домаКултурни дописиСимона Наумоска: „Феминистичката борба на младите жени и девојки“

Симона Наумоска: „Феминистичката борба на младите жени и девојки“

Поранешните вработени од фабриката денеска протестираа поради првостепената одлука на судијата од Основен суд Кавадарци. (ФОТО: СДК.МК) (https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/70-tekstilni-rabotnichki-od-kavadartsi-tuzhele-za-neisplateni-tri-plati-kavadarechkiot-sud-go-odbil-baraneto-i-dosudil-da-platat-20-iljadi-evra-za-sudski-troshotsi/?fbclid=IwAR1pNOgkk1O6e9PUflkxbB-v5Hb3n-jHaGKHzCq_SeABsQe2OhZDuIwkrcE)
Поранешните вработени од фабриката денеска протестираа поради првостепената одлука на судијата од Основен суд Кавадарци. (ФОТО: СДК.МК) (https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/70-tekstilni-rabotnichki-od-kavadartsi-tuzhele-za-neisplateni-tri-plati-kavadarechkiot-sud-go-odbil-baraneto-i-dosudil-da-platat-20-iljadi-evra-za-sudski-troshotsi/?fbclid=IwAR1pNOgkk1O6e9PUflkxbB-v5Hb3n-jHaGKHzCq_SeABsQe2OhZDuIwkrcE)

Во борба за превласт на доминантна идеологија околу положбата на жената во современото општество, конзервативците и либералите ги растргнуваат младите жени и девојки на две страни – првите тврдат дека феминизмот е излишен и жената веќе има доволно слобода, а другите тврдат дека сите жени треба да се обединат против патријархатот како единствениот заеднички непријател кој ги опресира. Навидум издржани гледишта ги привлекуваат младите жени и девојки кон едната или другата страна соодветно, но кога некој подетално ќе пребара во овие „кутии полни со богатство“, ќе дојде до заклучок дека кутиите немаат „богатство“, туку се полни со нешто кое е без суштинска вредност.

Младите жени и девојки треба да ги согледаат материјалните односи, треба да бидат револуционерки и да се придружат кон борбата на работничките бидејќи непријателот, скриен под блескаво руво, е капитализмот.

Конзервативен антифеминизам во ерата на интернетот

Оваа идеологија не е нова, но во денешната ера на интернетот, таа доби нов замав со ликови како Кендис Овенс, Џордан Питерсон и неговата ќерка Микејла Питерсон, Бен Шапиро, Ендру и Тристан Тејт, Прл Дејвис, како и бројни други личности кои имаат свои платформи за ширење на своите пораки. Во нашата земја, исто така, постојат вакви интернет ликови, но со оглед на скорешната слава на еден од нив, како репрезент може да се спомне јутуберот Стефан Лазаров.

Тие се пропоненти на капитализмот и веруваат дека мажот треба да биде богат и доминантен. Мислат дека жената веќе има доволно слобода па феминистките според нив водат празна борба. Но покрај таа „слобода“, жената треба да цели кон улогата на жена и мајка за задоволство и служба на својот маж од кого и финансиски зависи. Овој машки шовинизам постојано оди во правци кон срамење на жената за нејзината сексуалност, девалвација на сите останати каратеристики на жените и истакнувајќи ги убавината и сексуалната привлечност, „чистотата“ и понизноста како највисоки квалитети на една жена.

Изворот на аргументи често им е еволуционата психологија, наведувајќи дека општествената положба на мажот и жената произлегува од биолошката природа, често повикувајќи се на некои односи во примитивните историски заедници за да ги оправдаат позициите на мажите и  жените и сексуалното однесување на мажите спрема жените. Обвинувањето на жртвите на сексуално и физичко насилство и релативизирањето на однесувањето на насилниците, најчесто произлегува од ваквите гледишта, надополнети со убиквитарната патријархална контрола на женското однесување. Но не само што оваа гранка во психологијата генерално нема практична примена при работа со пациенти, туку истата е често критикувана дека нема издржливи докази, а одредени писатели тврдат дека особено во примитивните заедници на ловци и собирачи, положбата на жената и мажот била многу порамноправна од тоа што мислиме и дека и жените имале улога во собирањето храна и други обврски околу заединицата. Доминантноста на патријархатот не произлегува од биолошките разлики, туку од материјалната моќ што им е дадена на мажите низ историјата.

Младите жени и девојки кои ја застапуваат или несвесно ја перпетуираат оваа идеологија, сакаат да се привлечни за машкото око па тоа ги прави лесна мета на реклами на индустријата за убавина и мода и корпорациите кои стојат зад социјалните мрежи. Ги прави поголеми консумеристи поради потребата за подобар изглед и поголема самодоверба. Тие сакаат да имаат маж кој финансиски ќе ги издржува и сакаат да го достигнат тоа што нивиот маж бара од нив да бидат: домаќинки и мајки, паралелно ставајќи се во сексуално понизна положба, како сексуален објект наместо како сексуална личност со личен сексуален нагон. Грижата за домот и мајчинството не се лоши работи, но во рацете на овие идеологии се алатка за контрола на жената. Девојките се класифицирани или како „мадони“ или како „лесни“ девојки кои не се за брак. Тие може почесто да се жртви на физичко и сексуално насилство од страна на мажите во нивното опкружување, доколку тие мажи во себе носат исти такви вредности.

Ширењето на вакви идеологии често „проработува“ кај млади момчиња кои сè уште немаат изградено цврст вредносен систем, но и кај возрасни мажи кои веруваат дека во рамките на капиталистичкиот систем ќе достигнат некаков финансиски и социјален зенит кој го проповедаат пропагандистите на системот. „Мизогинијата е една од најголемите пречки за класна свест, со тоа што дозволува обичниот маж да добие лажно чувство на моќ, а со тоа и да се идентификува со мажите од експлоатирачката класа, против жените и мажите од сопствената класа“, пишува пролетерската феминистка Есперанца Фонсека во својата изјава за Ендру Тејт.

Либерален феминизам

Додека либералниот феминизам препознава дека жените сè уште се опресирани, сепак потфрла во идентификацијата на опресорот. Либералниот феминизам се појавува во  антагонистичка положба кон конзервативните идеологии по женското прашање па генерално го смета патријархалниот систем за единствениот непријател на жената. Либералните феминистки не го земаат предвид влијанието на економскиот систем.

Иако трендот на „Girl Boss“ феминизам доживеа крај, тој во суштина не заврши, туку се маскира во други форми. Според застапниците, најголемата вредност на личноста е индивидуалната слобода па така индивидуалната женска слобода е сржта на борбата. Жената треба да цели кон финансиска независност, а доколку жената која е финасиски независна е во улога на газда и експлоататор се гледа како успех. Гледањето на жените како засебна класа (ова е критика и на радикалниот феминизам), ја спречува класната борба на жените и ги тера тие повеќе да се идентификуваат со богатите жени отколку со мажите припадници на нивната класа. Газдарицата, односно богатата жена е во финансиска и општествена положба многу поблиска до газдата маж, отколку до жената работничка. Клара Цеткин пишува: „Борбата за слобода на жената пролетер не може да биде слична со онаа борба што буржоаската жена ја води против мажите од нејзината класа. Напротив, мора да има заедничка борба со мажите од нејзината класа против целата класа капиталисти“.

Либералите зборуваат за телесна автономија и правото на жената да одлучува за своето тело. Тие зборуваат дека државата не смее да има влијание на нивното тело и правото на абортус, а не го согледуваат влијанието на слободниот пазар врз женското тело. Тие не воочуваат дека патријархатот е во суштина општествена појава во рамките на економскиот систем кој опресира и експлоатира, а не посебен ентитет. Патријархатот е дел од капитализмот како систем, како што бил дел и од феудализмот и од робовладетелството.

Вината за опресија на жените, исто така се бара индивидуално во одредени личности како Ендру Тејт, Лазаров или Латас, обвинувајќи ги нив за несигурност во себеси, ранливо его, мегаломански мисли и голема суета со интернализирани мизогинични вредности. Иако психолошки сигурно тоа е така, сепак тие мажи се производ на системот кој ги поддржува овие вредности. Денешниот систем го наградува ваквото однесување, таквите луѓе се профилираат на високи позиции на економска моќ, а работничката класа се потиснува уште повеќе и работничката борба се атомизира.

Вината за нереагирање и непревенирање при насилство врз жените се бара во нереактивната држава или полиција, игнорирајќи го фактот дека полицијата, како алатка на класната држава, секогаш ќе има поразличен третман кон сиромашната во споредба со богатата жена.

Либералниот феминизам делува како да нуди феминистичка борба, меѓутоа со негирање на класната поделба не нуди суштински решенија па тешко е за младата жена или девојка од работничката класа да се чувствува целосно ослободена при следење на тие принципи. Слободата за едукација, работа, избирање дали жената сака брак или деца, изразување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и слободата на жената да одлучува за своето тело што ја проповеда либералниот феминизам, е достапна само за жена која е во финансиски надмоќна положба. Доколку материјалните услови не се задоволени, често жената не само што нема пари да си дозволи вакви слободи, туку и доколку таа живее во конзервативна средина, ваквата слобода ќе биде потиснувана и жената индивидуално скоро никогаш нема да може да се избори против тие вредности. Затоа делува како либералниот феминизам само опортунистички да го користи женскиот идентитет за индивидуален бенефит на богатите жени.

Овој феминизам не ѝ пркоси на хегемонијата на владејачката класа, а тие кои не се припадници на работничката класа, а празно тврдат дека се заедно во класната борба со жената работник, можеби ќе се пронајдат во описот на Маркс и Енгелс за буржујскиот социјализам. Тие во комунистичкиот манифест пишуваат „Еден дел од буржоазијата сака да ги подобри лошите социјални состојби за да го осигура опстанокот на буржоаското општество.  …Социјалистичките буржуи ги сакаат животните услови на модерното општество, но без борба и опасности кои нужно произлегуваат од нив. Тие го сакаат постојното општество со одбивање на оние елементи што револуционизираат и распаѓаат. Тие сакаат буржоазија без пролетаријат. Природно, светот во кој таа владее, буржоазијата си го претставува како најдобар свет“.

Марксистички феминизам на младите жени и девојки        

Класната борба е феминистичка борба и феминистичката борба е класна борба. Пролетерскиот, односно марксистичкиот феминизам за примарна појдовна точка ги зема материјализмот како филозофски правец и економската наука на Маркс и Енгелс. Борбата треба да биде насочена кон распаѓање на системот кој носи класни разлики и преземање на средствата за производство. Само тогаш жената ќе биде слободна во секоја смисла и нема да се наоѓа на подредено место или да се третира како стока за производство на профит.

Жените работнички треба да се борат против узурпација на доминантниот дискурс по женското прашање од страна на либералите или конзервативците. Жените од работничката класа не смеат да се однесуваат конформистички кон доминантните идеологии и да дозволат уште поголема опресија. Младите девојки и жени како сегашни и идни работнички треба да се солидаризираат со мажите и жените од својата класа.

Пролетерскиот феминизам е секогаш на страната на работниците, тој е транс и лгбт+ инклузивен, тој е на страната на сексуалните работнички, но се бори за аболиција на секс индустријата, тој е еколошки и зелен феминизам, тој е солидарен со мажите од работничката класа, тој е антиимперијалистички, антиколонијалистички и антифашистички.

Другите типови феминизам се реформистички односно контрареволуционерни.

Меѓународниот ден на жената не е празник за разменување подароци или безисходни, перформативни „политички“ активности. Меѓународниот ден на жената е симбол на борбата за еднакви права. Еднаквоста ќе произлезе само од класна еднаквост.

За револуционерен 8 Март!

Симона Наумоска

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Текстот произлезе од трибината за 8 Март „Женската борба вон границите на неолиберализмот“, организирана од страна на „Социјалистичка зора“ во Социјалниот центар „Дуња“.

Симона Наумоска е родена во 1997 година во Прилеп. Таа е студентка по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. За време на средното образование била извидник, а паралелно учествувала во еколошки активности и иницијативи за помош на социјално загрозени категории. Како студентка била дел од студентски организации на Медицинскиот факултет. Сега е дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“. Таа е активист за работнички права, социјална правда, женски и ЛГБТИ права. 

RELATED ARTICLES