Герила активностите особено во втората половина на 20 век се сметале за круцијална и есенцијална стратегија за низа левичарски политички организации низ Латинска Америка, Африка и Азија. Така и во Иран, против режимот на Пахлави, некои левичарски фракции усвоиле вооружена пракса при впуштањето во борба против шахот. Многумина можеби за прв пат се среќаваат со поимот „ирански комунистички организации“ така што, за да не би ги збунил евентуалните читатели со опсежна опсервација, би ставил акцент на (за мене), помеѓу нив, најинтересната и најистакнатата „Организација на иранските народни федаи“.
Типично за народните федаини било тоа што диверзантските акции ги вршеле исклучително во урбани средини како приоритетни за борба против владините сили на Пахлави.
Ќе се обидам користејќи благ, дескриптивно–аналитички пристап врз основа на претходно анализирани извори, во форма на документи или кореспонденции, да ги отсликам структурата и факторите кои ги принудиле федаините да ги централизираат своите диверзии во урбаните реони како на пример:
– неуспехот во Сијакал,
– географските карактеристики на градовите во кои дејствувале,
– централизираната структура и
– емулацијата на успешни герилски воени модели.
Инцидентот во Сијакал
Зимата 1970, дошло до идеја да се формира т.н. „шумска група“, по извесно испитување на теренот било заклучено дека е соодветен и подготвен за герилски активности, оружје било внесено од Јордан. На 8 февруари, 1971 година, тринаесетина млади вооружени луѓе со полесно огнено оружје и рачни бомби го нападнале жандармерискиот пункт во селото Сијакал во непосредна близина на касписките шуми. Овој настан кој во Иран го добива називот „Инцидентот во Сијакал“ всушност предизвикал речиси еднодецениска интензивна герилска борба, која не само што ги испровоцирала и останатите милитантни марксисти да посегнат по автомати, туку ги инспирирала и исламските радикали да му пркосат на системот, така што во однос на политичката позадина, иранските герилци од „периодот помеѓу двете револуции“ би се класифицирале на следниве поголеми групации составени од помали групи:
– Организација на герилските борци за слобода на иранските народи,
– Марксистички огранок на муџахедините и
– Вистинска шиитска група.
Во периодот помеѓу инцидентот во Сијакал и октомври 1977 година кога всушност започнала и „Исламската револуција“ практично кажано се расплетуваат улиците на Техеран.
Околу 340 герилци го загубиле животот, од кои:
– 177 во директен вооружен судир,
– 91 биле егзекутирани на непознат начин без соодветно судење или по тајни воени трибунали,
– 42 умреле под тортура,
– 15 биле уапсени и никогаш повеќе не биле видени,
– 7 извршиле самоубиство за да не паднат во рацете на жандармите и
– 9 биле застрелани во грб при бегство.
(Околу 200 герилци биле осудени на 15 годишна затворска казна)
Во однос на социјалната позадина/потекло, речиси сите паднати герилци доаѓале од редовите на младата прогресивна интелигенција, високо едуцирани млади, не постари од 35. Но, освен студенти, наставници, лекари и правници, помеѓу загинатите имало и работници во фабрики, дуќанџии, свештеници, како и дури 39 жени кои активно учествувале во герилските судири. Кога веќе државните службеници се нотирани би го нотирал и фактот дека во ера на просперитетна „средна класа“ во Иран каде што уживале зголемени плати и други бенефиции, тие не го зграпчиле оружјето од економски причини или заради финансиско незадоволство, туку поради општествено незадоволство, морален дигнитет или политичка фрустрација.
Настапот на федаините, односно прелевањето на герилскиот отпор од руралните во градските средини, особено по неуспехот во Сијакал се покажал како поуспешен во однос на изведувањето и ефективноста на нападите, саботажите и вооружената пропаганда.
Од повеќето герилски групи кои дејствувале, марксистичките федаини и исламските муџахедини биле убедливо најобемни по учесниците кои пристапувале, притоа процентуално, 50% од загинатите биле федаини, 21% муџахедини, 11% припаѓале на помалите марксистички фракции, додека 8% на помалите исламски групации.
Интересен бил моментот кога солиден процент од марксистичките герилци транзитирале во асистенција на муџахединското движење и притоа одиграле витална улога во триумфот на иранската револуција, нешто за кое би прокоментирал кон крајот, како заклучок.
Имено, герилското движење во Иран влече корени уште од „крвавите настани во 1963“, но како што беше претходно наведено, првата посериозна операција, по многубројни превирања помеѓу марксистите во однос на тоа дали отпорот би требало да е со насилни или ненасилни елементи, сепак во февруари, 1971 преовладал вооружениот избор.
Што впрочем воопшто не било изненадувачки со оглед на фактот што во текот на шеесеттите студентите формирале форум за тајни дискусии во кои ги проучувале фокалистичките теории и неодамнешните герилски искуства во Кина, Виетнам, Куба, Алжир итн., патем ги преведувале делата на Мао, Че Гевара, Фанон, преведувале кубански памфлети и им ги делеле на младите што резултирало со создавање на „Фронт за ослободување на Иран“. Но, во текот на шеесеттите тајните служби ги разоткривале и вршеле нивна ерадикација уште пред да започнат со дејствување, но недоволно, искрата која иранските комунисти ја фрлиле го запали шаховиот систем.
Накратко, околу „киднапирањето на успехот на револуцијата“ од страна на поддржувачите на Хомеини, вистинската катастрофа во однос на неуспехот на комунистите, секако не бил самиот пораз туку природата, односно причините кои го условиле – внатрешните идеолошки девијации и слабости.
Триумфот на исламската револуција бил пречекан и со восхит, но и со разочарување.
Одеднаш политичката и организациската будност во однос на справувањето со исламистите стана можеби не нова, но уште поприоритетна задача за комунистите. Тогаш се појавило прашањето/потребата за нова граѓанска војна особено поради давањето на застрашувачка, терористичка конотација на левичарските револуционерни сили. Исламистите по преземањето на власта работат активно и ригорозно на уривање на комунистичките структури, спречување на нивното фигурирање на политичката сцена.
Консолидацијата на Иранската револуција бил турбулентен процес. Освен заканата од Садам Хусеин, стабилноста на Иран била доведена во прашање и интерно, имено по падот на шахот, Иран западнал во „револуционерна криза“ се’ до 1982/1983. Марксистичките герилци и федералистите експресионирале незадоволство особено во регионите Кузистан, Курдистан, Гонбад-е-Кабус. Американците будно ги следеле настаните кои некаде траеле со месеци, а додека некаде и со години затоа што стравувале од повторување на „авганистанското сценарио“ т.е. советска интервенција, но евентуално до 1983 Хомеини успева да ја консолидира власта во Иран уништувајќи ги ривалските фракции.
Во 1979, Ашраф Дехгани, истакната жена – комунист (која заради своите политички убедувања завршила и поминала неколку години зад решетки, а подоцна успеала да организира бегство), се дистанцирала од Организацијата на Иранските народни фидаи герилци, го критикува Хамид Ашраф за застранување од марксистичките принципи и за обидот за изнаоѓање компромис со исламските власти, останува лојална на теориите и учењата на Масуд Ахмадзадех и во 1981 ја формира новата и последна фракција на Иранските народни федаи герилци која дејствува во егзил со седиште во Лондон, а во примарната фаза на постоењето им асистирале на иранските курди при конфликтот со властите.
Имено, Москва не била заинтересирана до толкава мера да интервенира во Иранската револуција , не само по триумфот на исламистите, туку генерално, уште од првите поголеми вооружени конфликти, советскиот воен врв реагира дури отпосле во Авганистан, стравувајќи исламскиот радикализам да не ги фундаментализира руралните региони на Таџикистан итн. Но неуспехот на иранските марксисти не може да се препише на екстерни фактори, всушност работничката класа на Иран била уште поголема од руската во 1917, но иранското студентство и работници не ја ширеле комунистичката пропаганда со ист ентузијазам како при организирањето герила, така што џамиите го презеле приматот во однос на фабриките и универзитетите во тогашното иранско општество, резултирајќи со долгогодишна консолидирана исламска држава.
Руфат Јашари
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.