домаКолумниЗдравко Савески: “Освојување на лебот”

Здравко Савески: “Освојување на лебот”

"The bakery oven established by IHH in Reyhanlı district of Hatay daily produces hundred of thousands breads for Syrian refugees" by İHH İnsani Yardım is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“The bakery oven established by IHH in Reyhanlı district of Hatay daily produces hundred of thousands breads for Syrian refugees” by İHH İnsani Yardım is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

Секое претпријатие чиј сопственик одбива да се сообрази со јавниот интерес треба да биде ставено под принудна управа на државата. За да се спречи изгладнување на народот! А ако тоа не им се допаѓа на капиталистите, или ако се обидат да ја поткопаат принудната управа, државата секогаш мора да ја има подготвено опцијата за експропријација и национализација.

Отворен е фронт! Во судир е јавниот интерес на граѓаните да купат леб, основна животна намирница, по пристојна цена, и приватниот интерес на капиталистите од мелничарската индустрија за поголем профит, за зголемување на личното богатство во услови на флуктуирање на цените на суровините.

Се случија две работи кои не сме ги виделе од повторното воведување на капитализмот пред 30 години. Првата е дозволувањето на мал грст луѓе, мелничарски капиталисти, со месеци да ги прават идиоти и целиот народ и самата власт. Добија субвенции за да ја поевтинат цената на лебот и… што се случи? Си ги пикнаа субвенциите в џеб, а цената на лебот ја оставија иста! Колку прекрасна зделка од нивна гледна точка! Добиваш пари за да направиш нешто, не го правиш тоа, ама никој не ти ги бара парите назад! Затоа нѐ правеа идиоти! Во секоја друга прилика ако сме дале пари за нешто, а не сме добиле ништо за возврат, ќе сметаме дека парите треба да ни бидат вратени. Но, во врска со ова секаква здраворазумска и пазарна логика со месеци беше суспендирана!

Втората работа на која првпат станавме сведоци е капиталисти да организираат бојкот. Требаше да поминат 30 години за да го доживееме ова! Тоа досега не се случуваше, бидејќи капиталистите ја поседуваат државата, ова е нивна држава, ги контролираат сите партии што биле на власт, па ретко, речиси никогаш, власта и државата не носат одлуки што се спротивни на нивните интереси. Но, ете, по некоја чудна случајност се случи тоа, па сега капиталистите решија да си ги покажат забите! Нема леб, нека јаде народот колачи!

Државата е должна да го заштити јавниот интерес! Таа им даде наши пари на мелничарските капиталисти за тие да ја намалат цената на лебот. Наместо да се обидуваат со месеци да ги штитат мелничарските капиталисти, правејќи нѐ при очи слепи дека се намалила цената на лебот, тие требаа да преземат мерки веднаш штом договореното не беше испочитувано. Парите не растат на дрво. Ниту пак станува збор за приватни пари, па да прават што сакаат. Затоа државата мораше и сѐ уште мора од сите капиталисти што не го испочитуваа договореното да бара да ги вратат парите! Имајќи го ова предвид, воопшто не е радикална мерката да им се укинат субвенциите! Напротив, таа е недозволиво млитава!

Се дрзнаа капиталистите да тврдат дека снижувањето и замрзнувањето на цената на лебот било под нивото на исплатливост за понатамошно работење. Кое потценување на интелигенцијата на овој народ! Ами, дотолку мислат дека не може да ги провериме цените на суровините за производство? Во ера на интернетот? Еве ги цените на пченицата на светските берзи во последната година:

Цена на пченицата, март 2022 – март 2023, во американски долари за 1 тон. Извор: Markets Insider.

Како што може да се види од графиконот, цената на пченицата денес е пониска одошто кој било друг период во последната година! Ем постојано се намалуваше цената на пченицата ем добиваа субвенции – и пак не ја намалуваа цената на лебот?! Па зарем има граници на нивното безобразие!?

Постојат две нивоа на цените што треба да се имаат предвид во оваа ситуација. Едното ниво е нивото на рентабилност, а другото е нивото на екстрапрофити, на воено профитерство. Капиталистите секогаш, ама баш секогаш тврдат дека секој обид за ограничување на нивните профити значи паѓање под нивото на рентабилност. Затоа, никогаш, ама баш никогаш не може да им се верува на збор кога тврдат дека ќе биле принудени да ги затворат фирмите. А погорниот графикон покажува дека во дадениот случај она што е во прашање не е нивото на рентабилност, туку нивото на екстрапрофити!

Што треба да направи државата пред организираниот бојкот на грст капиталисти што го бранат својот профит на штета на јавниот интерес и егзистенцијата на целиот народ? Прво, власта мораше и мора да има план што ќе преземе во случај капиталистите да се дрзнат да организираат бојкот. Дотолку повеќе што поради аздисаноста на која се навикнати, заканата за бојкот од страна на капиталистите требаше сериозно да се сфати. Власта и државата никако не смее да ретерира во одбраната на јавниот интерес! Ако тоа го направи, тоа дополнително ќе ги охрабри капиталистите и од другите сектори, па тие во иднина ќе станат уште побезобразни во штитењето на својот профит од она што се сега! Сега кога капиталистите отворија фронт, државата не смее да се повлекува или да стои со скрстени раце. Тоа што за леб се работи ја прави ситуацијата кризна и итна! Секое претпријатие чиј сопственик одбива да се сообрази со јавниот интерес треба да биде ставено под принудна управа на државата. За да се спречи изгладнување на народот! А ако тоа не им се допаѓа на капиталистите, или ако се обидат да ја поткопаат принудната управа, државата секогаш мора да ја има подготвено опцијата за експропријација и национализација.

Сето тоа убаво – ќе прокоментира некој – ама ова е капитализам. А што значи дека ова е капитализам? Дека може и треба да им се дозволи на капиталистите да прават што сакаат? Огромен успех на перењето мозок од страна на капиталистичката пропаганда е да се прави бабарога од национализацијата, па дури и од принудната управа. Има огромен број примери каде што во услови на капитализам и за поефикасно функционирање токму на капитализмот е извршена национализација. Само доминацијата на пазарниот екстремизам во јавниот дискурс создаде состојба каде што на национализацијата во услови на капитализам се гледа како на бабарога.

А за умерената мерка на принудна управа воопшто да не зборуваме! Не пред неколку децении, туку минатата година, што ќе рече вчера, БЕГ беше ставен под принудна управа на државата до крајот на грејната сезона. Како е можно ова да се има заборавено, иако се случи само пред една година? Сосема е можно кога ќе се има предвид дека медиумите се под контрола на крупниот капитал, дека не постои приватен телевизиски медиум што не е поседуван од некој капиталистички магнат, олигарх. А тие, за разлика од работниците, знаат да го штитат класниот интерес на својата класа!

Водата во чија сопственост е? Во приватна или во јавна? Кога се работи за нашите најосновни егзистенцијални потреби, преголема отстапка на капиталистите е да им се дозволи монопол над јавните добра. Водата мора да остане во јавна сопственост. А зошто и лебот да не биде во јавна сопственост? Да не дозволуваме менталните бариери што ни ги наметна пазарниот екстремизам да нѐ спречуваат да ги видиме сите опции кои стојат на располагање во заштитата на јавниот интерес пред наездата на приватниот интерес на мелничарските капиталисти. И да не ѝ дозволиме на власта да се пазари со јавниот интерес! Цената на ретерирањето во оваа битка ќе отвори опасен преседан, чија цена скапо ќе ја платиме во иднина!

Здравко Савески

Редакцијата на “Гласни идеи” не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

RELATED ARTICLES