домаКолумниМариглен Демири: „За судирот на невладините организации и религијата“

Мариглен Демири: „За судирот на невладините организации и религијата“

Iglesia de San Clemente, Skopie, Macedonia del Norte, 2014-04-17, DD 03.jpg
Iglesia de San Clemente, Skopie, Macedonia del Norte, 2014-04-17, DD 03.jpg

Неодамна се разгоре еден, во минатото не многу активен, оган кај нас во општеството. Станува збор за симулацијата на судирот помеѓу религиозните заедници (главно низ лицето на црквата) и невладините организации (главно низ феминистичките платформи). Иако низ годиниве постоеја иницијативи за ваквиот судир, земајќи ги предвид елементите кои вирееја во јавноста, како Истанбулската конвенција и родово базираното насилство, т.н. сеопфатно сексуално образование, проширувањето на видикот и свеста особено за родовиот елемент и со нови интерпретации и вметнување нови разбирања за истиот (се мисли на родот и т.н. сексуален идентитет), сè до дебати поврзани за транс луѓето. Овие дебати главно беа иницирани од страна на некои невладини здруженија и организации, а на нив некогаш произволно, а некогаш стратешки и потемелно се надоврзуваа т.н. верници, следбениците на поголемите монотеистички религии, особено православната црква. Така, по ново, разгорената дебата продолжи, се разбира на најнеинтересните платформи каде што царуваат еднонасочните aka circe jerk опсесии, манифестирајќи стари и досадни навреди за едните, односно другите.

Дебатата се сведе на редукција на идентитетите на опонентите, и едните беа врамени како црква (во некои случаи христијани), другите како феминисти (во некои случаи и како џендер идеологија), иако ниту едните, ниту другите, не сакаат да ја промовираат методологијата на редукција до еден ентитет, отфрлајќи ги таквите дефиниции за себеси. Овие дебати (или судири) не се ништо ново во светот и немаат некаков потенцијал да размрдаат од шините, ниту една економска (читај капиталистичка) и олигархиска структура, туку тие се одвиваат на оној слој на реалитетот, кој нема директна и активна улога на промена на „правилата на игра“, или барем досега немало. Марксистичката ортодоксија ќе го нарече битка на мравките во надградбата, која нема потенцијал ниту да ја почеша силата на капиталистичкиот производен систем во ниту една негова, дури и кризирачка состојба.

Земајќи предвид дека ние како држава, па и општество, сме целосно американизирани и клонирани според општествените можности на американецот, овие импортации од таа страна на „барата“ – наваму, не се чудни, уште повеќе земајќи предвид и дека нашата држава целосно е во раце на САД во однос на политичките и останати елементи од сувереноста на една држава. Во американското, па и светското Тик-ток општество, овој судир го опишуваат и како woke VS reactionary, дефинирајќи ги првите како разбудените и освестените граѓани за универзалните права на секој човек чие право не смее да биде одземено и нарушено, не смее да биде навреден, и не смее слободата да му биде скратена (вклучително и приватната сопственост) со сите можни и неможни антиномии на поимот – слобода. Од друга страна, описот на реакционерните инстанци е дека тие се конзервативни, про-Трамп, религиозни, и се спротивно од „разбудените“. Тоа што носи до своевиден парадокс е фактот што разбудените се залагаат за слобода со голема претпазливост и свесност, повикувајќи се на просветителските идеали, класичен кантовски манир, сè до моментот на повикот за ограничување на слободата кога таа слобода ограничува нечија слобода. Тие пак другите, ја употребуваат оваа иста слобода во насока на искористување на веќе дефинираните правила на игра, кои ги туркаат до ниво на нивно јавно парадоксално манифестирање, со што ги принудуваат овие разбудениве да бараат ограничувања. Класични предвидливи проблеми на либералниот систем, кои секако големите либерал–демократски иследители „ги мислеле“ кога го мислеле и системот во кој денес се проектира реалитетот.

Значи, антиномичноста на поимот слобода на говор, нужно носи до ситуација на појава на други корисници на слободата на говор, каде што таа слобода се манифестира на слободен начин и манифестира содржински различни, а на моменти и антагонистички односи со нечија друга манифестација на слобода на говор, па и на мисла. Тука доаѓаме до наредниот чекор, смешниот, односно парадоксалниот: пропонентите на слободата на говор бараат санкционирање и нејзино укинување (стеснување) поради (често) недоволната просветленост на нејзиниот корисник, кој сега веќе станал „злоупотребувач“ поради некои банални причини, пред сè индивидуални (на што укажува и темелната претпоставка на либералното општество и политиката – индивидуата). Сами се виновни што не се информирале и не се просветлиле (рака на срце, често од круговите кои се обвинувани за тоа и нема некоја подлабока аргументирана и информациски кохерентна порака).

Во овој текст не сакам да навлезам во материјалната расправа, набројувајќи ги аргументите на едната и другата страна, затоа што мислам дека на тој начин ќе ја промашам мојата примарна цел, а тоа е да ја разгледам нивната функција во однос на државата и општеството, низ мојата призма, онаа за која зборував во моите претходни текстови. Тезата за економската олигархија и политичката бирократија, како рамка во која се создава реалитетот. Искуството покажало дека границите на дејствување на останатите фактори и слоеви во општеството се произволни и „оплескани“ во најголема мера, доколку нивната цел е промена на систем – тоа што никогаш не било, а доколку целта им била (или им е) да го декорираат системот во којшто живееме со негово постојано сервисирање, тогаш тие си ја вршат нивната функција – тоа што всушност и се случува денес.

The World NGO Day Afghanistan, 27 February 2014.
The World NGO Day Afghanistan, 27 February 2014.

Во таа насока, интересен е нивниот т.н. судир, кој всушност нема за цел политичка артикулација и политичка акција (иако и едните и другите држат структура и финансиска потенцијалност, и секако дебатираат за прашања поврзани со општеството и државата), туку морална и општествено–културна валоризација на едните, односно другите и нивното место во општеството како авторитети на некаква прогресивна, односно регресивна улога.

Всушност, во овој случај и едните и другите комуницираат со општеството, а не со државата. Целта е облекување на општеството со рувото коешто го промовираат. Не ја сакаат државата, иако со неа се „газ и гаќи“. И едните и другите се финансирани од страна на фондации и мецени, капиталисти пред сè, често и од страна на државата. На настаните од едните и на настаните од другите учествува цел естаблишмент, дипломатски кор, власт, олигарси, „филантропи“ и „остала“ владејачка класа. И едните и другите, се блиски приватно (што тоа и да значи), многу често со моќни ликови од надземјето, па дури и од подземјето. Смешно е тоа што и кај едните и кај другите, често, перформативно се разбира, може да се здогледаат некои антикапиталистички тропи, разговори, често и каламбури, текстови, па и научни (хаха) артикли, говори, активности и што уште не. Дури за волја на вистината, религијата напати покажува(ла) поизразено антикапиталистичко чувство, секако сето тоа во рамки на лицемерието коешто го живее, но сепак тесно и неинспиративно.

Во таа насока, улогата на религијата и невладините општества напати и се менува, невладините организации кои перформираат активизам стануваат свештеници на своите идеи, кои најчесто еклектички ги нанижуваат во една супер моќна интелектуална репетиција, која во поголемиот број случаи никој не сака да ја чуе. Од друга страна, религиозните заедници, заземаат улоги на дебатни опоненти на прашања и концепти кои имаат т.н. граѓански карактер и овие улоги им овозможуваат простор за враќање на улогата на црквата во општеството, не низ лицето на Исус Христос, туку низ вдахновението со Џордан Питерсон. Црквата го напушта сакралниот терен и влегува во профаното, тоа за коешто невладините здруженија тврдат дека претставува нивно сакрално, кое под инспирација на секуларните идеи, афирмираат монополистички однос кон тоа што се нарекува општество.

И кај едните и кај другите ретко се случуваат промени во раководството на сопствените структури. Едните својата релевантност ја влечат од нивните т.н. експертизи (универзитетски дипломи и т.н. социо–научни истражувања) и тоа им овозможува полесен пат за средби со политичките претставници и моќници претставувајќи се како претставници, не на група (иако и тоа се случува), туку на познавачи на проблем. Другите се повикуваат на Бог и нераскинливата врска со вечноста, како посредници кон спасението.

Значи, невладините организации кои перформираат активизам и религиозните заедници кои се фаќаат за јадицата на капиталистичкото општествено и културно производство, целат да ја дефинираат надежта кај граѓаните, а со тоа да понудат еден нов вид „опиум на народот“. Се борат за просторот кој е безопасен, политички импотентен, дури многу често плоден опортунистички, на моменти и кариеристички. Нивните активности, ниту за милиметар не ја помрднуваат битката за класна еманципација и судир со структурите на власта затоа што тие произведуваат, во најмала мера, култура која претставува органски нектар од темелот на власта, а не мисла која револуционерно ќе го мотивира работникот (дури и како индивидуа) да ја сфати неговата политичка улога во капиталистичкото општество од периферијата на капитализмот.

Мариглен Демири

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.
Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.

Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.

RELATED ARTICLES