сè уште молчат за нешта за кои не треба да се молчи. Тоа молчење ја поткопа државата во темел, се разори тлото од криминал, корупција, неквалитет и нефункционирање. Долгогодишната негативна селекција, создаде обемен и нефункционален систем, кој денес стана товар и терор за населението. Нашата држава стана општествен систем кој не функционира во ниту еден аспект. Жртвувајќи си ја личната слобода, полека, но сигурно, станавме затвореници на системот за кој си ја жртвувавме слободата. Глумевме критичка јавност, граѓански и политички активизам за на крај кога ќе ги сумираме резултатите едноставно да се осознаеме како заробеници на нефункционална држава. Најтешкиот момент од ова осознавање е фактот дека таа машина која ни ја убива слободата, сами сме ја изградиле со своето молчење.

Како резултат на нефункционалната држава која стана затвор се појави и феноменот на „бегање“ од државата. Иако во стручната јавност е прифатен терминот миграција, сепак меѓу обичниот народ е вкоренет зборот „бегање“. Тоа е само одраз на поимањето на обичниот човек за државата во која живее. Тој е принуден да бега, да се спаси, да најде прифатливо место за живеење некаде подалеку од тука. Самиот збор е израз на една тешка психолошка траума поттикната од реалните општествено економски состојби. Бегањето полека, но сигурно, ги остава партиите без основниот елемент, членството. Поради економската криза, одамна веќе не е исплатливо да се извади книшка и да се чека државно вработување за 450 евра, а за минимално месечно преживување се потребни околу 1.000 евра. Накратко кажано, да се биде полтрон е материјално неиздржливо, а социјалниот статус кој го носеше полтронството аналогно на тоа е ирелевантен, избришан од просторот. Македонија веќе нема ниту проста репродукција на населението, неколку години по ред се наоѓа во негативен природен прираст. Заробениците избегаа, останаа оние кои или имаат емоционални причини за да останат или пак немаат како да избегаат, барем засега. Трагичното е што Македонија остана без жители, по вина на нејзините жители. Македонија стана затвор за своето население по вина на населението. Молчењето, жртвувањето на слободата, немањето храброст да се застане против негативните аспекти на владеењето, а минимум личната корист, ни нанесе максимум лична штета. За крај, останува да се запрашаме: „Ја жртвувавме ли слободата залудно, ја дадовме ли во залог на државниот апарат кој сега не’ мачи?“

Васко Гичевски

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.


[1] Istorija Saveza komunista Jugoslavije, Komunist, Beograd, 1985, 463-464

RELATED ARTICLES