Честопати се случува дури и најелементарните, но особено оние училишните или професионалните обврски да не’ натераат да се чувствуваме преокупирано, вознемирено… Понекогаш недоволната концентрација или фокусираност ја оправдуваме со знаци на замор, стрес итн. Но, ваквата импулсивна нетрпеливост, доколку ја чувствуваме предолго всушност може да биде индикатор за состојба позната како ADHD или синдром на невнимание и хиперактивност. Генерално, мнението е дека претставува „минлива“ состојба која најчесто се манифестира кај децата, но евидентно е дека продолжува и низ тинејџерската фаза па дури и кога се достигнува „возрасноста“, процентуално непознато затоа што повеќето па дури и „најлошите“ случаи се недијагностицирани.
Ваквиот тип нарушување е често проследено и со низа други видови нарушувања на менталното здравје и како такво негативно се рефлектира врз професионалниот и љубовниот живот па дури лошо придонесува и во односот на индивидуата со самата себеси (недоволна самодоверба, лоши социјални вештини).
Возрасните кои ја имаат оваа состојба обично се фрустрираат од самовоочливите дисфункционалности и ниско ниво на заинтересираност при извршување и на најосновните задачи/обврски. Ваквата состојба исто така се манифестира со селективен фокус и приоритет во однос на нештата кои „мора да се извршат“ во зависност од тоа дали дадената задача испорачува „доволно ниво“ допамин или друг вид дистракција.
Таквата тенденција резултира со чести пролонгирања и задоцнето завршување на професионалните обврски (впрочем како и колумнава што е доставена со задоцнување).
АDHD состојбата е пропратена и со имплусивност која ја карактеризираат нетрпеливоста, честите промени во расположението, а индивидуите кои ги доживуваат овие емоции се принудени да ги поистоветат симптомите со биполарноста, што всушност воопшто не е во прашање во овој случај. Иако симптомите не можат да се генерализираат или универзално да се дефинираат за сите исто, сепак одредени проблеми со кои се соочуваат тие кои имаат ADHD се речиси идентични, така што преовладуваат: неорганизираноста, невозможноста да се менаџира сопственото време, ниското ниво на фокус, хиперактивноста и вишокот енергија, и тие се канализираат и насочуваат кон најразлични стимулации (секаде, само не таму каде што во даден момент е неопходно), непродуктивно или воопшто никакво планирање, надразливост, „експлозивност“, чести и остри промени во расположението, чувство на немоќ при справување со/во стресни ситуации, губење на мислата, селективна меморија итн.
Сите од нас во дадени ситуации се соочуваме со горенаведеното така што препознавањето или самопрепознавањето на оваа состојба е прилично тешко и збунувачки. Но, кај одредени индивидуи е пречеста појава (симптомите се преакцентирани), нешто со кое всушност секојдневно живееме и со кое се обидуваме да функционираме. Интересно е што во последно време со експанзијата на социјалните мрежи, многумина кои „страдаат “ од ADHD ги споделуваат своите искуства на некои од платформите, евентуално доаѓаме во интеракција со истите и се „самодијагностицираме“, односно се поистоветуваме/самопронаоѓаме со некои од наведените потешкотии, истражуваме околу кондицијава и сè повеќе нештата имаат смисла, конечно ги добиваме одговорите во однос на прашањето „зошто сме такви какви што сме?“.
За жал и ADHD кондицијата не е поштедена од онлајн тенденцијата на „присвојување“ одредени „кул и тренди етикети за на профил био“ додека одредени луѓе секојдневно навистина се борат со погоренаведените потешкотии, примарно нели со себеси, а потоа и со сите други во нивното опркужување како резултат на недоразбирања, некои предизвикани од самиот синдром, но и сè позачестената стигматизација, па дури и обвинувачкиот презир кон тие кои отворено говорат за постоењето на таквата состојба, односно дека наводно се зборува за „мистификација, дека целата позадина претставува само умствен конструкт“. Чинам таквите храбри луѓе имаат далеку подобро влијание и ефект во однос на помагање/едуцирање од кој било психолог/психијатар затоа што наведуваат „реал“ ситуации и нудат проверени решенија во однос на решавање на нашите проблеми од таква природа и наше општо подобрување/адаптирање во општеството.
За волја на вистината, дијагностицирањето на АDHD кај повозрасните (и воопшто) е конфузно, симптомите се идентични со одлики на депресија, анксиозност итн. Во однос на тоа што ја причинува или предизвикува состојбава, што и да би тврделе би било дискутабилно, но не само во однос на дефинирањето, туку и во смисла на лекување на истата, затоа што не се работи за минлива состојба (всушност во повеќе случаи е и наследна), но познато и прифатливо е тоа дека се практикува одредена медикаментација која условно кажано само ја балансира/ублажува целата ситуација околу ADHD. Имено, невродивергентноста подразбира постоење на разновидни варијации на човековата функционалност и претпочита дека секоја варијација мора да се разбере/почитува. Одредени медицински пристапи сè уште сметаат дека аутизмот и ADHD, невролошките разлики мора да се третираат и лечат, додека невродивергентноста како алтернативен приод кон овие состојби го фокусира кон прифаќање и прилагодување, односно смета дека се резултат на природни варијации на човековиот геном.
И како во моите последни неколку пишувања, наместо на идеолошки теми како вообичаено, нагло почнав да ставам акцент на теми кои содржат сексуалност, па така и во ова пишување не смеам да ја изоставам релацијата/конекцијата помеѓу хиперсексуалноста и хипоактивното „ниско либидо“ со состојбата наречена АDHD.
Имено, хиперсексуалноста кај одредени луѓе со ADHD освен со невообичаено високиот сексуален драјв се манифестира и со енормна потреба од континуирана сексуална стимулација затоа што истата е извор на допамин, а самиот акт дава чувство на смиреност и ја редуцира хиперактивноста. Како негативност или ризичност може да се наведе импулсивниот промискуитет и впуштањето во небезбедни сексуални активности, нарушените љубовни врски па дури доаѓа и до конфликт со потесното семејство кои ги конфронтираат со цел да ги заштитат. Хипоактивноста во сексуална смисла е сосема спротивна од хиперсексуалноста. Претставува проблем и помеѓу хиперсексуалците со ADHD (кои заради тешкотиите поврзани со фокусот, исто така не можат да доживеат оргазам покрај/со друга личност, особено типично за женската популација), но особено поизразена е кај „хипоактивните“ кои пак воопшто не можат да се концентрираат ниту да практикуваат сексуални односи, но никако не би требало да се поистоветуваат со асексуалците.
Впрочем, во одредени ситуации, нарушеното либидо кај хипоактивните со ADHD може и да се должи на нуспојава од одредени рецепти со медикаменти за третирање на оваа состојба. Згора на сè, луѓето кои имаат ADHD се и хиперсензитивни, што исто така придонесува многу од нештата кои невротипичните ги доживуваат како сатисфакција, невродивергентните да ги доживеат како непријатни и иритирачки. За надминување на ваквите проблеми и практикување на „здрав љубовен и сексуален живот“ најпрепорачлива и всушност најефективна е солидната комуникација и волјата за компромис околу приоритетизирање на нештата.
Да, ADHD состојбата може негативно да ги афектира љубовните врски, но заемното прифаќање на несовршеностите може да помогне многу во однос на зачувување на емпатијата помеѓу партнерите како и сè друго што има висок потенцијал за нешто преубаво за да се прекине.
Руфат Јашари
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.