домаСтавТеодор Петковски: „Со велосипед по целиот свет“

Теодор Петковски: „Со велосипед по целиот свет“

"Bycicle" by _janex_ is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“Bycicle” by _janex_ is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.


Ова ќе биде една исклучително тешка колумна за пишување бидејќи во неа ќе зборувам за сопствените гревови и грешки, како и за пријателите кои ги вознемирив поради овие грешки. Тешки лекции кои ми се имаат случено возејќи велосипед со блутут слушалки, како и последиците од таквото возење. Тешко е да се признае сопствената вина. Возењето со блутут слушалки е еднакво на гледањето и правењето сториња зад воланот од автомобилот.

Аргументот дека ќе слушаш со намален глас е слаб бидејќи знаеме дека ќе слушаш на најјако бидејќи ти пречи звукот од автомобилите. Звукот на сообраќајот е тоа што предизвикува анксиозност, покажале многу научни студии досега. Јас лично секој ден патувам до работното место со велосипед. Немам друго превозно средство, ЈСП има нередовен распоред на кој не може да му се верува поради проблемите со буџетот. Единствено можеш сам на себеси да се потпреш, да ставиш ракавици зимно време, капа, шал, кацига над капата и светлото навечер да ти е вклучено, исто така да имаш звучно ѕвонче. Мислам дека само тогаш си безбеден и опремен дури и за во зимски услови за овие скопски агресивни улици каде што возењето може да прерасне во кошмар. Мислам дека имам поквалитетен живот отколку некој што патува со автомобил затоа што патувањето со велосипед нуди повеќе предности од типот на чувствување подобро за себеси заради придонесот кон животната средина. Јас барем не загадувам со велосипедот.

Автомобилите се’ почесто ги гледам како непријатели, тие се непријатели и за животната средина и за човечките животи. Автомобилите имаат слепи точки од коишто не се гледаат пешаците, а велосипедот нема слепа точка. Автомобилот е нужно зло, приморан сум да мислам за да полагам за возачки испит или народно кажано за возачка зашто тоа ќе ми отвори нови работни места. Возачкиот испит ќе ти отвори нов тип работни места каде што ќе се бара да управуваш со моторно возило и да пренесуваш роба до дуќани и маркети. За жал, Скопје е град на автомобилите и на семафорите.

"Bycicle" by Michela Simoncini is licensed under CC BY 2.0.
“Bycicle” by Michela Simoncini is licensed under CC BY 2.0.

Велосипедите, пак, ниту загадуваат, а ниту можеш да удриш некого и да му нанесеш фатални последици. Но, можеш да бидеш удрен на пешачки од автомобил. Јас имам преживеано две сообраќајки со велосипед во ноември, 2022 година, за едната јас чувствувам вина и го признавам тоа, пребрзо возење, поминување на црвено, невнимание, некултура од двете страни и од велосипедистот и од возачот на автомобилот. Јас жалам премногу за преживеаните сообраќајки, жалам за предизвиканиот страв кај моите пријатели. Имав невидена среќа, ниска е сообраќајната култура и чекањето на црвено на семафор, најмногу жалам за катастрофалните последици по менталното здравје што ги носи преживувањето на сообраќајна незгода којашто ти си ја предизвикал. За среќа, добар сум.

Тоа што нема да го правам на велосипед повеќе е да слушам музика со блутут слушалки, колку и да беше забавно тоа, многу е голем ризикот да се удриш доколку употребуваш блутут слушалки и сè уште гледам многу луѓе кои се премногу самоуверени со блутут слушалките и најчест аргумент на возачите на автомобили со цел да ги одбранат своите лоши и нееколошки навики на загадување на воздухот се токму возачите на велосипеди и тротинети со блутут слушалки. Јас лично мислам дека немаме доволно добра инфраструктура на улиците во главниот град за електрични скутери/тротинети, како што има инфраструктура на пример во Солун, додека кај нас во Скопје тие се многу ризични. Постои ризик од пад и предизвикување тешки сообраќајки бидејќи ретко кој возач на тротинет ќе се симне на пешачки, а и улиците не се добро проектирани за нив, а и возачите на електрични скутери се однесуваат непристојно во многу наврати па затоа и возењето електрични скутери е проблематично со моменталната инфраструктура и дури сум забележал дека одредени носат и кациги од мотори за време на возење електричен скутер, што е позитивно, но со кацига за мотор имаш слепи точки од кои не ги гледаш пешаците и треба внимавање.

Носењето кацига мислам дека треба да се донесе законски и за велосипедистите и за скутерите доколку сакаме да тргнеме напред во однос на безбедноста во сообраќајот и на патиштата. Јас лично по првата сообраќајна незгода си купив кацига која ме заштити заради тоа што редовно ја носев, а и втората сообраќајка можеше да биде трагична за мене и мојот живот бидејќи ударот беше директен во велосипедот во предното тркало од страна на возило на пешачки премин со брзина од речиси 70 км на час. Не сме свесни какви трагедии можеме да предизвикаме со нашето поминување на црвено на пешачки. Премногу е жално. Тоа што е законски потребно за велосипедистите е да се има ѕвончиња, кацига и задолжително јасно видливо, бело однапред па и црвено одназад, светло. Мора да тргнеме од некаде! Законски регулативи за сите учесници во сообраќајот. Друго нешто што имам забележано е дека сите пешаци се тргаат кога ќе чујат ѕвонење и тоа е позитивен напредок.

Португалија е многу лошо место за велосипедисти според еден канал што го гледам, а исто така и Балканот. Ние во Скопје забележуваме напредок во употребата на велосипеди. Кациги и светла и ѕвончиња треба да се задолжителни, а не опционални. Казни за возење со блутут слушалки. Атрактивно е возењето со блутут слушалки и го олеснува патувањето и психичкото здравје бидејќи не мислиш на проблеми, но по цена на тоа да го пуштиш мозокот на „пасење“, се случуваат и несреќи. Тоа што дефинитивно го правам сега, како лекција, е симнувањето од велосипедот и туркањето на пешачки и тоа што сум го забележал е дека повеќе возачи на автомобили го почитуваат тој акт од страна на велосипедистот и ти застануваат, подобро отколку да „прешишкаш“ со велосипедот на пешачки премин. Доколку е пешачки премин, не значи дека е безбедно да се помине со велосипед. Сè додека кршиш правила и правиш сообраќајни прекршоци немаш право да коментираш за ништо. Кога ќе сфатите дека побрзо се поминува на пешачки ако туркате велосипед, ќе тргнеме напред сите.

"bycicle path (Nex-5c Voigtlander Nokton 35mm f1.2)" by andrewXu is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“bycicle path (Nex-5c Voigtlander Nokton 35mm f1.2)” by andrewXu is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

Аргументот дека автомобилот им треба на семејствата не е издржан затоа што постојат велосипеди кои не се достапни на пазарот кај нас, во коишто можат да се пренесуваат деца и луѓе односно да се вози другар назад или напред со тоа што ќе седи на багажникот или на специјално дизајнирана количка за совозач. На мојот багажник од мојот холандски велосипед имаат седено двајца пријатели досега и навистина беше возможен преносот на друго лице на велосипед од точка А до точка Б. Холандските велосипеди се направени да издржат повеќе и да траат подолго. Холандските велосипеди се направени да седиш исправено, наместо легнато како на оние со брзини кои се со лесни рамови. Постојат и планински велосипеди кои се покажуваат исто како добри градски превозни средства, нема да згрешите доколку купите планински велосипед. Мислам дека на секој велосипед треба да има вградено среден амортизер бидејќи скопските тротоари се приказна сама за себе.

Воочуваме напредок во однос на исцртаните ленти за велосипедисти, тоа што јас би го направил е исклучување на пешаците од можноста да се движат по обележаните велосипедски ленти со тоа што ќе поставам соодветна инфраструктура, дрвца, столбови и сл. Тие што не се одлучиле да купат велосипед за градско и основно превозно средство го препорачувам холандскиот велосипед којшто има само една брзина, народски кажано, и има „контра“ кочница, бидејќи со тоа заштедувате пари за поправка на кочниците и редовно одржување на брзините кои знаат да се изместат. Возењето велосипед со брзини е далеку посложено и не знаат сите да ги користат правилно па затоа е поисплатливо да се купи холандски тип на велосипед. Не сте свесни која одговорност е возењето велосипед особено во парк со цел да не згазиш некое дете, внимавајте и на тоа, ве замолувам. Одговорност и забава се два многу различни поими.

Инаку, зад велосипедите постои една култура на тоа што сакаме да го пренесеме од Холандија кај нас, а тоа е перцепирање на велосипедот како средство за секојдневен транспорт и во лето и во зима, иако возењето во зима за одредени луѓе може да има здравствени последици и само за нив е оправдано да возат автомобил во зимски услови. Имавме многу среќа оваа зима во енергетска криза бидејќи ни беше блага и дозволуваше возење велосипед цел јануари. Јас веќе одамна се немам возено во јавен превоз и гледам да го избегнувам бидејќи е хаотичен. Единствено нешто што можам да го направам е да возам велосипед. Толку многу го сакам велосипедот што си истетовирав велосипед на ногата.

За прв пат научив дека на холандски фиц значи велосипед, во златна Холандија за велосипеди постојат феноменални катни гаражи кои се како излезени од научнофантастичен филм. Најважно од сè е да се спомене дека во Холандија луѓето уште во 1960 година почнале да се борат за употреба на велосипеди и таму останало традиција да се возат стари велосипеди кои остануваат во фамилијата по неколку генерации. Нема ништо без борба во општествениот живот. Чувајте го животот зашто е еден и немојте да предизвикувате сообраќајки и да се ставате во ризик себеси, а и многу други луѓе. Полагајте за возачка и возете внимателно, бидете џентлмени во сообраќајот. Почитувајте се и учете од туѓи, а не од сопствени грешки. Сакајте ги останатите учесници во сообраќајот, исто толку, колку што се сакате и самите себеси.

Најпаметно инвестираните пари ми беа кога го купив мојот холандски велосипед со една брзина кој го сакам најмногу на целиот свет со мојата тетоважа на ногата истетовирана по сообраќајните незгоди. Со градската холандска варијанта на велосипед што ја имам најдалеку сум стигнал до село Кадино од Сити Мол и сум возел повеќе од 25 км во еден правец што значи дека сè е можно доколку се сака. На велосипед околу целиот свет!

Теодор Петковски

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Теодор Петковски
Теодор Петковски

Теодор Петковски е долгогодишен активист и вљубеник во странските јазици. Зборува неколку странски јазици меѓу кои најистакнати се албанскиот, грчкиот и португалскиот покрај англискиот и балканските јазици на различни нивоа на течност. Албанскиот нему му е најголема сатисфакција што го научил и по тоа е познат. Од мали години бил активист во движењата против полициска бруталност, Анима мунди, Студентски пленум, Солидарност и други лево ориентирани организации и голема поддршка дава за социјалниот центар „Дуња“. Негова најголема животна желба е да стане преведувач кога ќе ги заврши студиите. Тој е работник, чесен, ведар, искрен и со борбен дух. Се бори со околностите и за себе вели „јас не се откажувам, немој ни ти!“.

RELATED ARTICLES