домаКолумниВаско Гичевски: „Културата во нефункционално општество“

Васко Гичевски: „Културата во нефункционално општество“

"Universal Hall, by architects Jaroslav Stankovi, Ljubomir Stankovi, Vladimir Stankovi and K. Stankova Mutafova, 1966. Skopje, Macedonia. Photo: Vase Amanito" by AMANITO is licensed under CC BY-NC 2.0.
“Universal Hall, by architects Jaroslav Stankovi, Ljubomir Stankovi, Vladimir Stankovi and K. Stankova Mutafova, 1966. Skopje, Macedonia. Photo: Vase Amanito” by AMANITO is licensed under CC BY-NC 2.0.

Општоприфатена вистина е дека нашето општество е нефункционално. Безмалку, тоа може да се види и преку еден обичен, бегол поглед на сè околу нас. Сите сегменти кои го сочинуваат се само формални остатоци коишто постојат само заради потребата од нивното постоење. Меѓу другото, таква е положбата и на културата кај нас. Обезвреднето формализирана, нешто за коешто едвај и да постои интерес, но сепак нешто под чиј превез може да се заработи. Особено доколку оној што одлучува за државното финансирање ви е близок другар, роднина или пак сопартиец.

Културата и човекот напоредно егзистираат. Не постои човеково општество коешто не развило своја типична култура, но исто така не може да постои ниту култура без човек. Кога би се обиделе да ја дефинираме културата во општа смисла, тогаш таа е сè тоа што човекот го твори. Сите вредности, норми, правила, уметнички дела од секаков вид, верувања, обичаи, сè тоа, со еден збор е ословено култура, создадена од група луѓе кои живеат на определен простор. Таа може да биде и случајна, но може да биде и дело на перфектно организирана културна политика. Во развиените општества, културата не се остава на случајноста, таа се поддржува, афирмира и соодветно на тоа, материјално се вреднува. Соодветно на тоа и културата треба да возврати на општеството со ефектуирање на трајни вредности. Воедно таа треба да биде и коректив, но и идеал на општествените збиднувања. Од една страна, таа неминовно е одраз на општеството, додека истовремено е и стремеж на истото тоа општество.

Нашето општество е далеку од тоа што би можело да се нарече современо, а уште помалку развиено општество. Преплетените економско политички проблеми создаваат целосен хаос на секое општествено поле. Најдлабоките последици од тој комплот на нефункционални општествени односи, остануваат во културата и образованието. Економскиот аспект, основната движечка сила, безмалку веќе е мртов. Во вакви услови многу е тешко со малку финансии да се изведе нешто квалитетно, но не е невозможно. Со вистински кадри на вистинско место, со многу труд, навистина можат да се направат. Вистинските кадри не паѓаат од небесната шир туку тие треба да се формираат низ еден долг процес на образование. Во услови кога образовниот систем е руиниран до точка на формалистичко постоење, во суштина не може да очекувате никаков прогрес туку само дополнителен колапс. Палијативните реформи, разните партиски решенија кои само номотехнички се менуваат, а суштински се исти, едвај може да се класифицираат како палијативни – привремени, површни, а научна фантастика е да се зборува дека тие нешто ќе променат. Основањето на политиките врз етнички, национален, па и верски концепт, претставува само дополнителен товар на овој систем. Овие пристапи ширум ја отвораат вратата за политикантство со културните, научните и образовните проекти, па дури се отвора и врата за фашизмот, доколку истите средства ги распределуваат по определена групациска припадност од кој било вид. Постапките од ваков тип претставуваат погребување на и онака формално функционалните основни институции во општеството.

Кога и во какви услови културата се развива се можеби прашања коишто никогаш не сме си ги поставиле. Притоа, за прашањето „Како културата се развива?“ воопшто не сме стигнале да размислиме. Историски гледано, културен подем општествата остваруваат во моменти на општествена благосостојба, кога луѓето не се обременети со политички и економски потешкотии. Кажано со марксистички речник, кога ќе се задоволат основните човекови потреби, човекот како креативно суштество, бара да ги задоволи и своите проширени потреби. Сè би било одлично доколку кај нас би ги имале загарантирани основните потреби и според тоа би планирале како да ги задоволиме, надградиме и прошириме своите проширени потреби. Според анализата на ССМ, минималната синдикална кошничка за месец декември 2022 година, за едно четворочлено семејство да го преживее месецот потребни се 51, 234 денари.  Во оваа пресметка постои и ставка за култура која за четворочлено семејство изнесува 1,067 денари. Најголемиот дел од средствата одат кон обезбедување на основните потреби. Од ситуацијата можеме да согледаме пореално дека тоа што е потребно за минимум за најголемиот дел од нашите граѓани е цело богатство. Најголемиот дел од нашите работници, месецот го поминуваат со примања далеку под потребниот минимум. Во тој контекст, средствата кои би требало да се одвојат за култура или воопшто не се одвојуваат или се тоа сосема минорни суми, кои не е ни јасно на каков културен продукт се трошат. Согласно базичната пазарна логика, кај нас пазарот за културни продукти е ограничен и омеѓен со материјалната немоќ на населението.

Друг особен аспект на целата ситуација којшто треба да се разгледа е секако немањето културни навики. Поради низа причини во нашето општество, културните навики не се негуваат, напротив се дестимулираат. Пропаста на образовниот систем, подемот на криминалот и неукоста, отворија простор за етаблирање воспитен идеал кој го поучува населението дека не е важно што знаеш и колку знаеш за да успееш, важно е само да успееш. Доколку некогаш мерило за образованоста на некоја личност беше елоквентноста, познавањето на дела од литературата, исцрпни знаења од професијата, општи познавања од културата, денес критериумите се сосема поинакви. Денешницата воопшто не ги восприема овие критериуми кои некогаш беа нормалност, тие денес добија третман на реткост! Воспитниот идеал на современото капиталистичко општество е консумирај лесна забава, троши време на некоја содржина што воопшто нема никаква суштина. Притоа, не треба да заборавиш да се сликаш на некаков настан, за да покажеш дека си културно издигната личност. Системски се фрлаат „културни трошки“ коишто само го дозаробуваат и дополнително го задлабуваат умствениот потенцијал на човекот. Не попусто ние токму преку овој механизам го креираме таканареченото „турбофолк општество“ сфатено како место каде што вирее некоја кич или шунд насоченост кон културата, каде што е важно само да си виден и слушнат и масата тоа да го прифати. Што се нуди на народните маси, никој одамна не се прашува, ниту пак некого особено го боли глава за тоа.

"Bitola - NU Centar za kultura (1975)" by annindk is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“Bitola – NU Centar za kultura (1975)” by annindk is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Откако накусо ги согледавме приликите во нашето општество, да се осврнеме кон државното финансирање на културата. Сведоци сме на искористувањето на државните конкурси во полза на блиски роднини и сопартијци. Тие навистина нудат некаков културен продукт на пазарот, но тој не е главната цел за дејност, тоа што е важно е паричната поддршка. Од друга страна, имате навистина капитални дела и потфати во културата кои воопшто не се финансираат или се финансираат со недоволни средства. Поради тоа, истите тие се осудени на пропаст, а државата губи многу свои културни чинители, остварувајќи ја својата навидум културна политика. Тоа што треба да се промени од овој аспект се секако критериумите за оценување, но пред сè треба да се промени менталитетот на тие кои оценуваат и тие кои ја водат државната политика. Македонија е простор каде министрите кои ги водат министерствата доаѓаат на своите позиции само поради политичкиот пазар. Голема случајност е да станете министер, а подеднакво толкава веројатност е дека ќе водите министерство од дејност за којашто воопшто немате поим. Важно е да бидете министер, да работите, а ефектот од вашата работа е потполно неважен. Дури и да сте направиле некое криминално дело, брзо ќе се заборави. Формализам омеѓен со незнаење и неказнивост!

Кон што нè води сè ова? Општество без воспитен идеал, култура без содржина, интелектуалци без знаење… Елитизам на културни трошки и маргинализација на капитални дела и потфати. Трагичното во оваа ситуација е тоа што сите писанија од овој тип немаат намера да предупредуваат за некое идно време. Тоа време одамна стана наша сегашност, наш општествен кошмар кој го живееме. Ние живееме во услови на длабоко општествено уназадување. „Општествено уназадување“, термин кој доколку се сфати во широк контекст е можеби најсоодветниот термин за оценување на движењата и процесите во современото македонско општество. Доколку успееме да го замислиме магичниот круг: политика, економија, образование и култура како некоја уметничка креација, односно како слика за целокупното македонско општество, тогаш верувам дека ќе согледаме слика којашто никој не би сакал да ја гледа. Одговорноста за ова дело, за жал, нема да можеме да ја префрлиме само на политиката. Политиката во една земја ја креираат граѓаните коишто живеат во таа земја. Колективитетот наречен општество е воедно и главниот губитник, но и главен виновник за ваквите состојби. Конформизмот на индивидуите, кои бескомпромисно прифаќаат сè што им се сервира, сервилно служејќи на теснопартиските цели и мегалолидерските хирови, се извршителите на бескрајната декаденција во форма на македонскиот маѓепсан круг: политика, економија, образование и култура.  Столбовите врз кои се потпира македонското општество се одамна веќе паднати! Долго време наназад, овие општествени столбови не беа ништо повеќе од проста декорација на партискиот режим. Украс кој со време се претвори во поле за бројни партиски кадри кои само седеа и придонесуваа, односно може да се каже дека сè уште придонесуваат кон општиот колапс.

Како да се извлечеме од ситуацијата? Најпрво, преку вистинска едукација и наобразба. Воспитувањето дека поинакво општество од ова е можно е револуционерната должност на секој човек! Должни сме да покажеме со личен пример и заложба дека сакаме и активно креираме поинакво општество. Во тој процес нужно од себеси човекот мора да ги отфрли стегите на веќе постоечкото општество кое умира. Во смртните болки на ова општество ќе се роди новото општество. Новото општество има потреба од длабоко едуцирани личности воспитани на труд со чувство за критика кон сè постоечко. Без ваквите лични заложби за жал ќе се осудиме на бескрајно преповторување грешки, но со секое повторување, страданијата од последиците ќе ни се тројни и четворни.

Васко Гичевски

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Васко Гичевски

Васко Гичевски е роден во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.

RELATED ARTICLES